Интервјуа
Очекувања 2024 година | Д-Р ДРАГОЉУБ АРСОВСКИ, ТТК БАНКА АД СКОПЈЕ
На почетокот на тековната 2024 година, се обраќаме до банките во Република Северна Македонија со цел објавување на очекувањата на водечките банкари во нашата земја од аспект на предизвиците со кои ќе се соочат Банките во периодот што следи.
За таа цел во целост ги пренесуваме ставовите и очекувањата на д-р Драгољуб Арсовски, Претседател на Управниот одбор на ТТК Банка АД Скопје.
Банкарство: Кратка ретроспектива на изминатата 2023 година. Кои настани ја одбележаа годината, дали истата беше успешна за Вас и кои поуки ги извлековте?
д-р Драгољуб Арсовски: На почетокот на 2024 година размислуваме за изминатата година и како и секогаш, со голем ентузијазам гледаме кон иднината.
Предизвиците беа секојдневни, за жал, но ние, како мала Банка, успеавме да покажеме видлива финансиска отпорност, да напредуваме и да се бориме со нашата посветеност, со конкурентноста и со ефикасноста.
ТТК Банка ги приспособи своите стратешки и финансиски цели кон макроекономското окружување. Тоа доведе до зголемување на профитабилноста, надминувајќи ги очекувањата за раст и обезбедувајќи конзистентна вредност за нашите клиенти, вработени и акционери.
Со еден збор, 2023 година беше година на силни финансиски перформанси!
Како активен, стабилен и етаблиран учесник на македонскиот финансиски пазар, ТТК Банка успешно го заврши процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда, а истовремено Банката се посвети на обезбедување различни иновативни решенија кои носат корист за Банката на долг рок.
Во 2023 година депозитите од комитенти пораснаа за 18,8 %. Тоа е резултат на изградениот имиџ за нас како стабилен, доверлив и сигурен партнер. Изворите на средства и вкупната актива на Банката бележат пораст од 15,6 % при што e задржан и високиот квалитет на кредитното портфолио.
Напорите за подобрување на достапноста резултираа со двојно зголемена мрежа од над 80 банкомати, отворање две нови експозитури во Скопје и во Гевгелија, како и неколку релокации во рамките на мрежата којашто брои вкупно 7 филијали и 24 експозитури.
Без разлика дали сте во срцето на градот или на пооддалечена локација, ние ги покриваме вашите банкарски потреби.
Во условите во кои стопанисуваме, за ТТК Банка стабилноста има посебно внимание и приоритет. За нас тоа е содржано во нашето знаење и особената посветеност на тимот кој веќе долги години ефикасно функционира во иста насока.
Банката започна да ја зајакнува посветеноста кон начелата на ESG, преку интегрирање на концептот на одржливост во деловните процеси и производи. Воведовме наменски ЕКО-кредитни производи за физичките лица со цел да понудиме поддршка за полесна реализација на инвестициите за подобрување на енергетската ефикасност на нивните домови, за купување енергетски ефикасни производи и за купување еколошки превозни средства. Тоа долгорочно би придонело за намалување на емисиите на штетни гасови, за еколошки одржливи подобрувања на условите за живеење, заштеда на енергија, заштеда на трошоци и намалување на загадувањето.
Посветеноста на ТТК Банка кон достојно спроведување на стратегијата за општествена одговорност придонесе кон остварување многубројни позитивни придобивки за заедницата. Изминатата година исто така реализиравме повеќе работилници за финансиска едукација за околу 600 деца од повеќе градови коишто имаа за цел да ја подигнат свеста за значењето на финансиската писменост, да ги збогатат знаењата за финансиските производи и услуги и да влијаат на создавање здрави финансиски навики.

Банкарство: Краток коментар околу очекувањата за движењето на каматните стапки на кредитните/депозитните производи во 2024 година.
д-р Драгољуб Арсовски: Каматните стапки се секогаш под влијание на пошироките економски услови, вклучувајќи ги стапките на инфлација, политиките на централната банка и целокупното економско здравје.
Секоја финансиска институција поставува сопствена кредитна политика и ги одредува каматните стапки врз основа на каматната стапка на изворите на средства, регулаторните и оперативните трошоци, трошоците кои произлегуваат од изложеноста на ризик и очекуваната стапка на добивка.
Во основата на нашето постоење е нашата посветеност кон обезбедување разновидно и сеопфатно портфолио на производи со високо конкурентни услови. Разбираме дека нашите клиенти имаат уникатни финансиски потреби и веруваме во понудата на низа решенија кои ги задоволуваат тие различни барања.
Можеме да кажеме дека и во 2024 година ќе продолжи понудата на поволни и атрактивни каматни стапки.
Банкарство: Колку домашните банки се дигитализирани и дали заостануваат во овој процес во однос на банките од регионот/Европа?
д-р Драгољуб Арсовски: Банкарската индустрија претрпува значителна трансформација заради брзиот технолошки напредок и развојните очекувања на клиентите. Приспособувањето на идните банкарски трендови станува клучно за банките да ја одржат конкурентноста и да ги задоволат постојано променливите потреби на нивните клиенти.
Споредено со другите банки во регионот и во Европа, домашните банки се блиску до просекот во Европа, но сепак имаат простор за подобрување и, исто така, и тие би можеле да имаат корист од понатамошните инвестиции во технологијата, инфраструктурата и градењето свесност за клиентите.
Условите на локалниот пазар, регулаторните рамки и технолошката инфраструктура влијаат на темпото и природата на дигиталната трансформација во банкарскиот сектор.
Нашите онлајн платформи (електронското банкарство ТТК е-bank и мобилната апликација ТТК m-bank) обезбедуваат беспрекорно и безбедно банкарско искуство за нашите клиенти и ја зацврстија нашата позиција како банка којашто е силно посветена да понуди најповолни услови во дигиталното банкарство, сè уште без трошоци за активирање и за користење. Промовираме подобрено и ново ниво на искуство за нашите корисници, без временски и просторни ограничувања. Корисниците на ТТК Банка веќе имаат можност за тековен увид во состојбата на сметките, имаат можност да вршат плаќања со поголема брзина и со пониски трошоци и да орочуваат средства без доаѓање во банка.
ТТК Банка останува отворена и ќе продолжи да инвестира во новите технологии за дополнително подобрување на безбедноста и пристапноста за нашите ценети клиенти.
Континуираното иновирање и развојот на дигиталното банкарство, подобрувањето на квалитетот на услугата и искуството на корисниците остануваат императив со фокус на унапредување на продуктивноста и контролата на трошоците.
Банкарство: Наведете еден новитет што ТТК Банка АД Скопје ќе го имплементира во 2024 година и што очекувате од имплементација на истиот? Што можеме да очекуваме од ТТК Банка во 2024 година?
д-р Драгољуб Арсовски: ТТК Банка останува посветена на приспособување на динамиката на пазарот и развојните потреби на клиентите. Во таа насока продолжуваме со активно унапредување на понудата на производи и услуги со фокус на проширување на поволностите на понудата на кредитните производи за физички лица, платежните картички, осигурителните производи и пакетите производи со атрактивни, конкурентни и поволни услови дизајнирани да ја подобрат финансиската благосостојба и да ги поттикнат поединците да ги постигнат своите финансиски цели.
Иднината на банкарството е дигитална и ТТК Банка е целосно посветена да ја води оваа трансформација во насока на остварување на целите за развој на пристапи во продажбата, развој на производи и услуги и развој на дистрибутивните канали. Целиме кон беспрекорно, интуитивно и безбедно искуство преку развој на дигиталните канали што одговара на барањата на современиот клиент.
Согледувајќи ги околностите, ние веќе се позиционираме проактивно. Се фокусираме кон стабилно и профитабилно оперативно работење. Предвидуваме реален и остварлив раст во сите сегменти на работењето.
Зголемувањето на кредитното портфолио преку квалитетни пласмани е една од стратешките цели на ТТК Банка па оттука предност имаат клиентите со добар бонитет и квалитетни претприемнички идеи сo развоен потенцијал. Банката е секогаш подготвена да ја поддржи нивната ефикасност и успешност преку понуда на соодветни индивидуални решенија и производи, а сè со цел создавање стабилно и долгорочно партнерство.
2024 година ја започнавме со неколку активни промоции за кредитни производи за физички лица: атрактивните потрошувачки кредити со ниска фиксна каматна стапка во првите две години почнувајќи од 4,80% годишно, хипотекарните кредити со фиксна каматна стапка во првите три години од 4,00% годишно, супер станбениот кредит со фиксна каматна стапка во првите пет години од 3,20% годишно, односно со фиксна каматна стапка во првите десет години од 3,70% годишно без трошоци за одобрување и останати поволности.
Банката останува посветена и на иницијативите на одржливост и понудата на еколошки производи и одржливи банкарски решенија во согласност со нашата посветеност кон одговорноста за животната средина. Зелените опции за финансирање и еколошките дигитални иницијативи ќе бидат составен дел од нашата банкарска понуда.
Активно продолжуваме да ја спроведуваме стратегијата на општествено одговорна компанија преку реализација на спонзорства, донации како и организирање и поддршка на настани и проекти кои ќе придонесат за развој на посреќна и поуспешна заедница.
Интервјуа
Интервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
Секоја нова вест од Блискиот Исток ги поместува глобалните пазари за неколку проценти во еден ден, а инвеститорите се прашуваат како да се зачува вредноста на капиталот и како да се препознае можност таму каде што другите гледаат ризик. Војната во Иран, ценовните шокови кај енергенсите и неочекуваните движења на цените на златото и среброто отвораат многу дилеми.
За овие актуелни прашања побаравме одговор од Гоце Новачевски, Портфолио менаџер во КБ Инвест АД Скопје.
Банкарство: Каде да се инвестира и како да се распределат средствата за да се заштити инвестициското портфолио во период на огромна нестабилност на пазарите предизвикана од војната во Иран и драстичниот раст на цената на нафтата?
Гоце Новачевски: Во процесот на инвестирање, клучен фактор е временскиот хоризонт на инвеститорот, односно периодот во кој средствата можат да останат инвестирани. Доколку станува збор за пократок временски период, и во нормални и во турбулентни пазарни услови, се препорачува вложување во високо ликвидни инструменти, како што се депозити и краткорочни хартии од вредност, кои се најмалку чувствителни на вакви надворешни шокови.
Од друга страна, при подолгорочна алокација на капиталот, дури и во комплексен и динамичен амбиент како сегашниот, сметаме дека е оправдано да се продолжи со инвестирање, и при тоа да ги искористиме пониските пазарни цени. Критериумите за избор на инвестиции се базираат на идентификација на финансиски стабилни и здрави компании кои се вреднувани на ниво што е еднакво или пониско од нивната внатрешна (интринзична) вредност. Дополнително, се земаат предвид компаниите со солидни и одржливи изгледи за раст на профитабилноста, што претставува основа за континуиран раст на дивидендите кои ги исплаќаат. Обидите за темпирање на пазарот носат ризик од пропуштање на периоди на раст и со тоа потенцијален принос.
Банкарство: Зошто паѓаат цените на златото и на среброто?
Гоце Новачевски: Падот на цените на благородните метали, особено на златото и на среброто, се оценува како краткорочен феномен. Во услови на зголемена неизвесност, инвеститорите често се насочуваат кон најликвидни средства, пред сè кон готовина и американски долар, што создава притисок врз останатите класи на имот.
Дополнително, потребата за ликвидност ги поттикнува пазарните учесници да ги продаваат позициите со остварени добивки. Со оглед на значителниот раст на благородните метали во изминатиот период, тие често се меѓу првите кои се продаваат. Зајакнувањето на американскиот долар дополнително придонесува за пад на нивните цени.
Како дополнителни фактори се издвојуваат зголемениот ризик од глобално економско забавување и потенцијална рецесија, што би довело до намалена индустриска побарувачка, како и намалената куповна активност од страна на инвеститорите погодени од падот на приходите во енергетскиот сектор.
Сепак, фундаменталните фактори кои го поддржуваат растот на благородните метали, како што се девалвацијата на доларот, презадолженоста на развиените економии, а тука пред се САД, диверзификацијата на девизните резерви од страна на централните банки и зголемената индустриска примена, остануваат релевантни и сугерираат позитивни изгледи на среден рок.
Банкарство: Кои акции би ги избрале за инвестирање?
Гоце Новачевски: Изборот на конкретни инвестиции треба да се прави во поширок пазарен контекст, при што актуелните настани имаат значително влијание. Во услови кога одредени сегменти се оценуваат како преценети и поризични, се препорачува ротација кон подефанзивни и попредвидливи сектори.
Такви сектори се фармацијата, производите за широка потрошувачка и енергетиката, каде побарувачката е релативно стабилна дури и во услови на економска неизвесност, иако потенцијалот за висок раст е ограничен. Дополнително, поради зголемените геополитички тензии и растечките воени буџети, одбранбената индустрија станува сè поатрактивна за инвеститорите.
Банкарство: Какви се Вашите очекувања за главниот индекс на Македонската берза МБИ10? Од што ќе зависи движењето на МБИ10?
Гоце Новачевски: Движењето на индексот МБИ10 ќе зависи пред сè од времетраењето на геополитичките тензии и нивното влијание врз цените на енергенсите. Во сценарио на брзо смирување на конфликтот и постепена нормализација на пазарите, се очекува ограничено влијание врз македонските компании.
Во спротивно, продолжен период на високи трошоци за енергија ќе изврши притисок врз профитабилноста на компаниите, иако дел од овие трошоци веројатно ќе бидат пренесени на крајните потрошувачи преку повисоки цени.
Банкарство: Дали ни претстои нова економска и финансиска криза и како ќе се однесуваат пазарите на капитал оваа година?
Гоце Новачевски: Настаните се случуваат со голема брзина, а врз пазарите на капитал често влијание имаат и фактори од неекономска природа, што дополнително го отежнува прогнозирањето. Повторно, клучот е во времетраењето на конфликтот и пред се нормализирањето на тековите на нафтата. Иако постојат сигнали за можни дипломатски решенија, ризикот од непредвидени ескалации останува присутен. Историското искуство покажува дека пазарите често реагираат со краткорочни падови на вакви шокови, по што следи закрепнување и раст.
За перспектива, може да се потсетиме на шокот со вонредните царини на претседателот Трамп во Април 2025 година и моменталната распродажба што истите ја предизвикаа, и завршување со раст за Индексот S&P од скоро 18% за целата 2025 година.
Интервјуа
FinSight | Деспотовски: Како анализата на клиентот го одредува изборот на фонд?
Во новата епизода на FinSight разговараме со Владимир Деспотовски од ВФП Фондови за тоа како се избира соодветна инвестициска стратегија и кои се клучните фактори при носење на инвестициски одлуки.
Според него, основата на секоја инвестиција е правилната проценка на ризикот што клиентот е подготвен да го прифати.
„Нашите инвестициски агенти токму тоа го анализираат – инвестицискиот профил на клиентот и неговиот капацитет за прифаќање ризик“, вели Деспотовски.
Тој објаснува дека изборот на фонд директно зависи од оваа проценка.
„Доколку ризикот е многу низок, се оди со паричен фонд. Ако е повисок, се избира обврзнички фонд“, посочува тој.
За инвеститорите со поголема толеранција на ризик, стратегијата е поагресивна.
„Кога клиентот има високо ниво на толеранција на ризик – и при раст и при пад на портфолиото – тогаш се инвестира во акциски фондови“, додава Деспотовски.
Според него, правилното усогласување на инвестицискиот профил со соодветен инструмент е клучно за долгорочен успех и стабилност на инвестицијата.
Интервјуа
Од плата до капитал: Како најдобро да ги оплодите вашите средства | Владимир Деспотовски | WVP фондови
Во услови на зголемена економска неизвесност и притисоци од растечка инфлација, граѓаните сè почесто се соочуваат со дилемата – дали да ги чуваат заштедите во банка или да ги вложат во инвестициски фондови со цел повисок принос.
Оваа тема е во фокусот на најновата епизода од емисијата FinSight, каде гостува Владимир Деспотовски од ВФП Фондови. Во разговорот се отвораат клучните прашања за управување со личните финансии во турбулентни времиња, но и за реалните очекувања од различните инвестициски опции.
Банкарските депозити и натаму се сметаат за најсигурна форма на штедење, особено поради гаранцијата на средствата до 30.000 евра. Сепак, актуелните каматни стапки се релативно ниски, што значи дека реалниот принос често не ја следи инфлацијата. На пример, вложување од 10.000 евра во банка со камата би донело ограничен принос во период од неколку години.
Од друга страна, инвестициските фондови нудат можност за повисоки приноси, но и повисоко ниво на ризик. Во емисијата се објаснува каде се инвестираат средствата на клиентите – дали во најголемите светски компании, на развиени пазари или и на азиските берзи, како и кои стратегии се применуваат за управување со ризикот.
Дополнително, се дискутира за тоа колкава е минималната сума за инвестирање, какви се очекуваните годишни приноси, но и дали постои ризик од загуба на вложените средства, особено во услови на пазарни турбуленции.
Посебен акцент е ставен и на тоа како граѓаните да изберат соодветен финансиски производ според својот профил, приходи и семејни потреби, како и колку средства е препорачливо да се издвојуваат месечно за штедење или инвестирање.
Во време кога инфлацијата ја намалува вредноста на парите, а глобалните пазари се подложни на осцилации, информираното донесување одлуки станува клучно за заштита и раст на личниот капитал.
Целото интервју со Владимир Деспотовски погледнете го во најновата епизода на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Анализипред 2 месециПрофитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?
-
Продуктипред 2 месециГрупацијата Иуте го лансираше Iute Affinity – за целосно дигитални осигурителни решенија
-
Берзапред 2 месециНеколку акции ја носат ликвидноста: кој доминираше на Македонската берза во јануари 2026-1?
-
Банкипред 2 месециЗлатници од Комерцијална банка за паметна и сигурна инвестиција и подарок што станува наследство




