Колумни
Кон дигиталната ера: Електронскиот потпис, норма и неопходност на модерното банкарство
Автор: Александра Костовска-Вангеловска, Директор на Центар за организација, бизнис процеси и проектна канцеларија во НЛБ Банка
Во време кога технологијата навлегува во секој аспект од нашите животи, и потписот, оној обичен на хартија, добива своја трансформација. Во дигиталнатa ера кога брзината и флексибилноста се клучни, електронското потпишување станува норма и неопходност, а на ова првпат бевме сведоци за време на пандемијата кога дигиталните услуги, преку ноќ, станаа повеќе од потреба. Електронскиот потпис е применлив во низа дејности и индустрии вклучувајќи го и банкарскиот сектор, дотолку повеќе што комплетно го олеснува процесот на потпишување и архивирање на документацијата.
Електронското потпишување кај нас е регулирано со Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Законот е во согласност со регулативата eIDAS(EU), што овозможува признавање на квалификуваните електронски потписи, т.е „квалификуваниот електронски потпис има иста правна сила како и рачно напишаниот“.Тоа значи дека, електронски потпишаните договори за кредит, изјавите за отворање на платежна сметка или кој било друг документ се подеднакво валидни и обврзувачки како и документите потпишани со пенкало во хартиена форма. Оваа законска основа, усогласена со европските стандарди, уште повеќе им ги отвори вратите на банките да ги дигитализираат своите процеси.
Од почетокот на оваа година, во сите експозитури на НЛБ Банка во земјата, клиентите можат да ја потпишуваат документацијата за договори за потрошувачки кредити, кредитни картички и дозволено пречекорување на платежна сметка преку електронски уреди за потпишување (E-pads). Целокупната документација клиентите ја добиваат преку електронска пошта (во облик на задача со безбеден пристап до документацијата), а чувањето на истата се обезбедува кај квалификуван архивски центар за е-архива.
Зошто електронско потпишување?
Електронското потпишување носи многу придобивки. Електронските потписи се многу побезбедни од обичниот потпис на хартија. Тие користат напредно шифрирање – секој чекор се логира, секој документ има траг кој го потврдува потписникот и времето на потпис, што значи фалсификувањето или неовластеното менување е речиси невозможно, а што пак е основа за довербата во дигиталното банкарство.
За клиентите, искуството со електронскиот потпис доживува револуција. Нема повеќе „повелете потпишете тука… и тука… и тука“ на бескрајни страници, нема повеќе одење од шалтер до шалтер и долго потпишување на обемната банкарска документација. Документацијата се испраќа до клиентот преку е-пошта или преку апликација, клиентот ја прегледува и со само неколку клика ја потпишува електронски. Ефикасноста е огромна. Она што порано бараше координација со физичка средба или достава на документи, сега се сведува на едноставна процедура – сè благодарение на електронскиот потпис и електронската размена на документи. Електронските потписи значат побрзи и поефикасни процеси, и секако подобра услуга за клиентите. Доколку некогаш обработката на еден кредит бараше денови чекање за одобрување, како и долго рачно потпишување на документацијата, сега сето ова може да се заврши за само неколку минути.
Од аспект на придобивките за банките пак, електронскиот потпис значи побрза услуга, поширок досег, заштеда на хартија, заштита на животната средина и можност да се сервисираат клиенти и надвор од местата каде што банките имаат свои експозитури.
Сепак, предизвиците не изостануваат. Еден од најголемите е дигитална писменост и страв од безбедносни ризици. Многу од клиентите сè уште не се запознаени со тоа како функционира електронското потпишување и имаат страв од потенцијалните ризици. Затоа заедно со своите партнери вложуваме во кампањи за зголемување на свеста на клиентите преку едукација за функционирањето, безбедноста, едноставноста, како и заштедата на време од користењето на оваа технологија.

Електронско потпишување основа на дигитално банкарство
Јасно е дека иднината на банкарските услуги е во електронската автентикација и потпишување. Со разјаснување на регулаторните предизвици и со докажани успешни пилот-проекти, сега е време електронскиот потпис да стане основна опција за повеќето услуги. Тоа не значи дека хартијата веднаш ќе исчезне од банките – но ќе стане резервна, второстепена варијанта, додека примарно ќе се потпишува електронски.
Во НЛБ Групацијата долгорочно се заложивме за работење без хартија како дел од нашите стратешки цели. Наместо со употреба на хартија, постепено се префрлуваме кон дигитално делување и користење на напредни технолошки решенија, а во исто време ја заштитуваме животната средина – го намалуваме и т.н. јаглероден отпечаток. Нашата нова реалност е дигитализирање на документацијата, заштеда на хартија, а воедно и заштеда на средства. Покрај заштедите, оваа промена има дополнителна цел да го ослободи просторот за работа во нашите канцеларии и да ја подобри работната енергија, со поголем фокус кон продуктивноста, здравите навики и креативните идеи.
НЛБ Банка е пионер и еден од двигателите на дигиталната трансформација во земјата. Уште пред неколку години, односно во 2021 година започна соработката на Банката со партнери кои нудат услуга за дигитална идентификација и потпишување. За прв пат кај нас граѓаните добија алатка да склучуваат банкарски услуги без физичко присуство. Со ова на клиентите им се нуди супериорно корисничко искуство и целосна флексибилност да ги завршуваат работите кога ним им одговара.
НЛБ Банка не застанува тука. Како лидер во дигитализацијата на пазарот, согласно локалната регулатива, НЛБ Банка воведува безбедни платформи со соодветна автентикација за дигитално потпишување на потребната документација, при тоа внимавајќи на сигурноста и безбедноста на соодветното архивирање на документацијата.
Од неодамна НЛБ Банка овозможува дополнителен, дигитален канал за ажурирање на личните податоци на клиентите дури и при промена на документ за лична идентификација, преку веб страницата на Банката, овозможена со електронска идентификација на клиентот преку OneID на КИБС. Ажурирањето на личните податоци со електронски идентитет, на веб страната е брза и едноставна постапка без посета на физичка локација на банката.
Македонските банки се на добар пат кон дигиталната ера – останува само храбро да чекорат напред ера, каде што документите се потпишуваат со допир на екран, а не со притисок на пенкало. Хартијата полека заминува во историјата и добива повеќе сентиментално значење, а дигиталното банкарство е веќе реалност во која живееме и постојано ја унапредуваме. Клиентите очекуваат брзи, ефикасни и сигурни банкарски услуги, а наша задача е тоа и да им го овозможиме. Воведувањето на електронскиот потпис на кредитната документација за физички лица во експозитурите на НЛБ Банка е уште еден чекор повеќе на нашиот пат кон дигитална трансформација на банкарското работење, а интеграцијата на ова решение е само една од многуте иницијативи кои имаат за цел да го направат искуството на нашите клиенти модерно, ефикасно и еколошки одговорно.
Колумни
Кој ќе биде македонскиот Revolut?
Кога Coca Cola се ширеше низ светот во текот на минатиот век, не продаваше само пијалак. Создаваше глобален бренд кој изгледа и се препознава речиси исто без разлика дали потрошувачот е во Лондон, Лисабон, Њујорк или Токио.
Денес Revolut се обидува да направи нешто слично во финансискиот свет, односно да го претвори банкарството од локална услуга во глобален потрошувачки бренд.
И бројките покажуваат дека ова повеќе не е само амбициозна fintech приказна.
Revolut веќе има над 70 милиони корисници во повеќе од 40 земји. Во 2025 година остварил околу 6 милијарди долари приходи, а компанијата има цел да достигне 100 милиони корисници до средината на 2027 година и долгорочно да биде присутна на 100 пазари.
Но, можеби уште поинтересно прашање за нас е: Може ли истиот концепт да функционира во Македонија? И дали некоја од постоечките банки може практично да стане македонска дигитална банка?
Дигитална банка не значи само добра мобилна апликација
Речиси сите поголеми банки во Македонија денес имаат електронско и мобилно банкарство. Но тоа само по себе не ја прави банката дигитална.
Вистинскиот digital-first модел подразбира клиентот практично да нема причина да оди во експозитура.
Замислете банка во која нов клиент ја презема апликацијата и за неколку минути го поминува процесот на идентификација, отвора сметка, добива виртуелна картичка и веднаш може да започне да плаќа.
Преку истата апликација подоцна може да штеди, да земе дозволено пречекорување или кредит, да менува валути, да управува со картичките, да инвестира, да добива персонализирани понуди и да комуницира со банката.
Без хартија. Без шалтер. Без работно време од 8 до 16 часот.
Тоа е суштинската разлика помеѓу банка која има дигитални канали и банка која е изградена околу дигиталниот клиент.
Дали тоа е возможно во Македонија?
Технолошки: да.
И правната инфраструктура постепено создава подобри предуслови. Македонија има законска рамка за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, која беше дополнително менувана во 2025 година.
Но создавањето банка не е исто што и создавањето fintech апликација.
Банкарството останува строго регулирана дејност, со барања за лиценцирање, капитал, управување со ризици, спречување перење пари, сајбер-безбедност, заштита на депозити и голем број други регулаторни обврски. Македонскиот банкарски систем е регулиран преку Законот за банки и поврзаната регулатива.
Затоа поверојатното сценарио не е некој стартап утре да создаде „македонски Revolut“.
Многу поинтересно е нешто друго.
Што ако една постоечка банка одлучи да создаде „банка во банка“?
Токму тука може да се појави најголемата можност.
Наместо постоечката банка да се обидува постепено да ги дигитализира десетиците процеси создадени во изминатите 20 или 30 години, може да создаде посебен digital-first бренд.
На пример: Нова дигитална банка – под лиценцата и финансиската сила на постојната банка.
Нема потреба од голема мрежа експозитури.
Нема класични шалтери.
Нема десетици различни пакети и тарифи.
Нема комплициран onboarding.
Клиентот добива едноставна апликација, бесплатна или евтина основна сметка, виртуелна и физичка картичка, брзи трансфери, автоматско штедење, конкурентни курсеви, целосно дигитално кредитирање и поддршка 24/7.
Зад апликацијата, стои регулирана банка со капитал, инфраструктура, системи за управување со ризици и доверба на клиентите.
Тоа би можело да биде македонскиот одговор на Revolut.
Зошто некоја банка би го направила тоа?
Затоа што следната битка меѓу банките можеби нема да биде за бројот на банкомати и експозитури.
Ќе биде за тоа која апликација ќе стане главното место преку кое клиентот управува со своите пари.
Македонскиот пазар е мал и токму тоа на прв поглед изгледа како недостаток.
Но може да биде и предност.
Digital-first банка не мора да има стотици илјади клиенти за да започне. Таа може прво да се фокусира на младите, фриленсерите, луѓето кои патуваат, корисниците кои купуваат онлајн и малите бизниси.
А потоа следува уште поинтересното прашање.
Зошто да остане само во Македонија?
Ако технологијата и моделот функционираат, истиот бренд потенцијално може да биде основа за регионална експанзија, секако со потребните лиценци и усогласување со регулативата на секој пазар.
Македонија сама по себе е пазар од ограничен размер. Западен Балкан е веќе многу поинтересна приказна.
Најголемата пречка можеби нема да биде технологијата
Revolut покажува дека технологијата може да создаде извонредно корисничко искуство. Но неговата глобална експанзија истовремено покажува колку е важна регулативата.
Компанијата обезбедува банкарски лиценци пазар по пазар. Во 2026 година започна целосни банкарски операции во Мексико, а во САД поднесе барање за банкарска лиценца.
Тоа ни покажува дека дури и најглобалната банкарска апликација мора локално да се приспособува.
Затоа најголемата промена која би требало да ја направи една македонска банка можеби не е нов банкарски систем или нова апликација.
Потребна е промена во начинот на размислување.
Наместо прашањето:
„Како постојниот банкарски процес да го ставиме онлајн?“
Треба да се постави:
„Како би изгледала банката ако денес ја создававме од нула за клиент кој никогаш не сака да влезе во експозитура?“
Разликата меѓу овие две прашања е огромна.
Кој прв ќе се осмели?
Македонските банки имаат нешто што fintech стартапите го немаат лесно, тоа е банкарска лиценца, капитал, голем број клиенти и најважното – доверба.
Fintech компаниите, имаат нешто што традиционалните банки тешко го создаваат, тоа е брзина и слобода да го редизајнираат корисничкото искуство од почеток.
Банката која ќе успее да ги спои овие два света може да создаде нешто навистина различно на македонскиот пазар.
Не уште една мобилна апликација.
Не уште еден редизајн на електронското банкарство.
Туку вистинска digital-first банка.
И можеби прашањето веќе не е дали Македонија ќе има таква банка.
Прашањето е која од постојните банки прва ќе се осмели да ја создаде пред некој регионален или глобален играч да го направи тоа наместо неа?
Автор: Филип Чижбановски
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Колумни
Најважни менаџерски вештини во дигиталното деловно опкружување
Во современата дигитална економија, менаџерите се соочуваат со динамични технолошки промени, засилена глобална конкуренција и постојана потреба од иновации. Според анализите на Harvard Business Review и McKinsey & Company, лидерите кои успешно комбинираат дигитални, стратешки и интерперсонални вештини имаат поголема способност за адаптација и создаваат попродуктивни тимови.
1. Дигитална писменост и технолошка компетентност
Дигиталната трансформација не е повеќе избор, туку стандард. Менаџерите мора да разбираат како функционираат дигиталните алатки, аналитиката на податоци, cloud решенијата и алатките за онлајн комуникација.
Практична примена:
-Следење на KPI индикатори во реално време
-Оптимизација на процеси преку автоматизација и AI решенија
-Имплементација на дигитални стратегии во рамки на тимовите
2. Агилно лидерство и адаптибилност
Брзината на пазарните промени бара флексибилен пристап. Агилниот менаџмент овозможува брзо тестирање идеи, прилагодување на стратегијата и подобрување на резултатите.
Клучни елементи:
-Кратки циклуси на планирање (спринтови)
-Брза итерација на производи и услуги
-Флексибилно распределување на задачи
3. Комуникациски вештини во дигитален контекст
Во хибридни и целосно оддалечени тимови, јасната и транспарентна комуникација е пресудна. Успешните менаџери знаат како да користат дигитални платформи за соработка и да одржат високо ниво на ангажираност кај вработените.
4. Стратешко размислување и донесување одлуки
Дигиталното опкружување бара балансирање помеѓу анализа на податоци и лидерска интуиција. Стратешкото размислување овозможува организацијата да се позиционира долгорочно на пазарот.
Примена:
-Анализа на пазарот и конкурентската средина
-Развој на дигитални деловни модели
-Планирање на ресурси и иновации
5. Емоционална интелигенција и мотивација
Технологијата е важна, но луѓето остануваат клучен фактор. Менаџерите со висока емоционална интелигенција создаваат доверба, поттикнуваат соработка и ја зголемуваат лојалноста на тимот.
Примери:
-Разбирање на индивидуалните предизвици
-Конструктивна повратна информација
-Мотивација преку признание и награди
6. Управување со проекти и продуктивност
Современите методологии како Agile, Scrum и Kanban овозможуваат подобра организација на задачите и почитување на роковите и буџетите. Дигиталните алатки дополнително ја зголемуваат транспарентноста и ефикасноста.
7. Иновативност и креативно решавање проблеми
Компаниите кои успеваат во дигиталната економија се оние што постојано иновираат. Менаџерите треба да создадат култура каде што новите идеи се охрабруваат, а грешките се гледаат како можност за учење.
Зошто овие вештини се клучни?
Менаџерите кои ги развиваат овие компетенции можат да:
-Ја зголемат конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар
-Привлечат стратешки партнери и инвестиции
-Развијат одржливи и профитабилни дигитални деловни модели
-Брзо се прилагодуваат на новите технологии и трендови
Заклучок
Дигиталните, лидерските и интерперсоналните вештини денес се основа за успешно управување. Континуираното инвестирање во знаење, адаптибилност и иновации не е само личен развој на менаџерот, туку и стратешка предност за целата организација.
Во време кога дигиталната трансформација го редефинира начинот на работа, вистинската комбинација на технологија, стратегија и човечки пристап претставува клуч за долгорочен раст и стабилност.
Извор: Bankar.me
Колумни
Bankarstvo.mk останува чист од политика – независен медиум за банкарство и финансии
Порталот Bankarstvo.mk никогаш не бил и нема да биде медиум кој рекламира или поддржува ниту една политичка партија. Нашиот фокус отсекогаш бил јасен – професионално известување и анализирање во сферата на банкарството, финансиите и економијата.
Со тоа го одржуваме нашиот кредибилитет и довербата кај читателите и клиентите, без да навлегуваме во области кои не се сродни со нашата мисија и визија. Како и досега, нашите партнери и клиенти ќе бидат компании и институции кои имаат директна корист од соработката, а не политички структури кои би можеле да нè обележат во иднина.
Особено сакаме да нагласиме дека за време на кампањата за локалните избори 2025 на нашиот портал нема да биде објавен ниту еден банер од ниту една политичка партија. Со тоа ја потврдуваме нашата определба да останеме независни и да не дозволиме политичкото финансирање да влијае врз нашиот кредибилитет.
Нашата цел е да создадеме платформа која ќе остане препознатлива по стручност, интегритет и фокус кон економските теми што се од интерес за граѓаните и деловната заедница.
На сите политички партии им посакуваме успех, со надеж конечно да почнат да работат за интересите на граѓаните, наместо за сопствените џебови.
(Банкарство)
-
Продуктипред 2 месециИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк
-
Кариерапред 2 месециСтопанска банка бара агент за грижа на корисници
-
Кариерапред 1 месецСтопанска банка Скопје вработува трезорист, отворен оглас за апсолвенти и дипломирани економисти





