Connect with us

Бизнис

Атлантик Група: Силен раст на продажбата и профитабилноста под притисок на високите цени на кафето и какаото

Објавено

на

Атлантик Група во првото тромесечие од 2025 година забележа приход од продажба во износ од 259,9 милиони евра, што во однос на истиот период лани претставува раст од 9,8%. И покрај исклучителните продажни резултати, профитабилноста е и понатаму под притисок поради рекордните цени на сировото кафе и какао, како и на дополнителните вложувања во вработените, па затоа добивката пред камата, даноци и амортизација (EBITDA) е помала за 8,7% и изнесува 23,0 милиони евра, додека нето добивката во однос на првиот квартал минатата година е пониска за 38,4% и изнесува 6,1 милион евра.

„Во првиот квартал од 2025 година остваривме силен раст на продажбата во однос на истиот период лани, што се должи на растот на приходите во речиси сите деловни и дистрибутивни области и на сите поважни пазари. И понатаму притисокот поради рекордните цени на сировините, посебно на кафето и какаото, како и растечките вложувања во вработените, се рефлектира на резултатите во поглед на профитабилноста. Продолжуваме да го следиме развојот на ситуацијата во предизвикувачкото и динамично макроекономско опкружување, но остануваме уверен дека ќе продолжиме со успешен и одржлив раст, со фокус на зајакнување на конкурентноста, иновацијата и модернизацијата“, истакна претседателот на Управата на Атлантик Група, Емил Тедески.

Кафе, Деликатесни намази и Фармацевтскиот бизнис го предводат растот

Најзначајниот раст на приходите од продажба од 33,9% е остварен во Стратешката деловна област (SPP) Кафе, а потоа следат Деликатесните намази со раст од 19,5% и Фармацевтскиот бизнис со раст од 8,0%. Кафето е со удел во вкупниот приход од 24,4% и претставува најголема поединечна категорија. Помеѓу Стратешките дистрибутивни области (SDP) се истакнуваат Србија со раст од 25,8% и Северна Македонија со раст од 11,2%, а значаен раст е остварен и на пазарите Босна и Херцеговина и Германија. Во вкупната продажба сопствените брендови учествуваат со 65,0%, фармацевтскиот бизнис со 9,4%, додека принципал брендовите сочинуваат 25,6% од приходот од продажба.

Иновативност, одржливост и одговорност на дело

Атлантик Група ја започна 2025 година со лансирање на два нови брендови – линијата на хербални води и сегментот на функционални производи под брендот DoNatural (во рамки на стратешката деловна област Donat) како и нискокалоричната газирана лимонада под брендот Lemonish (во рамки на стратешката деловна област Пијалаци).

Атлантик во склоп на конференцијата Денови на енергетика во Словенија ја освои првата награда во категоријата „Енергетски ефикасно претпријатие“. Компанијата продолжува да реди успеси и во областа на зајакнување на организацијата, што претставува една од темелните стратешки одредници. Оваа посветеност е препозната и во Босна и Херцеговина, каде што Атлантик Група према изборот на порталот MojPosao.ba беше сместена помеѓу трите најпосакувани работодавци.

Атлантик Група и оваа година е добитник на сертификатот Equal Pay Champion (SELECTIO Grupa), со што се потврдува континуираната посветеност на компанијата да осигура еднакви плати за еднаква работа, без оглед на родовата припадност, како и големата застапеност на жени на управните позиции.

Бизнис

ОКТА го намалува дизелот за два денари по литар, но дали ќе поевтини и на бензинските пумпи?

Објавено

на

Компанијата ОКТА воведува привремен попуст од два денара по литар дизел гориво за трговците на големо и мало, кој ќе важи од 20 октомври до 2 ноември 2026 година.

Станува збор за мерка со која компанијата има цел да го поддржи домашниот пазар на горива и да го ублажи влијанието на нестабилните цени на меѓународните пазари.

Сепак, намалувањето на цената по која ОКТА го испорачува дизелот не значи дека горивото автоматски ќе поевтини за два денара и на бензинските пумпи. Конечните малопродажни цени и понатаму ќе ги определуваат трговците, во согласност со нивните комерцијални политики и состојбите на пазарот.

Од ОКТА информираат дека оваа мерка е продолжение на активностите за поддршка на домашниот пазар што компанијата ги спроведува од март годинава. Со најновиот попуст, вкупната вредност на поддршката од март 2026 година се очекува да достигне околу осум милиони евра.

Целта на мерките е да се придонесе за поголема стабилност и конкурентност на пазарот на горива во земјава, во услови на неизвесност на глобалните енергетски пазари.

Дали возачите ќе почувствуваат олеснување при полнењето гориво, ќе зависи од одлуките на бензинските пумпи, односно од тоа дали и во колкав износ ќе го пренесат добиениот попуст врз крајните потрошувачи.

Продолжи со читање

Бизнис

ССКМ организира тркалезна маса за поголемо учество на бизнис-заедницата во реформските процеси

Објавено

на

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) ќе организира Национална тркалезна маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“, со цел да се поттикне поголема вклученост на компаниите во креирањето економски политики и спроведувањето на реформите во земјава.

Настанот, кој ќе се одржи во Скопје, ќе биде посветен на улогата на приватниот сектор во реформските процеси, како и на можностите за зајакнување на соработката и дијалогот меѓу деловната заедница и надлежните институции.

Во фокусот на дискусијата ќе бидат начините на кои компаниите можат поактивно да учествуваат во донесувањето одлуки што директно влијаат врз нивното работење, деловната клима и економскиот развој.

Преку размена на мислења, искуства и конкретни предлози, тркалезната маса има за цел да придонесе кон подобро усогласување на реформските политики со реалните потреби и предизвици со кои се соочува стопанството.

Посебно внимание ќе биде посветено на потребата од поефикасна комуникација меѓу бизнис-секторот и институциите, со цел ставовите и иницијативите на компаниите да добијат поголема тежина при подготовката и спроведувањето на реформските мерки.

Националната тркалезна маса ќе претставува платформа за конструктивен дијалог и формулирање предлози насочени кон создавање поповолно деловно опкружување и поттикнување на конкурентноста на македонската економија.

Продолжи со читање

Бизнис

Македонските аеродроми со 3,33 милиони патници за девет месеци: Раст од 29% на годишно ниво

Објавено

на

Воздушниот сообраќај во Македонија продолжува да бележи силна позитивна динамика, покажуваат податоците на операторот ТАВ Македонија за периодот јануари – септември 2026 година.

Во првите девет месеци од годинава, аеродромите во Скопје и Охрид опслужиле вкупно 3.331.685 патници, што претставува зголемување од 29% во споредба со истиот период минатата година.

Истовремено, бројот на летови достигнал 22.147, што е за 10% повеќе на годишно ниво.

Најголемиот дел од патничкиот сообраќај се реализирал преку Меѓународниот аеродром Скопје, кој опслужил 3.065.692 патници, со годишен раст од 29,07%.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, забележал 265.993 патници, што претставува зголемување од 26,76%.

Разликата меѓу растот на бројот на патници и растот на бројот на летови покажува дека просечниот број патници по реализиран лет се зголемил, иако за целосна процена на искористеноста на капацитетите се потребни податоци за бројот на расположливи седишта.

Растот на воздушниот сообраќај има значење за повеќе сегменти од домашната економија, вклучувајќи го туризмот, угостителството, транспортот, трговијата и услугите.

За компаниите, поголемата поврзаност со странските пазари може да придонесе за полесно реализирање деловни патувања и подобра меѓународна достапност.

Сепак, бројот на аеродромски патници не треба директно да се поистоветува со бројот на странски туристи, бидејќи статистиката ги опфаќа и домашните патници, деловните патувања и другите категории патнички сообраќај.

Редакција Банкарство

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange