Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска ‒ Вујчиќ: Високото ниво на усогласеност на Народната банка со практиките на ЕУ, значаен придонес во евроинтеграцискиот процес

Објавено

на

no baners

Централните банки во процесот на пристапување кон Европската Унија имаат значајна улога во обезбедувањето усогласеност во подрачјата во нивна надлежност, пред сѐ овозможувањето на монетарната и финансиската стабилност. Ова беше истакнато на средбата одржана во Народната банка меѓу гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.

На средбата, гувернерот Вујчиќ ја изрази натамошната подготвеност за споделување на хрватските искуства од евроинтеграцискиот процес со Народната банка којашто и сега, според оцените на европските институции, има високо ниво на усогласеност во подрачјата на нејзина надлежност, особено во доменот на банкарскиот систем, како основа за ефикасно распределување на финансиските средства во економијата. Ова во 2021 година го потврди Европската комисија со донесената одлука со која утврди дека нашата држава има воспоставено супервизорска и регулативна рамка за основањето и работењето на банките во согласност со стандардите пропишани во Европската Унија. Неодамна, и Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање тероризам („Манивал“) оцени дека системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот.

Хрватските искуства во претпристапниот процес кон Европската Унија како патоказ за  процесот на пристапување кон ЕУ, но и за исполнување на надлежностите потоа, се од големо значење за натамошно трасирање на работењето на нашата централна банка. Оттука, Народната банка дава особен придонес, активно учествувајќи во ресорските процеси и национални стратегиски документи за интеграција во ЕУ, преку преземање активности во однос на усогласувањето на своето работење со европските стандарди, во рамките на подрачјата коишто ги покрива.

На средбата стана збор и за стабилизирањето на инфлацијата и за нејзиното сведување на историски ниските стапки. Овој приоритет во работењето на централните банки како предуслов за предвидливо и стабилно окружување ќе придонесе за економски раст, отворање нови работни места и развој. Во однос на оваа тема, на средбата беше заклучено дека и покрај веќе видливото забавување на инфлацијата, стапките сѐ уште се високи и наметнуваат водење внимателни макроекономски политики. Во светски рамки, за справувањето со оваа инфлациска епизода, сведочиме на едно од најсинхронизираните затегнувања на монетарната политика во изминатиот половина век, при што реакцијата на централните банки беше двојно посилна во однос на историскиот просек, што придонесе за забавување на вкупната инфлација. Неодамна, Меѓународниот монетарен фонд во оцената од мисијата којашто ја посети нашата земја, нагласи дека како резултат на соодветната монетарна политика веќе се согледува забавување на стапката на инфлацијата и кај нас. Идните инфлациски движења во економиите во регионот, како мали и отворени, ќе бидат условени од трајноста и големината на надворешните шокови, пред сѐ движењата на пазарите на примарните производи, структурните карактеристики и преземените структурни реформи за ублажување на ранливоста, но и од исклучителна важност за натамошно одржливо намалување на стапката на инфлација ќе биде водењето претпазливи макроекономски политики.

Средбата меѓу двајцата гувернери е во знакот на традиционално добрата соработка на централните банки, којашто се заснова на размена на искуства за прашањата поврзани со справувањето со предизвиците за монетарната и финансиската стабилност.

no baners

Банки

Народна банка домаќин на мисија на Европската комисија за јакнење на институционалната независност

Објавено

на

Народна банка беше домаќин на TAIEX peer review мисија на Европската комисија, посветена на јакнењето на институционалната независност и размената на европски искуства и добри практики.

Од Народната банка истакнуваат дека независноста на централната банка претставува основа за одржување на стабилноста и довербата во финансискиот систем.

Преку посветеност на транспарентноста и отчетноста, Народната банка продолжува да го унапредува својот мандат во интерес на стабилноста на економијата.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка и годинава поддржувач на „Галичка свадба“

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје и годинава е пријател и поддржувач на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, еден од најзначајните културни настани во Македонија.

Манифестацијата ќе се одржи од 10 до 12 јули во Галичник, каде повторно ќе оживеат традиционалните свадбени обичаи, народните носии и звуците на зурлите и тапаните.

Од банката посочуваат дека „Галичка свадба“ претставува симбол на љубовта, заедништвото и богатото македонско културно наследство, чии вредности се пренесуваат од генерација на генерација.

Со поддршката на настанот, Стопанска банка ја продолжува својата заложба за зачувување и промоција на традицијата и културните вредности.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка предупредува на измамнички мејлови што содржат вирус

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје предупреди дека е забележана измамничка кампања преку која до граѓаните се испраќаат лажни пораки по електронска пошта.

Испраќачите лажно се претставуваат во име на Комерцијална банка, информираат за наводно извршено плаќање и испраќаат прикачен фајл што содржи вирус.

Од банката предупредуваат дека со отворање на фајлот, примателот се изложува на сериозен ризик, бидејќи може да се овозможи пристап до лозинки и други доверливи информации зачувани на уредот.

Граѓаните се повикуваат да не го отвораат прикачениот фајл и веднаш да ја избришат пораката.

Од Комерцијална банка посочуваат дека лажните пораки најчесто бараат итна реакција и се однесуваат на важни теми, како приливи или одливи на средства, опасност од губење пристап до сметка или слични предупредувања.

Ваквите пораки често содржат граматички и правописни грешки, поради што корисниците треба внимателно да ја прочитаат содржината и задолжително да ги проверат називот и доменот на електронската адреса на испраќачот.

Целта на ваквите измами е прибирање чувствителни податоци или инсталирање злонамерен софтвер на уредите, предупредуваат од банката.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange