Банки
Кјобе: Независноста и кредибилитетот на Народната банка се предуслов за стабилноста
„Силна институционална и оперативна независност на централната банка е суштински предуслов за стабилна монетарна политика и заштита на економската стабилност“, оцени шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за нашата земја, Анет Кјобе, во интервју за МИА. Таа истакна дека стабилната основа на која е поставена монетарната политика на Народната банка овозможува успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и контрола на инфлацијата, а овие резултати се должат на институционалната и оперативната независност на централната банка.
„Во неодамнешната мисија за процена на заштитните механизми го нагласивме доброто работење на Народната банка – нејзината независност, доброто управување, како и солидната финансиска рамка и рамката за управување со ризиците. Ова се основите врз кои се гради кредибилитетот на централната банка, што е клучот за стабилноста на цените и на девизниот курс, коишто мора да бидат заштитени“, изјави Кјобе.
ММФ исто така го истакна усогласувањето на Народната банка со највисоките меѓународни стандарди во однос на транспарентноста, отчетноста и комуникациските практики. Овие стандарди беа потврдени и со високите оценки во Извештајот за оценување според Кодексот за транспарентност на централните банки на ММФ за 2022 година.
ММФ искажа задоволство и од пристапувањето на земјава кон Единственaтa облaст за плаќања во евра (СЕПА) од март 2025 година – значаен чекор за земја што не е членка на ЕУ. Ова членство претставува резултат на успешната регулативна и законска хармонизација, спроведена под водство на Народната банка. ММФ го оценува процесот како сложен и интензивен, со што дополнително се нагласува стратегиската посветеност на централната банка кон високи регулативни стандарди и финансиска интеграција.
„Овие реформи не само што го зголемуваат кредибилитетот на финансискиот систем, туку и ја поставуваат Северна Македонија како лидер на Западен Балкан во областа на финансиската интеграција. Членството во СЕПА ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е од особено значење за земја со високи приливи на дознаки“, додаде Кјобе.
Банки
Халкбанк услугите отсега достапни и преку Пошта низ целата земја
Халкбанк АД Скопје информира дека голем дел од банкарските услуги на банката отсега се достапни и преку поштенската мрежа низ земјата, со што граѓаните добиваат дополнителна можност полесно да завршат дел од своите банкарски обврски.
Во рамки на соработката со Пошта на Северна Македонија, за физичките лица се овозможени готовински и безготовински платен промет во земјата, како и прием на документација за отворање денарска платежна сметка, ажурирање лични податоци, електронско и мобилно банкарство и дебитна платежна картичка.
Преку поштенската мрежа може да се поднесе и пријава за прием на пензија или социјално право, да се издаде пензиски чек, да се добијат информации за орочени депозити и кредитни производи, како и да се достави потребната документација за нив.

Достапна е и услугата за исплата на готовина до местото на живеење за пензии и социјални права.
За правните лица, пак, достапни се готовински и безготовински платен промет во земјата, како и информации за актуелната понуда на орочени депозити.

„Како во Халкбанк – Халкбанк услуги достапни и во Пошта“, порачуваат од банката, нагласувајќи дека целта е банкарските услуги да бидат поблиску и подостапни до корисниците низ целата држава.
Банки
ЕЦБ ѝ одобри на Народната банка траен пристап до репо-линија од 50 милијарди евра
Европската централна банка ѝ одобри на Народната банка пристап до зголемената репо-линија на Евросистемот ЕУРЕП, со максимален износ од 50 милијарди евра, соопшти денеска Народната банка.
По завршувањето на техничкиот процес за приклучување, Народната банка ќе добие можност за брз пристап до девизна ликвидност во евра, што треба да овозможи полесно справување со евентуални финансиски шокови и зголемена побарувачка за ликвидност.
Од Народната банка посочуваат дека девизните резерви и натаму се примарниот заштитен механизам за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, но новата репо-линија дополнително ќе ја зајакне отпорноста на финансискиот систем во случај на надворешни потреси.
Досега Народната банка имаше пристап до репо-линија на ЕЦБ во максимален износ од 400 милиони евра, воспоставена за време на пандемијата на ковид-19 и продолжена до 31 јануари 2027 година.
За разлика од досегашниот аранжман, ЕУРЕП е траен инструмент на Евросистемот, со значително поголем капацитет и поширок опфат.
Овој инструмент е наменет за обезбедување ликвидност во евра на централните банки и монетарните власти надвор од еврозоната во услови на пазарни нарушувања. Со него управуваат пет национални централни банки под координација на ЕЦБ.
Од Народната банка оценуваат дека пристапот до ЕУРЕП дополнително ја зајакнува заштитната мрежа на земјата и можноста за справување со евентуални нарушувања на финансиските пазари.
Банки
Стопанска банка предупредува на фишинг измама преку СМС пораки
Стопанска банка АД – Скопје ги предупреди своите клиенти за појава на фишинг измама преку СМС пораки, преку кои се бара од корисниците да ги ажурираат своите податоци со отворање на испратен линк.
Според известувањето од Банката, пораките се испраќаат од телефонскиот број +387 67 142 8204 и содржат линк што води до лажна веб-страница. На неа од клиентите се бара да внесат корисничко име и лозинка за дигиталното банкарство.
Од Стопанска банка посочуваат дека станува збор за измама чија цел е неовластено прибирање на кориснички и други чувствителни податоци.

Банката апелира граѓаните да не отвораат линкови добиени преку сомнителни СМС пораки и да не внесуваат корисничко име, лозинка, ПИН, ОТП кодови или други чувствителни информации на непознати интернет-страници.
Клиентите се советуваат своите податоци да ги внесуваат исклучиво преку официјалните дигитални платформи на Стопанска банка АД – Скопје.

Доколку некој веќе внел лични податоци преку лажниот линк, од Банката препорачуваат веднаш да го контактира 24/7 Контакт центарот на телефонскиот број (02) 3100 109, со цел навремена блокада и заштита на сметката.
-
Интервјуапред 2 месециДигитализацијата и довербата се двигатели на новото банкарство – Беркан Имери во FinSight
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециХалкбанк носи пристап до Истанбулската берза и до нови можности за раст на капиталот
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување на референт за работа со благајна
-
Кариерапред 2 месециКомерцијална банка објави оглас за вработување во Тетово
-
Банкипред 2 месециНов банкомат на Халкбанк пред МНТ инспириран од театарската сцена
-
Банкипред 1 месецИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули



