Connect with us

Банки

Бидете победник во трката со времето!

Објавено

на

Ако имате избор во секојдневната трка со времето да добиете една патека помалку, што ќе одберете? Трката со сигурност ја добивате со голема заштеда на време доколку сте или станете корисник на најсовремените дигитални банкарски услуги.

Дигиталното банкарство е вашиот моќен и сигурен сојузник кој се грижи вашите секојдневни банкарски трансакции да ги вршите кога сакате и од каде сакате. Независно дали сте дома, во канцеларија, на плажа или на планина, вие имате пристап на вашите сметки и целосна контрола на вашите финансиски обврски. Тоа ви штеди не само време, туку и стрес, но и пари затоа што дигиталните банкарски трансакции се и до 80% поевтини од шалтерските трансакции.

Сето ова и уште повеќе ви овозможува дигиталното банкарство на Комерцијална банка, достапно преку Интернет банката, мБанка, KomPay, електронска идентификација преку OneID. Доколку сте корисник на дигиталното банкарство на Комерцијална банка, вие веќе имате сѐ што ви е потребно за да уживате во привилегиите на дигиталниот свет.

Дигиталните услуги и апликации го доближуваат финансискиот свет до вашите специфични желби и потреби, ги прават вашите дневни банкарски трансакции едноставни, брзи, лесни и безбедни и им додаваат вредност на сите ваши паметни уреди што ве опкружуваат.

Вашите лични финансии се ефикасни и одговорни:

  • Во секое време знаете со колку пари располагате на вашата платежна сметка, дали пристигнале парите што ги чекате од странство, колку пари сте заштедиле овој месец…
  • Вашите сметки за јавни услуги се платени навреме и без потрошено време на шалтер, а планираната заштеда со еден клик ја додадовте на вашиот Паричен депозит.
  • Следниот викенд патувате во странство, ама тоа не е проблем бидејќи и од далечина можете да ја платите фактурата за екскурзијата на вашето дете и да му префрлите пари од вашата на неговата картичка за да има и за трошење.

Вашиот паметен телефон е навистина паметен:

  • Со бесплатната мобилна апликација KomPay станува замена за вашите Mastercard картички од Комерцијална банка и со мобилниот телефон може да плаќате на ПОС-терминали низ целиот свет.
  • Преку мобилната апликација мБанка имате постојан увид во состојбата на вашите сметки, вршите плаќања и пренос на пари, онлајн аплицирате за потрошувачки кредит, менувате дневни и периодични лимити за картичките…
  • Преку мобилниот телефон пристапувате до вашиот електронски идентитет OneID, кој пак ви овозможува пристап до бројни производи и услуги на Банката без посета на шалтер.

Вашиот микро свет доби свет на неограничени можности:

  • Електронската идентификација преку OneID значи можност за вршење различни банкарски трансакции од далечина, како на пример ажурирање лични податоци, активирање Интернет банка, а наскоро и отворање платежна сметка и аплицирање за кредит.
  • Безбедноста на трансакциите е на највиско ниво со биометриска автентификација за пристап до мБанка или до вашиот електронски идентитет.
  • Веќе не мора да ја контактирате банката доколку ја изгубите или ви е украдена вашата картичка. Се еден клик во Интернет банка можете веднаш да ја блокирате или преку мБанка да ги подесите дневните лимити на нула, а потоа преку веб-страната на банката да аплицирате за нова картичка.

Затоа не изненадува што многу клиенти веќе ги препознаваат можностите и ги користат предностите на дигиталното банкарство на Комерцијална банка. Тоа всушност нуди можности кои ги следат токму вашите желби и потреби.

Банки

Комерцијална банка: Мудроста е во изборот што го правиш секој ден

Објавено

на

Комерцијална банка ја претстави својата порака „Мудроста е во изборот што го правиш секој ден“, преку која ги истакнува услугите и поволностите достапни за клиентите кои ја користат Банката за своите секојдневни финансиски потреби.

Од Банката посочуваат дека префрлањето на платата на сметка во Комерцијална банка овозможува пристап до повеќе производи и услуги, меѓу кои онлајн отворање платежна сметка, добивање дебитна картичка и активирање Интернет банка преку електронската идентификација OneID.

На клиентите им се достапни и КБ пакетите, кои вклучуваат повеќе банкарски производи и услуги, како Visa или Mastercard дебитна картичка, известувања за приливи и одливи преку Интернет банка и мБанка, дозволено пречекорување за плаќање на рати без камата со дебитна картичка и можност за отворање траен налог.

Преку Интернет банка и мБанка, клиентите имаат пристап до своите финансии 24 часа во денот, можност за преглед на приливите и одливите, плаќање и пренос на средства, како и користење на услугите „Плати на пријател“ и „Подели сметка“. Според Банката, надоместоците за одредени платежни трансакции преку дигиталните канали може да бидат и до 80 отсто пониски во споредба со трансакциите извршени на шалтер.

Комерцијална банка овозможува и користење на глобалните платежни платформи Apple Pay, Google Pay и Garmin Pay за брзи, сигурни и бесконтактни плаќања.

Во понудата се вклучени и различни кредитни и депозитни производи, онлајн кредит преку мБанка, станбени кредити, кредитни картички, како и можност за кредитни производи со животно осигурување.

Од Комерцијална банка наведуваат дека денес имаат повеќе од 300.000 клиенти, а зад себе имаат седум децении постоење.

„Во свет кој постојано се менува, мудроста е твојата највредна алатка. А ние сме тука да ја претвориме во твоја секојдневна предност“, порачуваат од Комерцијална банка.

Продолжи со читање

Банки

Вештачката интелигенција влегува во централното банкарство: Народната банка тестира нови модели за БДП

Објавено

на

Вештачката интелигенција, новите извори на податоци и машинското учење сè повеќе стануваат дел од алатките што централните банки ги користат за следење на економијата, инфлацијата и ризиците во финансискиот систем. Овие теми беа во фокусот на Тринаесеттата биенална конференција на Комитетот на Ирвинг Фишер за статистика на централните банки (IFC), што се одржа во Базел во организација на Банката за меѓународни порамнувања (БИС).

На конференцијата учествуваше и вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска, која ја водеше сесијата „Нови и експериментални податоци“. Во рамките на сесијата беа презентирани истражувања за користење нови типови податоци при процена на климатските ризици, како и за примена на вештачката интелигенција при откривање недостатоци во статистиките поврзани со климатските промени и одржливоста.

Посебно внимание за домашната економија привлекува трудот претставен од Даница Уневска Андонова од Народната банка, посветен на прогнозирањето на македонскиот БДП со помош на економски показател добиен преку „Чет џи-пи-ти“.

Трудот „Прогнозирање на македонскиот БДП со економски показател изведен преку ‘Чет џи-пи-ти’: докази од машинското учење“ е изработен заедно со Магдалена Петровска, Неџати Куртиши и Елена Божиновска Стојчевска и беше презентиран на сесијата „Иновации за подобра статистика“.

Истражувањето покажува како алатките на вештачката интелигенција можат да се употребат за извлекување показател за економските услови од квалитативните одговори во анкетите за очекувањата за растот на БДП и инфлацијата. Добиените информации потоа се вклучуваат во модели на машинско учење со цел побрзо и попрецизно проценување на економската активност.

Практичната примена на ваквите технологии може да биде значајна за централните банки, особено во периоди кога традиционалните статистички показатели пристигнуваат со временско задоцнување, а потребата од навремена процена на економските движења е голема.

Годинашната конференција на БИС беше посветена токму на пополнувањето на информациските празнини во централното банкарство. Меѓу темите беа употребата на вештачката интелигенција за побрзо следење на инфлацијата и економската активност, процената на климатските ризици за финансискиот систем, подобрувањето на квалитетот и достапноста на економските податоци, како и анализата на податоците од платежните системи за подобро следење на потрошувачката на домаќинствата.

Развојот на овие алатки покажува дека централното банкарство постепено се менува – покрај традиционалните статистички модели, сè поголема улога добиваат големите бази на податоци, машинското учење и генеративната вештачка интелигенција.

Продолжи со читање

Анализи

Каде растат нефункционалните кредити? Различна слика кај македонските банки во првото полугодие

Објавено

на

Македонските банки и натаму одржуваат ниско ниво на нефункционални кредити, но податоците за првата половина од 2026 година покажуваат дека состојбата не е иста кај сите. Додека кај дел од банките проблематичните кредитни изложености се намалуваат, кај други е забележан раст.

Анализата на официјалните полугодишни извештаи на НЛБ Банка, Стопанска банка, Шпаркасе Банка и ТТК Банка покажува дека стапката на нефункционални кредити кај сите четири банки останува под 3 проценти. Сепак, динамиката во нивните кредитни портфолија е различна.

Најниска стапка на нефункционални кредити на крајот на јуни има НЛБ Банка – 1,24 проценти. Кај Шпаркасе таа изнесува 1,55 проценти, кај ТТК Банка 2,23 проценти, додека кај Стопанска банка достигнува 2,66 проценти.

Но, само процентот не ја дава целата слика.

НЛБ со значително намалување

Кај НЛБ Банка нефункционалната кредитна изложеност во текот на првите шест месеци од годинава е намалена за повеќе од една четвртина.

На почетокот на годината таа изнесувала околу 1,86 милијарди денари, а на крајот на јуни се намалила на 1,38 милијарди денари. Тоа е пад од околу 477 милиони денари или 25,7 проценти.

Во истиот период Банката евидентирала и нови нефункционални изложености, но нивниот износ бил значително помал од вкупните намалувања.

Сепак, важен е начинот на кој е постигнат овој пад. Од извештајот се гледа дека повеќе од 500 милиони денари од намалувањето произлегуваат од продажба на нефункционални кредитни изложености. Дополнително, дел од проблематичните кредити биле отпишани, а дел наплатени.

Тоа значи дека падот на нефункционалните кредити не произлегува само од подобрена способност на клиентите да ги сервисираат обврските, туку и од активното расчистување на проблематичното портфолио.

Кај Стопанска банка раст од над 400 милиони денари

Спротивен тренд се забележува кај Стопанска банка.

На почетокот на периодот нефункционалните кредитни изложености изнесувале околу 2,73 милијарди денари, а на крајот на јуни достигнале 3,15 милијарди денари.

Тоа е зголемување од околу 416 милиони денари, односно 15,2 проценти за шест месеци.

Во текот на полугодието Банката евидентирала близу една милијарда денари зголемување на нефункционалните изложености. Дел од нив биле отпишани или наплатени, но приливот на нови проблематични изложености бил поголем од нивното намалување.

Како резултат на тоа, Стопанска банка на крајот од јуни има стапка на нефункционални кредити од 2,66 проценти, највисока меѓу четирите банки опфатени со оваа анализа.

Умерен раст кај Шпаркасе

Кај Шпаркасе Банка движењето е помалку изразено.

Нефункционалната кредитна изложеност пораснала од околу 1,32 милијарди денари на почетокот на периодот на 1,41 милијарда денари на крајот од јуни.

Станува збор за зголемување од околу 88 милиони денари или 6,7 проценти.

Во текот на периодот Банката имала нови нефункционални изложености во износ од над 300 милиони денари, но во исто време дел од старите проблематични кредити биле наплатени, отпишани или продадени.

И покрај растот, стапката на нефункционални кредити кај Шпаркасе останува релативно ниска и изнесува 1,55 проценти.

ТТК со стапка од 2,23 проценти

ТТК Банка на крајот на јуни прикажува стапка на нефункционални кредити од 2,23 проценти.

Во јавно достапниот полугодишен извештај не е прикажан ист степен на деталност за движењето на нефункционалните изложености како кај НЛБ, Стопанска и Шпаркасе, поради што не може да се направи директна споредба на нивната промена во текот на полугодието.

Ниските проценти не значат и иста состојба

На прв поглед, податокот дека кај сите анализирани банки нефункционалните кредити се под 3 проценти укажува на стабилен квалитет на кредитните портфолија.

Но, бројките покажуваат дека зад тие проценти се кријат различни трендови.

Кај НЛБ проблематичната изложеност значително се намалува, иако добар дел од падот е резултат на продажба и отпис на кредити. Кај Стопанска банка, пак, во првите шест месеци се појавиле повеќе нови нефункционални изложености отколку што биле затворени, наплатени или отпишани. Шпаркасе е некаде меѓу овие два тренда, со умерено зголемување.

Затоа, за да се оцени реалната состојба на една банка, не е доволно да се гледа само конечната стапка на нефункционални кредити. Подеднакво е важно да се види дали проблематичните кредити се наплатуваат, се враќаат во редовна состојба, се продаваат или едноставно се отпишуваат.

Засега, податоците не покажуваат нивоа што би можеле да се оценат како загрижувачки. Но, разликите во движењето на нефункционалните кредити покажуваат дека кредитниот ризик не се развива исто кај сите банки, особено во период кога кредитирањето на домаќинствата и компаниите продолжува да расте.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange