Останато
Иднината на дигиталните плаќања доби нови автори – Иуте ги прогласи победниците на IutePay студентскиот иновациски предизвик
Како изгледа иднината на дигиталните плаќања кога идеите ги создаваат младите генерации?
Одговорот го дадоа студентите кои беа дел од првиот IutePay студентски иновациси предизвик– иницијатива на Иуте Македонија која ги поврза академската заедница и индустријата, отворајќи простор младите да креираат решенија за реални бизнис предизвици.

Во изминативе недели, студентски тимови од повеќе високо-образовни институции низ земјава работеа на развој на иновативни концепти за лансирање на IutePay – новиот дигитален паричник на Иуте. Нивните идеи беа резултат на истражување, тимска работа, креативно размислување и желба да понудат решенија што ќе одговорат на потребите на новата генерација корисници.

По првичната презентација на решенијата, беа избрани 10 храбри тимови и решенија кои излегоа надвор од комфор зоната, со што започна и јавниот дел од предизвикот. Специјално креираната платформа за онлајн гласање овозможи јавноста да ги поддржи своите фаворити, а за време на гласањето беше посетена повеќе од 50.000 пати, генерирајќи илјадници интеракции.
И конечно…победниците:
🥇 ГенВоЗен – Факултет за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), УКИМ-Скопје
🥈 УМО – Brainster Next College
🥉 TripleFun – Економски факултет, УКИМ-Скопје
“Вечерва не наградивме само три тима. Прославивме генерација млади луѓе кои имаат храброст да создаваат, да иновираат и да ја обликуваат иднината. Целта на иницијативата беше многу повеќе од избор на победничка идеја. Таа беше создадена за да им дадеме простор на младите да размислуваат поинаку, да предизвикаат статус кво и да покажат дека иднината се создава со храброст, знаење и визија“, истакнаа од Иуте.
На завршниот настан, покрај официјалното прогласување на победниците, трите најдобри тимови ги претставија своите идеи пред присутните гости, претставници од академската заедница, партнери и медиуми.

Вистинскиот успех на овој предизвик е создавањето на простор каде идеите добија сцена, додека соработката помеѓу академијата и индустријата доби нова димензија.
Иуте континуирано инвестира во дигитализација, иновации и создавање на нови искуства за корисниците.
Но, исто толку важна е и инвестицијата во луѓето кои ќе ја креираат иднината.
Затоа, IutePay студентскиот иновациски предизвик е само почеток на приказна која има за цел да инспирира нови генерации млади иноватори.
Иуте упатува голема благодарност до сите тимови, соработници, партнери и членови на академската заедница кои беа дел од оваа приказна изминативе месеци.
“Вашите идеи, енергија, ентузијазам и храброст се причината поради која веруваме дека најдоброто допрва доаѓа”, посочија од тимот на Иуте.
Останато
Дигиталното евро влегува во завршната фаза од преговорите во ЕУ
Европскиот парламент и владите на земјите членки на Европската Унија влегуваат во завршната фаза од преговорите за воведување на дигиталното евро, при што меѓу најчувствителните прашања се распределбата на надоместоците и компензацијата за банките и давателите на платежни услуги.
Европскиот парламент во четвртокот во Стразбур ја потврди својата преговарачка позиција, со што европратениците добија зелено светло да ги започнат разговорите со земјите членки за начинот на кој ќе функционира дигиталното евро.
Дигиталното евро ќе претставува електронска форма на пари на централната банка, издадена и гарантирана од Европската централна банка. Неговата цел е да ги надополни готовината и постојните банкарски услуги, а не целосно да ги замени.
Корисниците ќе можат да чуваат дигитални евра во посебен електронски паричник, со ограничување на максималниот износ, кое допрва треба да биде утврдено.
Системот е предвидено да овозможува плаќања преку интернет, но и плаќања без интернет-врска. Се најавува и високо ниво на приватност, при што Европската централна банка нема да може директно да ги идентификува корисниците преку податоците од нивните трансакции.
ЕЦБ ќе ја обезбедува основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и давателите на платежни услуги ќе им ги нудат услугите со дигитално евро на граѓаните.
Според извори вклучени во преговорите, најсложено ќе биде усогласувањето на моделот за компензација, односно кои финансиски институции ќе добиваат надомест, во колкав износ и на кој начин.
Преговорите ќе се водат и за распределбата на надоместоците во платежниот синџир. Се очекува трговците да плаќаат пониски провизии од оние што моментално ги плаќаат при трансакции со платежни картички.
Најинтензивниот дел од преговорите се очекува во текот на есента, а конечното одобрување на регулативата се предвидува до крајот на годината.
Според сегашните планови, пилот-програмата треба да започне во 2027 година, додека дигиталното евро би можело да стане достапно за секојдневни плаќања од 2029 година.
Останато
УЈП: Реформите се дел од европската даночна агенда, институцијата доби меѓународни признанија
Управата за јавни приходи соопшти дека реформите што се спроведуваат во институцијата во изминатите две години не се само национален процес, туку се дел и од европската даночна агенда.
Во објавата на УЈП, посветена на периодот од јули 2024 до јуни 2026 година, се наведува дека институцијата остварила значајни резултати во областа на меѓународната соработка и институционалната афирмација.
Како едно од најзначајните признанија се истакнува претседателството со Интра-европската организација на даночни администрации, IOTA, за периодот 2026-2027 година. Претходно, УЈП била и член на Извршниот совет на IOTA за периодот 2025-2026 година.
Од Управата посочуваат и дека преку програмата „Fiscalis“ добиле признание како една од најактивните даночни администрации меѓу земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Европската Унија.
УЈП за првпат била поканета и активно учествувала и на европскиот самит на даночни администрации TADEUS, што, според институцијата, претставува уште една потврда за зголемената меѓународна видливост.
Во изминатиот период, Управата ја зајакнала и соработката со даночните администрации во регионот и пошироко, преку потпишување меморандуми и институционални поврзувања за размена на искуства и добри практики.
УЈП била домаќин и на два меѓународни настани со учесници од повеќе европски даночни администрации: Заедница на практики организирана од ММФ и работилница организирана од IOTA.
Од институцијата наведуваат дека нивната долгорочна цел е УЈП да биде активен учесник во креирањето политики на европските даночни администрации.
Останато
Вештачката интелигенција открива кои ставови најмногу укажуваат на склоност кон корупција кај јавните службеници
Истражувачи од Виенскиот универзитет за економија и бизнис, со помош на вештачка интелигенција, анализирале кои фактори најмногу ја предвидуваат склоноста кон корупција кај јавните службеници низ светот. Според резултатите, личните ставови кон демократијата, конкуренцијата и лидерството се поважни показатели од образованието или приходите.
Досегашните истражувања за причините за корупцијата најчесто се фокусирале на институционални, демографски и културни фактори, како и на разликите меѓу државите. Но, прашањето колку индивидуалните вредности и ставови влијаат врз подготвеноста на државните службеници да оправдаат коруптивно однесување досега ретко било систематски анализирано.
Истражувачите Мориц Шмид и Јирген Вилемс од Виенскиот универзитет за економија испитувале во која мера склоноста кон корупција може да се предвиди врз основа на личните ставови на службениците и кои фактори имаат најголемо влијание.
„Нашите резултати ја доведуваат во прашање широко распространетата претпоставка дека приходите или образованието се најдобрите показатели за склоност кон корупција. Наместо тоа, најважни се вредностите и ставовите“, вели Мориц Шмид од Институтот за јавен менаџмент и управување.
Особено значајно е што, според анализата, силната ориентација кон демократски вредности е поврзана со помала склоност кон корупција.
Истражувањето се заснова на податоци од 18.000 јавни службеници од 90 земји, кои одговарале на прашања поврзани со културни вредности и ставови за семејството, религијата, општествената толеранција и довербата во институциите.
Податоците не се однесуваат на реални случаи на корупција, туку на ставовите на испитаниците за тоа дали сметаат дека се оправдани практики како давање мито, затајување данок или незаконско користење државни бенефиции.
„Коруптивното однесување е многу тешко да се набљудува на индивидуално ниво. Затоа ги користиме ставовите како мерлив показател за склоност кон корупција“, објаснува Шмид.
Покрај класичните регресивни модели, истражувачкиот тим применил и повеќе методи на објасниво машинско учење. Овие модели не само што овозможиле поголема прецизност во предвидувањето, туку и систематско споредување на значењето на повеќе од 100 потенцијални фактори што можат да влијаат врз склоноста кон корупција кај јавните службеници.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Бизниспред 2 месециДизелот од полноќ поевтинува за 4 денари
-
Банкипред 2 месециХалкбанк со кредитна линија за поддршка и развој на одржлива земјоделска активност во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ)
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 1 месецХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 1 месецАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 1 месец
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 1 месецКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни

