Интервјуа
FinSight | Марјан Ристески: Акцизата на горивата под лупа, можно ново замрзнување на цените
Во услови на засилени глобални притисоци врз цените на енергенсите и растечка неизвесност поради геополитичките случувања, Владата разгледува нов сет на мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и стабилизирање на цените.
Во најновото издание на емисијата „FinSight“, заменик министерот за економија, Марјан Ристески, откри дека намалувањето на акцизата на горивата е една од опциите што сериозно се разгледуваат како следен чекор, доколку ценовните притисоци продолжат.
„Доколку има потреба, ќе интервенираме и во делот на акцизите. Целта е да се амортизира ударот врз граѓаните и компаниите“, истакнува Ристески.
Тој не ја исклучи ниту можноста за повторно воведување на мерки како замрзнување на цени и ограничување на маржи, особено доколку се утврди дека има неоправдан раст на цените од страна на трговците. Во таа насока, надлежните институции веќе вршат засилени контроли на терен.
Говорејќи за актуелната мерка за намалување на ДДВ за горивата од 18% на 10%, Ристески посочи дека таа има директен ефект врз намалувањето на малопродажните цени, но дека Владата внимателно ги следи движењата на светските берзи.
„Светот се соочува со раст на цените на нафтата, а неизвесноста поврзана со случувањата на Блискиот Исток дополнително влијае врз пазарите. Затоа мора да имаме подготвени повеќе сценарија“, додава тој.
Како една од можните дополнителни мерки, се разгледува и намалување на ДДВ на 5%, иако ваквата одлука би имала директни импликации врз буџетските приходи, кои би се намалиле за неколку милиони евра.
Во интервјуто се отвора и прашањето за ризикот од нов инфлаторен бран, особено во пресрет на празниците, кога традиционално расте потрошувачката. Ристески нагласува дека државата има механизми за интервенција, но и дека ќе се засилат санкциите за непочитување на Законот за нефер трговски практики.
Дополнително, тој посочува дека искуствата од претходните кризи помогнале институциите да реагираат побрзо и поефикасно, но предупредува дека глобалните фактори и понатаму ќе имаат силно влијание врз домашната економија.
„Најважно е да се реагира навремено и таргетирано, со мерки што ќе дадат реален ефект врз цените“, заклучува Ристески.
Целосното интервју е достапно на YouTube каналот на „Банкарство“.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Дигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
Македонскиот банкарски сектор во изминатите години поминува низ значајна трансформација, поттикната од дигитализацијата, променетите навики на клиентите и растечкиот интерес за нови форми на инвестирање. Во такви услови, банките сè повеќе се позиционираат како финансиски партнери кои, покрај традиционалните услуги, нудат пристап до современи инвестициски решенија и дигитални финансиски алатки.
Во најновото издание на емисијата FinSight, гостин е Беркан Имери, член на Управниот одбор на Халк Банка, една од најбрзорастечките банки на македонскиот пазар во последните години.
Во интервјуто, Имери говори за развојниот пат на банката, промените во финансиското однесување на граѓаните и компаниите, како и за предизвиците и можностите што ги носи новата економска реалност.
Посебен акцент е ставен на сè поголемиот интерес на домашните инвеститори за вложување во хартии од вредност на меѓународните пазари, тема која добива на значење во услови на глобализирани финансиски текови и потреба од диверзификација на инвестициите.
Во разговорот се анализираат и актуелните движења на каматните стапки на депозитите и кредитите, побарувачката за станбени кредити, како и најчестите причини поради кои граѓаните се задолжуваат.
Дополнително, Имери зборува за искористеноста на средствата од унгарската кредитна линија од страна на македонските компании, улогата на банките во поддршката на бизнис-секторот и можностите за понатамошен економски развој.
Во време кога дигиталните услуги стануваат стандард, интервјуто отвора и важни прашања поврзани со сајбер безбедноста, заштитата од финансиски измами и иднината на безготовинските плаќања. Дали мобилниот телефон ќе стане главна алатка за плаќање и дали класичните платежни картички постепено ќе ја губат својата улога се дел од темите на кои Имери дава свој осврт.
На крајот од разговорот, тој ги открива и стратешките приоритети на Халк Банка за следните пет години, визијата за понатамошен раст и позиционирање на банката во сè поконкурентна финансиска средина.
Целото интервју со Беркан Имери во FinSight можете да го проследите во продолжение.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
Филомена Пљакоска Аспровска во FinSight: Дали мобилниот телефон ќе стане нашиот единствен паричник?
Како изгледа иднината на плаќањата во време кога дигитализацијата и вештачката интелигенција сè повеќе го менуваат начинот на кој купуваме, плаќаме и управуваме со сопствените финансии?
На овие и на многу други актуелни прашања одговори дава Филомена Пљакоска Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на CaSys, во најновата епизода на поткастот FinSight, реализирана со поддршка на GEA – Алијансата за родова еднаквост при АЕТСМ.
Во разговорот се отвораат теми поврзани со улогата на CaSys во развојот на современата платежна инфраструктура во земјата, како и предизвиците и можностите што ги носи забрзаната дигитална трансформација на финансискиот сектор.
Дали мобилниот телефон постепено го заменува традиционалниот паричник? Се менуваат ли навиките на граѓаните кога станува збор за плаќањата и дали пластичната платежна картичка ќе остане дел од нашето секојдневие и во иднина? Ова се само дел од прашањата за кои се дискутира во интервјуто.
Пљакоска Аспровска зборува и за подготвеноста на македонското општество за безготовински плаќања, трендовите во користењето на платежните картички, како и за улогата на институциите во градењето поголема доверба кај граѓаните во дигиталните начини на плаќање.
Во фокусот на разговорот е и развојот на е-трговијата во Македонија. Каде се наоѓаме во споредба со земјите од регионот и со развиените европски пазари? Зошто дел од граѓаните сè уште се воздржани кога станува збор за онлајн купување и како можат подобро да се заштитат од злоупотреби и интернет измами?
Интервјуто обработува и теми поврзани со токенизираните плаќања, нивната безбедност и разликите во однос на традиционалните картични трансакции, како и очекувањата за тоа како ќе изгледаат плаќањата во следната деценија.
Дополнително, се разговара и за трансформацијата на банките во дигиталната ера, односно дали финансиските институции постепено стануваат технолошки компании, како и за активностите на Casys во областа на родовата еднаквост и намалувањето на разликите меѓу мажите и жените на работното место.
Новата епизода на FinSight е достапна на YouTube каналот на Банкарство.
Новинар: Наташа Мерсовска
Интервјуа
FinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток
Разговараме со Нина Ангеловска Станков по повод издавањето на нејзината прва книга „Ништо случајно“, во која се навраќа на професионалните и животните лекции што ги стекнала низ годините.
На прашањето дали денес би променила нешто во одлуките што ги носела, Ангеловска вели дека не се кае за ниту еден чекор.
„Од денешен аспект, за ништо не се каам. Секако дека некои работи сум можела да ги направам подобро, бидејќи верувам дека во животот секогаш можеме да направиме нешто подобро“, вели таа.
Според неа, најважно е чувството дека во секој момент го дала својот максимум.
„Главното чувство кое го имав и тогаш, а и сега додека ја пишував книгата, е дека сум го дала мојот апсолутен максимум во секоја дадена околност“, посочува Ангеловска.
Зборувајќи за периодот кога ја извршуваше функцијата министерка, таа признава дека искуството од приватниот сектор не секогаш било лесно применливо во политиката.
„Мислам дека во некои ситуации можев да бидам уште подипломатична на почетокот и потрпелива. Доаѓав од приватен сектор каде што работите се одвиваат многу побрзо и каде што, ако има аргументи, разговорот завршува и започнува реализацијата“, објаснува таа.
Но, политиката функционира по поинакви правила.
„Во политиката аргументот е само почетокот на разговорот“, вели Ангеловска.
Таа открива и една порака што ја добила кога стапила на функцијата министерка, а која останала како една од најважните животни лекции.
„Еден пријател ми напиша: ‘Пливај како делфин во морето на ајкули’. Мислам дека тоа е една од лекциите што ги научив“, заклучува Ангеловска во разговорот за FinSight.
-
Останатопред 2 месеци
Почна исплатата на средствата од МојДДВ за првиот квартал од 2026 година
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Колумнипред 2 месеци
Најважни менаџерски вештини во дигиталното деловно опкружување
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија

