Connect with us
no baners

Интервјуа

Интервју | ЕЛЕНА ПЕТРОВА: УЈП мора да биде сервис кој граѓаните и фирмите ќе го доживуваат како партнер, а не како товар

Објавено

на

Со речиси три децении искуство во системот на УЈП, Елена Петрова го презеде челното место во институцијата во момент кога дигитализацијата и транспарентноста се императив, а довербата на граѓаните во јавните институции – предизвик. Во првото ексклузивно интервју за Банкарство.мк, Петрова зборува за визијата за „нов лик” на УЈП, промените кои ќе следат и нејзиниот пристап во водењето на еден од најкритичните финансиски системи во земјата.

Банкарство: Го презедовте раководењето на УЈП во време на силни очекувања за реформи. Кои се првите чекори што ги преземавте за да го поставите новиот курс на институцијата?

Елена Петрова: Мојот мандат како Директор на Управата за јавни приходи започна пред десет месеци и стопанството и јавноста од самиот почеток очекуваат суштински реформи. Тоа го препознав како обврска и можност да поставиме јасен, долгорочен курс на трансформација во модерна и ефикасна администрација.

Првиот клучен чекор беше формулирање на визијата преку два стратешки документи:

  • Стратешкиот план „Напред – во чекор со предизвиците и реалните можности“ и
  • Реформската програма „Транзиција во дигиталниот свет“.

Овие документи не се само декларативни насоки, тие содржат структурирани програми и проекти. Клучниот фокус е на дигитализацијата, подобро управување со ризици, унапредување на корисничките услуги и градење доверба.

Но, визијата сама по себе не е доволна без капацитет за нејзина реализација. Затоа воспоставивме нов модел на управување преку функционални управувачки комитети и систематски пристап кон институционалните и даночните ризици. Отворивме комуникација со засегнатите страни за транспарентна промоција, намалување на отпорот и градење поддршка за реформите.

Посветена сум на оваа визија и верувам во водство преку личен пример. Моја задача е да обезбедам предуслови за спроведување на промените со видливи резултати. Нашата крајна цел е да создадеме промени со трајна вредност за даночните обврзници, државниот буџет и поширокото општество.

Банкарство: Најавивте трансформација и создавање „нов лик” на УЈП. Како практично ќе изгледа тоа за граѓаните и бизнисите – што ќе биде поинаку во нивната секојдневна комуникација со УЈП?

Елена Петрова: Точно, најавив создавање модерен лик на УЈП, што значи суштинска промена во пристапот, од администрација која „бара“, кон администрација која „соработува“. Целта е да изградиме правично, транспарентно и кооперативно опкружување кое за даночните обврзници и службениците. Со новиот пристап, очекуваме граѓаните и фирмите навремено и правилно да ги исполнуваат даночните обврски, чувствувајќи дека системот работи за нив и им обезбедува сигурност и поддршка.

Веќе спроведовме неколку суштински чекори:

  • Формиравме Совет за даночна усогласеност – прва платформа за институционализиран дијалог меѓу УЈП и бизнис заедницата, форум за отворена дискусија за прашања, толкувања и препораки за подобрување на практиките;
  • Воведовме механизам за независна проверка на приговорите по инспекциски контроли, со што обезбедуваме унифицираност, фер и усогласено постапување;
  • Во очекување на покрупните дигитални реформи, воведуваме „брзи победи“ преку конкретни подобрувања во корисничките услуги што веднаш носат резултати.

Централна компонента во новиот деловен модел на УЈП е дигиталната трансформација, преку интегриран даночен еко-систем со деловните субјекти, другите државни органи и банките, за автоматизирано прибирање податоци во реално време, директно од изворот. Практично, ова ќе значи:

  • Комуникација со даночните обврзници преку повеќе дигитални канали (веб, мобилни апликации, клиентски софтвери, контакт-центри);
  • Услуги по стандардот „бесхартиено, бесконтактно и секогаш достапно”;
  • Едноставни постапки за поднесување, усогласување и плаќање со помал трошок и помал ризик од грешки.

Конечната цел е модерен систем кој ќе обезбеди предвидливост и доследност, со помал административен товар и отворена комуникација.

Банкарство: Дигитализацијата е еден од столбовите на Вашата стратегија. Може ли да ни откриете какви нови дигитали алатки или услуги се подготвуваат за 2025 година?

Елена Петрова: Една од најновите услуги, достапна од пред три месеци, е „Електронското уверение за состојба на остварен доход“, преку системот е-Даночни услуги. Станува збор за целосно дигитална, автоматизирана и бесконтактна услуга, достапна 24/7, без потреба од физичко присуство. Уверението ги исполнува сите
стандарди за електронски документ и се користи во низа постапки – од аплицирање за стипендии до остварување права од социјална заштита. Во 2025 планираме целосна дигитализација на сите уверенија и потврди што ги издава УЈП.

Клучен проект за 2025 е воведувањето на е-Фактура – централизирана платформа за размена и обработка на електронски фактури. Системот ќе користи дигитални сертификати и ќе поддржува три канали: веб апликација, клиентски софтвер и систем-до-систем интеграција за поголеми субјекти.

Фактурите ќе бидат стандардизирани дигитални документи, со фолио број и QR код и ќе се доставуваат во електронско сандаче на купувачот, со можност за протест пред да станат прифатени. Дополнително, во системот ќе има можност за поднесување поврзани документи (испратници и сл.) што ќе го комплетира електронското досие на трансакцијата.

Придобивките за деловната заедница се повеќекратни: елиминирање на хартиена документација, намален административен товар и трошоци, можност за автоматизирано книжење преку вградените податоци во QR кодот, за автоматско полнење на ДДВ пријави и идно поврзување со банкарски системи за побрзи плаќања.

Проектот е-Фактура поставува темел за нова ера во дигиталната фискализација,
со значителен потенцијал за интеграција со финансискиот и банкарскиот сектор, а
со тоа и за подобрување на ликвидноста, предвидливоста и фискалната
транспарентност во целата економија.

Банкарство: Даночната култура кај нас сеуште се соочува со предизвици. Како планирате да го подобрите доброволното исполнување на обврските и довербата во системот?

Елена Петрова: Подобрувањето на даночната култура и доброволното исполнување на обврските е сложен процес што зависи од повеќе општествени, економски и институционални фактори, од пошироката слика за јавната доверба, перцепцијата за правичност и ефективноста на институциите. Иако УЈП не е единствениот чинител, имаме клучна улога во овој процес.

Во нашата оперативна стратегија, вклучуваме превентивни, меки и репресивни мерки. Главниот фокус е на превенцијата, да им помогнеме на обврзниците точно, навремено и самостојно да ги исполнат своите обврски, наместо ние да интервенираме ретроактивно и ex post преку контроли.

Во таа насока, УЈП обезбедува:

  • јасни информации преку е-бази на знаење, брошури, контакт центар, веб и социјални медиуми
  • обуки и директна комуникација
  • потсетници за рокови и обврски.

Со новиот стратешки план, работиме на унапредување на овие услуги. Во тек е подготовка на спецификација за модерен Help Desk систем, како дел од пошироката дигитална трансформација.

Сепак, даночната евазија е присутна во сите системи и мора да се третира соодветно. Инвестираме во паметно таргетирани контроли, работиме на подобрување на анализата на ризик и вкрстени податоци од повеќе извори. Во стратешките документи е предвидено и централизирано складиште на податоци, напредни аналитички алатки и автоматизирано управување со предмети, што ќе овозможи автоматизирана, поефикасна и побрза реакција.

Најважно, граѓаните мора да видат дека УЈП дејствува објективно, неселективно и праведно, дека секој кој избегнува обврски се соочува со последици, а чесните обврзници се вреднувани и поддржани. Само така ќе изградиме доверба и ќе поттикнеме траен даночен морал.

Банкарство: Со оглед на Вашето искуство со големите даночни обврзници, како гледате на соработката со финансискиот сектор и кои реформи би помогнале за подобра фискална дисциплина?

Елена Петрова: Големите даночни обврзници се клучни за стабилноста на даночните приходи. Тие вообичаено имаат корпоративна стратегија со високи стандарди на општествена одговорност и усогласеност, но поради обемот и комплексноста на нивните трансакции, носат и повисок материјален ризик. Дури и ненамерна неусогласеност може да има значајно влијание врз даночните приходи.

Затоа, како и другите даночни администрации, и УЈП за големите даночни обврзници применува посебен пристап – издвоено администрирање со персонализиран фокус и комуникација. Уште во 2006 година ја основавме Дирекцијата за големи даночни обврзници, со цел унапредување на ефективноста и партнерскиот однос. Имав привилегија да ја водам оваа дирекција од основањето до 2013 година.

Во рамки на тековните реформи, воспоставуваме нов модел на соработка со големите даночни обврзници – „Хоризонтален мониторинг – Ваш даночник“. Овој современ концепт овозможува тековна, транспарентна и доверлива комуникација меѓу УЈП и обврзникот. За секој голем обврзник се назначува индивидуален даночен службеник, кој ќе биде достапен за навремено разјаснување на прашања, со што се создава простор за континуирано усогласување на сложените прашања преку доверлива и транспарентна комуникација и се минимизира можноста за доцно идентификување на евентуални грешки кои за двете страни може да имаат неповолни последици.

Веруваме дека овој пристап носи бројни придобивки: предвидливост, сигурност, фискална транспарентност, намалување на ризиците и унапредена доверба, што е особено важно за стабилен деловен амбиент.

Банкарство: Кои се трите главни пораки кои сакате да ги испратите до граѓаните и деловната заедница како нова директорка на УЈП?

Елена Петрова: Како директорка на УЈП, би сакала да испратам јасни пораки до граѓаните и деловната заедница.

Прво, се залагам за фер, транспарентен и предвидлив систем каде што правилата важат еднакво за сите, без селективност, без притисоци и без толеранција кон евазија. Довербата и дијалогот ни се прв избор.

Второ, дигитализацијата и паметната анализа на податоци се патот кон поголема ефикасност и правичност. Со тоа ќе ја подобриме наплатата, ќе ги детектираме ризиците навремено и ќе осигуриме дека секој плаќа според принципот „точен данок во точно време”.

Трето, довербата е двонасочна. Од УЈП очекувате фер, неселективен и професионален пристап и тоа е обврска што јас лично ја гарантирам. Но системот функционира само ако сите придонесуваат. Плаќањето даноци не е само законска, туку и граѓанска и деловна одговорност, која го одредува квалитетот на јавните услуги и добросостојбата на сите нас.

Интервјуа

Монетарната политика во нов циклус: Ставовите на вицегувернерите Митреска и Величковски во FinSight

Објавено

на

Собранието ги изгласа Ана Митреска и Игор Величковски за вицегувернери на Народната банка – со мандат од седум години и одговорност во период на засилени глобални економски ризици.

Во најновата епизода на FinSight, разговараме за тоа како централната банка ќе се справи со инфлациските притисоци, растот на цените на енергенсите и неизвесноста од геополитичките тензии. Дали нè очекува заострување на монетарната политика? Кога може да дојде до раст на каматните стапки?

Отвораме и тема за модернизацијата на платежниот систем – придобивките од SEPA плаќањата и воведувањето на инстант системот TIPS, како и нивното влијание врз граѓаните и компаниите.

Интервју со јасни ставови, конкретни проекции и увид во тоа како ќе се води економската политика во наредните години.

Премиерата на YouTube каналот се емитува денес во 12:00 часот.

Новинар: Наташа Мерсовска

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Анчевска: Не е доволно да знаеш што и како – највредни се тие што знаат и зошто

Објавено

на

Разговараме со Марина Анчевска за различните нивоа на ангажираност кај вработените и што ги прави некои луѓе значително повредни за организацијата од други.

Според неа, најголем дел од луѓето доаѓаат на работа, знаат што треба да прават и по завршување на обврските си заминуваат дома.

„Голем број луѓе знаат што треба да прават, но тоа е основното ниво“, објаснува Анчевска.

Следното ниво, вели таа, се оние кои покрај тоа што знаат што, знаат и како да ја завршат својата работа.

Но вистинската разлика почнува да се прави кај помал дел од вработените.

„Има луѓе кои знаат што треба да прават, знаат како, но и знаат зошто го прават тоа“, посочува Анчевска.

Највисокото ниво, според неа, го достигнуваат оние кои имаат целосна свесност за својата улога.

„Тие знаат што, како и зошто – но знаат и кои се и за што го прават тоа, односно ја гледаат големата слика“, вели таа.

Сепак, Анчевска нагласува дека не е реално да се очекува секој вработен да функционира на тоа ниво.

„Не мора секој да ја знае големата слика. Клучно е работодавците да знаат како да комуницираат со секој вработен во зависност од нивото на кое се наоѓа“, објаснува таа.

Оттука, улогата на лидерите станува пресудна.

„Затоа на лидерите им е потребен личен раст и развој – за да можат да ги препознаат овие нивоа и правилно да ги водат луѓето“, заклучува Анчевска.

Продолжи со читање

Интервјуа

FinSight | Анчевска: Круто лидерство создава крути тимови – дали менаџерите се подготвени за промена?

Објавено

на

Разговараме со Марина Анчевска за улогата на лидерството во организациската култура и влијанието што менаџерскиот стил го има врз вработените.

Според неа, сè започнува од лидерскиот тим – од нивото на свест и насоченоста кон раст и развој.

„Лидерството е многу важно, односно колку е нивото на свест и насоченост кон раст и развој на лидерскиот тим. Оттука тргнува сè“, вели Анчевска.

Таа објаснува дека начинот на кој лидерите управуваат директно влијае врз однесувањето и перформансот на тимовите.

„Ако имаме круто хиерархиско лидерство, тогаш луѓето под лидерите функционираат поинаку отколку кога имаме лидерство насочено кон раст, развој и отвореност“, посочува таа.

Во средини каде што хиерархијата е пофлексибилна, додава Анчевска, комуникацијата е подобра, а вработените се повеќе вклучени и мотивирани.

„Кога има поблага хиерархија, приемчивост и отвореност, целата динамика во организацијата е поинаква“, објаснува таа.

Но, клучното прашање, според Анчевска, останува дали оние кои раководат се подготвени да се менуваат.

Дали крутите менаџери ќе препознаат дека токму нивниот стил е дел од проблемот – и дали ќе направат чекор кон поотворено и развојно лидерство?

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange