Connect with us
no baners

Осигурување

Групација ТРИГЛАВ: Резултатите во 2024-та година над очекувањата, поставени високи стратешки амбиции до 2030-та година

Објавено

на

Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав го потврди ревидираниот годишен извештај на Групација Триглав и матичното друштво за 2024-та година. Групација Триглав во 2024-та година ги надмина плановите и оствари деловен резултат пред оданочување од 159 милиони евра, додека нето добивката изнесуваше 131,4 милиони евра. До 2030-та година, Групација Триглав постави стратешка амбиција да ја удвои добивката, значително да го зголеми обемот на деловното работење и обемот на средствата со кои што управува. Управата и Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на овогодинешното собрание на акционери ќе предложат исплата на дивиденда во бруто износ од 2,80 евра по акција, односно вкупен износ од 63,7 милиони евра. Предложената дивиденда им гарантира на акционерите дивиденден принос од 6 проценти.

Во 2024-та година, Групацијата Триглав оствари вкупен обем на деловно работење од 1,72 милијарди евра, што е над планираната вредност од околу 1,6 милијарди евра. Покрај добрите резултати, и во осигурителната дејност и во управувањето со средства, врз работењето позитивно влијаеја и поволните услови на финансиските пазари, релативно поволните штетни побарувања и еднократните настани, особено ефектите во сегментот Здравје. Деловниот резултат на Групацијата пред оданочување достигна 159 милиони евра, а нето добивката изнесуваше 131,4 милиони евра. Комбинираниот количник на сегментите неживотно и здравствено осигурување, изнесуваше поволни 93,6 проценти. Групацијата Триглав ја зацврсти својата водечка позиција на пазарот на осигурување како во Словенија, така и во регионот Адриа и има висока кредитна оцена „А“ со подобрени, позитивни среднорочни изгледи. Групацијата е добро капитализирана, а детални информации за солвентноста и финансиската состојба на Групацијата и нејзиното матично друштво се достапни во извештаите на следниот линк.

Претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, изјави:
„Во 2024-та година остваривме одлични резултати во сите сегменти на работењето и значително ги надминавме плановите, задржувајќи ја финансиската стабилност и капиталната постојаност. Со 2025-та година влегуваме во нов стратешки период до 2030-та година, за кој што поставивме високи амбиции.“

Во 2025-та година, Групацијата Триглав планира да оствари деловен резултат пред оданочување во износ од 130 до 150 милиони евра (нето деловен резултат помеѓу 100 и 120 милиони евра). Стратешката амбиција на Групацијата е до 2030-та година да го удвои деловниот резултат пред оданочување, односно да достигне износ помеѓу 250 и 300 милиони евра. Групацијата планира понатамошно зајакнување на обемот на своето работење, при што ќе внимава на диверзификација и од географски и од продуктно-услужен аспект, како и на зајакнување на своето присуство на пазарите надвор од Словенија. Групацијата ја зголемува својата видливост како меѓународна осигурителна и финансиска групација, што претставува и нејзина визија. Планирано е вкупниот обем на работење во 2025-та година да надмине 1,8 милијарди евра, со амбиција до 2030-та година да достигне износ од 2,5 до 3 милијарди евра. Групацијата има за цел да ги зајакне средствата под управување, при што нејзината амбиција е тие да надминат 10 милијарди евра до 2030-та година. Групацијата ќе го надградува амбициозно планираниот органски раст со можни преземања, доколку се појават соодветни услови за тоа.

ГРУПАЦИЈА ТРИГЛАВ НА МАКЕДОНСКИОТ ПАЗАР

Групацијата Триглав на македонскиот пазар ја сочинуваат компаниите Триглав Осигурување, Триглав Осигурување Живот и Триглав Пензиско друштво. Триглав Осигурување и Триглав Осигурување Живот, во 2024-та година го зголемија вкупниот обем на деловно работење за 15 проценти и достигнаа 38 милиони евра, додека вкупната бруто полисирана премија изнесуваше 35,9 милиони евра (31,3 милиони евра претходната година). Со пазарен удел од 13,8 проценти, Групацијата го задржа третото место на пазарот, на кој што моментално работат 17 осигурителни друштва и премијата во 2024-та година е зголемена за 11,3 проценти.

Триглав Осигурување Скопје во 2024-та година оствари раст на премија во доменот на неживотни осигурувања од скоро 10%, споредено со претходната година. Компанијата ја заврши 2024-та година со пазарен удел од 12,4 проценти, задржувајќи го трендот од 2023-та година. „Триглав Осигурување континуирано ја добива највисоката оцена за углед на македонскиот пазар на осигурување и претставува прв избор на клиентите кога станува збор за осигурување. Посветени сме на искористување на моќта на технологијата, за да им обезбедиме на нашите клиенти одлично корисничко искуство. Во 2024-та година воведовме можност за онлајн пријава на осигурени случаи по доброволното приватно здравствено осигурување, што им користи и на клиентите, кои можат брзо и безбедно да поднесат барање за поврат на трошоци од далечина, и на нас, бидејќи решението значително ги оптимизира процесите на управување со побарувања и обезбедува транспарентност на процесот на пријава,“ изјави Главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ.

Триглав Осигурување Живот Скопје го зголеми својот удел на пазарот на животно осигурување на 20,5 проценти, со висок раст на премијата за осигурување (индекс 131). „Горди сме што со нашето работење придонесуваме кон развојот на целиот осигурителен пазар. Веруваме дека преку иновации, стабилност, одговорност и посветеност на клиентите ја зајакнуваме нивнота доверба во осигурувањето. Во 2024-та година, воведовме дигитални услуги, кои што им овозможуваат на надворешните продажни канали, како што се банките, во реално време да издаваат понуди за животно осигурување на своите клиенти. Со директно поврзување на нивните деловни системи со нашиот, тие можат да пристапат до соодветни понуди без потреба од повторно внесување на податоци преку нашиот продажен портал. Ова значително ја намалува можноста за грешки и го поедноставува процесот на издавање понуди, обезбедувајќи поголема точност и ефикасност,“ изјави Христина Џамбазовска Анастасов, генерална директорка на Триглав Осигурување Живот Скопје.

И Триглав Пензиско друштво оствари добри резултати, управувајќи со средства од речиси 209 милиони евра на крајот од 2024-та година (индекс 141 во однос на 2023-та година). „Во 2024-та година, сите наши развојни активности беа насочени кон полесен дигитален пристап и подобро корисничко искуство. Успеавме да ги унапредиме и надградиме постојните дигитални решенија, како и да развиеме, тестираме и лансираме нова мобилна апликација за увид во пензиските сметки. И во 2025-та година, остануваме посветени на нашите деловни цели, преку совесно, ефикасно и транспарентно работење, со кое овозможуваме подобри услови и поголема сигурност за нашите осигуреници и вработени,“ изјави г. Тихомир Петрески, претседател на Управниот одбор на Триглав Пензиско друштво.

no baners
no baners

Осигурување

Халк Осигурување со порака за Розов Октомври: Грижата за себе е најубавата форма на заштита

Објавено

на

Халк Осигурување и овој октомври испраќа порака за важноста на грижата за женското здравје, превенцијата и навремените здравствени прегледи.

Во рамки на одбележувањето на Розов Октомври, компанијата потсетува дека грижата за себе треба да биде приоритет и дека редовните прегледи не треба да се одложуваат.

„Грижата за себе е најубавата форма на заштита“, порачуваат од Халк Осигурување, нагласувајќи дека токму малите чекори и навремената превенција можат да направат голема разлика.

Од компанијата упатуваат апел жените да посветат повеќе внимание на сопственото здравје, да не ги одложуваат прегледите и да бидат присутни за себе и за својата благосостојба.

Кампањата се спроведува под пораките за грижа за себе, женско здравје, превенција и рано откривање, со цел дополнително да се подигне свеста за значењето на редовната здравствена контрола.

Продолжи со читање

Осигурување

Реизбран Управниот одбор на Македонија осигурување – мандатот продолжен до септември 2029

Објавено

на

„Македонија осигурување“ АД Скопје – Виена Иншуренс Груп изврши реизбор на претседателот и членовите на Управниот одбор, со мандат до 30 септември 2029 година.

Како што информира компанијата преку Македонската берза, врз основа на одлука на Надзорниот одбор и по добиените согласности од Агенцијата за супервизија на осигурување, за претседател на Управниот одбор повторно е избран Бошко Андов.

Истовремено, за членови на Управниот одбор повторно се избрани Весна Ѓорчева и Татјана Димов.

Од компанијата наведуваат дека промената е успешно запишана и во Трговскиот регистар што се води при Централниот регистар на Република Северна Македонија.

Со реизборот, постојниот состав на Управниот одбор на „Македонија осигурување“ продолжува да раководи со компанијата во следниот тригодишен период, односно заклучно со 30 септември 2029 година.

Известувањето е објавено согласно правилата за котација на Македонската берза, кои предвидуваат објавување на промените во органите на управување и надзор кај котираните друштва.

Продолжи со читање

Осигурување

Халк Осигурување со нов Управен одбор, Ило Ристовски именуван за генерален директор

Објавено

на

Халк Осигурување АД Скопје го претстави новиот состав на Управниот одбор на компанијата.

За претседател на Управниот одбор и генерален директор е именуван Ило Ристовски, додека Селин Шакарер и Елена Петровска се членови на Управниот одбор.

Од компанијата информираат дека новото раководство ќе биде задолжено за понатамошното управување и развој на Халк Осигурување на домашниот осигурителен пазар.

Халк Осигурување работи на македонскиот осигурителен пазар, а компанијата промената во раководството ја објави под корпоративната порака „Градиме сигурност“.

Со новиот состав на Управниот одбор, компанијата влегува во нов период на управување, со фокус на развојот на осигурителните услуги, унапредувањето на понудата и зајакнувањето на позицијата на пазарот.

Продолжи со читање
no baners

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange