Connect with us

Анализи

АЕТСМ: 709 милиони евра се потрошиле онлајн во 2024 – годишен раст од 9%

Објавено

на

Согласно најновите објавени податоци на Народната Банка на Република Северна Македонија за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба во 2024 година, вредноста на вкупните онлајн трансакции направени од Македонци кон домашни и странски е-трговци, како и од иматели на странски картички кон македонски е-трговци изнесува 43,629.2 милиони денари или 709.4 милиони евра, со што е остварен пораст од 9.3% во однос на 2023 година. При тоа, бројот на вкупните онлајн трансакции изнесува 21.6 милиони, односно е за 11.4% повеќе во однос на 2023 година.

Просечната вредност на направените онлајн трансакции во 2024 година изнесува скоро 33 евра и е помала за 0.7 евро од 2023 година. При тоа, кон македонските е-трговци од иматели на домашни и странски даватели на платежни услуги направени се 26,136.6 милиони денари или 425 милиони евра што преставува 60% од вкупната вредност на онлајн трансакции. 40% од вкупната вредност на онлајн трансакциите Македонците ја направиле во странство.

Извор: НБРСМ

Што се однесува до структурата на бројот на направените онлајн трансакции според потеклото на картичката и местото на направената трансакција кон македонските е-трговци, Македонците и странците со своите картички оствариле скоро 66% од трансакциите, додека во странство Македонците оствариле 34% од трансакциите.

Во 2024 година, согласно подaтоците на Народната банка има вкупно 1.666 трговци со виртуелни места на продажба, но активни е-продажни места се 1312 односно 15 повеќе во однос на минатата година (активно работење подразбира извршување најмалку една трансакција на продажно место на трговецот во текот на календарската година за којашто се известува).

Асоцијацијата за е-трговија неодамна направи унпаредување на регистарот на е-трговци, кој претставува единствен регистар на онлајн продажни места кој се обновува во соработка со 5те банки кои нудат процесирање на е-трансакции. Регистарот содржи и категоризација, односно може да се прегледаат сите активни е-трговци и може да се пребаруваат е-трговците.

“Вредноста и бројот на онлајн трансакциите бележи и во 2024 година пораст. Минатата година ја одбележа и унапредувањето на понудата односно побогата понуда и примамливи промоции од домашните е-трговци, како и зголемување на понудата за домашните купувачи од интернационални е-трговци како Тему каде единствена платежна опција е плаќањето со картичка. Ефектите врз порастот останува да ги видиме преку податоците за првиот квартал годинава, а секако граѓаните ќе ги менуваат навиките и ова ќе влијае на вештините за онлајн купување кои што еволуираат. Отворањето на интернационалната понуда, од друга страна уште повеќе го истакна главниот предизвик за домашните е-понудувачи односно предизвиците со доставата. Оваа година очекуваме овој придружен и клучен сектор да се унапредува како што расте онлајн купувањето и очекувањата на купувачите, како и плаќањата. Асоцијацијата за е-трговија и минатата година со своите активности придонесе за проширување и зајакнување на понудата во е-трговија, унапредување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија и зајакнување на довербата во онлајн купувањето. Преку активности како што е регистарот на е-трговци, беџот за верификувани е-трговци и информативно-едукативните кампањи за јавноста влијаеме на поголема информираност, свесност и само-заштита на граѓаните со што придонесување и за унапредување на страната на побарувачката”, вели Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р. Нина Ангеловска Станков.

Анализи

ЕУ од суфицит премина во дефицит, трговскиот биланс се влоши за 89 милијарди евра

Објавено

на

Европската унија го заврши првото полугодие од 2026 година со дефицит во стоковната размена со остатокот од светот од 14,9 милијарди евра, откако во истиот период минатата година имаше суфицит од 74,1 милијарда евра, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Тоа значи дека трговскиот биланс на ЕУ за една година се влошил за дури 89 милијарди евра.

Од јануари до крајот на јуни, извозот на стоки од ЕУ во земјите надвор од Унијата изнесувал 1.317 милијарди евра, што е намалување од 2,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Во исто време, увозот се зголемил за 4,7 отсто, на 1.331,9 милијарди евра.

Само во јуни, ЕУ остварила суфицит од 3,9 милијарди евра, во споредба со 5,2 милијарди евра во истиот месец минатата година. Извозот на годишно ниво пораснал за 12,5 отсто, на 241,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,5 отсто, на 237,7 милијарди евра.

Евростат наведува дека трговскиот биланс во јуни се влошил за 1,3 милијарди евра во споредба со истиот месец во 2025 година. Главната причина е зголемениот дефицит во трговијата со енергенси, кој делумно бил ублажен со поголемиот суфицит кај хемиските и сродните производи.

ЕУ во јуни извезла енергенси во вредност од 12,2 милијарди евра, додека увозот достигнал 42,6 милијарди евра. Со тоа, дефицитот во оваа категорија изнесувал 30,4 милијарди евра, наспроти 23,8 милијарди евра една година претходно.

Најголем суфицит бил забележан во трговијата со хемиски производи, во износ од 17,3 милијарди евра, додека кај машините и возилата бил остварен вишок од 14,6 милијарди евра.

Најголем трговски дефицит ЕУ имала со Кина, во износ од 35,1 милијарда евра. Со Соединетите Американски Држави бил остварен суфицит од 11,2 милијарди евра, а со Обединетото Кралство од 17,1 милијарда евра.

Еврозоната, пак, во јуни повторно се вратила во суфицит, кој изнесувал 8,6 милијарди евра, по дефицитот од девет милијарди евра во мај. Во јуни минатата година суфицитот изнесувал 4,8 милијарди евра.

Извозот од еврозоната во јуни пораснал за 14,4 отсто, на 272,5 милијарди евра, додека увозот се зголемил за 13,1 отсто, на 264 милијарди евра.

Сепак, резултатот за целото прво полугодие е значително послаб од лани. Суфицитот на еврозоната се намалил од 82,2 милијарди евра во првите шест месеци од 2025 година на само 9,8 милијарди евра во истиот период годинава.

Продолжи со читање

Анализи

Европските берзи тргуваат претпазливо и покрај рекордот на Волстрит

Објавено

на

На европските берзи во петокот претпладне се тргуваше претпазливо, и покрај растот на Волстрит претходниот ден и новото рекордно ниво на американскиот индекс S&P 500.

Индексот STOXX 600, кој ги следи водечките европски компании, околу 9:30 часот беше речиси непроменет во однос на претходниот ден.

Лондонскиот FTSE се намали за 0,12 отсто, на 10.758 поени, додека германскиот DAX порасна за 0,55 отсто, на 26.445 поени. Парискиот CAC забележа минимален раст од 0,02 отсто и достигна 8.650 поени.

Мирно тргување беше забележано и на Загрепската берза, каде прометот остана релативно скромен.

Околу 10:30 часот индексот Crobex беше во плус од 0,09 отсто, на 4.433 поени, додека Crobex10 порасна за 0,06 отсто, на 2.865 поени.

Редовниот промет со акции до тој момент изнесуваше околу 370.000 евра, што е приближно 270.000 евра повеќе во споредба со истиот период претходниот ден.

Најголем промет, од околу 250.000 евра, беше остварен со акциите на Končar, чија цена остана непроменета на 1.010 евра.

Акциите на Maistra забележаа промет од околу 36.000 евра, а нивната цена се намали за 0,8 отсто, на 65,50 евра.

Промет поголем од 20.000 евра беше остварен и со уште две акции. Акциите на Zagrebačka banka поевтинија за 0,4 отсто, на 22,40 евра, додека повластените акции на Adris grupa пораснаа за 0,5 отсто, на 107 евра, пренесува Хина.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange