Банки
Кои лица ќе бидат дел од Управниот одбор на НЛБ Банка во 2026 година?
Народната банка донесе Решенија со кои се дава согласност за промени во составот на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, информираат од Банката преку соопштение објавено на Македонска берза.
Со одлуката на НБРСМ од 18 ноември 2025 година, издадена е претходна согласност за следните кадровски промени во Управниот одбор:
- г-ѓа Катерина Јанковиќ е реименувана за член на Управниот одбор со мандат од 4 (четири) години, започнувајќи од 30.01.2026 година;
- г-дин Кирил Бухов е именуван за член на Управниот одбор со мандат од 1 (една) година, кој стапува на сила од 03.01.2026 година.

Катерина Јанковиќ е финансиски експерт со над 20 години искуство во банкарскиот сектор. Работејќи за две големи банкарски групации – Société Générale и Steiermärkische Sparkasse, таа успешно напредува до високи менаџерски позиции, стекнувајќи длабоко познавање и искуство во корпоративно банкарство и банкарство за население, со особен фокус на продажна стратегија, планирање и воведување на нови банкарски продукти.
Во Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје доаѓа од Шпаркасе Банка Скопје, каде од 2021 година ја извршуваше функцијата Директор на Секторот за население.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, сајбер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.
Со стапувањето во сила на решението за именување на Кирил Бухов, престанува мандатот на Игор Давчевски, член на Управниот одбор, заклучно со 2 јануари 2026 година.
Од НЛБ Банка истакнуваат дека промените се во согласност со стратегијата за понатамошно јакнење на корпоративното управување и континуиран развој на клучните управувачки структури.
Банки
Европските банки со историска 2025 година, оптимизмот продолжува и во 2026
Европските банки ја завршија 2025 година со историски раст на берзите, по повеќе од една деценија послаби резултати, а аналитичарите очекуваат секторот да остане во добра позиција и во 2026 година.
Индексот EURO STOXX Banks до 12 декември 2025 година пораснал за 76 проценти од почетокот на годината, со што бил на пат да го забележи најдобриот годишен резултат досега. Со тоа бил надминат и растот од 74 проценти регистриран во 1997 година.
Растот бил широко распространет низ секторот, при што сите банки вклучени во индексот оствариле позитивен принос. Акциите на Société Générale пораснале за 139 проценти, на Commerzbank за 136 проценти, Banco Santander за 110 проценти, а ABN Amro за 102 проценти.
Силен раст имале и BBVA со 101 процент, CaixaBank со 96 проценти, Deutsche Bank со 92 проценти, Bankinter со 86 проценти и Bank of Ireland со 84 проценти.
Главна поддршка за банкарскиот сектор биле релативно високите каматни стапки, стабилниот економски раст и силните капитални позиции на банките. Европската централна банка во јуни 2025 година го запрела циклусот на намалување на каматите и ја задржала депозитната стапка на два проценти, што им овозможило на банките да ги зачуваат повисоките нето каматни маржи.
Истовремено, економските резултати во Европа биле подобри од претходните очекувања. Германија избегнала подлабока индустриска рецесија, додека јужните европски економии продолжиле да добиваат поддршка од туризмот и инвестициите од фондовите на Европската унија.
Дополнителен фактор биле силните капитални резерви. Повеќето европски банки работеле над регулаторните барања, што им овозможило да исплаќаат повисоки дивиденди, да откупуваат сопствени акции и да распределуваат повеќе капитал кон акционерите.
По силната 2025 година, аналитичарите очекуваат во 2026 година вниманието на инвеститорите постепено да се префрли од каматните стапки кон растот, ефикасноста и способноста на банките да генерираат профит.
Според Goldman Sachs, растот во секторот би можел да биде поддржан од продолжен прилив на депозити и постепено зајакнување на кредитната активност. Банката очекува и двоцифрен раст на заработката по акција во секторот, иако вреднувањата на дел од европските банки и натаму остануваат релативно ниски.
Меѓу акциите за кои Goldman Sachs гледа најголем потенцијал за раст се UBS Group со 34 проценти, UniCredit и Banco BPM со по 29 проценти, Julius Baer со 25 проценти, како и Alpha Bank и KBC Group со по 21 процент потенцијален раст.
По рекордната 2025 година, европскиот банкарски сектор влегува во 2026 година со поинакви очекувања од инвеститорите. Наместо само како сектор кој закрепнува по долг период на ниски каматни стапки, банките сè повеќе ќе се оценуваат според нивниот раст, оперативната ефикасност и начинот на управување со капиталот.
Анализи
Кредитите растат двојно побрзо од депозитите: Што покажуваат монетарните податоци за јули?
Кредитната активност во Македонија продолжи да расте во јули 2026 година, при истовремено зголемување на депозитите на домаќинствата. Според најновите податоци на Народната банка, вкупните кредити на месечно ниво се зголемиле за 0,8%, а на годишно ниво за 13,3%.
Паричната маса во јули забележала минимален месечен раст од 0,1%, додека на годишно ниво е зголемена за 8,3%.
Депозитите на домаќинствата растат, корпоративните се намалуваат
Вкупните депозити во јули се намалиле за 0,4% на месечно ниво, што целосно се должи на падот на депозитите на корпоративниот сектор. Од друга страна, депозитите на домаќинствата продолжиле да растат.
На годишно ниво, вкупните депозити се повисоки за 8,8%, пред сè поради зголемените заштеди на домаќинствата.
Депозитите на домаќинствата во јули пораснале за 1,6% месечно, а на годишно ниво бележат значителен раст од 11,1%.
Кај корпоративниот сектор, пак, депозитите се намалиле за 4,6% во однос на јуни, иако на годишна основа се повисоки за 2,9%.
Кредитирањето продолжува со силен раст
Кредитите на корпоративниот сектор во јули пораснале за 0,7% месечно, додека на годишно ниво растот достигнува 14,5%. Растот е предводен од кредитите во денари.
Кај домаќинствата, кредитите се зголемиле за 0,9% во однос на претходниот месец, а на годишно ниво се повисоки за 12,2%.
Особено силен годишен раст бележат станбените кредити, кои се зголемиле за 16,6%, додека потрошувачките кредити пораснале за 12,1%.
Автомобилските кредити во јули се намалиле за 0,3% на месечно ниво, но на годишна основа се повисоки за 5,6%.
Од друга страна, кредитите преку кредитни картички се намалиле за 4% на годишно ниво, додека негативните салда на тековните сметки бележат пад од 5,4%.
Податоците покажуваат продолжување на кредитниот циклус во македонската економија, со особено изразена активност кај корпоративното и станбеното кредитирање, додека домаќинствата истовремено продолжуваат да ги зголемуваат своите депозити.
Банки
НОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
Нови можности за сигурно и исплатливо вложување на заштедите нуди Комерцијална банка со новите орочени денарски и девизни депозити и детско штедење „Верверичка“ на 25 и на 40 месеци.
Покрај, стабилен принос, предвидливост и долгорочна финансиска сигурност, новите депозити нудат и фиксни каматни стапки.
Со новите орочени депозити, клиентите можат да изберат рок кој најдобро одговара на нивните финансиски планови, а притоа да уживаат во гарантиран принос во текот на целиот период на штедење. Дополнителна предност е што можат да изберат исплата каматата да се исплаќа месечно или по истекот на рокот на орочување, со што добиваат поголема флексибилност и прилагодување на личните потреби.
Минималниот износ за орочување е 100.000 денари за денарските депозити и 5.000 евра за девизните депозити.
„Веруваме дека доброто штедење треба да биде едноставно, сигурно и исплатливо. Новите орочени депозити на 25 и на 40 месеци се наш одговор на потребите на клиентите за долгорочно вложување со атрактивен и гарантиран принос и со целосна предвидливост и сигурност гарантирана од банка со над 70 годишно постоење“, вели Габриела Миленковиќ, директор на Секторот за работа со население во Комерцијална банка.
Новитетот е дел од континуираните заложби на Комерцијална банка за развој на современи финансиски решенија кои ги следат потребите на клиентите и им помагаат поефикасно да ги планираат личните и семејните финансии.
Повеќе информации за новите орочени депозити се достапни на веб-страницата kb.mk, како и во сите филијали и експозитури на Банката.
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк





