Connect with us
no baners

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Младите и вториот пензиски столб-што треба да знаеме при нашето прво вработување

Објавено

на

Кога сме  во раните дваесетти години, последното нешто на што размислуваме е пензијата. Планираме каде ќе одиме на одмор, каков телефон ќе купиме, патики итн. Но, дали знаеме каде одат нашите пари? Не, притоа не мислам на нашите месечни трошоци за шопинг, излегување или викенд во Охрид, туку за придонесите што ни ги уплаќа работодавецот. Како некој што секојдневно е во комуникација со млади нововработени лица, можам да ја забележам нивната недоволна запознаеност со вториот пензиски столб, т.е. задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување. За нив тоа е нешто за што се грижи работодавецот, а средствата што им се уплаќаат за пензиско не ги ни сметаат за свои лични пари. Некои на пензијата гледаат како на нешто толку далечно, па не веруваат ниту дека воопшто ќе ја дочекаат. Но, реалноста е дека средствата од вториот пензиски столб се навистина наши лични пари, пари од кои во добар дел ќе зависи и нашата финансиска иднина.

Ако досега не си слушнал за вториот пензиски столб, или пак би сакал да дознаеш нешто повеќе за него, ова е вистинскиот текст за тебе, напишан од млад човек, кому пензиското осигурување му е професионална определба и секојдневно поле на работа и дискусија. 

Поделба на пензискиот систем

Реформата на пензискиот систем е направена во 2003 година, а од 2005 година истата започнува и да се применува. Пред 20 години, од самите почетоци на реформата, е основано и КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, како едно од приватните пензиски друштва на пазарот. Пензискиот систем од едностолбен се трансформирал во двостолбен, а подоцна и во тростолбен пензиски систем. Согласно моменталната законска регулатива, осигурениците кои за првпат се вработени по 01.01.2019 година, а на денот на вработувањето се помлади од 40 години се задолжителни членови на двата пензиски столба:

• Прв столб – Државниот пензиски фонд ПИОСМ

• Втор столб – членови во едно од друштвата кои управуваат со приватните задолжителни пензиски фондови

Што треба да знае секој нововработен за вториот столб при неговото прво вработување?

Од моментот кога работодавецот за првпат ќе го пријави, по случаен избор, Фондот на ПИОСМ времено го распределува нововработениот во некое од пензиските друштва во вториот столб.  Нововработениот има период од 3 месеци од датумот на вработување во кој може да одбере со кое пензиско друштво ќе склучи договор за задолжителен пензиски фонд. Доколку не направи избор, тогаш останува во пензиското друштво во коешто претходно бил времено распределен.

Со зачленувањето во вториот пензиски столб, на членот му се отвора индивидуална пензиска сметка на која месечно му се акумулираат дел од средствата кои му ги уплаќа работодавецот по основ на придонеси. Од бруто платата,18,8% се уплаќаат за пензиско осигурување во Фондот на ПИОСМ, кој потоа ги дели на два дела:

• 12,8% задржува врз основа на принципот на меѓугенерациска солидарност; од овие средства се исплаќаат пензии на сегашните пензионери, а на членовите им се засметува стаж;

• 6% уплаќа на индивидуалните пензиски сметки на членовите на пензиските друштва во вториот пензиски столб.

Средствата на членовите акумулирани на нивните индивидуални пензиски сметки друштвото ги инвестира во финансиски инструменти, а остварениот принос од инвестирањето се распределува на сметките на членовите. 

Кога може да се користат средствата од вториот пензиски столб?

Членовите може да ги користат средствата од вториот пензиски столб кога:

• Членот ќе оствари право на пензија, на возраст од 64 години за маж и 62 години за жена со минимум 15 години работен стаж. Тогаш средствата од вториот столб месечно ќе му бидат исплаќани на членот како составен дел од неговата пензија.

• Членот не ги исполнува условите за старосна пензија, тогаш по навршување на возраст од 65 години има можност за избор средствата од вториот пензиски столб да му бидат еднократно исплатени или месечно да се исплаќаат доколку утврдената пензија е поголема или еднаква на 40% од најнискиот износ на пензија.

• Членот ќе почине, средствата од вториот пензиски столб ги наследува семејството во оставинска постапка.

Зошто е важно да се склучи договор за втор пензиски столб?

Иако членството во вториот пензиски столб е задолжително и без склучување на договор, со склучувањето на договорот пензиското друштво ги добива сите потребни информации за членот за да може редовно да му испраќа годишен извештај (по пошта или електронски) за состојбата на неговата пензиска сметка. 

Зошто е важно да сте информирани за состојбата на Вашата индивидуална сметка?

Откако накратко го објаснивме пензискиот систем, да видиме зошто е важно да следиме што се случува со средствата од вториот пензиски столб.

Од износот на средствата во вториот пензиски столб во најголем дел ќе зависи и идната пензија на членот. Во зависност од тоа, членот може да се реши и за дополнително доброволно  штедење во третиот пензиски столб, за да ја осигура својата иднина и да има безгрижни пензионерски денови. На веб-страната на КБ Прво во делот „Моја Сметка“, е овозможено 24/7 следење на состојбата на сметка, каде во секој момент може да се провери кога се уплатени придонесите, колкав е износот на акумулираните средства и како друштвото ги оплодува средствата на членовите. 

Пензијата ни делува далечна, но нејзината основа се поставува денес, кога започнуваме со нашиот работен однос. Ако за првпат почнеме да размислуваме за пензија неколку години пред самото пензионирање, ќе биде предоцна, затоа што многу малку ќе можеме да промениме.Само информиран член може да има контрола, да препознае дали неговите средства се управуваат правилно и да носи разумни одлуки за својата финансиска иднина. Затоа, не чекајте, осигурајте ја Вашата иднина денес.

Напишано од Ангел Пулев

Авторот на текстот е вработен во Сектор за продажба на КБ Прво пензиско друштво.  Одговорен е за работа со членовите на вториот пензиски столб, со посебен фокус на младите нововработени членови.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Фондови

КБ Прво пензиско друштво АД Скопје – две децении извонредност во пензиското управување

Објавено

на

Приказната на КБ Прво започна пред 20 години – кога пензискиот систем на земјата влезе во нова ера, поставувајќи темели за сигурност, доверба и поттик за финансиска одговорност за генерациите што доаѓаат. Со идеја, визија и верба дека може подобро, уште од самите почетоци кога се креираше реформата, бевме активни чинители во нејзината имплементација, свесни за улогата која ја имаме на пазарот за пензиско осигурување.

Дваесет години посветена работа за финансиска стабилност на нашите членови, 20 години градење силна врска со членството, преку транспарeнтно и професионално работење.

Дваесет години финансиска едукација, информирање и запознавање на јавноста со карактеристиките на вториот столб и третиот пензиски столб, со цел правилно управување со своите лични финасии.

Денес, кога ќе погледнеме назад, зад нас стојат 20 години исполнети со предизвици, посветеност, но и голем успех. Со портфолио од над 1,2 милијарди евра (извор: КБ Прво пензиско друштво АД Скопје) и над 300 000 членови (извор: mapas.mk 30.04.2025), кои за нас се многу повеќе од бројка. Тоа е суштината на нашето постоење, визија и иднина. Зад секој член стои неговата доверба кон нас како Друштво, кое има за цел да ги заштити неговите интереси, да овозможи сигурност и да создаде вредност на нивните средства.

Затоа, нашето „благодарам“ не е само збор – тоа е признание за сите што избраа да ја градат својата иднина со нас. За сите што веруваа во нашата мисија. Вие сте срцето на нашата приказна.

Веруваме дека вистинската вредност не се мери само со финансиски резултати, туку со влијанието што го оставаме. Преку нашите активности, проекти и поддршка на еколошки, едукативни и општествено корисни иницијативи, постојано ги живееме нашите слогани: „Иднината денес“ и „Нешто што ќе остане“.

Поддржани од нашите акционери Skupina Prva zavarovalniski holding d.d. Ljubljana и Комерцијална банка АД Скопје, го градиме својот пат преку иновации, одржливост и вредности. Со многубројни меѓународни признанија, меѓу кои е последната значајна награда за „Најдобро пасивно управување со инвестициите за 2024 година“ од IPE, добиваме потврда дека чекориме во вистинска насока.

Но, зад секој успех стои човечка приказна. Нашиот тим навработени и агенти е она што нè прави силни. Луѓе кои се грижат. Кои вложуваат. Кои остануваат.

КБ Прво е повеќе од Друштво – тоа е избор на стабилност, партнерство што трае и обврска што ја прифаќаме со гордост. Иднината нè чека, а ние сме подготвени да ја дочекaме заедно со Вас.

20 години се темел на доверба. Иднината почнува денес – заедно со Вас.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mkтел. 02/32 24 229

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Пензија без ризик – Како доброволните пензиски фондови се штитат од перење пари

Објавено

на

Кога мислиме на перење пари, обично помислуваме на банкарски трансакции, офшор компании и големи износи на пари кои се „движат во сенка“. Но, вложувањето во доброволните пензиски фондови може да биде дел од оваа приказна. Не затоа што правиме нешто погрешно, туку затоа што доброволните пензиски фондови се дел од финансискиот систем и имаат обврска да ги преземаат сите мерки согласно регулативата за спречување перење пари како и останатите финансиски институции. Иако членувањето во третиот столб е врз доброволна основа, друштвата кои управуваат со доброволните пензиски фондови подлежат на строги правила и закони исто како и банките. Зошто ова е добро за лицата кои вложуваат во третиот столб:

– Поголема безбедност: уплатите во третиот столб задолжително се уплаќаат преку трансакциска сметка, што значи двојна контрола – од страна на банките и од пензиските друштва

– Доверба во системот: знаеме дека вложувањата се во сигурно опкружување и систем кој е строго регулиран

– Заштита од измами: контролите помагаат да не се злоупотребуваат вложените пари

Што значи перење пари

Перење пари значи обид да се „исчистат” парите добиени на нелегален начин – од дрога, измами, корупции и слично и да изгледаат како легално заработени и внесени во финансискиот систем. Тоа најчесто се прави преку создавање фиктивни компании, непрофитни организации и вршење навидум легални трансакции преку банки. 

Кои мерки за спречување перење пари ги преземаат пензиските друштва 

Идентификација и верификација на клиентите (KYC – Know Your Customer)

– Се обезбедуваат лични податоци (име, презиме, МБГ, адреса)

– Се обезбедува валиден документ за идентификација (лична карта/пасош)

– За правните лица се обезбедуваат податоци за компанијата и податоци за управителите и вистинските сопственици, и соодветно се прибираат документи за идентификација

Проценка на ризикот

– Секој клиент се категоризира според степенот на ризик (низок, среден и висок)

– На лицата категоризирани со повисок ризик (на пример, политички експонирани лица, лица на црна листа, непрофитни организации и слично) им се врши посебен надзор

Собирање податоци за потеклото на средствата

– Доколку некој сака да вложи позначаен паричен износво доброволниот пензиски фонд, се бара документ со кој ќе образложи од каде потекнуваат вложените пари

Следење на трансакциите

– Се анализираат уплатите дали се вообичаени според профилот на клиентот

– Доколку некоја трансакција изгледа сомнително (неочекувано висока) се разгледува дополнително

Внатрешни контроли и обуки

– Пензиските друштва мора да имаат интерни програми за управување со ризикот од перење пари

– Вршење внатрешни контроли на процесот за спречување перење пари

– Организирање интерни обуки на вработените и агентите на друштвата

Зошто пензија без ризик?

Согласно Извештајот за спроведена национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам од Април 2020 година, објавен од Управата за финансиско разузнавање, инхерентниот ризик за перење пари во рамките на друштвата кои управуваат со доброволни пензиски фондови е мал. Не постојат готовински активности, односно уплатите се вршат исклучиво преку трансакциска сметка на клиентите. Поради природата на дејноста, договорите со членовите/компаниите сесклучуваат исклучиво преку агенти посредници. Агентите посредници се обучени и лиценцирани од Агенцијата која врши супервизија на пензиските друштва. Овие се дел од елементите поради кои ризикот за перење пари во рамкитена доброволните пензиски фондови е мал. Но, иако доброволните пензиски фондови не се прва асоцијација кога зборуваме за финансиски криминал, тие се дел од финансискиот систем кој мора да биде подготвен и буден.Токму поради тоа, вложувањето во третиот столб може да се гледа како извор на безбедно инвестирање на нашите средства и заштеди.

Планирањето на пензијата не мора да биде извор на несигурност и страв од иднината. Со вложување во доброволниот пензиски фонд добивате можност за сигурна и предвидлива финансиска поддршка во златните години од животот. Доброволните пензиски фондови нудат флексибилност, професионално управување со средствата и раст на вложеното преку долгорочни инвестиции. Со редовно вложување и информираност, можете да изградите стабилна пензиска заштеда без да преземате голем ризик. Започнете навреме и обезбедете си спокојна пензија и живот без стрес – затоа што иднината започнува денес.

Елена Биневска е дипломиран правник на позиција Стручен соработник за усогласеност со прописи и спречување перење пари во КБ Прво пензиско друштво, со околу 15-годишно искуство во Друштвото на различни позиции.Одговорна е за следење и контрола на усогласеноста на работењето на Друштвото со регулативата, советување и поддршка на организационите единици и Управниот одбор на Друштвото и е овластено лице за СППФТ кое се грижи за спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и за соработка со Управата за финансиско разузнавање.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Продолжи со читање

Фондови

КБ Прво пензиско друштво: Младите и пензиското осигурување – Како транспарентноста носи подобри одлуки

Објавено

на

Пензионирањето е период од животот во кој се уживаат плодовите од долгогодишниот труд. Тоа е животен стадиум кој носи слобода и време без работни обврски, исполнето со лични задоволства и повеќе моменти со семејството.

Пензиското осигурување е клучно за осигурување на финансиска стабилност во третата доба од нашите животи. Генерално, важи тоа дека како што еден човек напредува во кариерата, така растат и неговите приходи. Како резултат на тоа, стапувањето во пензија може да значи откажување од некои задоволства кои човекот можел да си ги дозволи во текот на работниот век.

Решение за овој предизвик е доброволното пензиско осигурување со кое се обезбедува поголема материјална сигурност и одржување на животниот стандард, затоа е важно уште од рана возраст да се размислува во таа насока, сѐ со цел да се искористат придобивките од долгорочното инвестирање на личните средства и остварување на принос кој би овозможил сигурна пензија.

Доброволното пензиско осигурување е финансиски производ кој нуди флексибилност преку можноста на членот да уплаќа колкав износ сака и кога сака. Исто така, содржи и социјална компонента, придонесувајќи за подобрување на општата благосостојба поради тоа што возрасната група на лица кои ги исполнуваат условите за користење на пензиски надоместок опфаќа значителен дел од вкупната популација во државата.

Финансиска транспарентност карактеристика на новиот пензиски систем

Воведувањето на пензиската реформа претставува фундаментална промена на пензискиот систем, а со тоа голем акцент се става на транспарентноста на работењето на пензиските фондови и јакнење на довербата во пензискиот систем.

Оттука, друштвата кои управуваат со пензиски фондови имаат обврска квартално да ги објавуваат финансиските извештаи кои претставуваат „крвна слика“ на фондовите. Поради тоа посветуваме особено внимание при подготовката на финансиските извештаи, со што се зајакнува довербата на членовите и се дава можност да донесат правилна одлука при избор на фондот во кој сакаат да членуваат.

Дополнително во насока на транспарентноста, друштвото секојдневно врши проценка на средствата на фондот и ја пресметува вредноста на сметководствената единица. Таа претставува пропорционален дел од вкупните нето средства на фондот и е основен индикатор кој го покажува растот на вкупните нето средства на фондот. Средствата од придонесите на членовите коишто се уплаќаат во фондовите се конвертираат во сметководствени единици чија вредност расте со текот на работењето на фондот.

Едноставен пример би бил следниот: Доколку членот направи уплата од 10.000 денари кога вредноста на единицата изнесува 200,00 уплатата се конвертира во 50 сметководствени единици. Но, со текот на времето вредноста на единицата пораснала на 210,00 што значи дека членот во тој момент има 10.500 денари на својата лична сметка во однос на иницијалните 10.000 денари.

 Оттаму, во директна зависност од вредноста на сметководствената единица е износот на акумулирани средства на секоја лична сметка од кои пак, во голем дел зависи и висината на пензијата од задолжителниот или пензискиот надоместок од доброволниот фонд којшто членовите ќе го добиваат.

Затоа, ги поттикнувам членовите на КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд и КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд да пристапат на дигиталниот сервис „Моја Сметка“ каде имаат можност да направат увид кога се уплатени нивните придонеси, колкав е износот на акумулирани средства на личната сметка и движењето на вредноста на сметководствената единица. На овој начин се создава директна врска помеѓу придонесите и пензиите со што се мотивираат членовите да носат одлуки чии бенефиции лично ќе ги почувствуваат.

Инвестиција во својата иднина: Зошто младите треба да размислуваат за пензиско осигурување?

Неретко се случува новите членови да не бидат запознаени со начинот на функционирање на пензискиот систем сè до своето прво вработување или пак до добивањето на „зелениот плик“. Од исклучителна корисност е секој што стапува во работен однос за првпат, веднаш да провери во кој задолжителен пензиски фонд е привремено распределен и во следните 3 месеци да одлучи дали ќе остане во фондот каде што е случајно распределен или ќе склучи договор за членство во друг задолжителен фонд.

 Ние како друштво секогаш се трудиме да ја поттикнеме финансиската писменост, а со тоа да ја истакнеме и важноста на доброволното пензиско осигурување, кое на одреден начин претставува алтернативно штедење, особено кај помладата популација.

Младите личности, без разлика дали се во работен однос или не, имаат можност да уплаќаат одреден износ на средства во доброволниот фонд, а со тоа да го искористат потенцијалот на своите години и вкаматувањето, и да остварат експоненцијален принос. Од суштинско значење е на рана возраст да се осознае потребата од доброволното пензиско осигурување и да се стекне навика за редовно уплаќање. Со тоа се добива пазарна изложеност на долг временски период и на одреден начин им се дозволува на парите да „работат“ за нив.

Поради ова, ги охрабрувам младите да бидат дисциплинирани, особено управувајќи со личните финансии и да започнат со редовно уплаќање на средства во доброволниот фонд, затоа што времето е на нивна страна.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229

Напишано од Дарко Костовски

Авторот на текстот е дипломиран економист и дел од Секторот за сметководство и финансии на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, кој активно учествува во подготовката на финансиските извештаи и вреднувањето на пензиските фондови.

Продолжи со читање

Популарно