Анализи
Каде е најпрофитабилно да се инвестираат пари во 2026 година?
Оваа нова 2026 година носи комбинација од можности и ризици – каматните стапки се сè уште релативно високи, инфлацијата постепено се стабилизира, но глобалните пазари остануваат чувствителни на геополитички тензии и економски неизвесности.
Во ваков амбиент, клучното прашање е: каде е најпаметното место за инвестирање пари денес? Одговорот зависи од три фактори – колку инвестирате односно износот на инвестицијата, временскиот хоризонт и колкав ризик сте подготвени да преземете.
1. Штедење во банка: сигурност со ограничен принос
Ороченото штедење нуди највисока безбедност и гарантирана камата, но реалниот принос често е минимален. Погодно е за краткорочни цели и финансиска резерва, но не и за значително зголемување на капиталот. Каматните стапки се повисоки отколку пред неколку години, но реалните приноси вклучувајќи ја инфлацијата, често се скромни.
Предности:
- Минимален ризик
- Парите се осигурани до законски пропишаниот износ (30.000 евра во денарска противвредност)
- Погодно за краткорочни цели
Недостатоци:
- Ограничен раст на капиталот
- Инфлацијата може да го „изеде“ профитот
- Добра опција за безбедна резерва, но не и за сериозно зголемување на капиталот.
2. Злато – заштита во неизвесни времиња
Златото традиционално се смета за „безбедно засолниште“ во неизвесни времиња. Обезбедува заштита од инфлација, но не носи камата и е изложено на ценовни флуктуации. Во време на геополитички тензии, често бележи раст.
Предности:
- Заштита од инфлација
- Глобално ликвидни средства
Недостатоци:
- Не носи камата или дивиденда
- Цената може да флуктуира
- Погодно како дел од портфолио, но не како единствена инвестиција.
3. Акции и инвестициски фондови: повисок ризик, повисок потенцијал
Инвестирањето во акции и инвестициски фондови на долг рок носи високи приноси. Инвестициските фондови што ги следат глобалните пазари се особено привлечни. Сепак, бара трпение, дисциплина и прифаќање на краткорочните осцилации на пазарите.
Предности:
- Високи приноси на долг рок
- Можност за пасивно инвестирање
Недостатоци:
- Краткорочни осцилации
- Потребно знаење или советник
- Идеално за инвестиции за подолг период (над 5 години).
4. Обврзници – рамнотежа на безбедност и принос
Државните и корпоративните обврзници нудат умерен, но посигурен и постабилен принос од акциите, со значително помал ризик и помала волатилност. Сепак, носат и значително помал принос во однос на акциите и инвестициските акциски фондови.
Предности:
- Предвидлив приход
- Помала волатилност
Недостатоци:
- Помал потенцијал за раст од акциите
- Добра опција за поконзервативни инвеститори.
5. Недвижности: долгорочна инвестиција
Недвижностите обезбедуваат стабилна вредност и потенцијален приход од кирија, но бараат висок почетен капитал и имаат пониска ликвидност. Ова е еден од најтрадиционалните стратегии за инвестирање на капиталот и долгорочно складирање на вредност на Балканот, но со моменталните цени на пазарот повеќе не е толку исплатлив како порано.
Предности:
- Стабилна побарувачка
- Можен приход од кирија
Недостатоци:
- Огромен почетен капитал
- Ниска ликвидност
- Трошоци за одржување
- Плаќање на долг рок, кое бара сериозен буџет.
6. Криптовалути: огромен ризик, најголем потенцијал за раст
Инвестирањето во криптовалути е многу ризично и бара големо познавање и многу трпение. Но, на долг рок носи највисоки приноси. Сепак, високата волатилност на пазарот кој е премногу сензитивен на надворешните влијанија и геополитичките тензии го прават екстремно ризична инвестиција.
Предности:
- Највисоки приноси на долг рок
- Можност за пасивно инвестирање
- Висока ликвидност
Недостатоци:
- Екстремно висока волатилност
- Потребно големо познавање или советник
- Идеално за инвестиции за над 5 години.
Заклучок: Диверзификацијата е клучот!
Не постои една „најдобра“ инвестиција. Во 2026 година, најразумната стратегија е диверзификација на инвестициите, односно распределба на средствата на повеќе инструменти за балансирање на ризикот и приносот.
Пример за избалансирано портфолио:
- 20% штедење;
- 20% злато или фондови поврзани со злато;
- 20% акции или ETF фондови;
- 20% обврзници;
- 20% криптовалути.
Правилната распределба зависи од возраста, финансиските можности и целите. Најголемата грешка останува чувањето пари без принос – дури и умерена, но паметно распределена инвестиција може да донесе значителни резултати на долг рок.
Анализи
Цената на суровата нафта се движи во тесен опсег, отпорот останува на 79 долари
Цената на суровата нафта забележа благо зголемување во последното тргување, но и натаму се движи во тесен страничен опсег, додека пазарот се обидува да обезбеди нов импулс за раст.
Клучното ниво на отпор останува на 79 долари за барел, кое засега ги ограничува обидите за посилен пробив нагоре.
И покрај краткорочните осцилации, техничките показатели и натаму упатуваат на позитивно движење. Корективниот растечки тренд продолжува, а цената се задржува над 50-дневниот експоненцијален подвижен просек, кој претставува важна динамична поддршка.
Според анализата, тоа ги зголемува шансите цената на суровата нафта да продолжи да расте, доколку успее да го надмине отпорот од 79 долари.
Анализи
Глобалната економија покажува отпорност, но ризикот од банкроти останува висок
Светската економија продолжува да расте и покрај геополитичките тензии, повисоките цени на енергенсите и трговските конфликти, но компаниите и натаму се соочуваат со сериозни предизвици, покажува најновиот извештај „Глобални економски изгледи“ (Global Economic Outlook), подготвен од Acredia Group во соработка со Allianz Trade.
Според прогнозите, глобалната економија годинава ќе порасне за 2,5 проценти, а во 2027 година растот би требало да забрза на 2,9 проценти.
Главен двигател на економскиот раст се инвестициите во вештачката интелигенција, кои во моментов ги ублажуваат негативните последици од енергетската криза и трговските судири. Сепак, високите трошоци за финансирање, поскапувањето на суровините и зголемената геополитичка неизвесност продолжуваат да вршат притисок врз профитабилноста и инвестициските планови на компаниите.
„Вештачката интелигенција станува еден од најважните двигатели на глобалниот економски раст, но истовремено создава нови зависности од ограничен број технологии, синџири на снабдување и пазари. Компаниите треба да ја гледаат не само како можност за развој, туку и како значаен стратешки ризик“, изјави извршниот директор на Acredia Group, Михаел Колб.
Извештајот покажува дека американската економија оваа година ќе порасне за 2,1 процент, благодарение на силните инвестиции во вештачката интелигенција, стабилната лична потрошувачка и експанзивната фискална политика. Од друга страна, економијата на еврозоната ќе забележи значително послаб раст од 0,9 проценти, со благо забрзување на 1,2 проценти во 2027 година.
Кина останува меѓу главните двигатели на светската економија, со очекуван раст од 4,7 проценти, поттикнат од високотехнолошките индустрии и извозно ориентираните компании.
И покрај новите царини и трговски ограничувања, меѓународната трговија останува отпорна. Според Allianz Research, обемот на светската трговија со стоки годинава ќе порасне за 2,9 проценти, а инвестициите во производството на полупроводници, дата-центри и дигитална инфраструктура придонесуваат за стабилност на глобалната економија.
Во исто време, инфлацијата постепено се намалува и се очекува во 2027 година повторно да се доближи до целните нивоа на централните банки. Сепак, условите за работење остануваат сложени, особено за енергетски интензивните индустрии и автомобилскиот сектор.
Поради тоа, Acredia прогнозира дека бројот на несолвентни компании на глобално ниво ќе продолжи да расте. Во 2026 година се очекува зголемување на банкротите за четири проценти, додека во 2027 година овој тренд би требало постепено да се стабилизира.
Анализи
Еврото ослабна поради зголемените тензии меѓу САД и Иран
Еврото денеска забележа пад во однос на американскиот долар, продолжувајќи со слабеењето втор ден по ред, бидејќи инвеститорите се свртеа кон доларот како побезбедно засолниште поради растечките стравувања од нова ескалација на конфликтот меѓу САД и Иран.
Еврото се намали за околу 0,1 проценти и се тргуваше по цена од 1,1435 долари, откако претходниот ден исто така забележа пад од 0,15 проценти по достигнувањето на највисокото ниво во последните четири недели.
Во исто време, индексот на американскиот долар порасна за 0,1 проценти, што укажува на зголемена побарувачка за американската валута како сигурно засолниште во услови на геополитичка неизвесност.
Пазарите внимателно ги следат случувањата на Блискиот Исток, каде што продолжуваат воените судири меѓу САД и Иран. Загриженоста дополнително се зголеми поради намалениот бродски сообраќај низ Ормутскиот Теснец, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта, што ги поддржа и цените на суровата нафта.
Повисоките цени на енергенсите повторно ги засилија стравувањата од инфлација во еврозоната, поради што финансиските пазари сè повеќе очекуваат Европската централна банка да продолжи со заострување на монетарната политика. Веројатноста за зголемување на каматните стапки за 25 базични поени на состанокот во септември се проценува на повеќе од 95 проценти, додека очекувањата за ваков чекор уште во јули се искачија над 35 проценти.
Инвеститорите во наредниот период ќе ги следат новите податоци за инфлацијата, невработеноста и растот на платите во еврозоната, кои би можеле дополнително да влијаат врз очекувањата за идните одлуки на Европската централна банка.
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка со зголемен максимален износ на станбените кредити и нова промоција – Без манипулативни трошоци и трошоци за проценка
-
Банкипред 2 месециХалкбанк АД Скопје информираше дека пензиите за месец мај се веќе исплатени и достапни за корисниците
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка: Денеска започнува исплатата на мајските пензии
-
Советипред 2 месеци
УЈП: За користење на „МојДДВ“ задолжителна е регистрација во е-Даночни услуги
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка АД Скопје: Исплатата на пензиите почнува од 1 јуни
-
Интервјуапред 2 месециFinSight | Тортевски: Само половина од овластените ревизори во Македонија работат во ревизија
-
Интервјуапред 1 месец„Ништо случајно“: Нина Ангеловска за бизнисот, животните лекции и патот кој ја обликувал нејзината кариера
-
Интервјуапред 1 месецFinSight | Нина Ангеловска Станков: Во политиката аргументот не е крај на разговорот – туку негов почеток



