Осигурување
Бројот на осигурани возила достигна 700.000, секое трето возило има зелена карта
Сопствениците на возила во 2023 година вложиле 87 милиони евра во oсигурување од автомобилска одговорност. Во вкупните вложувања зелената карта учествува со 21 милиони евра. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ.
Граѓани, компании и институции осигурале повеќе од 697.700 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во 2023 година. Вкупниот број на возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 5 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).
Секое трето осигурано возило имало и зелен картон за патување во странство, покажуваат податоците. Во текот на 2023 година сите 11 осигурителни компании издале 260.815 зелени карти – осигурување неопходно за возење во странство. Бројот на издадени зелени карти лани е зголемен за речиси 20.000 односно 8 отсто повеќе од 2022 година. Осигурениците во зелени карти во 2023 година вложиле 1,3 милијарди денари (21,16 мил.евра).
Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена масимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Податоците добиени од НБО покажуваат дека граѓаните, компаниите и институциите лани купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).
Бројот на издадени полиси за автомобилско осигурување за во земјава и во странство лани во однос на 2022 година е зголемен за 6 отсто, а нивната вкупна вредност е поголема за 6,5 отсто, покажуваат податоците на НБО.
НБО има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.
Во Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија.
Во 2023 одина во продажбата на задолжително автомобилско осигурување и зелена карта „Македонија осигурување“ учествувала со 4,8 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 9,9 отсто, „Уника“ со 14,6 отсто, „Триглав осигурување“ со 8,8 отсто, а „Сава осигурување“ со 9 отсто. Од вкупната продажба на ова задолжително осигурување на „Винер ВИГ“ отпаѓа 13,4 отсто, на „Еуролинк“ 8,4 отсто, „Граве“ 8,8 отсто, „Халк Осигурување“ учествува со 6,4 отсто и „Осигурителна полиса“ со 9,5 отсто.
Осигурување
Македонија Осигурување и Винер меѓу најголемите корисници на брокерскиот канал во првиот квартал
Брокерските и застапничките друштва во првиот квартал од годинава пласирале милионски износи премија кон осигурителните компании, а најголем дел од средствата завршиле кај водечките компании во сегментот на неживотно осигурување.
Според податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување, преку посредниците најмногу премија е реализирана кон Македонија Осигурување, која во повеќе случаи е доминантен примател на договореното осигурување.
Значителен удел имаат и Триглав Осигурување, Сава Осигурување, Винер Виена Иншуренс Груп, Еуролинк Осигурување и Халк Осигурување.
Меѓу најактивните посредници се издвојуваат Актива Осигурување и Тренд МР, кои во првиот квартал реализирале значителен број договори во повеќе класи на осигурување.
Податоците покажуваат дека најголем интерес кај клиентите и натаму има за автомобилската одговорност, осигурувањето од незгода и имотното осигурување. Само кај Актива Осигурување биле склучени 4.887 договори за автомобилска одговорност, додека Тренд МР реализирал повеќе од 4.000 договори во оваа категорија.
Во сегментот на имотно осигурување од пожар и други опасности, како и туристичка помош, исто така се бележи значителна активност, што упатува на постепено проширување на интересот на граѓаните и компаниите кон различни видови осигурителна заштита надвор од задолжителното автомобилско осигурување.
Овие показатели потврдуваат дека неживотното осигурување останува најголемиот сегмент на домашниот осигурителен пазар, а водечките компании продолжуваат да се натпреваруваат за поголем удел преку брокерите и застапничките мрежи.
Осигурување
Триглав живот и Кроација живот предводат на пазарот: Над 93 милиони денари премија во мај
Осигурителните компании кои работат во сегментот на животното осигурување во мај годинава оствариле вкупна бруто полисирана премија од 93,5 милиони денари, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Најголем дел од премијата е остварен од Триглав Живот со над 31,5 милиони денари, со што компанијата е лидер на пазарот во анализираниот месец. Веднаш зад неа е Кроација Осигурување Живот со повеќе од 35 милиони денари премија.
Значителен придонес има и Сигал Лајф со околу 18,8 милиони денари, додека Граве реализирал 3,7 милиони денари. Винер Лајф евидентирал речиси два милиони денари премија, а Прва Живот над 2,1 милиони денари.
Податоците покажуваат дека најголем дел од средствата и натаму доаѓаат од основното животно осигурување, кое учествува со повеќе од 28,5 милиони денари. Во рамките на оваа категорија доминира мешаното осигурување со речиси 24,7 милиони денари, што укажува дека граѓаните најчесто избираат производи кои комбинираат осигурителна заштита и штедна компонента.
Кај полисите со учество во добивката се реализирани дополнителни 29,1 милиони денари, што дополнително ја потврдува побарувачката за долгорочни штедни и инвестициски осигурителни производи.
И покрај предизвиците на пазарот, осигурителните компании очекуваат стабилна побарувачка во текот на годината, особено за производите кои нудат комбинација од осигурителна заштита и штедна компонента.
Осигурување
Кроација Осигурување: Животните промени се причина за ревизија на полисата за животно осигурување
Животните околности и приоритетите на луѓето постојано се менуваат, а со нив се менуваат и потребите за финансиска заштита. Од Кроација Осигурување потсетуваат дека клучните животни настани се вистински момент за ревизија на полисата за животно осигурување.
Како најчести причини за преиспитување на постојната полиса се наведуваат стапувањето во брак, проширувањето на семејството, започнувањето ново работно место, унапредувањето во кариерата, дополнителните приходи или преземањето нови финансиски обврски.
Од компанијата велат дека навременото усогласување на полисата со актуелната животна состојба може да обезбеди поголема финансиска сигурност и спокојство за иднината.
„Животот постојано се менува, а со него и вашите приоритети. Клучни животни настани како стапување во брак, проширување на семејството, ново работно место или финансиски обврски се сигнал дека е време за ревизија на полисата за животно осигурување“, велат од Кроација Осигурување.
-
Банкипред 2 месеци
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Бизниспред 1 месецОд полноќ нови цени на горивата
-
Останатопред 1 месец
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециСилк Роуд Банка: Пензиите за април исплатени, достапни преку експозитурите, банкоматите како и електронското банкарство
-
Советипред 2 месеци
УЈП објави видео упатство за е-даночни услуги и потврда на ДЛД-ГДП пријавата
-
Банкипред 2 месециНова финансиска инјекција во НЛБ Леасе & Го Скопје
-
Продуктипред 2 месециКБ Прво пензиско друштво: Редовното инвестирање е пат до посигурна финансиска иднина
-
Бизниспред 1 месецДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари


