Connect with us

Анализи

Добра вест за швајцарските извозници: По години на силен франк, швајцарската валута конечно добива малку олеснување!?

Објавено

на

Швајцарскиот франк почнува да слабее во однос на еврото, што би можело да биде неочекувана последица од неодамнешните напори на САД и Јапонија за поддршка и јакнење на јапонската валута – јенот. Трендот може да им донесе олеснување на швајцарските компании и извозници, кои со години се соочуваат со силна домашна валута.

Франкот и натаму е околу 12% посилен во однос на еврото отколку пред пет години, поткрепен од стабилните јавни финансии, ниската инфлација, суфицитот на тековната сметка и статусот на Швајцарија како безбедно засолниште. Силниот франк, сепак, го поскапува швајцарскиот извоз и создава притисок врз економскиот раст.

Во последниот период швајцарскиот франк ослабе на околу 0,9385 франци за евро, што е близу до најслабото ниво во однос на европската валута во последната година. Од мартовскиот 11-годишен максимум од околу 0,90, франкот ослабе за приближно 4%.

Аналитичарите оценуваат дека неизвесноста околу јенот и ризикот од нови интервенции би можеле да поттикнат дел од инвеститорите да ги пренасочат своите позиции кон франкот. Доколку јенот продолжи да зајакнува, овој тренд би можел дополнително да се засили.

Во прилог на очекувањата за понатамошно слабеење на франкот оди и проценката на „Рабобанк“, која ја зголеми својата 9- до 12-месечна цел за курсот евро/франк на 0,95, од претходните 0,94.

Анализи

Нискобуџетните авиокомпании ја менуваат тактиката во Европа

Објавено

на

Европските нискобуџетни авиокомпании сè почесто затвораат или преместуваат бази поради растечките трошоци, послабата побарувачка и ограничената достапност на нови авиони, пишува Блумберг.

Во релативно краток период Wizz Air ја затвори базата во Виена и најави затворање на базата во Белград, додека Ryanair ја затвори базата во Берлин и најави повлекување од аеродромот во Ниш.

Според Конор Гејнор, аналитичар во Bloomberg Intelligence, повлекувањето на дел од авиокомпаниите може да го забави растот на понудата, но просторот за поскапување на билетите и натаму е ограничен, особено доколку финансискиот притисок врз патниците продолжи и во текот на зимата.

Дополнителен проблем за авиоиндустријата е растот на цените на нафтата, поттикнат од конфликтите на Блискиот Исток. Во исто време, привременото затворање на воздушниот простор над Доха и Дубаи во текот на пролетта доведе до доцнења и откажувања на летови, што дополнително ги зголеми трошоците и ја намали побарувачката.

Ryanair во текот на летната сезона беше принуден да ги намали цените на билетите за шест отсто, додека вкупните трошоци на компанијата пораснаа за 11 отсто. Според аналитичарите на Bloomberg Intelligence, бројот на понудени седишта во Европа до декември би можел да биде и до пет отсто поголем отколку една година претходно, што дополнително го ограничува просторот за раст на цените.

Компанијата веќе ги чувствува последиците од поскапувањето на горивото и слабеењето на побарувачката. Во првиот квартал од годинава Ryanair забележа пад на добивката од околу 34 отсто, на 538 милиони евра, и покрај тоа што бројот на патници се зголеми за шест отсто, на 61,3 милиони.

Wizz Air, пак, се обидува да одговори на новите услови со преместување на своите капацитети. Компанијата ја затвори базата во Виена, која функционираше од 2018 година, а паралелно отвора или разгледува бази на други пазари, меѓу кои Братислава и Приштина.

Џон Грант од компанијата OAG за Блумберг оценува дека поедноставениот оперативен модел, малата зависност од трансфер-патници и големиот број бази им овозможуваат на нискобуџетните авиокомпании многу побрзо да реагираат на промените на пазарот.

За овие компании, разлика од само неколку евра по патник може да биде доволна за да одлучат каде ќе ги стационираат своите авиони.

Состојбата дополнително ја влошуваат високите цени на горивото и доцнењата во испораките на нови авиони. Според проценките на IATA, просечната цена на авионското гориво годинава би можела да достигне околу 152 долари за барел, што е речиси 70 отсто повеќе отколку во 2025 година.

Само трошоците за гориво на глобалната авиоиндустрија би можеле да достигнат 351 милијарда долари, односно околу 35 отсто од вкупните оперативни трошоци.

Проблем претставуваат и доцнењата на Airbus и Boeing со испораката на нови летала. Според податоците на Bloomberg Intelligence, Airbus до крајот на јули испорачал 418 авиони од планираните 870 за целата 2026 година.

Аналитичарите на Bloomberg Intelligence предупредуваат дека ограничените производствени капацитети значат дека авиокомпаниите не можат едноставно да набават нови авиони и да ги префрлат на попрофитабилни пазари. Поради тоа, тие се принудени внимателно да одлучуваат каде ќе го распоредат ограничениот број авиони со кои располагаат.

Извор: Bankar.me

Продолжи со читање

Анализи

Продолжува падот на Волстрит, во минус и азиските берзи

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во вторникот паднаа втор ден по ред, под притисок на растот на цените на нафтата и слабеењето на акциите на производителите на чипови.

Индексот Dow Jones се намали за 0,22 отсто, на 53.343 поени, S&P 500 падна за 0,69 отсто, на 7.691 поен, додека Nasdaq загуби 1,33 отсто и се спушти на 26.289 поени.

Во фокусот на инвеститорите се цените на нафтата, кои продолжија да растат поради недостатокот на напредок во мировните преговори меѓу САД и Иран. Ормускиот Теснец, кој е клучна рута за извоз на нафта од Блискиот Исток, и натаму останува затворен.

Растот на цените на енергенсите би можел дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ги принуди централните банки, вклучително и американската Федерална резерва, да ги зголемат каматните стапки.

Истовремено растат и приносите на американските државни обврзници, при што приносот на 30-годишните обврзници достигна највисоко ниво од 2007 година. Повисоките приноси обично создаваат дополнителен притисок врз берзанските пазари, особено врз технолошките компании.

Најголем пад забележаа акциите во секторот на информатичката технологија, во просек за 1,9 отсто. Особено погодени беа производителите на чипови, меѓу кои Nvidia и Micron Technology, додека индексот PHLX Semiconductor падна за пет отсто.

Од друга страна, растот на цените на нафтата ги поддржа енергетските компании, чии акции во просек поскапеа за 1,8 отсто.

Негативното расположение се пренесе и на азиските берзи. Индексот MSCI за азиско-пацифичкиот регион во средата наутро беше во минус за 1,7 отсто, втор ден по ред.

Акциите во Австралија, Индија, Шангај, Јапонија и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,2 и 5,9 отсто, додека во Хонг Конг беше забележан благ раст.

Извор: Finansije.hr

Продолжи со читање

Анализи

Нова главоболка за Британците: Инфлацијата повторно расте!

Објавено

на

Инфлацијата во Велика Британија забрза во јули, главно поради повисоките трошоци за енергија во домаќинствата, откако регулаторот „Ofgem“ го зголеми ограничувањето на цените за 13%.

Годишната инфлација на потрошувачките цени достигна 2,9% во јули, во однос на 2,6% во јуни, покажаа податоците на Канцеларијата за национална статистика. Ова е највисока стапка од март и во согласност со очекувањата на економистите.

И базичната инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, беше нешто повисока од очекуваното и достигна 2,6%, наспроти прогнозата од 2,5%.

Растот на инфлацијата доаѓа во период кога Банката на Англија внимателно ја следи динамиката на цените и економската активност. Иако јулското забрзување беше очекувано, повисоката базична инфлација може да го намали темпото на понатамошно олеснување на монетарната политика.

Пазарите реагираа релативно умерено на објавените податоци, бидејќи главниот раст на инфлацијата во голема мера беше веќе вграден во очекувањата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange