Анализи
Потенцијален конфликт со Иран би можел сериозно да ја погоди американската економија
Светската економија би можела да се соочи со сериозни последици доколку дојде до ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран, а најголем удар се очекува врз американската економија, покажуваат најновите анализи.
Според проценките, САД во моментов не се доволно подготвени да се справат со евентуален шок предизвикан од раст на цените на енергенсите и храната. Дополнителен ризик претставува и состојбата на финансискиот сектор, кој се смета за особено ранлив.
Клучен фактор е можноста за нарушување на глобалните енергетски текови, особено доколку дојде до блокада на Ормускиот теснец, преку кој поминува значителен дел од светската нафта и ѓубрива. Такво сценарио би можело да предизвика сериозни нарушувања на пазарите и дополнителен раст на цените.
Аналитичарите предупредуваат дека евентуални напади врз енергетската инфраструктура во регионот на Персискиот Залив дополнително би го продлабочиле кризниот ефект. Веќе се посочува на штети во секторот за течен природен гас, што може да има долгорочни последици врз снабдувањето.
Покрај енергетскиот шок, сериозна загриженост предизвикува и состојбата на американските финансиски пазари. Особено ризично се оценува брзорастечкиот пазар на приватни кредити, кој функционира надвор од традиционалниот банкарски систем и е тежок околу три трилиони долари. Експертите предупредуваат дека потенцијален пад во овој сегмент би можел да предизвика бран банкроти.
Дополнителен ризик претставуваат и високите вреднувања на акциите на американските берзи, кои според повеќе показатели се на историски максимум. Концентрацијата на вредноста во мал број технолошки компании, особено поврзани со вештачката интелигенција, ја зголемува опасноста од корекција или пукање на пазарен „балон“.
Во вакви услови, растот на каматните стапки дополнително ја усложнува ситуацијата. Зголемените стапки го отежнуваат рефинансирањето на долговите за компаниите и ја намалуваат атрактивноста на акциите за инвеститорите.
Американската централна банка засега ги задржа каматните стапки непроменети, но сигнализира дека инфлаторните притисоци растат. Финансиските пазари веќе очекуваат зголемување на каматите, наместо нивно намалување.
Во меѓувреме, јавниот долг и буџетскиот дефицит на САД продолжуваат да растат, а дополнителните воени трошоци поврзани со евентуален конфликт би можеле уште повеќе да ја влошат фискалната состојба.
Аналитичарите предупредуваат дека комбинацијата од енергетски шок, нестабилни финансиски пазари и зголемени каматни стапки може да доведе до нова економска криза, споредлива со онаа од 2008 година.
Анализи
Берзанските индекси на Волстрит без поголеми промени, Nasdaq повторно во плус
Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот завршија со мали промени, додека инвеститорите останаа внимателни поради растот на цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници.
Dow Jones ослабе за 0,3 проценти, на 51.349,98 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.704,13 поени. Nasdaq Composite, исто така, заврши речиси без промена, на 26.939,37 поени.
Притисок врз пазарите создадоа повисоките приноси на обврзниците и поскапувањето на нафтата, кои повторно ги засилија стравувањата од подолготрајни инфлаторни притисоци и построга монетарна политика на американската централна банка. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се искачи на околу 5,22 проценти.
Тргувањето во Азија во петокот исто така беше претпазливо, по мешаната сесија на Волстрит и продолжената неизвесност околу движењето на енергентите и каматните стапки.
Анализи
Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање
Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.
Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.
За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.
Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.
Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.
Може ли ваков модел и во Македонија?
Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.
Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.
Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.
За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.
Анализи
Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.
Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.
Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.
Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





