Connect with us
no baners

Бизнис

Иуте Македонија како стабилен столб на групацијата, со двоцифрен раст и  квалитетно портфолио

Објавено

на

Естонската групација Иуте – дигитална банкарска групација која обезбедува кредитирање, плаќања и посредување во осигурување на пазарите во Југоисточна Европа, ги објави неревидираните резултати од работењето во 2025 година.

Групацијата бележи раст и во обем и во оперативен квалитет, со внимателно одржан баланс помеѓу тековната профитабилност и инвестициите потребни за изградба на долгорочни дигитални банкарски капацитети.

Иуте оствари вкупни приходи од 124,6 милиони евра, со 10,6% пораст споредбено со претходната година, нето добивката порасна на 9,9 милиони евра, со зголемување од 10% во однос на истиот период, додека консолидираниот биланс на состојба на групацијата достигна 511 милиони евра, надминувајќи ја годишната поставена цел. Исто така, бројот на активни клиенти порасна на 274 илјади, со пораст од 4.5% споредбено со истиот период лани.

Сите деловни сегменти бележат раст, додека уделот на услуги што не се поврзани со кредитирање постепено се зголемува, со 4% од приходите кои се резултат на платежни услуги и 5% на осигурително-брокерско посредување. Износот на вкупно исплатени кредити порасна за рекордни 13.6% споредбено со претходната година, бележејќи износ од 424.6 милиони евра, пришто дисциплината на отплата на обврските до 30 дена е значително подобрена како резултат на напредните модели за кредитна риск сегментација и внимателното управување со ризици.

Според Извршниот директор Тармо Силд, компанијата континуирано напредува кон трансформација во дигитална банка изградена околу мобилната супер-апликација Myiute која ги интегрира кредитирањето, плаќањата и осигурителните решенија во еден единствен екосистем. 

„Во текот на изминатава година, групацијата инвестираше повеќе од 10 милиони евра во технолошки развој и географска експанзија. Технологијата и науката базирана на податоци продолжуваат да ја зајакнуваат профитабилноста и ефикасноста на групацијата. Предиктивното моделирање го зголеми уделот на автоматизирани одлуки за кредити, овозможи персонализирани понуди и го подобри корисничкото искуство. Корисниците сè повеќе ја препознаваат групацијата како целосно дигитална и кориснички ориентирана дигитална платформа на која можат на едно место да добијат лично финансирање, но и да штедат, да се осигуруваат, да инвестираат, купуваат, плаќаат, разменуваат и префрлаат средства. Инвестиравме во технологии на иднината и во нови пазари, финансирани од сопствени извори од постојното работење и останавме посветени на трансформација преку дисциплиниран раст. Проширувањето во Украина претставува значаен чекор напред. Украина е идниот европски мотор на раст, а ние се подготвуваме да изградиме целосно дигитална банка врз основа на нашата технолошка експертиза и оперативно искуство.“, посочува Силд. 

2025 година претставува клучна точка во развојот на Иуте Македонија, година во која обемот, профитабилноста и интеграцијата на екосистемот растат синхронизирано. Компанијата преку трите правни ентитети ја заврши годината со значителен раст на сите клучни позиции. Билансот порасна за 52%, достигнувајќи 61,5 милиони евра, високо квалитетно кредитно портфолио достигна 47,6 милиони евра (+53%), се реализираа 25 милиони евра приходи (+23%) и нето добивка од 4,1 милиони евра што е резултат на засилена пазарна активност и проширената понуда на финансиски услуги.

„Иуте Македонија како дел од групацијата Иуте во изминатата година оствари силни финансиски резултати, со двоцифрен раст и силна профитабилност. Особено сме горди што не растевме само во бројки, туку во структура, во ефикасност и во длабочина на екосистемот. Растот од над 50% на активата беше внимателно управуван, капитално поддржан и ризично балансиран. Скалабилноста на нашиот модел е потврдена, билансот е здрав, ликвидноста стабилна, а профитабилноста одржлива. Екосистемот што го градиме не е само комерцијална предност, туку е и финансиска стабилизација и станува клучен двигател на вредност со што градиме подлабока релација со клиентите и поцврста финансиска основа. Влегуваме во 2026 година со самодоверба, капитална сила и јасна амбиција, да продолжиме да растеме побрзо од пазарот, таму каде што вредноста е одржлива”, изјави Нина Мојсова Ќосева, Директор на финансии на Иуте Македонија.

Во 2026 година, Иуте очекува континуиран раст, со проектирани приходи од 150 милиони евра и нето добивка од 12 милиони евра.

Целиот сумиран извештај и преглед е достапен тука.

Бизнис

УЈП со нов модел за е-фактурирање: Компаниите ќе преминат на дигитален систем

Објавено

на

Управата за јавни приходи (УЈП) објави нов модел за е-фактурирање, со кој компаниите ќе преминат од хартиени кон електронски фактури и дигитална размена на документација.

Според прикажаниот концепт, системот ќе функционира преку централизирана државна платформа на УЈП, која ќе овозможи директна комуникација меѓу компаниите и институцијата во реално време.

Е-фактурирањето ќе опфати размена на фактури, испратници, повратници, авансни фактури и друга придружна документација. Од УЈП посочуваат дека системот е усогласен со принципите на „Tax Administration 3.0“ на ОЕЦД и е дел од процесот на дигитализација на административните и деловните процеси.

Во објавениот материјал се наведува дека системот треба да обезбеди побезбедна размена на документи, работа во реално време, интероперабилност, усогласеност со регулативите и поголема транспарентност.

Со воведувањето на моделот, процесот на издавање, испраќање и архивирање документи ќе се одвива електронски преку државната платформа на УЈП, наместо преку досегашниот хартиен систем.

„Е-фактурирањето станува доверлива инфраструктура на дигиталната економија“, се наведува во материјалот објавен од УЈП.

Продолжи со читање

Бизнис

Пет нови авиолинии од Скопје и Охрид ова лето, пропадна договорот со „Рајанер“

Објавено

на

И покрај неуспешните разговори со ирската нискобуџетна компанија „Рајанер“, Владата најавува проширување на авиомрежата со пет нови линии од скопскиот и охридскиот аеродром во текот на летната сезона.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека државата останува отворена за соработка со сите авиокомпании, но нема да дозволи привилегирање на една компанија на штета на останатите превозници.

– Даваме субвенција од 9 евра за секој странски патник на скопскиот аеродром и 12 евра за охридскиот. Вратата е отворена за сите, но не можеме да прифатиме условувања и барања за укинување други линии во корист на една авиокомпанија – изјави Николоски.

Тој најави дека во наредниот период ќе бидат воспоставени пет нови авиолинии. Austrian Airlines ќе воведе директна линија Виена–Охрид, додека од Полска ќе бидат отворени летови од Краков и Вроцлав кон Охрид.

Дополнително, од скопскиот аеродром ќе се воведат и две нови летни дестинации – Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија.

Според Николоски, Северна Македонија е единствената земја во регионот која отвора нови авиолинии во период кога глобалната авиоиндустрија се соочува со сериозни предизвици.

Тој информираше и дека Wizz Air ќе стационира седми авион на скопскиот аеродром, а компанијата разгледува можност за воспоставување база и на охридскиот аеродром.

Министерот додаде дека државата располага со доволни резерви на керозин, над законскиот минимум, и посочи дека дел од аеродромите во регионот моментално се снабдуваат токму од Македонија.

Продолжи со читање

Бизнис

Скопје – домаќин на Годишната конференција на EACHA – во фокус европските трендови и иднината на платежните услуги и платните системи

Објавено

на

Во организација на КИБС АД Скопје, во Скопје се одржа престижната Годишна конференција на EACHA (European Automated Clearing Houses Association) – единствената европска асоцијација на клириншки куќи и оператори на платни системи.

Настанот собра близу 200 учесници од 30 европски земји, меѓу кои претставници на европски клириншки куќи и оператори на платни системи, меѓународни институции од платежниот сектор, глобални ИТ и консултантски компании, како и експерти и носители на одлуки во областа на дигиталните плаќања, управување со ризици и иновации.

Конференцијата ја отвори претседателот на EACHA, Хозе Луис Ланга, додека за искуствата и развојот на македонскиот платежен сектор говореа генералниот директор на КИБС, Горан Анастасовски и претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева.

Меѓу предавачите на конференцијата беа и Флоријан Форст од Capgemini Invent, Марк Муне од Nexus Global Payments, Хуан Хозе Гарсија од Iberpay, како и претставници на водечки европски платежни иницијативи и компании, меѓу кои Ники Андравидиоти од IRIS, Мартин Аскуе од Bizum, Стоилка Арсова од Blink, Лудовик Франческони од Wero, Тереса Мескита од EMPSA, Кристин де Лепелер од CEC, Бенце Мароси од Giro и Пол Волвик-Џојнт од Mastercard Payment Services.

Во рамки на конференцијата беа отворени дискусии за актуелните предизвици и трендови во европската платежна индустрија, со посебен акцент на дигиталните плаќања од сметка на сметка на физичките и онлајн места за продажба, поврзувањето на европските системи за инстант плаќањата со оние во останатиот дел од светот, дигиталната трансформација и усогласувањето со европските стандарди и иницијативи.

Од КИБС АД Скопје посочија дека одржувањето на конференцијата во Македонија претставува значајна можност за домашниот платежен сектор директно да се вклучи во разговорите за идниот развој на европската платежна инфраструктура.

„Одржувањето на конференцијата на EACHA во Скопје претставува значајно признание за КИБС и за македонскиот платежен сектор. Овој настан овозможи размена на искуства и знаења со водечки европски експерти, но,  отвори и важни дискусии за дигитализацијата, инстант плаќањата и усогласувањето со европските стандарди. Веруваме дека ваквите средби ќе придонесат за понатамошен развој на современи и ефикасни платежни услуги во земјата“, вели Горан Анастасовски, генерален директор на КИБС АД Скопје.

EACHA претставува највисок технички и стратешки форум за соработка на клириншките институции во Европа и обединува оператори на платни системи кои секојдневно процесираат милиони меѓубанкарски трансакции. Асоцијацијата има важна улога во развојот на европските стандарди, интероперабилноста и иновациите кај плаќањата.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange