Банки
Халкбанк ја воведе можноста за ажурирање на личните податоци преку мобилен телефон, со користење на апликацијата OneID
Ажурирањето на личните податоци како обврска која мора да се направи на секои две години, или порано, во случај да постои промена во податоците или при обновен документ за лична идентификација, клиентите на Халкбанк АД Скопје сега веќе може да ја исполнат и без посета на филијала на банката. Банката, меѓу првите на пазарот им овозможи на клиентите ажурирањето да го извршат електронски, од својот мобилен телефон преку апликацијата OneID.
Во духот на денешните дигитални трендови и како банка која е лидер во креирањето и понудата на услуги базирани на новите технологии, Халкбанк од неодамна ја воведе новата функционалност – електронско ажурирање на податоците. Истото се прави преку симнување на апликацијата за електронска идентификација и дигитално потпишување OneID од AppStore, Play Store или App Gallery. Со нејзино симнување на паметниот телефон, самата апликација ве насочува кон следните чекори што треба да се направат. Односно, треба да се изврши регистрација со внесување име, презиме, e-mail адреса и лозинка со што се активира вашиот OneID.
Следни чекори доколку сте корисник на iOS мобилен уред ќе бидат: Пристапување во делот Поставки (Settings) > Face ID &Passcode/Touch ID & Passcode и внесување отпечатокот од прстот или следење на насоките за идентификација на лице, како белези за потврдување на потеклото и интегритетот на податоци преку кои што може да се утврди вашиот идентитет, во зависност од опциите што ги поддржува вашиот уред.
Доколку сте корисник на Android мобилен уред: Пристапете во делот Поставки (Settings) > Biometrics & Security и во делот Fingerprints додадете го својот отпечаток од прст како начин на автентикација на мобилниот уред.
Потоа, за да извршите ажурирање на податоците треба да се најавете со OneID на https://portal.halkbank.mk. Со потврдувањето на условите, следен чекор е аплицирање, со што е завршено ажурирањето на вашите податоци брзо и едноставно.
Инаку, од креирањето на OneID сертификат, кој важи две години, во иднина секој може да има повеќекратна корист бидејќи истиот ќе служи како дигитален потпис при најразлични услуги и услови и истиот ќе биде достапен во секое време 24/7. Наскоро дигитално ќе се потпишуваат барања и договори за различни производи на банката без посета на шалтер.
Но, исто така OneID ќе биде средство за електронска идентификација и електронско потпишување пред најразлични компании кои нудат услуги. Нејзин креатор се клириншката куќа КИБС, како дел од платниот систем на земјата, и компанијата Некстсенс. Услугата е изработена и сертифицирана согласно европските стандарди и европската регулатива и согласно македонскиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. OneID е дел од официјалните квалификувани шеми за електронска идентификација на Министерството за информатичко општество и администрација и обезбедува високо ниво на доверливост.
Банки
Пред 59 години беше поставен првиот банкомат: Како започна револуцијата што го промени банкарството?
Банкоматот, денес едно од најважните и најкористени банкарски решенија, во јуни годинава одбележа 59 години од поставувањето на првиот уред за подигнување готовина.
Првиот банкомат бил инсталиран во јуни 1967 година, во филијала на британската банка „Barclays“ во Северен Лондон. Иако за негов пронаоѓач најчесто се смета Џон Шеперд-Барон, идејата за машина преку која клиентите би можеле да подигнуваат пари датира уште од 1939 година.
Тогаш американскиот иноватор од ерменско потекло Лутер Дорге Симџијан развил уред за автоматско подигнување пари. „Citigroup“ ја тестирала идејата, но по само неколку месеци проектот бил прекинат поради слаб интерес од клиентите.
Речиси три децении подоцна, „Barclays“ повторно ја актуелизирала идејата. Првиот уред користел картички за еднократна употреба, со кои можело да се подигнат 10 фунти.
Следната година, американскиот иноватор Доналд Ветцел придонел за развојот на технологијата, овозможувајќи банкоматите да исплаќаат различни износи, во зависност од расположливите средства на сметката.
Првите банкомати значително се разликувале од денешните. Некои од нив не ја враќале картичката веднаш, па корисниците морале дополнително да ја подигнат од филијалата.
Од едноставна машина за подигнување готовина, банкоматот со текот на годините прерасна во клучна точка на современото банкарство, а неговиот развој го отвори патот кон 24-часовниот пристап до банкарски услуги.
Банки
Маја Михајлова реименувана за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка
Маја Михајлова ќе продолжи да биде дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје и во следните четири години, информира Банката преку Македонската берза.
Народната банка на Република Северна Македонија на 15 јули 2026 година издала решение со кое се дава претходна согласност за реименување на Михајлова за член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, со мандат од четири години.
Со реименувањето на Михајлова, Управниот одбор на ПроКредит Банка продолжува да работи во состав од четири членови:
- Емилија Спировска
- Стевче Кузмановски
- Милан Дамчевски
- Маја Михајлова
Михајлова е дел од Управниот одбор на ПроКредит Банка од 2024 година, кога Банката го прошири својот менаџмент со нејзиното именување.
Актуелниот состав на Управниот одбор е наведен и на официјалната веб-страница на ПроКредит Банка.
Банки
4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој
НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.
Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и порационална потрошувачка.
НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.
Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.
Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот
Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.
Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.
*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули





