Connect with us

Банки

Комерцијална банка меѓу најдобрите иноватори во светот – Прогласена од Global Finance за Врвен иноватор во корисничко искуство за услугите преку OneID

Објавено

на

Комерцијална банка влезе во друштвото на врвните финансиски иноватори во светот со воведувањето на услугата електронска идентификација преку OneID. Меѓународниот магазин Global Finance ѝ ја додели на Комерцијална банка угледната награда „Врвен иноватор во корисничко искуство за 2023 година за услугите преку OneID“, со што ја рангираше Банката меѓу Топ финансиските иноватори во светот.

Ова признание е дел од Наградите за најдобри финансиски иноватори за 2023 година, кои по 11-ти пат се доделуваат на врвни банки, финтек и други компании на глобално ниво. Годинава на листата на Global Finance покрај Комерцијална банка, се најдоа и HSBC, BBVA, CaixaBank, Banco do Brasil, OTP Bank, Commercial Bank of Qatar, Abu Dhabi Islamic Bank, Visa и други реномирани брендови од светот на финансиите.

Наградата за Комерцијална е потврда на придонесот на Банката за најдобро корисничко искуство во доменот на иновативните финансиски алатки, меѓу кои е електронската идентификација, која овозможува бројни поволности и бенефити за корисниците. Комерцијална банка ја има честа да биде прва банка од земјава што се најде на листата на најистакнати иноватори во областа на финансиите, кои се препознаени од овој угледен магазин.

Комерцијална банка ја воведе дигиталната услуга електронска идентификација преку апликацијата OneID на почетокот од оваа година, во соработка со водечката компанија за дигитална трансформација Некстсенс. За помалку од шест месеци, благодарение на електронската идентификација, на своите клиенти им овозможи уште две нови дигитални услуги – ажурирање лични податоци онлајн и активирање Интернет банка и мБанка, со што им станаа достапни редица дигитални услуги на лесен и безбеден начин и со пониски надоместоци до 80% во однос на трансакциите преку шалтер.

„На наше огромно задоволство, Комерцијална банка е првата банка во земјава што овозможи практична и целосна примена на електронската идентификација во банкарските услуги. Оваа престижна награда од Global Finance е навистина ретко и вредно признание, кое освен што ја става нашата земја на мапата на врвни иновативни достигнувања во светот на финансиите, ја издвојува Комерцијална банка како лидер во финансискиот сектор и предводник во воведувањето нови и корисни алатки за клиентите. Со иновативните решенија на клиентите им заштедуваме драгоцено време и им ги доближуваме придобивките на едноставниот и безбеден дигитален свет. Продолжуваме со нашата динамична работна агенда со цел да бидеме првата целосно дигитална банка во земјата“, изјави Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Годишните награди за иновации на Global Finance ги препознаваат субјектите кои идентификуваат нови патишта и дизајнираат нови алатки во финансиите.

„Технолошкиот напредок и прифаќањето на стандардите на индустријата широко ја отвораат вратата за иновации. Најиновативните банки и финтек компании стануваат омилени кај клиентите. Со гордост ги препознаваме овие иновативни лидери, кои ги унапредуваат финансиите во 21. век“, изјави Џозеф Џиарапуто, издавач и уреднички директор на Global Finance.

Со оваа награда, Комерцијална банка ја потврдува својата лидерска позиција на полето на иновативни и модерни финансиски можности и решенија за физички лица, компании, мали и средни бизниси, а сѐ со цел да придонесе за заеднички напредок и успех.

Банки

Народна банка: Каматите на вкупните кредити се намалија, новите заеми поскапеа во август

Објавено

на

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во август 2026 година изнесувала 4,67 проценти, што претставува намалување од 0,01 процентен поен во однос на претходниот месец и од 0,23 процентни поени на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Кај депозитите, просечната каматна стапка останала непроменета во однос на јули и изнесувала 2,18 проценти. На годишно ниво е забележано минимално намалување од 0,01 процентен поен.

Истовремено, податоците покажуваат поинакво движење кај новите банкарски производи. Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во август се зголемила за 0,26 процентни поени на месечно и за 0,22 процентни поени на годишно ниво, достигнувајќи 4,70 проценти.

Повисоки камати се забележани и кај новопримените депозити. Нивната просечна каматна стапка изнесувала 2,72 проценти, што е зголемување од 0,30 процентни поени во однос на јули и од 0,66 процентни поени во однос на август минатата година.

Каматите за компаниите благо се намалуваат кај постојните кредити

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити во август се намалила за 0,01 процентен поен и изнесувала 4,33 проценти. На годишно ниво намалувањето изнесува 0,19 процентни поени.

Кај депозитите на компаниите, пак, е забележано зголемување. Просечната каматна стапка изнесувала 2,69 проценти, што е раст од 0,06 процентни поени на месечно и од 0,16 процентни поени на годишно ниво.

Позначителен раст е регистриран кај новоодобрените корпоративни кредити. Нивната просечна каматна стапка достигнала 4,68 проценти, по месечен раст од 0,47 процентни поени. На годишна основа, по неколку месеци на намалување, каматата се зголемила за 0,35 процентни поени.

Кај новопримените депозити на компаниите каматната стапка изнесувала 2,75 проценти, при месечен раст од 0,77 и годишен раст од 0,89 процентни поени.

Каматата на кредитите за населението падна на 5 проценти

Кај домаќинствата продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка на вкупните кредити. Во август таа изнесувала 5 проценти, што е намалување од 0,02 процентни поени во однос на јули и од 0,27 процентни поени на годишно ниво.

Каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата останала непроменета на месечно ниво и изнесувала 2,11 проценти. Во споредба со август минатата година, таа е пониска за 0,03 процентни поени.

Кај новоодобрените кредити за домаќинствата немало промена во однос на претходниот месец, па просечната каматна стапка останала на 4,73 проценти. На годишно ниво, сепак, таа е повисока за 0,05 процентни поени.

Новопримените депозити на домаќинствата во август носеле просечна камата од 2,72 проценти, што претставува зголемување од 0,07 процентни поени на месечно и од 0,54 процентни поени на годишно ниво.

Податоците на Народната банка покажуваат дека, иако просечните камати на вкупното кредитно портфолио продолжуваат благо да се намалуваат, кај новоодобрените кредити во август е забележан раст на каматните стапки. Од друга страна, повисоките камати на новопримените депозити значат и нешто подобри услови за новото штедење во банките.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја исплати септемвриската пензија

Објавено

на

НЛБ Банка информира дека е извршена исплатата на пензиите за месец септември, а средствата веќе им се достапни на пензионерите.

Од Банката посочуваат дека корисниците можат веднаш да располагаат со средствата и ги охрабруваат пензионерите да ги користат достапните дигитални и безготовински канали за плаќање.

„Ве советуваме вашето ценето време да го заштедите преку користење на мрежата на банкомати, поголемо користење на безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство“, наведуваат од НЛБ Банка.

Со ова, пензионерите кои својата пензија ја примаат преку НЛБ Банка можат да ги користат средствата уште веднаш, без потреба од чекање на шалтер.

Продолжи со читање

Банки

НЛБ Банка ја отвора новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ за студентите

Објавено

на

НЛБ Банка Скопје на 1 октомври ќе ја отвори новата NLB Next зона со „AFTER CLASS“ настан во Паркчето Кино Карпош.

Настанот е најавен како неформален почеток на новата академска година и е наменет пред сè за студентите и младите.

Програмата ќе трае од 14:00 до 16:00 часот, а за атмосферата ќе се погрижи DJ THE AFT3R. Предвидени се и street food понуда и коктели.

Од НЛБ Банка ги повикуваат младите по првите предавања да се соберат во Паркчето Кино Карпош и заедно да го одбележат стартот на академската година.

Со отворањето на новата NLB Next зона, Банката продолжува со активности насочени кон помладата генерација и создавање простор за дружење, комуникација и современо банкарско искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange