Connect with us
no baners

Банки

Народна банка: Претпазлива монетарна политика во услови на сѐ поголема светска неизвесност – каматната стапка е непроменета

Објавено

на

На 24 март 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На оваа седница, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на нивото од 4%. На аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 25 март, понудата ќе изнесува 36 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Досегашните измени во задолжителната резерва, макропрудентните мерки поврзани со критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, како и одлуките за управување со системските ризици, обезбедуваат дополнителна поддршка за претпазливата поставеност на монетарната политика.

Одлуката за монетарната политика се носи во услови на исклучително зголемена светска неизвесност и непредвидливост, предизвикана од неодамнешното избувнување на воениот конфликт на Блискиот Исток. Првичните ефекти се видливи преку нарушувањето на снабдувањето со нафта во светот и растот на цените на енергентите. Севкупните ефекти врз светската економија се условени од интензитетот и времетраењето на конфликтот на Блискиот Исток. Евентуалнотоподолго времетраење, како и проширување на воените дејства ќе предизвикаат подолготрајни нарушувања на пазарот на енергенти, посилно зголемување на нивните цени, пролонгирана неизвесност, раст на општото ценовно ниво и полоши економски изгледи. Во ваков контекст, ЕЦБ на последниот состанок за монетарната политика ја задржа истата каматна стапка, правејќи нагорна корекција на очекуваната инфлација и надолна на растот.

Во домашната економија, инфлацијата и натаму забавува во согласност со очекувањата, а годишната стапка на инфлација се сведе на 2,9% во февруари. Значително забавување бележи и базичната компонента на инфлацијата, којашто е послаба од очекувањата. Наспроти досегашниот поволен тренд кај домашната инфлација, ризиците околу нејзината идна динамика се зголемени. Тие се поврзани со последните воени случувања и прекините во снабдувањето со енергенти од земјите од Заливот. Пазарните оцени за цените на нафтата во следниот период се ревидирани поизразено во нагорна насока, на кус рок. Подолгорочните ефекти врз светските цени, а со тоа и врз домашната инфлација се условени од силината и времетраењето на воените дејства на Блискиот Исток.

На крајот на февруари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.558 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година што, според сите релевантни меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви, се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во 2025 година, надворешната позиција на економијата гледана преку билансот на плаќања беше подобра од очекувањата. Тоа е видливо преку повисокото ниво на девизните резерви на крајот на годината во однос на проекциите, што овозможува и подобра појдовна позиција за справување со шоковите. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, во јануари 2026 година, трговскиот дефицит главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Заклучно со февруари, остварувањата на менувачкиот пазар упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери, во споредба со проекциите за првиот квартал.

Во изминатата година, домашната економија се покажа генерално отпорна на неизвесното и променливо надворешно окружување и забележа забрзан економски раст, под влијание на домашната инвестициска активност, но и на солидниот извоз, а остварувањата се во согласност со проекциите. Така, економски раст од 3,8% беше забележан и во последниот квартал од 2025 година, со што растот за целата година изнесуваше 3,5%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година во моментов се ограничени за попрецизни согледувања. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, односно со зголемената неизвесност што произлегува од тековниот конфликт на Блискиот Исток. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.

Движењата во монетарниот сектор и натаму се солидни. Податоците за депозитите и кредитите на банките во февруари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките. Кредитната активност и натаму расте, но забавено, умерено над очекувањата за првиот квартал од годината.

Општо земено, Народната банка го задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици се особено изразени поради неизвесноста во однос на интензитетот и времетраењето на воениот конфликт на Блискиот Исток. Се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка внимателно ги следи сите случувања и редовно ги оценува ризиците од можните ефекти врз домашната економија и е подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да презема соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

Банки

мБанка на Комерцијална банка достапна 24 часа дневно

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје ги потсетува клиентите дека преку апликацијата мБанка можат да ги користат своите банкарски производи од кое било место и во кое било време.

Услугата е достапна 24 часа на ден и овозможува целосно независно користење на банкарските услуги, без оглед на работното време на Банката.

Од Комерцијална банка ги повикуваат корисниците да ја активираат мБанка и да добијат побрз и поедноставен пристап до своите банкарски производи преку мобилен телефон.

Продолжи со читање

Банки

Битолските бизниси добиваат поддршка за дигитални плаќања преку нова програма на Visa

Објавено

на

Visa, во партнерство со Министерството за дигитална трансформација, Халк Банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, ја стартува програмата „Вредноста на безготовинското плаќање Битола“, наменета за поддршка на микро, мали и средни претпријатија во градот.

Иницијативата има цел да го поттикне користењето на дигитални и безготовински плаќања кај локалните бизниси, како и да придонесе за поголема дигитализација на локалната економија. Конкурсот е отворен од 22 јуни и ќе трае до 31 август 2026 година.

Во рамки на програмата, бизнисите што ќе се пријават ќе можат да добијат Soft POS терминал без месечен надомест за одржување и без провизија по трансакција во период од три месеци од денот на инсталацијата. Дополнително, секој бизнис ќе добие Visa Business Debit картичка без годишна членарина во првите 12 месеци.

Пријавувањето се врши директно во локалните експозитури на Халк Банка и НЛБ Банка. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија кои сакаат да воведат или да го унапредат користењето на дигитални плаќања во своето работење.

Од Visa посочуваат дека дигиталните плаќања носат конкретни придобивки за компаниите. Според нивното B2B истражување за Северна Македонија, секое второ претпријатие кое вовело дигитални плаќања забележало раст на бројот на купувачи, додека 85 проценти од бизнисите оцениле дека ваквата промена им донела поголема вредност и профит.

„Нашата цел е да ги зајакнеме локалните бизниси, да го унапредиме корисничкото искуство и да придонесеме за понатамошно позиционирање на Битола како модерен, отворен и туристички атрактивен град“, изјави Ана Драшковиќ, потпретседателка и генерална директорка на Visa за Југоисточна Европа.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека дигитализацијата треба да носи практична корист за граѓаните и компаниите. Според него, безготовинското плаќање и Soft POS терминалите им овозможуваат на локалните бизниси поедноставен начин на работа, а на граѓаните побрза и посигурна услуга.

Од Халк Банка наведуваат дека преку иницијативата ќе продолжат да придонесуваат за развој на дигиталниот платежен екосистем, меѓу другото и преку нивната услуга Mobi POS. Од НЛБ Банка, пак, оценуваат дека ваквите решенија им помагаат на малите и средни претпријатија полесно да направат чекор кон дигитализација без дополнителен финансиски товар во почетната фаза.

Програмата е дел од пошироките активности на Visa за поддршка на дигитализацијата на локалната економија и за поттикнување на безготовинските плаќања во Северна Македонија.

Продолжи со читање

Банки

Тимот на Стопанска банка со повеќе награди на Бофосијада 2026 во Србија

Објавено

на

Тимот на Стопанска банка АД – Скопје оствари успешен настап на традиционалната, 24-та Бофосијада 2026, која се одржа во Република Србија, во конкуренција на банки од Балканот.

Претставниците на банката се вратија со повеќе спортски достигнувања, потврдувајќи ја добрата подготовка, тимскиот дух и натпреварувачката енергија.

Стопанска банка освои прво место во стрелаштво и пинг-понг во тимска категорија жени. Во индивидуална конкуренција, Беата Дорота Велјановска го освои првото место во стрелаштво, додека Петар Велинов беше најдобар во дисциплината тројки.

Машкиот тим на банката го освои второто место во одбојка и баскет 3×3, а беа забележани и четврти места во шах, куглање и стрелаштво во тимска категорија мажи. Слаѓана Глигоровска Арсески го освои четвртото место во стрелаштво во индивидуална конкуренција.

Покрај спортските резултати, Стопанска банка доби и признанија за сплотеност, поддршка и колегијалност. Синдикатот на Стопанска банка беше награден со пехар за сплотеност и учество, а Христина Тодоровска доби пехар за помагање и поттик на тимот.

Од банката порачаа дека спортот е одличен начин за зајакнување на тимскиот дух и честитаа на сите колеги кои учествуваа на турнирот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange