Осигурување
Пазарот на животно осигурување со силен раст во 2025 година! Кој го движи?
За пазарот на животно осигурување 2025 беше година на забрзување. Шесте компании на овој пазар ја завршија 2025 година со вкупна бруто полисирана премија од 3,19 милијарди денари, наспроти 2,89 милијарди во 2024, што претставува раст од 10,2%.
Притоа, овој раст најмногу се должи на силниот раст oд 28,5% на животното осигурување комбинирано со удели во инвестициски фондови, а тоа во апсолутен износ значи од 794,4 милиони во 2024 на 1,02 милијарди денари во 2025 година. Класичното животно осигурување има умерен раст од 3,3%, од 2,10 милијарди денари во 2024 на 2,17 милијарди денари во 2025.
Табела 1 – Рангирање според пазарен удел и премија
| Компанија | Вкупна полисирана премија | Пазарен удел |
| КРОАЦИЈА Осигурување – Живот | 937,9 млн. ден. | 29,4% |
| Триглав Осигурување Живот | 666,6 млн. ден. | 20,9% |
| ВИНЕР ЛАЈФ (VIG) | 642,5 млн. ден. | 20,14% |
| ГРАВЕ | 537,8 млн. ден. | 16,86% |
| СИГАЛ ЛАЈФ | 358,8 млн. ден. | 11,25% |
| ПРВА ЖИВОТ | 46,3 млн. ден. | 1,45% |
(податоците се од Агенција за супервизија на осигурување)
Трите водечки компании Кроација Живот, Триглав Живот и Винер лајф заедно држат 70,4% од пазарот, што е малку повеќе од 69,1% во 2024, што значи дека пазарот останува концентриран. Во однос на вкупната полисирана премија, најбрзо расте Прва Живот (129%), но врз основа на ниска база. Следуваат Кроација Живот со раст од 13,7%, Сигал лајф (13,1%), Триглав Живот (12,6%), Винер лајф (10,0%) и Граве (-3,2%). Во однос, пак, на пазарниот удел најмногу го зголемиле Кроација Живот (0,89 п.п.), Прва Живот (0,75 п.п.) и Триглав Живот (0,44 п.п.), додека најмногу изгубил Граве (-2,34 п.п.)
Во класично осигурување живот, Кроација Живот има најголема вредност на бруто полисираната премија во вкупен износ од 724,9 милиони денари. Следуваат Триглав Живот со 478,2 милиони денари и Граве со 439,1 милиони денари. Потоа доаѓа Винер лајф со 261 милион денари, па Сигал со 239,7 милиони денари. Последна е Прва Живот со само 25,8 милиони денари. Полисите за традиционалното осигурување живот остануваат база на пазарот, но бележат умерен раст. Мотор на растот на бизнисот е категоријата „удели во инвестициски фондови“, каде на чело е Винер лајф со вкупна полисирана премија од 381,5 милиони денари. Потоа се Кроација Живот со 213 милиони денари и Триглав Живот со 188,4 милиони денари. Сигал бележи вкупна премија во оваа категорија од 119,1 милион денари, а Граве од 98,7 милион денари, додека Прва Живот има само 20,4 милиони денари.
Во број на склучени договори, заклучно со последниот квартал, 2025 година заостанува зад 2024. Вкупниот број на ниво на цел сектор за животно осигурување е намален од 95.023 во 2024 на 34.055 во 2025. Ова најмногу се должи на рекордот на Триглав Живот во 2024, кој изнесува 74.245 склучени договори. Во минатата година, најмногу склучени договори за полиси за осигурување живот има Сигал лајф (17.533). Триглав Живот со 5.872 и Кроација Живот со 5.883 договори се во тесна трка.
Во 2025, бруто вредноста на исплатените (ликвидирани) штети достигна 1,22 милијарди денари, наспроти 1,05 милијарди во 2024, што е раст од 16,5%. Најголем износ бележи Кроација Живот 516,2 милиони денари. Следува Граве со ликвидирани штети во вредност од 273,6 милиони денари. На трето место е Триглав Живот со 194,8 милиони денари, а на четврто Винер лајф со 156,7 милиони денари.
Нерешените штети се намалени од 692 во 2024 на 606 во 2025 година, додека штетите во судски спор се намалени од 14 на 9. Бројот на одбиени штети расте од 284 на 340.
На ниво на пазар, вкупниот капитал за една година порасна од 2,50 милијарди денари на 2,74 милијарди денари, што е раст од 9,5%. Маргината на солвентност е зголемена од 670,9 милиони денари на 737,2 милиони денари (+9,9%). Кога растот на премијата е поддржан со раст на капиталот, тоа е добар знак за стабилноста на овој сектор.
Оваа година се очекува да покаже дали растот на инвестицискиот сегмент ќе продолжи со исто темпо и како компаниите ќе го балансираат растот со профитабилноста и ефикасноста.
Рамка
Што велат во компаниите за осигурување живот?
Ги прашавме компаниите:
- Дали во 2025 година граѓаните повеќе размислуваа за финансиска сигурност и животно осигурување? Како ја оценувате годината од аспект на продажба и интерес?
- Каков профил на клиенти најчесто склучуваше полиса за животно осигурување во 2025 година – млади, семејства, лица пред пензија – и дали забележувате промени во навиките на граѓаните кога станува збор за долгорочно штедење и финансиска заштита?
- Дали класичното животно осигурување и понатаму е најбаран производ во споредба со инвестициското осигурување и полисите со штедна компонента? Што најмногу ги мотивира клиентите при изборот на ваков тип производ?
- Какви се Вашите очекувања за 2026 година? Дали очекувате раст на пазарот на животно осигурување и кои фактори најмногу ќе влијаат врз одлуката на граѓаните да инвестираат во ваков вид финансиска заштита?
Граве Осигурување: Младите сè почесто избираат животно осигурување
Во 2025 година забележавме продолжување на веќе растечкиот тренд кај осигурувањето на живот, при што особено се издвојува зголемениот интерес за информирање и запознавање со различните опции што им се достапни на осигурениците. Ова укажува на постепено созревање на пазарот – клиентите не носат импулсивни одлуки, туку вложуваат време во разбирање на производите. Дополнително, влијание имаат и глобалните економски неизвесности, инфлацијата и зголемената свесност за личните финансии, што ги поттикнува граѓаните да бараат долгорочни решенија за заштита и штедење.
Анализата на податоците од продажбата покажува дека најголем дел од клиентите се млади лица и штотуку формирани семејства. Интересно е што значителен дел од нив доаѓаат од ИТ индустријата, што може да се поврзе со нивната изложеност на глобални финансиски трендови, каде осигурувањето на живот се смета за стандардна алатка за управување со ризик и долгорочно планирање.
Во однос на навиките, забележуваме неколку важни промени:
• Клиентите започнуваат со осигурување на помлада возраст
• Се зголемува интересот за комбинирани производи (заштита + штедење)
• Се носат поинформирани одлуки, често по детална споредба на производи
Ова укажува на постепено преминување од реактивно кон проактивно финансиско планирање.
Со години, во нашата компанија најголема побарувачка имаше за производите за традиционално осигурување на живот со штедна компонента. Тоа се производи каде што вложувањата на штедниот дел ги управува нашата компанија и средствата се вложуваат во стриктно пропишани категории согласно законската и подзаконската регулатива во областа на осигурувањето.
Во последните години, овој тренд се менува и побарувачката расте за производи за осигуруввање на живот со штедна компонента која се инвестира во инвестициски фондови (или познато кратко како јунит линкд осигурување). За илустрација, БПП кај традиционалното осигурување на живот (класа 19) во 2018 учестувало со 90% во вкупната премија за осигурување на живот, а во 2025 со 68%.
Кај јунит линкд осигурувањето, штедниот дел од средствата на осигурениците се вложува во отворени инвестициски фондови, во зависност од одбраниот осигурителен производ. Овие производи се направени во соработка со Друштвата за управување со инвестициски фондови и вложувањата во нив носат различен степен на ризичност. Главна карактеристика им е дека вложувањата се повеќе или помалку волатилни и зависат од многу надворешни фактори. Во актуелниот глобален контекст, со зголемена геополитичка и економска неизвесност, оваа волатилност е особено изразена.
Од тие причини, ние секогаш на нашите клиенти им советуваме првенствено да го имаат предвид основниот концепт на производот осигурување на живот, а тоа е да пружи заштита на корисниците на осигурување, пред заработката.
Очекуваме трендот на раст на пазарот на осигурување на живот да продолжи. Покрај самите предности кои ги носи осигурувањето на живот како мотив за инвестирање во овој вид финансиска заштита, сметаме дека од големо значење е факторот на квалитетна продажба, каде што потенцијалните осигуреници ќе ги добијат вистинските информации за да доднесат информирана одлука. Покрај тоа, сметаме дека на понатамошниот развој на пазарот на осигурување на живот ќе влијае и вовоедувањето на даночни стимулации.
Винер Лајф: Даночните стимулации се услов за раст на пазарот на животно осигурување
Ако разгледуваме подолг период од 10-15 години, секако може да се забележи позитивен тренд во размислувањето на граѓаните за финансиската сигурност и животното осигурување. Меѓутоа, ако ја анализираме изолирано само 2025 година, не може да се каже дека има некаков позначаен исчекор напред.
Во текот на 2025 година продажбата на полиси за животно осигурување на ниво на целиот пазар бележи мало зголемување, но тоа не е доволно за да има позначително влијание врз развојот на животното осигурување во Македонија.
За да се постигне позначаен исчекор во развојот на оваа индустрија, неопходно е и државата да го постави животното осигурување во рамноправна положба со останатите финансиски институции и да овозможи одредени даночни олеснувања. Такви поволности веќе постојат кај други финансиски институции, како што се банките, пензиските фондови од третиот столб и инвестициските фондови.
Иако во нашето портфолио се застапени клиенти од сите старосни групи, сепак најголем дел од осигурениците се на возраст од 30 до 55 години.
Кога станува збор за навиките, забележливо е дека младите луѓе, особено оние на возраст помеѓу 20 и 30 години, сè полесно го прифаќаат концептот на животно осигурување и сè почесто се одлучуваат својата финансиска сигурност да ја обезбедат преку некој од производите за животно осигурување.
Ако ги анализираме само новосклучените договори во 2025 година, може да се каже дека нашите клиенти покажуваат најмал интерес за класичното животно осигурување со штедна функција.
Најголем интерес има за unit-linked производите, или како што вие го нарекувате инвестициско осигурување.
Воедно, значаен раст во 2025 година, како и во претходните години, бележи и осигурувањето поврзано со банкарските кредити. Дополнително, на пазарот на животно осигурување во 2025 година беше забележлив и тренд на пораст на полиси со еднократна уплата на премија.
Исклучително е неблагодарно да се прават прецизни предвидувања за 2026 година, имајќи ги предвид бројните геополитички случувања во светот.
Наше предвидување е дека, кога станува збор за новосклучените полиси, нивниот број ќе се движи во рамките на остварувањата од 2025 година, додека вкупната бруто полисирана премија за животно осигурување на нашиот пазар ќе бележи раст помеѓу 5% и 10%.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Осигурување
Колку заработуваат осигурителните компании? Зошто растот на премиите не значи автоматски поголема добивка
Финансиските резултати на осигурителните компании претставуваат еден од најважните показатели за состојбата на домашниот осигурителен пазар, но нивното толкување бара поширока анализа од едноставно споредување на наплатените премии. Агенцијата за супервизија на осигурување на 7 септември 2026 година го објави извештајот за работењето на осигурителните друштва во првата половина од годината, заедно со агрегирани податоци за животното и неживотното осигурување.
Овие извештаи овозможуваат да се анализираат повеќе аспекти од работењето на осигурителниот сектор, меѓу кои обемот на склучените договори, бруто полисираната премија, исплатените штети и финансиските резултати на компаниите.
За осигурителниот пазар, растот на бруто полисираната премија е важен показател за обемот на работењето, но сам по себе не покажува дали осигурителната компанија остварува повисока добивка.
Причината е што осигурителните компании имаат обврска да исплаќаат штети, да формираат технички резерви и да покриваат оперативни трошоци, додека дел од ризиците можат да бидат пренесени на реосигурителни компании.
Поради тоа, финансиската успешност треба да се оценува преку повеќе показатели, вклучувајќи го односот меѓу штетите и премиите, трошоците за работење, резултатите од инвестирањето и капиталната позиција.
Особено значајна е разликата меѓу животното и неживотното осигурување. Кај неживотното осигурување, финансиските резултати можат значително да зависат од бројот и вредноста на настанатите штети, додека кај животното осигурување поголемо значење имаат долгорочните договорни обврски, резервите и инвестициските резултати.
За граѓаните, профитабилноста на осигурителната компанија не е единствениот критериум при изборот на полиса. Важно е да се земат предвид финансиската стабилност, условите на осигурување, исклучувањата од покритието и начинот на решавање на барањата за надомест на штета.
За компаниите што купуваат осигурителна заштита, особено во сегментите на имот, одговорност и деловни ризици, важно е да постои јасна врска меѓу платената премија и обемот на преземеното осигурително покритие.
Податоците што ги објавува АСО претставуваат основа за подлабока споредба на осигурителните друштва, но за утврдување на точните пазарни удели и промените во профитабилноста потребна е обработка на финансиските табели за првата половина од 2026 година и нивна споредба со истиот период минатата година.
Редакција Банкарство
Осигурување
Марко Јазбец доби нов петгодишен мандат на чело на Сава Ре
Надзорниот одбор на Сава Ре повторно го именуваше Марко Јазбец за претседател на Управниот одбор на компанијата, доверувајќи му нов петгодишен мандат. Со оваа одлука се обезбедува континуитет во управувањето со Сава Ре и Сава Осигурителната Групација во период кога се подготвуваат новите стратешки развојни насоки.
Како што информираат од Сава Осигурување, одлуката за повторното именување е донесена по позитивната оценка на Надзорниот одбор за досегашното работење на Јазбец и неговото раководење со компанијата и групацијата.
Според оценката на Надзорниот одбор, Јазбец успешно ја водел компанијата во сложено меѓународно опкружување, проследено со геостратешки неизвесности и бројни предизвици на осигурителните, реосигурителните и меѓународните финансиски пазари.
Повторното именување доаѓа во период кога Сава Осигурителната Групација работи на подготовка на нов стратешки план за следните пет години. Во таа насока, континуитетот во управувањето се оценува како значаен предуслов за ефикасно планирање и реализација на долгорочните развојни цели и стратешки проекти.
Од компанијата посочуваат дека со продолжувањето на мандатот на Јазбец се создаваат услови за стабилност во раководењето и доследно спроведување на идните деловни и развојни активности на Сава Ре и на целата осигурителна групација.
Од Сава Осигурување му упатија честитки на Јазбец за повторното именување, со желби за успешно раководење со компанијата во наредниот петгодишен период.
Осигурување
АСО побара дополнителни појаснувања од Евроинс: Што се случува со полисите склучени преку осигурителен брокер во стечај?
Агенцијата за супервизија на осигурување побарала дополнителни појаснувања од Евроинс Осигурување АД Скопје, откако до регулаторот пристигнале реакции од осигуреници кои добиле известувања поврзани со полиси склучени преку Осигурително брокерското друштво СН Осигурителен брокер АД Битола, кое се наоѓа во стечај.
Според објавеното известување на АСО, регулаторот побарал од осигурителната компанија дополнително да ги разјасни информациите доставени до осигурениците и дал насоки за правилно, точно и целосно информирање, со цел заштита на нивните интереси во согласност со законските прописи.
Случајот отвора важно прашање за правата на клиентите кога осигурителниот посредник преку кој е склучена полисата престанува да работи или влегува во стечајна постапка. За осигурениците, најважно е да постои јасна разлика меѓу улогата на брокерот, кој посредува при склучување на договорот, и улогата на осигурителната компанија, која ги презема договорните обврски согласно издадената полиса.
Стечајот на посредникот сам по себе не треба да се поистоветува со автоматски престанок на сите полиси склучени преку него. Правниот статус на конкретниот договор зависи од условите на полисата, исполнувањето на договорните обврски и релевантните законски одредби.
Токму затоа, точноста на информациите што ги добиваат осигурениците има особено значење. Секоја нејасна комуникација може да создаде неизвесност околу важноста на покритието, начинот на пријавување штета или понатамошното исполнување на обврските од договорот.
Од аспект на осигурителниот пазар, ваквите случаи ја нагласуваат потребата од поголема транспарентност во односите меѓу осигурителните компании, посредниците и клиентите. Довербата во осигурувањето не зависи само од цената на полисата, туку и од сигурноста дека клиентот ќе добие точна информација и соодветна заштита кога ќе настане осигурен случај.
За граѓаните кои добиле вакви известувања, најважно е да побараат писмено појаснување за статусот на нивната полиса, да ја проверат документацијата и, доколку сметаат дека нивните права се повредени, да ги искористат достапните механизми за поднесување претставка.
Објавената реакција на АСО претставува конкретен пример за значењето на супервизорската улога на регулаторот во заштитата на осигурениците и обезбедувањето правилно функционирање на осигурителниот пазар.
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии
-
Банкипред 2 месециХалкбанк започна со исплата на августовските пензии
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Самоил Крстевски | Сопственик на маркетинг агенција Media Lab Solution
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка нема да работи на 28 август поради празникот Голема Богородица





