Connect with us
no baners

Останато

Ќе се зголеми минималната плата, но се уште не е познато за колку!?

Објавено

на

Минималната плата треба да се зголеми овој месец, но за колку, се уште не е познато.

Согласно законот, зголемувањето би требало да биде околу 1.800 денари, а синдикатот бара зголемување за 6.000 денари и придонесите за разликата до 30.000 денари, колку што би изнесувала минималната плата, да ги субвенционира Владата.

Од Владата, пак велат дека пари во Буџетот за оваа намена не се планирани.

Се согласуваат со секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Одлуката треба да биде донесена на Економско-социјалниот совет каде партиципираат трите социјални партнери, но засега не се знае кога ќе се одржи седницата.

Во вторник, според најавите, на владина седница треба да бидат предложени тројцата членови во Комисијата за репрезентативност кои ќе треба да ја утврдат репрезентативноста на синдикатите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите потврди дека во Буџетот нема пари за субвенционирање.

За него е прифатливо секое решение што ќе го договорат синдикатите и работодавачите, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.

Коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата, Мицкоски рече дека жали што синдикатот се претворил во гласноговорник на опозицијата.

„Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвора во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Парламентот, тие го говорат на прес-конференции.

Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог.

Тие мислат дека сега ќе го исцрпат Буџетот и дека ние ќе дадеме 100-200 милиони денари за нив нема за улици, градинки, училишта, канализации. . . “, изјави Мицкоски.

ССМ во понеделникот побара зголемување на минималната плата од 6.000 денари со што таа би достигнала до 30.000 денари, а работодавачите една година да бидат ослободени од социјалните придонеси, односно придонесите да ги субвенционира државата.

 Според претседателот на ССМ, созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците, но и да го сочуваат квалификуваниот кадар.

Секој глас против зголемување на платите, како што истакна претседателот на ССМ, е глас за купување билет во еден правец и напуштање на државата.

„Апелирам до Владата и работодавачите да го прифатат предлогот на ССМ, а пратениците, како што беа сложни за нивните патни трошоци, да гласаат за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите остантати плати на работниците во Македонија. Ние не правиме упад во даночната политика, напротив.

Со тоа што ќе добиеме зголемени плати нема да заминеме во банките за да ги штедиме тие средства што сме ги добиле како зголемување, туку со нив ќе ги купиме основните прехранбени производи кои се даночат со стапка од 5, 10, 15 или 18 отсто“, рече Трендафилов на прес-конференција во понеделникот.

Бизнис

Димитриеска-Кочоска го означи стартот на Годинашата програма за обуки на Академијата за јавни финансии

Објавено

на

Министерството за финансии преку Академијата за јавни финансии започна со реализација на Годишната програма за обуки за 2026 година, која содржи вкупно 17 обуки на внимателно избрани теми, насочени кон зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на управувањето со јавните финансии.

Првата обука, одржана на 13 март, беше посветена на Фискалната стратегија – документ кој ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика. Нејзиното разбирање од страна на вработените е клучно за нивното работење и за остварување на целите и приоритетите на институциите. Oбуката ја одржаа Тоше Пановски – раководител на одделение за буџет и буџетска политика, Александра Алтиевска Ангелиќ -раководител на одделение за буџети на фондови.

Учесниците ги поздрави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која ја истакна важноста од континуирана едукација и професионално усовршување на административните капацитети.

„Заедничката соработка со другите институции е важен фактор за постигнување подобри резултати и изработка на соодветни анализи. Системот е успешен доколку и поединците кои работат во институциите се успешни и постигнуваат подобри резултати. Затоа промената што ќе ја постигнеме преку знаењето влијае на подобрување на целокупното функционирање. Преку Академијата и овие обуки правиме еден вид вмрежување и комуникација во насока на надградување на знаењето и градење на капацитетите на институциите. Вработените со знаење градат ефикасни институции“, изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

На обуката присуствуваа претставници од различни институции од јавниот сектор, со цел унапредување и зајакнување на среднорочното буџетско планирање, со фокус на петгодишна перспектива, како и продлабочување на знаењата за современите пристапи во управувањето со јавните финансии.

Во рамки на обуката беа презентирани основните цели на новиот Закон за буџети, придобивките од новото законско решение, како и клучните новини од неговата примена. Дополнително, беше обработен концептот на среднорочно буџетско планирање и процесот на подготовка на Фискалната стратегија.

На 16 март 2026 година, во рамки на Годишната програма, беше реализирана и втора обука на тема „Управување со ризици“, наменета за вработени од јавниот сектор, вклучувајќи координатори за стратешки и оперативни ризици, раководители на организациони единици и внатрешни ревизори.

Целта на обуката беше учесниците детално да ги разберат методолошките аспекти на процесот на управување со ризици и да се оспособат за ефикасно спроведување на сите чекори од Методологијата за управување со ризици кај јавните субјекти.

Обуката ја спроведе д-р Мите Митевски, раководител на Секторот за централна хармонизација на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, искусен експерт, користејќи интерактивен пристап преку презентации, групни дискусии и студии на случај.

Учесниците се запознаа со новините во законската регулатива и меѓународните стандарди за внатрешна контрола, методологијата за управување со ризици и нејзината поврзаност со стратешкото планирање, како и со улогата на клучните актери и внатрешната ревизија во процесот. Посебен акцент беше ставен на практични примери и добра пракса, вклучително и управување со ризици од корупција.

Преку презентации, размена на искуства и интерактивна дискусија, учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења и практични вештини, со што обуките значително придонесоа за зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на процесите на фискално планирање и управување со ризици.

Министерството за финансии преку Академијата за јавни финансии останува посветено на континуирана едукација и развој на човечките ресурси во јавниот сектор, со цел унапредување на квалитетот на управувањето со јавните финансии и зголемување на ефикасноста на институциите.

Продолжи со читање

Бизнис

УЈП воведува „паметно“ управување со даночните долгови: нова стратегија за реална Листа на должници

Објавено

на

Во рамки на стратешката иницијатива за зајакнување на административните капацитети, Управата за јавни приходи започнува имплементација на зајакнат системски пристап во управувањето со долговите на даночните обврзници, насочен кон јасен фокус, поголема ефикасност и реални резултати.

Клучен чекор во овој процес е донесувањето на Стратегија за реална и наплатлива Листа на должници, со која листата повеќе нема да биде архива на историски податоци кои се резултат на наталожени и неажурирани состојби во даночните регистри и евиденции, која низ годините стана обемна и го отежнува правилното согледување на даночните побарувања на државата и планирањето на мерките. Целта е да се воспостави реална и употреблива база на податоци како здрава основа за подобро насочување на ресурсите и поефикасна наплата.

„Прочистувањето на Листата на должници не значи откажување од наплатата, туку јасен фокус за правилни мерки врз основа на класификација и категоризација на долговите. Чистите податоци се основа за ефикасна наплата“, истакнува директорката на УЈП м-р Елена Петрова.

Како дел од системскиот пристап, спроведуваме и реорганизација на оперативните надлежности за наплата на долгови, преку разграничување меѓу масивните, рутински постапки (блокади на сметки), постапките кои бараат индивидуализиран пристап кон должникот (присилна наплата од имот, приходи и побарувања на должникот) и најсложените случаи во кои се применуваат специфични мерки (судски постапки, гаранции и сл.).

Дополнително, УЈП донесе Повелба за формирање на Центар за даночно извршување, со цел зајакнување на теренските капацитети за лоцирање на движен и недвижен имот на должник, правилна процена на неговата вредност и поефикасно впаричување.

Со овие мерки, УЈП преминува кон „паметно“ управување со даночните долгови, засновано на реални податоци, јасна приоретизација на случаите и рационално користење на институционалните ресурси. Очекуваните ефекти од овој пристап се: подобрена наплата, намалување на даночниот јаз поврзан со ненаплатени даночни обврски и зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на податоците за даночните побарувања на државата.

Продолжи со читање

Бизнис

Г7 ќе разговара за ослободување на итните нафтени резерви по растот на цената над 100 долари

Објавено

на

Министрите за финансии на земјите од групата Г7 се подготвуваат да разговараат за можноста за ослободување на итните нафтени резерви, откако војната меѓу САД и Израел со Иран ја турна цената на суровата нафта над 100 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година.

Според извештај на „Фајненшл тајмс“, разговорите ќе се одржат на итен телефонски состанок координиран од Меѓународната агенција за енергија (IEA). Состанокот е закажан за 8:30 часот по њујоршко време и ќе се фокусира на последиците од конфликтот во Иран врз глобалниот енергетски пазар.

Досега три земји од Г7, меѓу кои и САД, наводно изразиле поддршка за ослободување на дел од резервите. Стратешките резерви ги чуваат 32 земји членки на Меѓународната агенција за енергија како дел од систем за итни интервенции при енергетски кризи.

Американските власти сметаат дека соодветно би било на пазарот да се пуштат меѓу 300 и 400 милиони барели нафта, што претставува околу 25 до 35 проценти од вкупните резерви од 1,2 милијарди барели.

Во меѓувреме, Европската унија најави дека координациските групи за снабдување со нафта и гас ќе одржат состанок за да го следат влијанието на конфликтот врз европските енергетски резерви. Земјите членки на ЕУ се обврзани да одржуваат резерви што покриваат најмалку 90 дена потрошувачка.

Пазарите веќе реагираа на ескалацијата на Блискиот Исток. Цената на нафтата Брент во раното тргување во понеделникот скокна за дури 29 проценти и достигна 119,50 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години. Подоцна, по веста за можниот состанок на Г7, цената се стабилизираше на околу 106,73 долари за барел, што претставува раст од околу 15 проценти.

Растот на цените на енергенсите предизвика пад на берзите во Азија и Европа. Британскиот индекс FTSE 100 се намали за 1,9 проценти, германскиот DAX падна за речиси 1 процент, додека францускиот CAC 40 загуби околу 0,7 проценти. Индексот Stoxx Europe 600, кој ги следи најголемите компании во Европа, се намали за 1,5 проценти.

Дополнителна загриженост на пазарите предизвика и ситуацијата во Ормутскиот теснец, преку кој обично минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас по море, а кој практично е затворен веќе една недела.

Во меѓувреме, најмалку пет енергетски објекти во и околу Техеран биле погодени во напади, додека националната нафтена компанија на Кувајт соопшти дека привремено го намалува производството како превентивна мерка поради зголемените безбедносни ризици.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека растот на цената на нафтата е „многу мала цена“ што треба да се плати за безбедноста и мирот во светот, оценувајќи дека станува збор за краткорочна последица од војната со Иран.

Од иранската Револуционерна гарда, пак, предупредија дека нападите врз енергетската инфраструктура можат дополнително да ги зголемат цените на нафтата, порачувајќи дека доколку светот може да издржи цена од над 200 долари за барел, тогаш конфликтот може да продолжи.

Системот за итни нафтени резерви беше воспоставен во 1974 година со создавањето на Меѓународната агенција за енергија, по арапското нафтено ембарго кое тогаш предизвика глобална енергетска криза. Од тогаш до денес, IEA координирала пет заеднички ослободувања на резервите, од кои последните две беа како одговор на руската инвазија врз Украина.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange