Берза
Енергетски шок во најава? Цените на нафтата остануваат високи и нестабилни, пазарите под силен притисок!
Цените на нафтата на светските берзи остануваат на високи нивоа, додека инвеститорите внимателно ги следат геополитичките тензии и нивното влијание врз глобалната енергетска понуда.
Суровата нафта „Брент“ се тргува околу 95 долари за барел, додека американската сурова нафта „WTI“ се движи околу 92 долари за барел.
Аналитичарите посочуваат дека пазарот е сè почувствителен на развојот на настаните на Блискиот Исток, како и на потенцијалните нарушувања во синџирите на снабдување со енергенси. Овие фактори директно влијаат врз очекувањата за глобалната понуда и стабилноста на пазарот.
Покачените цени на нафтата веќе создаваат притисок врз трошоците за транспорт, логистика и производство, што може да се пренесе и на повисоки цени за крајните потрошувачи и зголемен инфлаторен притисок.
Иако тековните нивоа се под историските рекорди од претходните енергетски кризи, аналитичарите предупредуваат дека нивото од околу 95 долари за барел претставува значаен праг кој може да влијае врз глобалните економски очекувања, особено доколку суровата нафта „Брент“ се доближи до границата од 100 долари.
Во наредниот период, фокусот на пазарите останува на геополитичките случувања, одлуките на големите производители на нафта и глобалната побарувачка, кои ќе го одредат понатамошниот тренд на цените.
Берза
Волстрит оптимист за Европа: Голдман Сакс ја крена прогнозата за раст на европските акции
Американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ ја зголеми својата 12-месечна цел за паневропскиот индекс STOXX 600 на 660 поени, нагласувајќи ја отпорноста на корпоративните приходи и покрај геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Новата проекција претставува потенцијален раст од околу 5,4% во однос на последното затворање на индексот од 626 поени. Истовремено, банката ги ревидираше нагоре и краткорочните цели – на 640 за три месеци и 645 за шест месеци.
Индексот STOXX 600 во мај забележа раст од 2,5% и се движи близу историски рекордни нивоа, и покрај притисокот од геополитичката неизвесност.
Од „Goldman Sachs“ посочуваат дека растот е поддржан од солиден номинален економски раст, позитивни ревизии во енергетскиот сектор, стабилни корпоративни маржи и засилен интерес поврзан со развојот на вештачката интелигенција.
Сепак, банката предупредува дека повисоките каматни стапки и инфлаторните притисоци остануваат ограничувачки фактор за понатамошен раст на пазарите.
Во анализата се наведува дека европските акции остануваат атрактивни за странските инвеститори поради вреднувањето и диверзификацијата, додека домашните инвеститори се повнимателни поради послабиот економски раст.
„Goldman Sachs“ прогнозира раст на заработката по акција од 10% во 2026 година и 5% во 2027 година за STOXX 600, иако очекува постепено забавување на динамиката поради повисоки трошоци за енергија.
Берза
РКЕ донесе одлука: Дизелот поевтинува за 6,5 денари по литар, најголем пад на цената во последните месеци
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе нова одлука за малопродажните цени на горивата, според која од полноќ значително поевтинуваат дизел горивото и екстра лесното масло за домаќинство, додека бензините бележат минимално поскапување.
Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 6,50 денари по литар. Од друга страна, бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 0,50 денари по литар.
Согласно новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по цена од 88 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 по 90 денари, додека цената на ЕУРОДИЗЕЛ ќе изнесува 85,50 денари за литар. Екстра лесното масло за домаќинство ќе чини 87,50 денари за литар.
Намалување бележи и мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 3,238 денари по килограм и ќе се продава по 47,906 денари.
Во меѓувреме, „ОКТА“ АД Скопје најави привремен попуст од 2 денари по литар за бензините од 95 и 98 октани, кој ќе важи во периодот од 2 до 16 јуни. Од компанијата посочуваат дека мерката е резултат на движењата на меѓународните пазари на нафта и континуираната координација со Владата, со цел ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и стопанството.
Попустот ќе биде достапен за сите трговци кои набавуваат бензин од „ОКТА“, оставајќи им можност поддршката да ја рефлектираат во крајните малопродажни цени за потрошувачите.
Берза
РКЕ денеска ги утврдува новите цени на горивата – Дизелот би можел да поевтини до 6,5 денари, бензините до 1,5 денари?
Возачите денеска ја очекуваат новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која ќе ги утврди малопродажните цени на нафтените деривати за наредниот период.
Во пресрет на одлуката, Владата соопшти дека мерката за намалена акциза на горивата останува во сила до 15 јуни, а дополнително е обезбеден и попуст од два денари по литар преку договор со ОКТА.
Според владините проценки, дизел горивото би можело да поевтини за околу 6,5 денари по литар, додека кај бензините се очекува намалување од приближно 1,5 денари по литар.
Од Владата оценуваат дека мерките имаат за цел да го намалат товарот врз граѓаните и компаниите, особено во секторите кои најмногу зависат од транспортот и енергенсите.
Потенцијалното намалување на цените би имало позитивен ефект и врз превозниците, земјоделците и стопанството во целина, како и врз одржувањето на ценовната стабилност во услови на глобални пазарни неизвесности.
Конечната одлука за новите малопродажни цени на горивата се очекува да биде објавена во текот на денот од страна на РКЕ.
-
Продуктипред 2 месециИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Останатопред 2 месеци
Управата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Продуктипред 1 месецУНИПлус флексибилна програма за лојалност на УНИБанка. Kористиш бројни бенефити, а не мора да ја префрлаш платата!
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање на кредити и гаранции (Back Office)
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Горан Ѓорѓиевски | Ценовен шок на хоризонтот: Од септември следува значително поскапување
-
Банкипред 1 месец
Стопанска банка АД – Скопје со план за исплата на дивиденда од над 16 милиони евра
-
Останатопред 2 месеци
Какво ќе биде работното време за Велигденските празници?
-
Бизниспред 1 месец
Македонски Телеком предлага повисока дивиденда за 2025 година


