Connect with us

Банки

4 милиони евра за енергетски поефикасни домови: НЛБ Банка со нова кредитна линија од Европската банка за обнова и развој

Објавено

на

НЛБ Банка преку нова кредитна линија во износ од 4 милиони евра ја зајакнува поддршката и го проширува пристапот на домаќинствата до зелено финансирање за енергетски поефикасни домови. Средствата се обезбедени во соработка со ЕБОР во рамките на програмата GEFF III REpower Residential на Западен Балкан, а ќе се пласираат преку Банката. Наменети се за зелени инвестиции што придонесуваат за енергетски поефикасни, поодржливи и покомфорни домови, овозможувајќи конкретни придобивки за граѓаните – намалени трошоци и подобрен квалитет на живеење.

Во време кога енергетската ефикасност и одговорното користење на ресурсите стануваат сè поважен дел од секојдневието, ваквата финансиска поддршка отвора можност повеќе домаќинства да ги реализираат потребните подобрувања во своите домови – изолација, нови прозори и врати, котли, топлински пумпи, сончеви колектори за топла вода, фотоволтаични системи или други енергетски ефикасни решенија.Сите овие технологии директно придонесуваат за пониски трошоци на домаќинствата, поголема удобност и  порационална потрошувачка.

НЛБ Банка во своето портфолио веќе нуди зелени кредити наменети за поддршка на одржливи и еколошки решенија, а новата кредитна линија од 4 милиони евра од ЕБОР претставува зајакнување на оваа определба.

Дополнителна придобивка на овие кредити е повратот на средства, кофинансиран од Европската Унија, кој може да изнесува и до 20% од вкупната инвестиција. На овој начин, зелените кредити стануваат практичен инструмент преку кој енергетската ефикасност, одржливоста и заштитата на животната средина се претвораат во реални и достижни решенија за секое домаќинство.

Придобивки од „зелените“ инвестиции во домот

Кога домот троши помалку енергија, преку намалените сметки, придобивките се чувствуваат веднаш. Долгорочно, тие имаат и пошироко значење. Секоја инвестиција што ја намалува потребата од енергија придонесува и за помала потрошувачка на ресурси, помал притисок врз енергетскиот систем и помало влијание врз животната средина. Во Македонија, ваквите вложувања се особено значајни имајќи ја предвид потребата од обновување и модернизација на станбениот фонд.

Токму затоа, зеленото финансирање има сè поважна улога во претворањето на одржливоста од концепт во конкретна одлука за секое домаќинство. Со соодветна финансиска поддршка, граѓаните можат полесно да направат чекор кон зелени решенија.

*GEFF програмата на ЕБОР во Западен Балкан е кофинансирана од европската Унија преку инвестициската рамка за Западен Балкан, Австрија, јапонија, данска и швајцарија преку Партнерството со високо влијание врз климатската акција (HIPCA).

Банки

Штаермеркише Шпаркасе Групацијата со нето-добивка од 270,6 милиони евра во првата половина од 2026

Објавено

на

Штаермеркише Шпаркасе Групацијата, во чиј состав е и Шпаркасе Банка АД Скопје, ја заврши првата половина од 2026 година со раст на деловната активност и позитивни финансиски резултати.

Во првите шест месеци од годинава, групацијата остварила нето-добивка по оданочување од 270,6 милиони евра, додека оперативниот резултат достигнал 337 милиони евра.

Според објавените податоци, корпоративното кредитирање во овој период е зголемено за 2,1 отсто. Истовремено, забележан е поголем интерес за станбено финансирање, како и значителен раст на приходите од провизии, особено во сегментите на инвестициските услуги и хартиите од вредност.

Вкупната актива на групацијата достигнала 23,9 милијарди евра, додека капиталот изнесувал 4,2 милијарди евра. Од Шпаркасе посочуваат и на стабилниот квалитет на кредитната изложеност, како и на придонесот на банките членки од Југоисточна Европа во вкупните резултати.

Шпаркасе Банка АД Скопје е дел од меѓународната банкарска групација, а од банката оценуваат дека постигнатите резултати ја потврдуваат финансиската стабилност на групацијата и нејзината долгорочна ориентација кон пазарите на кои работи.

Банката најавува дека и натаму ќе биде насочена кон развој на современи финансиски решенија, поддршка на клиентите и активности насочени кон домашната економија и заедницата.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка и Хрватската народна банка разменуваа искуства за надзорот на платежните услуги

Објавено

на

Во Народната банка од 21 до 24 септември се одржа четиридневна работилница посветена на супервизијата над платежните услуги, на која експерти од Хрватската народна банка и претставници на домашната централна банка разменуваа искуства и практики од оваа област.

Работилницата се одржа во рамки на билатералната мерка „Payment Services Supervision“, како дел од Програмата за зајакнување на капацитетите на централните банки во Западен Балкан.

Главниот фокус беше ставен на супервизијата и надзорот над давателите на платежни услуги и издавачите на електронски пари, како и на практичната примена на европската регулаторна рамка.

Меѓу темите за кои се разговарало биле теренската и вонтеренската супервизија, засилената автентикација на корисниците, заштитата на средствата на корисниците, информирањето на корисниците на платежни услуги, како и актуелните регулаторни и супервизорски прашања.

Според Народната банка, размената на конкретни примери и искуства од супервизорската работа треба да придонесе за натамошно унапредување на домашните практики за надзор, особено во услови на брз развој на платежниот сектор и појава на нови платежни услуги и деловни модели.

Соработката со Хрватската народна банка ќе продолжи и во наредниот период преку дополнителни активности за размена на практични знаења и зајакнување на капацитетите во областа на супервизијата над платежните услуги.

Продолжи со читање

Банки

Британските банки првпат префрлија токенизирани депозити меѓу различни банки

Објавено

на

Водечките британски банки ги реализираа првите трансакции со клиенти во кои токенизирани депозити биле префрлени меѓу различни финансиски институции преку заедничка дигитална инфраструктура. Станува збор за значаен чекор во примената на блокчејн и програмски платежни технологии во секојдневното банкарство.

Трансакциите се спроведени во рамки на иницијативата „Great British Tokenised Deposit“, координирана од UK Finance, во која учествуваат Barclays, HSBC UK, Lloyds Banking Group, Monzo, Nationwide, NatWest и Santander. Платформата е развиена од технолошката компанија Quant.

Во првата фаза биле реализирани две трансакции поврзани со рефинансирање станбени кредити. Средствата биле привремено „заклучени“ на сметките на клиентите и автоматски ослободени по исполнување на условите за завршување на трансакцијата, со што се намалуваат рачните проверки и можните доцнења при порамнувањето.

Технологијата овозможува средствата да останат на сметката на клиентот сè до моментот на реализација на трансакцијата, што значи дека клиентот може да продолжи да добива камата додека парите чекаат пренос.

Во рамки на проектот бил тестиран и модел за плаќање при купопродажба преку онлајн платформи. Парите на купувачот се задржуваат на неговата сметка и се префрлаат на продавачот дури откако ќе биде потврдено дека производот е предаден, што може да го намали ризикот од измама.

Токенизираните депозити не се криптовалута, туку дигитална форма на класичните банкарски депозити. Тие ги задржуваат правната и регулаторната заштита на традиционалните депозити, но овозможуваат плаќањата да бидат програмирани и автоматски да се извршат кога ќе се исполнат однапред утврдени услови.

Според UK Finance, пошироката примена на ваквиот модел би можела да донесе побрзи и поефикасни плаќања, поголема контрола на клиентите врз средствата и намален ризик од измами. Сепак, станува збор за пилот-проект, а услугата засега не е достапна за сите корисници.

Во следната фаза се планира тестирање на порамнување дигитални средства, при што банките ќе испробаат и издавање дигитални должнички инструменти што ќе се тргуваат и порамнуваат со користење токенизирани депозити.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange