Connect with us

Банки

Комерцијална банка обезбеди 4 милиони евра од ЕБОР за зелени инвестиции

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје обезбеди нова кредитна линија во износ од четири милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), наменета за поддршка на инвестиции во енергетска ефикасност во домаќинствата, станбените згради и јавниот сектор.

Кредитната линија е дел од програмата Western Balkans Green Economy Financing Facility III (WB GEFF III), преку која ќе се финансираат проекти за подобрување на енергетската ефикасност и користење зелени технологии.

Средствата ќе може да се користат за инвестиции во термичка изолација, енергетски ефикасни прозорци и врати, современи системи за греење и ладење, топлински пумпи, фотоволтаични системи и други технологии кои придонесуваат за намалување на потрошувачката на енергија.

Кредитите ќе бидат достапни со максимален износ до 50.000 евра и рок на отплата до 20 години. По успешното реализирање на проектот, предвидена е и можност за грант во висина до 20 проценти од вредноста на инвестицијата.

Договорот за новата кредитна линија го потпишаа Билјана Максимовска-Поповиќ, главен директор за корпоративно банкарство и член на Управниот одбор на Комерцијална банка, и Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

„Како една од водечките банки во земјата, Комерцијална банка продолжува активно да ги поддржува инвестициите што носат долгорочни придобивки за клиентите, економијата и за животната средина. Преку оваа кредитна линија, повторно ќе придонесеме за подобрување на енергетската ефикасност, за намалување на емисиите на штетни гасови и за зголемување на отпорноста на енергетските предизвици“, изјави Максимовска-Поповиќ.

Ова е петта кредитна линија што Комерцијална банка ја реализира во рамките на програмата GEFF, преку која банката ја продолжува поддршката на инвестициите во енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и одржлив економски развој.

Програмата се спроведува со поддршка од Европската Унија преку Заедничкиот европски фонд за Западен Балкан и Рамката за инвестиции во Западен Балкан, додека дополнителната техничка соработка е поддржана од Фондот за соработка Јапонија-ЕБОР.

Банки

НЛБ Банка со силна порака за пензионерите: Активниот живот не завршува со пензионирањето

Објавено

на

Вработените од експозитурата на НЛБ во Охрид беа дел од 30. Републички пензионерски спортски натпревари, кои се одржаа во комплексот „Билјанини извори“ во Охрид, во годината кога се одбележуваат 80 години пензионерско организирање во Македонија.

НЛБ со пензионерската заедница гради долгогодишна соработка, која опфаќа активности поврзани со финансиска едукација, поголема финансиска сигурност, спорт и дружење.

Од НЛБ посочуваат дека учеството на спортските натпревари е уште една можност за поддршка на активниот живот и создавање позитивни моменти за пензионерите.

„Активниот живот не завршува со пензионирањето. Напротив, токму тогаш можат да започнат нови навики, пријателства и нови причини за движење“, порачаа од Банката.

Со своето учество на јубилејниот настан, НЛБ даде придонес кон традицијата која повеќе децении ги обединува пензионерите од целата земја преку спорт, дружење и активен начин на живот.

Од Банката упатија честитки за 30. Републички пензионерски спортски натпревари и порака до пензионерите за уште многу години исполнети со спорт, дружење и активен живот.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка со подароци и донација за првачињата на почетокот на учебната година

Објавено

на

Комерцијална банка и оваа година го одбележа почетокот на новата учебна година со подароци и поддршка за првачињата во повеќе училишта.

Преку својата препознатлива Верверичка, Банката ги израдува првачињата во училиштата во Кочани, како и учениците од ООУ „Драга Стојановска“ во селото Ракотинци, Скопје, подарувајќи им ранчиња исполнети со подароци.

Дополнително, Комерцијална банка обезбеди донација за набавка на училишен прибор за првачињата во Основното училиште со ресурсен центар „Иднина“ во Скопје.

Од Банката посочуваат дека целта на ваквите активности е да им се обезбеди поддршка на децата за успешен почеток на образованието и можност непречено да ги следат своите желби и соништа.

„Веруваме дека секое дете заслужува поддршка за успешен почеток, квалитетно образование и можност да ги следи своите соништа“, порачаа од Комерцијална банка, посакувајќи им на првачињата многу нови знаења, другарства и незаборавни училишни денови.

Продолжи со читање

Банки

Собранието ја именуваше Арљинда Хасани Синани за вицегувернерка на Народната банка

Објавено

на

На предлог на гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, Собранието ја именуваше Арљинда Хасани Синани за вицегувернерка на Народната банка, со мандат од седум години.

Хасани Синани е дипломирана економистка со 22-годишно професионално искуство во банкарскиот сектор, стекнато на стручни и раководни позиции во областа на кредитирањето, управувањето со ризиците и деловното банкарство.

Во текот на својата кариера има извршувано повеќе раководни функции во „Прокредит банка“ АД Скопје и „Стопанска банка“ АД Скопје, каде што од 2023 година ја извршувала функцијата регионален директор за Северозападниот Регион.

Нејзиното професионално искуство опфаќа и области поврзани со регулативната и супервизорската рамка, управувањето со ризиците и корпоративното управување, како и учество во повеќе органи и комитети во рамките на банкарските институции.

Со изборот на Арљинда Хасани Синани за вицегувернерка се зајакнува професионалниот капацитет на Народната банка и се обезбедува непречено остварување на нејзините законски цели и надлежности, заради одржување стабилен и сигурен финансиски систем и поддршка на одржливиот економски развој.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange