Connect with us
no baners

Интервјуа

Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје

Објавено

на

Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.

За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.

Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?

Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.

Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.

Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?

Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.

Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.

Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.

Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.

Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?

Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.

Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.

Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?

Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.

Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.

Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?

Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.

За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.  
 
 

Интервјуа

FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?

Објавено

на

Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.

Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.

„Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.

Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.

„Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.

За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.

„Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.

Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.

Продолжи со читање

Интервјуа

Од плата до капитал: Како најдобро да ги оплодите вашите средства | Владимир Деспотовски | WVP фондови

Објавено

на

Во услови на зголемена економска неизвесност и притисоци од растечка инфлација, граѓаните сè почесто се соочуваат со дилемата – дали да ги чуваат заштедите во банка или да ги вложат во инвестициски фондови со цел повисок принос.

Оваа тема е во фокусот на најновата епизода од емисијата FinSight, каде гостува Владимир Деспотовски од ВФП Фондови. Во разговорот се отвораат клучните прашања за управување со личните финансии во турбулентни времиња, но и за реалните очекувања од различните инвестициски опции.

Банкарските депозити и натаму се сметаат за најсигурна форма на штедење, особено поради гаранцијата на средствата до 30.000 евра. Сепак, актуелните каматни стапки се релативно ниски, што значи дека реалниот принос често не ја следи инфлацијата. На пример, вложување од 10.000 евра во банка со камата би донело ограничен принос во период од неколку години.

Од друга страна, инвестициските фондови нудат можност за повисоки приноси, но и повисоко ниво на ризик. Во емисијата се објаснува каде се инвестираат средствата на клиентите – дали во најголемите светски компании, на развиени пазари или и на азиските берзи, како и кои стратегии се применуваат за управување со ризикот.

Дополнително, се дискутира за тоа колкава е минималната сума за инвестирање, какви се очекуваните годишни приноси, но и дали постои ризик од загуба на вложените средства, особено во услови на пазарни турбуленции.

Посебен акцент е ставен и на тоа како граѓаните да изберат соодветен финансиски производ според својот профил, приходи и семејни потреби, како и колку средства е препорачливо да се издвојуваат месечно за штедење или инвестирање.

Во време кога инфлацијата ја намалува вредноста на парите, а глобалните пазари се подложни на осцилации, информираното донесување одлуки станува клучно за заштита и раст на личниот капитал.

Целото интервју со Владимир Деспотовски погледнете го во најновата епизода на YouTube каналот на Банкарство.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Борче Треновски: Инфлацијата доаѓа во бранови – од горивото до платите

Објавено

на

Разговараме со универзитетскиот професор Борче Треновски за тоа како се пренесува инфлацијата низ економијата и зошто ефектите не се чувствуваат веднаш.

Според него, инфлаторниот притисок не доаѓа одеднаш, туку се развива во неколку фази.

„Треба да размислиме како делува овој инфлаторен бран“, вели Треновски.

Првиот удар, објаснува тој, доаѓа од растот на цените на енергенсите, особено на нафтата и горивата.

„Најпрво се зголемуваат цените на нафтата, односно бензинот на бензиските пумпи, што го гледаме во моментов“, посочува Треновски.

Овој раст не се пренесува веднаш во останатите сектори, но ефектите почнуваат да се чувствуваат по краток период.

„Овие зголемувања не влијаат веднаш на транспортот и логистиката, но по 1 до 3 недели почнуваат да се пренесуваат“, вели тој.

Според Треновски, овој процес постепено го зафаќа целото општество.

„Влијае насекаде – и кај оние што носат леб во пекарите, и кај бизнис секторот, и кај професорот кој оди на работа“, објаснува тој.

Во следната фаза, по околу шест недели, инфлаторниот бран се прелева во пошироката економија.

„Потоа се пренесува во индустријата, автомобилскиот сектор, градежништвото, производството на храна и земјоделството“, додава Треновски.

Најкритичната фаза, според него, е кога инфлацијата ќе се „вгради“ во очекувањата на граѓаните.

„Четвртиот бран е кога се вклучуваат инфлациските очекувања – луѓето веќе очекуваат раст на цените и бараат повисоки плати бидејќи стандардот се намалува“, нагласува тој.

Колку силен ќе биде овој процес, зависи од траењето и интензитетот на почетниот шок.

„Во зависност од тоа колку ќе трае и колку ќе биде силен нафтениот шок, ќе зависи и колкав ќе биде инфлаторниот притисок“, заклучува Треновски во разговорот за FinSight.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange