Анализи
ММФ предупредува: Конфликтот со Иран ја засилува инфлацијата и ги нарушува глобалните синџири на снабдување
Меѓународен монетарен фонд предупредува дека конфликтот на Блискиот Исток има сериозни последици врз светската економија, со директно влијание врз инфлацијата, енергетските пазари и глобалната трговија.
Во најновата анализа, Фондот оценува дека станува збор за „глобален, но нерамномерно распределен шок“, кој се пренесува преку три главни канали, цените на енергијата, трговските текови и финансиските услови.
Особено се погодени синџирите на снабдување, при што се бележат прекини не само кај енергенсите, туку и кај клучни суровини. Пренасочувањето на танкерите и контејнерските бродови доведува до повисоки транспортни и осигурителни трошоци, како и до доцнење на испораките.
Дополнително, откажувањето на летови во важни центри во регионот на Заливот го отежнува меѓународниот транспорт и негативно влијае врз туризмот.
ММФ укажува дека нарушувањата во испораките на ѓубрива од кои значителен дел минува низ Ормускиот Теснец може да предизвикаат дополнителен притисок врз цените на храната. Како резултат, веќе се забележува раст на цените на ѓубривата и другите меѓупроизводи.
Ескалацијата на тензиите следува по нападите врз Иран на крајот на февруари, по што Техеран возврати со удари врз цели во регионот и го наруши поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец, една од клучните рути за глобалното снабдување со енергија.
Фондот оценува дека ваквите случувања ќе доведат до зголемени инфлаторни притисоци и забавување на економскиот раст на глобално ниво, при што интензитетот на ефектите ќе зависи од времетраењето и ширењето на конфликтот. Сепак, според ММФ, економските ризици веќе се во пораст.
Анализи
ФЕД: Монетарната политика е добро поставена и покрај ризиците од војната и инфлацијата
Претседателот на Федералната резервна банка на Њујорк, Џон Вилијамс, оцени дека актуелната монетарна политика на САД е соодветно поставена за справување со зголемените економски ризици, и покрај неизвесноста предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток.
Во обраќање на економски настан, Вилијамс истакна дека светот се соочува со „невообичаени околности“, но нагласи дека политиката на ФЕД е доволно флексибилна за да одржи рамнотежа меѓу целите за стабилност на цените и максимална вработеност.
Според него, војната на Блискиот Исток веќе има економски последици, особено преку раст на цените на енергенсите и нарушувања во синџирите на снабдување. Ова, како што посочи, најверојатно ќе доведе до зголемување на инфлацијата на краток рок.
„Значителниот раст на цените на енергијата ќе ја поттикне инфлацијата во наредните месеци“, рече Вилијамс, додавајќи дека дел од тие притисоци може да се намалат доколку дојде до смирување на конфликтот.
Тој не најави непосредни промени во каматната политика, но предупреди дека ризиците за економските цели се зголемени. Истовремено, истакна дека идните одлуки ќе зависат од економските податоци во наредниот период.
Во меѓувреме, финансиските пазари внимателно ги следат сигналите од ФЕД, при што дел од инвеститорите очекуваат можни намалувања на каматните стапки во текот на годината, иако инфлацијата останува над целното ниво од 2%.
Федералните резерви неодамна ја задржаа основната каматна стапка во опсег од 3,5% до 3,75%, со проекција за евентуално намалување во текот на 2026 година.
Вилијамс прогнозира дека економскиот раст ќе достигне околу 2,5% оваа година, додека инфлацијата може да се искачи до 2,75%, пред повторно да се врати кон целните 2% во 2027 година. Истовремено, се очекува постепено подобрување на состојбата на пазарот на трудот.
Анализи
„Колку се финансиски отпорни домаќинствата кредитокорисници кај банките и штедилниците во македонската економија“ тема на 57. сесија на Клубот на истражувачите
Во Народната банка се одржа 57. сесија на Клубот на истражувачите, платформа за презентација и разгледување научноистражувачки трудови на Народната банка, којашто ја поддржува научноистражувачката дејност во земјава во изминатите 13 години.
На оваа сесија беше претставен научниот труд „Анализа на финансиската ранливост на домаќинствата кредитокорисници кај банките и штедилниците во македонската економија“ од авторот Кирил Симеоновски.
Сесијата ја отвори директорката на Секторот за монетарната политика, истражување и статистика Султанија Бојчева-Терзијан, којашто истакна дека трудот обработува особено важна и актуелна тема – финансиската ранливост на домаќинствата кредитокорисници во македонската економија. Таа нагласи дека, имајќи ги предвид зголемената неизвесност, сѐ поголемите трошоци за живот и променливите финансиски услови, од особено значење е да се разбере способноста на домаќинствата за навремено отплаќање на нивните кредитни обврски. Овој аспект, како што посочи, е од суштинско значење не само за благосостојбата на секое домаќинство, туку и за одржувањето на стабилноста на целокупниот финансиски систем.
Главната цел на овој труд е да се изработи рамка за анализа на финансиската ранливост на домаќинствата во македонската економија коишто се корисници на кредитни производи од банките и штедилниците во земјата. Анализата се потпира на методологија којашто се заснова на пристапот на анализа на ранливоста од аспект на ликвидноста. Како мерки на ранливост се утврдени показателот ДСТИ (англ. debt service-to-income) и релативната финансиска маргина, при што праговите на ранливоста за двата показатела се определени врз основа на економската литература и домашната регулатива. Рамката нуди можности за анализа на финансиската отпорност на домаќинствата преку задавање макроекономски шокови и оцена на нивните ефекти врз солвентноста на ниво на македонскиот банкарски систем.
Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за презентирање труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето е од отворен карактер и повеќе информации за Клубот може да се најдат на следнава врска: https://www.nbrm.mk/klub_na_istrazhuvachi.nspx.
Следната сесија е планирана за јуни оваа година.
Анализи
Цената на златото повторно во подем, позитивните сигнали доминираат на пазарот
Цената на златото бележи нов раст и враќање на позитивниот тренд, откако се стабилизира над нивото од 4.500 долари, што ѝ овозможи да се ослободи од претходниот притисок и да добие нов импулс на пазарот.
Според најновата анализа, движењето се одвива во рамки на краткорочен корективен растечки бран, поддржан од релативно стрмна тренд-линија која дополнително ја зајакнува позитивната насока.
Техничките индикатори исто така укажуваат на поволна слика. Индексите на релативна сила покажуваат нови позитивни сигнали, откако пазарот успешно се ослободи од претходните услови на прегреаност, оставајќи простор за понатамошен раст.
Во исто време, на девизниот пазар, парот EUR/USD забележа пораст по стабилизацијата на нивото од 1,1445, што придонесе за делумно закрепнување од претходните загуби. Сепак, и понатаму е присутен негативен притисок, бидејќи курсот се движи под техничкиот просек EMA50, што укажува дека растот засега има корективен карактер.
Кај криптовалутите, биткоинот останува под притисок, движејќи се под клучното ниво на отпор од 67.500 долари. Анализите покажуваат дека негативниот тренд сè уште доминира на краток рок, со намалени изгледи за посериозно закрепнување во наредниот период.
-
Бизниспред 2 месециУЈП започна со исплата на повратот од „Мој ДДВ“ за четвртиот квартал 2025
-
Банкипред 2 месециДобра вест за акционерите: Комерцијална банка со 8% повисока дивиденда за 2025 година
-
Останатопред 2 месециАЛТА банка АД Битола со стабилна капитална позиција, но значителен пад на профитабилноста во транзициската 2025 година
-
Продуктипред 2 месециОтворете сметка во Халкбанк онлајн и добијте ваучер за гориво од Макпетрол
-
Бизниспред 2 месеци„Е-фактура“ го трансформира бизнисот во Македонија – помал административен товар, поголема дигитална ефикасност и контрола на даночните обврски
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка: Започна исплатата на пензиите за јануари 2026 година
-
Анализипред 2 месециПрофитот на најголемите македонски банки се броеше во милијарди денари – со колкав профит ја завршија 2025 година водечките три банки?
-
Продуктипред 2 месециГрупацијата Иуте го лансираше Iute Affinity – за целосно дигитални осигурителни решенија




