Connect with us

Бизнис

Iute отвори нова онлајн продавница во апликацијата Myiute во соработка со SuperMart Macedonia

Објавено

на

Корисниците на апликацијата Myiute отсега ќе можат да купуваат онлајн преку новата платформа iute Market, создадена во соработка со SuperMart Macedonia.

Во рамки на новата услуга се достапни стотици производи од различни категории, а купувањето и плаќањето се вршат директно преку апликацијата. Корисниците можат да изберат начин на плаќање што најмногу им одговара, како и да ги искористат своите iutePlus поени за дополнителни поволности.

Нарачаните производи ќе бидат доставени директно на адресата на купувачот.

Од компанијата информираат дека iute Market е веќе достапен во апликацијата Myiute, преку која корисниците можат да ја разгледаат понудата и да започнат со купување.

Бизнис

Со е-фактура УЈП ќе има увид на секоја трансакција во реално време

Објавено

на

Управата за јавни приходи, во соработка со Министерството за финансии, е во напредна фаза од воведувањето на системот за е-фактура, а задолжителната фазна примена треба да започне во текот на 2027 година, најави директорката на УЈП, Елена Петрова.

До крајот на 2026 година се очекува да биде донесен законот, да заврши имплементацијата на софтверот и хардверската инфраструктура и да започне доброволното користење на е-фактурата, наведе Петрова, која говореше на панел дискусијата во рамките на „Охрид 2026“, насловена „Даночни приходи, даночен јаз и борба против неформалната економија: посилни јавни финансии и подобра усогласеност со ЕУ“.

Една од најголемите промени што ќе ги донесе системот, спред Петрова, е начинот на кој даночната администрација ќе ги добива и обработува податоците. Наместо агрегирани податоци од даночните пријави, УЈП преку е-фактурата ќе располага со структурирани податоци за секоја поединечна трансакција и фактура – за продавачот, купувачот, артиклите и другите даночни показатели важни за оданочувањето.

Клучна промена е и брзината на пристап до информациите. Додека сега податоците преку даночните пријави се добиваат по завршувањето на месецот, тримесечјето, односно на даночниот период, со е-фактурата тие ќе бидат достапни во реално време, со самото издавање на фактурата.

Тоа, според Петрова, ќе овозможи и значително поинаков систем на даночна контрола. Дел од контролите ќе можат да бидат автоматизирани и вградени во самите процеси, со што ќе се намали можноста за намерни или ненамерни грешки и доставување неточни податоци.

Со вкрстување на информациите од е-фактурата со податоците што УЈП веќе ги добива од банките, Царината, фискалните уреди и други извори, ќе се создадат подобри можности за анализа на ризиците, откривање невообичаени шеми и поврзаности меѓу компании и препознавање сомнителни трансакции.

Петрова посочи дека дигитализацијата нема веднаш да ги елиминира обидите за даночно затајување, но значително ќе го стесни просторот за прикривање трансакции и ќе го олесни нивното откривање.

Целта, како што нагласи, е УЈП постепено да се трансформира во даночна администрација чие работење и носење одлуки ќе се базираат на управување со податоци и анализа на ризици.

Продолжи со читање

Бизнис

Димитриеска-Кочоска: Стабилноста и растот мора да се градат заедно

Објавено

на

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера ја отвори Регионалната конференција „Охрид 2026“, посветена на актуелните предизвици во еврозоната и нивното влијание врз фискалните политики на земјите од Западен Балкан.

Таа истакна дека глобалната неизвесност и состојбите во Европската Унија имаат директни последици врз економиите во регионот, но и врз фискалниот простор со кој државите располагаат за одговор на нови економски шокови.

Според Димитриеска-Кочоска, фискалната отпорност не се создава во моментот кога започнува кризата, туку многу порано, преку одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на дефицитот, внимателно управување со јавниот долг, подобра наплата на приходите и зголемување на квалитетот на јавната потрошувачка.

Таа посочи дека токму на овие принципи се темели среднорочната фискална политика на Македонија.

„Фискалната консолидација не смее да биде механички процес на намалување на расходите, ниту спротивставена цел на растот. Стабилноста и растот мора да се градат заедно“, порача министерката.

Како што нагласи, фискалната дисциплина не значи откажување од развојот, инвестициите не подразбираат занемарување на јавниот долг, а социјалната заштита не треба да значи трајно зголемување на неефикасните расходи.

Политиката што ја следи Македонија, според неа, се темели на четири принципи – стабилност, отпорност, инвестиции и продуктивност.

Димитриеска-Кочоска оцени дека ваквиот пристап е пат кон поотпорни јавни финансии, одржлив економски раст и побрзо приближување кон европските стандарди.

Продолжи со читање

Бизнис

Бакарот достигна рекордна цена, а топилниците работат со загуба

Објавено

на

Цената на бакарот достигна нов историски рекорд, додека топилниците ширум светот се соочуваат со сериозен пад на профитабилноста поради недостиг на бакарен концентрат.

Тримесечниот бакар на Лондонската берза за метали оваа недела достигна рекордни 14.779 долари за тон, пред цената благо да се повлече кон околу 14.630 долари. Од почетокот на годината бакарот е поскап за речиси 18%.

Сепак, високите цени не се прелеваат и кај компаниите кои ја преработуваат суровината. Референтната такса за третман и рафинирање за 2026 година падна на нула долари за тон, што е најниско ниво досега. За споредба, во 2025 година изнесувала 21,25 долари, а во 2024 година 80 долари за тон.

На спот-пазарот состојбата е уште поизразена, бидејќи таксите во текот на годината паднале и до околу минус 127 долари за тон. Тоа практично значи дека топилниците во одредени случаи им плаќаат на рударските компании за да обезбедат концентрат за преработка.

Кина преработува околу половина од светскиот бакар и е одговорна за повеќе од 90% од растот на глобалниот капацитет за топење од 2005 година. Сепак, растот на рударското производство не успева да го следи проширувањето на преработувачките капацитети.

Дополнителен притисок создаваат проблемите со производството во неколку големи рударски центри. Чиле го забележа најслабото производство во втор квартал во најмалку 19 години, додека нарушувања имаше и во Конго и Индонезија. Рудникот Cobre Panama, пак, и натаму е затворен поради правен спор.

Во исто време, продолжуваат инвестициите во нови топилници. Индонезија во последните години привлече повеќе од девет милијарди долари инвестиции во капацитети за преработка на бакар, а глобално се планираат проекти кои би можеле да додадат повеќе од осум милиони тони нов капацитет до почетокот на 2040-тите.

На пазарот влијаат и очекувањата за можни американски царини на увозот на рафиниран бакар, поради што поголеми количини метал се насочуваат кон САД. Залихите на COMEX се искачија на рекордни околу 700.000 тони.

Побарувачката, пак, продолжува да расте поради развојот на дата-центрите, електричните возила и инвестициите во електроенергетските мрежи. Аналитичарите оценуваат дека станува збор за структурен недостиг на понуда, а не само за краткорочен пазарен циклус.

Извор: Oilprice.com

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange