Connect with us

Останато

Над 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји доаѓаат во Скопје на третото издание на MicroBalkans 2026

Објавено

на

Под мотото „Lending Reimagined“, на 24 и 25 септември Скопје ќе биде регионална точка за разговор за иднината на микрофинансирањето, кредитирањето, вештачката интелигенција и новите модели на финансирање. Како може да се продлабочи соработката меѓу банките, штедилниците и небанкарските финансиски институции? Зошто небанкарското микрофинансирање е важно за финансиската инклузија и економскиот развој? На кој начин дигитализацијата и вештачката интелигенција го трансформираат кредитирањето?

Ова се дел од клучните прашања што ќе бидат во фокусот на третото издание на меѓународната конференција MicroBalkans 2026, која на 24 и 25 септември во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје ќе собере повеќе од 200 претставници на финансискиот сектор од 15 европски земји.

Под мотото „Lending Reimagined “, конференцијата ќе ги обедини финансиските институции, регулаторите, експертите, инвеститорите, компаниите и иноваторите во разговор за промените што веќе ја обликуваат финансиската индустрија – од дигитализацијата на кредитирањето и примената на вештачката интелигенција, до пристапот до капитал, европската регулатива и развојот на одговорни, одржливи и поинклузивни финансиски решенија.

Свои воведни обраќања на конференцијата ќе имаат гувернерот на Народната банка на Северна Македонија и министерот за информатичко општество и дигитална трансформација, а се очекува учество и на други истакнати претставници и реномирани експерти од финансискиот сектор од регионот и Европа.

Активно учество ќе земат и небанкарските и микрокредитните институции од земјите на Западен Балкан, членки на Алијансата, со што дополнително се потврдува регионалниот карактер и значењето на MicroBalkans 2026 како платформа за размена на искуства, регионална соработка и развој на финансискиот сектор.

Конференцијата ја организираат Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и штедилниците, во партнерство со Western Balkans Alliance и European Microfinance Network.

„Финансискиот сектор веќе не разговара дали ќе се трансформира, туку колку брзо и одговорно ќе го направи тоа. MicroBalkans сака Скопје да биде едно од местата каде што ќе се води тој разговор – меѓу банките, штедилниците, небанкарските финансиски институции, микрокредитните институции, регулаторите, инвеститорите и останатите чинители кои можат заеднички да создаваат подобар пристап до финансии и поконкурентен финансиски сектор“, истакнуваат организаторите.

Од вештачка интелигенција до нови модели на финансирање

Во текот на дводневната програма, преку панел-дискусии, работилници и експертски сесии, MicroBalkans 2026 ќе отвори дел од најактуелните прашања што ја определуваат иднината на финансискиот сектор.

Во фокусот ќе бидат дигитализацијата на кредитирањето, примената на вештачката интелигенција и новите технологии, пристапот до капитал, новите модели на финансирање за микро, мали и средни претпријатија, регулаторните промени на европско ниво и одговорното дигитално задолжување.

Еден од важните фокуси ќе биде финансиската инклузија – како финансиските услуги да станат подостапни и како микрофинансирањето, во соработка со банкарскиот сектор, може да придонесе за развојот на претприемништвото, малите бизниси и локалните економии.

Скопје како точка на регионалниот финансиски дијалог

MicroBalkans 2026 има амбиција да биде простор на кој регионалното искуство ќе се сретне со европските финансиски трендови и во кој различните делови од финансискиот екосистем ќе можат директно да разговараат за конкретни решенија, партнерства и идни модели на соработка.

Конференцијата е наменета за претставници на небанкарските финансиски институции, микроекредитните институции, штедилниците, банките, микро, мали и средни претпријатија, финтек и ИТ компании, инвеститори, развојни финансиски институции, регулатори и други релевантни чинители.

MicroBalkans 2026 не е само конференција за финансискиот сектор. Тоа е регионална платформа за креирање на иднината на кредитирањето – поинклузивна, подигитална, поодржлива и подобро поврзана со европскиот финансиски пазар.

Пријавувањето за учество е отворено. За повеќе информации, програмата и регистрација, заинтересираните можат да ја посетат официјалната веб-страница на MicroBalkans 2026 и официјалните профили на конференцијата на социјалните мрежи.

Останато

УЈП го претстави системот е-Фактура пред банкарскиот сектор

Објавено

на

Управата за јавни приходи, во соработка со Македонската банкарска асоцијација, организираше работилница посветена на системот е-Фактура, на која учествуваа околу 50 претставници од банкарскиот сектор.

Целта на работилницата била банките навремено да се запознаат со новиот систем, неговите функционалности и начинот на користење. Учесниците имале можност практично да го проследат и процесот на креирање електронска фактура.

Од УЈП посочуваат дека вклучувањето на банкарскиот сектор е важно поради неговата улога во електронските и безготовинските плаќања, како и во поширокиот процес на дигитализација на финансиските услуги.

Активноста е дел од подготовките за воведување на е-Фактура и од напорите во процесот да бидат вклучени сите релевантни институции и деловни субјекти. Во изминатиот период УЈП организирала работилници и средби и со шпедитери, општини, јавни претпријатија и компании.

Од Управата најавуваат дека и во следниот период ќе продолжат со информирање на корисниците, практична поддршка и тестирање на системот, со цел да се воспостави поефикасен и целосно дигитализиран процес на фактурирање.

УЈП воедно ѝ се заблагодари на Македонската банкарска асоцијација за иницијативата и соработката, како и на претставниците на банките за нивното учество во процесот на дигитална трансформација.

Продолжи со читање

Останато

МФ: Нови 2,9 милиони евра за инвестиции на домашните компании

Објавено

на

Министерството за финансии префрли нови 176,5 милиони денари, односно околу 2,9 милиони евра, од централниот Буџет кон Развојната банка, наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании.

Со најновиот трансфер, вкупната владина поддршка за домашниот приватен сектор достигна 14,7 милијарди денари, или 239 милиони евра. За оваа намена во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра.

Средствата се обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, а до компаниите се пласираат преку Развојната банка и мрежата на домашни деловни банки. Целта, според Министерството за финансии, е да се поттикне нов инвестициски циклус во приватниот сектор и да се поддржи економската активност.

Домашните компании можат да ги користат средствата под поволни услови, со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс период до три години.

Продолжи со читање

Останато

УЈП ги подготвува општините и јавните претпријатија за системот е-Фактура

Објавено

на

Управата за јавни приходи, во соработка со ЗЕЛС, започна со подготовки на општините и јавните комунални претпријатија за воведувањето на системот е-Фактура. Во рамки на обука организирана за оваа намена учествувале 80 претставници од локалната самоуправа и јавните претпријатија.

На обуката биле претставени главните функционалности на новиот систем, начинот на негово користење, како и обврските и придобивките што ќе произлезат од електронското фактурирање.

Претставниците на УЈП ја презентирале и бесплатната веб-апликација преку која ќе може да се пристапува до е-Фактура, а биле разгледани и практичните аспекти од примената на системот.

Посебен акцент бил ставен на потребите на јавните комунални претпријатија, кои издаваат голем број фактури кон граѓаните. Се разговарало за можностите за масовно испраќање фактури, поврзување на постојните информациски системи со е-Фактура, како и за користење на постојните квалификувани електронски сертификати.

Во пилот-фазата системот може да се тестира на два начина – преку директно поврзување со деловните информациски системи со API-интерфејс или преку веб-апликацијата.

Во моментов се проверуваат функции за креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на електронски фактури. Во следната фаза е предвидено тестирањето постепено да се проширува и на останатите процеси и видови документи.

Од УЈП ги повикуваат општините и јавните претпријатија активно да се вклучат во тестирањето и навреме да доставуваат предлози за подобрување на системот.

Според Управата, раното вклучување на локалната самоуправа и јавните претпријатија е важно за успешна примена на е-Фактура, особено поради тоа што комуналните претпријатија се меѓу најголемите издавачи на фактури во јавниот сектор.

УЈП најавува дека ќе продолжи со информативни и едукативни активности за подготовка на сите обврзници, а од воведувањето на е-Фактура се очекуваат побрзи и поефикасни процеси на фактурирање и поголема транспарентност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange