Connect with us
no baners

Бизнис

ИУТЕ Македонија ќе издаде корпоративна обврзница вредна 3 милиони евра

Објавено

на

Компанијата Iute Group преку својата македонска подружница ИУТЕ Кредит Македонија ќе издаде корпоративна обврзница во вредност од 3 милиони евра, откако Комисијата за хартии од вредност на Северна Македонија ја одобри јавната понуда.

Станува збор за прво издавање обврзници на компанијата на македонскиот пазар на капитал. Според одобрениот план, ќе бидат издадени 30.000 корпоративни обврзници со номинална вредност од по 100 евра.

Средствата собрани преку издавањето ќе бидат наменети за оптимизирање на трошоците за финансирање, диверзификација на изворите на средства и проширување на капиталната база на компанијата.

Обврзниците ќе носат фиксна годишна каматна стапка од 8,5 проценти во текот на целиот рок на нивното доспевање.

ИУТЕ е финтек и микрокредитна компанија со седиште во Талин, специјализирана за потрошувачки кредити без обезбедување и кредити обезбедени со возила. Освен во Северна Македонија, групацијата работи и во Бугарија, Молдавија и Албанија.

Со овој потег, компанијата се приклучува на растечкиот број финансиски институции кои го користат домашниот пазар на капитал како извор за обезбедување дополнителни средства за развој и проширување на своите активности.

Бизнис

Финансиските друштва пред нови правила: Кредитите ќе се исплаќаат само на трансакциска сметка

Објавено

на

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за финансиските друштва со кои се предвидува заострување на контролите и воведување нови правила за работа на овие компании.

Според најавите, една од клучните промени е укинувањето на можноста кредитните средства да се исплаќаат во готовина. Во иднина, исплатата на кредити ќе се врши исклучиво преку банкарска сметка, со цел да се обезбеди поголема транспарентност и следливост на финансиските трансакции.

Предложените измени предвидуваат и формирање задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик и надзорен одбор. Дополнително, отворањето нови деловни простории ќе биде условено со претходна согласност од Министерството за финансии и исполнување на пропишани критериуми.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законските измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени слабости и недоречености во постојната регулатива.

Таа посочи дека дел од контролите откриле неправилности во работењето на одредени финансиски друштва, а во поединечни случаи биле преземени и санкции, вклучително и одземање лиценци. Како што нагласи, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните.

Со новите законски решенија, Министерството за финансии очекува да се зајакне надзорот врз секторот и да се воспостават повисоки стандарди за работење на финансиските друштва.

Продолжи со читање

Бизнис

Бензините поевтинија, дизелот со повисока цена од полноќ

Објавено

на

Од полноќ на сила се новите цени на горивата, со кои бензините бележат намалување, додека дизелот поскапува.

Според новиот ценовник, ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава за 86 денари по литар, а цената на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 88 денари за литар. И двата бензина се поевтини за 2 денари во однос на претходните цени.

За разлика од нив, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поскапува за 1,50 денари и од денеска се продава по цена од 87 денари за литар.

Новите малопродажни цени стапија во сила од 00:01 часот.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП го претстави процесот за е-фактурирање: Дигитален систем за побезбедно и побрзо издавање фактури

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) го претстави начинот на функционирање на новиот систем за е-фактурирање, кој треба да овозможи поедноставен, побезбеден и целосно дигитализиран процес за издавање и прием на фактури.

Според презентираниот модел, процесот започнува со креирање на фактура од страна на издавачот во сопствениот систем или преку веб-портал. Потоа документот се потпишува со квалификуван дигитален сертификат и електронски се испраќа до системот на УЈП.

По приемот, системот автоматски врши валидација на фактурата, при што проверува дали се пополнети сите задолжителни полиња, дали документот е електронски потпишан и дали ги исполнува техничките услови. Доколку фактурата ги помине проверките, ѝ се доделува единствен идентификациски број (еИД), кој се смета за официјален момент на нејзино издавање и прием.

По успешната обработка, и издавачот и примачот добиваат известување дека е-фактурата е доставена и може да биде преземена.

PDF-документот ќе служи само како визуелен приказ за преглед, печатење или интерна евиденција, додека правно валиден документ ќе биде единствено електронската фактура во пропишаниот формат со доделен еИД. Дополнително, секој печатен PDF ќе содржи QR-код преку кој ќе може веднаш да се провери валидноста на фактурата на веб-страницата на УЈП.

Од институцијата оценуваат дека новото решение ќе придонесе за помодерна и поефикасна даночна администрација, усогласена со концептот Tax Administration 3.0, кој се темели на дигитализација, интероперабилност и подобрено корисничко искуство.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange