Колумни
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
Автор: Светлана Богоески, Раководител на Служба за картички и дигитални сервиси во НЛБ Банка
Дигитално банкарство – засилената автентикација, безбедносна мерка за превенција од злоупотреби
Во актуелниот животен ритам, кога динамиката налага сѐ да биде на дофат на рака, потребата за брз и лесен пристап до финансиски средства станува сѐ поприсутна. Сѐ поголем број на корисници бараат брз и лесен начин да купуваат, плаќаат и управуваат со своите пари, без да дојдат во банка или на физичко продажно место. Со експанзијата на е-трговијата и постепеното напуштање на традиционалните форми на економија, сѐ повеќе и трговците и клиентите ја прифаќаат дигитализацијата, особено во банкарските услуги. Овој тренд на користење на новите технологии, како што се мобилните апликации и платформи за онлајн плаќање, донесе промена и во навиките на луѓето. Но, зголемената леснотија која ја овозможува дигитализацијата, ги зголемува и безбедносните ризици, неизбежно и очекувано. Од тие причини, ефикасната заштита на личните податоци и средствата на клиентите станува клучен приоритет во дигиталното банкарство.
Во последните години, банките и финтек компаниите го олеснија пристапот до финансиски услуги, па така сега можеме да aктивираме услуга „мобилно банкарство“ без физичко да дојдеме во банка, да аплицираме онлајн за кредит без потреба од приложување на физичка документација, да префрлиме средства онлајн на пријател преку неговиот број на мобилен телефон, да префрлиме средства од/на штедна сметка и уште многу други финасиски услуги достапни само со неколку клика.
Зошто засилената автентикација е неопходна во дигиталното банкарство?
Забрзаниот и модерен развој на дигиталните банкарски услуги е одличен за корисничкото искуство, но создава нови безбедносни ризици. Зголемените ризици одонлајн измами на корисници и злоупотреба на лични податоци земаат замав и сѐ пoприсутни во секое дигитално општество. Нашето општество не е исклучок.
Во банкарството, автентикацијата која ја побарува банката е всушност потврда на идентитетот на клиентот пред да му се овозможи пристап до одредени финансиски услуги. Тоа е критична безбедносна мерка со цел да се превенира измама, неовластен пристап, кражба на идентитет. Засилената автентикација, односно двофакторската автентикација, е метод кој овозможува преку соодветно комбинирање на елементи за автентикација да се потврди корисникот дека е тој што пристапува до дигиталните сервиси. На овој начин се намалува веројатноста од злоупотреба и неовластен пристап до дигиталните канали од страна на сајбер измнамниците, а со тоа и до личните финансиски средства.
Нејчеста форма на злоупотреба е фишингот, каде „сајбер измамникот“ се обидува да го измами корисникот да му ги открие своите лични податоци, како што се лозинки или броеви на кредитни картички, користејќи лажни веб-страници или пораки, како и преку директна телефонска комуникација. Секојдневно се појавуваат нови форми на измами.
Едни од најчестите измами кои ги напаѓаат корисниците на дигиталните платформи вклучуваат: лажни понуди на социјалните мрежи – измамници често користат популарни платформи како Facebook или Instagram за да постават лажни понуди за „награда или подарок”, кои водат до фалсификувани веб-страници каде корисниците внесуваат лични податоци; лажни финансиски советници – преку директна телефонска комуникација или социјални мрежи се нудат лажни услуги за инвестирање кои бараат лични податоци или пристап до финансиски средства; фалсификувани онлајн продавници – понуди за стоки или услуги, најчесто брендови по ниски цени односно „премногу добри за да се вистинити” кои во реалноста не постојат или не се доставуваат, а корисниците влегуваат на лажни страници каде ги внесуваат своите банкарски податоци; лажни технички поддршки – измамници кои се претставуваат како дел од техничка поддршка за банка или популарни платформи, бараат пристап до личните податоци или компјутерски уреди за да превземат информации.
Од сето ова произлегува потребата за градење на безбедни дигитални сервиси кои не само што ќе ги задоволат регулаторните барања, туку и ќе обезбедат максимална заштита на корисниците. Па така, засилената автентикација станува задолжителна во дигиталното банкарство затоа што ја зајакнува безбедноста, ги намалува злоупотребите, ги штити корисниците во дигиталниот свет и обезбедува регулаторна усогласеност.
Во согласност со локалната регулатива, која е во и во согласност со европската Директива за платежни услуги (PSD2), НЛБ Банка пристапи кон имплементација на засилената автентикација како регулаторно барање, притоа следејќи ги искуствата и праксата од европскиот регион.
Засилената автентикација како регулатива во рамките на Директивата за платежни услуги PSD2, но и пракса е застапена и на европско ниво. Revolut, N26 и други финтке компании, како и европските банки, веќе ја имплементираа засилената автентикација, што резултираше со значително намалување на бројот на успешни измами. Европската банкарска агенција (ЕБА) забележа значително намалување на измамите во плаќањето по имплементацијата на засилена автентикација на клиенти (SCA) според PSD2. Поточно, за време на периодот на миграција во SCA во 2020-2021 година, ЕБА забележа намалување на просечната стапка на измама до 60% за плаќања со картички.

Како засилената автентикација ја подобрува безбедноста без да го наруши корисничкото искуство?
Како најбезбедни и најчесто користени методи на засилена автентикација кои и ние како НЛБ Банка ги користиме, а се општо прифатени и во светот се Push нотификација и биометриска автентикација – брзо, лесно и безбедно.
Push нотификација е безбедносен механизам, каде преку мобилна апликација се испраќа порака/известување до корисникот, при секоја трансакција или обид за пристап до неговиот кориснички профил. Тоа е порака што се појавува на мобилниот уред на корисникот и бара потврда (често преку едноставен клик). Овој метод е популарен бидејќи е брз и лесен за користење. За разлика од традиционалните методи кои бараат внесување на лозинки, push нотификациите им овозможуваат на корисниците да потврдат дека тие се вистинскиот иницијатор на трансакцијата, без внесување на комплексни лозинки или кодови.
Биометриската автентикација е друга форма на засилена автентикација, која користи
уникатни физички карактеристики на корисникот, како што се отпечаток од прст, препознавање на лице или ирис. Овие биометриски податоци е исклучително тешко да се фалсификуваат, што ја прави оваа метода многу сигурна. Но, безбедноста не е единствната карактерисика на биометриската автентикација Таа, истовремено е и многу удобна за корисниците, бидејќи не мораат да запишуваат или паметат лозинки. Со интеграцијата на биометриските технологии во мобилните уреди и апликации, корисниците можат лесно и брзо да потврдат свои финансиски трансакции без потреба за дополнителни чекори.
Колку е подготвен просечниот корисник?
Истражувањата, а и нашето искуство, покажуваат дека многу корисници не сакаат дополнителни чекори при користење на дигиталните услуги бидејќи ги сметаат за комплицирани.
Голем број граѓани сè уште користат едноставни лозинки и користат исти лозинки за повеќе услуги. Уште повеќе што лозинките ги запишуваат на своите незаштитени уреди и често ги споделуваат со своите најблиски. Овој начин на постапување и навики на корисниците директно влијаат и на безбедноста на дигиталните банкарски сервиси. Меѓутоа, со воведувањето на засилената автентикација од страна на банката, корисникот добива поголема заштита и сигурност, каде е намалена веројатноста за пристап до неговите лични и финансиски податоци од страна на измамници, и ја намалува можноста за одлив на средства преку неговите дигитални платежни услуги. Но сепак, начинот на користење на засилената автентикација како и финансиските дигитални сервиси во најголема мера зависат од корисникот.
Оттука и потребата од контиунирано советување и едукација на корисниците во врска со засилената автентикација и потребата од заштита на своите податоци во дигиталниот свет. Пристапот до мобилниот уред, или друг уред на кој се чуваат лични податоци и финансиски апликации, пристапот до картичните податоци, e-mail адреси, треба да е заштитен соодветно, односно да се поими на ист начин и на исто ниво како што се третира пристапот до нашите домови или автомобили. Вообичаено, ние не прифаќаме некој непознат така лесно да влезе во нашиот дом и не одобруваме пристап во нашиот дом со цел „хигиена на домот за само 1 евро”. Исто така, не одобруваме некој непознат да пристапи до нашиот дом и побара електричните уреди да ги дадеме за да добиеме „голема крипто-инвестиција, која ќе ни донесе огромна заработка за само неколку дена”. Не одобруваме непознато лице да влезе во нашиот дом и ни понуди „бесплатно патување само доколку му ги дадеме картичните податоци”. Истото треба да го аплицираме и во дигиталниот свет, колку и да звучи понудата нереално.
Со зголеменото користење на дигиталните услуги банките мора да ја зголемат безбедноста, а корисниците да станат посвесни за ризиците. Засилената автентикација не е само регулаторно барање – таа е неопходен чекор за безбедно и модерно банкарство, а безбедноста не треба да биде избор, туку стандард.
Колумни
Кој ќе биде македонскиот Revolut?
Кога Coca Cola се ширеше низ светот во текот на минатиот век, не продаваше само пијалак. Создаваше глобален бренд кој изгледа и се препознава речиси исто без разлика дали потрошувачот е во Лондон, Лисабон, Њујорк или Токио.
Денес Revolut се обидува да направи нешто слично во финансискиот свет, односно да го претвори банкарството од локална услуга во глобален потрошувачки бренд.
И бројките покажуваат дека ова повеќе не е само амбициозна fintech приказна.
Revolut веќе има над 70 милиони корисници во повеќе од 40 земји. Во 2025 година остварил околу 6 милијарди долари приходи, а компанијата има цел да достигне 100 милиони корисници до средината на 2027 година и долгорочно да биде присутна на 100 пазари.
Но, можеби уште поинтересно прашање за нас е: Може ли истиот концепт да функционира во Македонија? И дали некоја од постоечките банки може практично да стане македонска дигитална банка?
Дигитална банка не значи само добра мобилна апликација
Речиси сите поголеми банки во Македонија денес имаат електронско и мобилно банкарство. Но тоа само по себе не ја прави банката дигитална.
Вистинскиот digital-first модел подразбира клиентот практично да нема причина да оди во експозитура.
Замислете банка во која нов клиент ја презема апликацијата и за неколку минути го поминува процесот на идентификација, отвора сметка, добива виртуелна картичка и веднаш може да започне да плаќа.
Преку истата апликација подоцна може да штеди, да земе дозволено пречекорување или кредит, да менува валути, да управува со картичките, да инвестира, да добива персонализирани понуди и да комуницира со банката.
Без хартија. Без шалтер. Без работно време од 8 до 16 часот.
Тоа е суштинската разлика помеѓу банка која има дигитални канали и банка која е изградена околу дигиталниот клиент.
Дали тоа е возможно во Македонија?
Технолошки: да.
И правната инфраструктура постепено создава подобри предуслови. Македонија има законска рамка за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, која беше дополнително менувана во 2025 година.
Но создавањето банка не е исто што и создавањето fintech апликација.
Банкарството останува строго регулирана дејност, со барања за лиценцирање, капитал, управување со ризици, спречување перење пари, сајбер-безбедност, заштита на депозити и голем број други регулаторни обврски. Македонскиот банкарски систем е регулиран преку Законот за банки и поврзаната регулатива.
Затоа поверојатното сценарио не е некој стартап утре да создаде „македонски Revolut“.
Многу поинтересно е нешто друго.
Што ако една постоечка банка одлучи да создаде „банка во банка“?
Токму тука може да се појави најголемата можност.
Наместо постоечката банка да се обидува постепено да ги дигитализира десетиците процеси создадени во изминатите 20 или 30 години, може да создаде посебен digital-first бренд.
На пример: Нова дигитална банка – под лиценцата и финансиската сила на постојната банка.
Нема потреба од голема мрежа експозитури.
Нема класични шалтери.
Нема десетици различни пакети и тарифи.
Нема комплициран onboarding.
Клиентот добива едноставна апликација, бесплатна или евтина основна сметка, виртуелна и физичка картичка, брзи трансфери, автоматско штедење, конкурентни курсеви, целосно дигитално кредитирање и поддршка 24/7.
Зад апликацијата, стои регулирана банка со капитал, инфраструктура, системи за управување со ризици и доверба на клиентите.
Тоа би можело да биде македонскиот одговор на Revolut.
Зошто некоја банка би го направила тоа?
Затоа што следната битка меѓу банките можеби нема да биде за бројот на банкомати и експозитури.
Ќе биде за тоа која апликација ќе стане главното место преку кое клиентот управува со своите пари.
Македонскиот пазар е мал и токму тоа на прв поглед изгледа како недостаток.
Но може да биде и предност.
Digital-first банка не мора да има стотици илјади клиенти за да започне. Таа може прво да се фокусира на младите, фриленсерите, луѓето кои патуваат, корисниците кои купуваат онлајн и малите бизниси.
А потоа следува уште поинтересното прашање.
Зошто да остане само во Македонија?
Ако технологијата и моделот функционираат, истиот бренд потенцијално може да биде основа за регионална експанзија, секако со потребните лиценци и усогласување со регулативата на секој пазар.
Македонија сама по себе е пазар од ограничен размер. Западен Балкан е веќе многу поинтересна приказна.
Најголемата пречка можеби нема да биде технологијата
Revolut покажува дека технологијата може да создаде извонредно корисничко искуство. Но неговата глобална експанзија истовремено покажува колку е важна регулативата.
Компанијата обезбедува банкарски лиценци пазар по пазар. Во 2026 година започна целосни банкарски операции во Мексико, а во САД поднесе барање за банкарска лиценца.
Тоа ни покажува дека дури и најглобалната банкарска апликација мора локално да се приспособува.
Затоа најголемата промена која би требало да ја направи една македонска банка можеби не е нов банкарски систем или нова апликација.
Потребна е промена во начинот на размислување.
Наместо прашањето:
„Како постојниот банкарски процес да го ставиме онлајн?“
Треба да се постави:
„Како би изгледала банката ако денес ја создававме од нула за клиент кој никогаш не сака да влезе во експозитура?“
Разликата меѓу овие две прашања е огромна.
Кој прв ќе се осмели?
Македонските банки имаат нешто што fintech стартапите го немаат лесно, тоа е банкарска лиценца, капитал, голем број клиенти и најважното – доверба.
Fintech компаниите, имаат нешто што традиционалните банки тешко го создаваат, тоа е брзина и слобода да го редизајнираат корисничкото искуство од почеток.
Банката која ќе успее да ги спои овие два света може да создаде нешто навистина различно на македонскиот пазар.
Не уште една мобилна апликација.
Не уште еден редизајн на електронското банкарство.
Туку вистинска digital-first банка.
И можеби прашањето веќе не е дали Македонија ќе има таква банка.
Прашањето е која од постојните банки прва ќе се осмели да ја создаде пред некој регионален или глобален играч да го направи тоа наместо неа?
Автор: Филип Чижбановски
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.
Колумни
Најважни менаџерски вештини во дигиталното деловно опкружување
Во современата дигитална економија, менаџерите се соочуваат со динамични технолошки промени, засилена глобална конкуренција и постојана потреба од иновации. Според анализите на Harvard Business Review и McKinsey & Company, лидерите кои успешно комбинираат дигитални, стратешки и интерперсонални вештини имаат поголема способност за адаптација и создаваат попродуктивни тимови.
1. Дигитална писменост и технолошка компетентност
Дигиталната трансформација не е повеќе избор, туку стандард. Менаџерите мора да разбираат како функционираат дигиталните алатки, аналитиката на податоци, cloud решенијата и алатките за онлајн комуникација.
Практична примена:
-Следење на KPI индикатори во реално време
-Оптимизација на процеси преку автоматизација и AI решенија
-Имплементација на дигитални стратегии во рамки на тимовите
2. Агилно лидерство и адаптибилност
Брзината на пазарните промени бара флексибилен пристап. Агилниот менаџмент овозможува брзо тестирање идеи, прилагодување на стратегијата и подобрување на резултатите.
Клучни елементи:
-Кратки циклуси на планирање (спринтови)
-Брза итерација на производи и услуги
-Флексибилно распределување на задачи
3. Комуникациски вештини во дигитален контекст
Во хибридни и целосно оддалечени тимови, јасната и транспарентна комуникација е пресудна. Успешните менаџери знаат како да користат дигитални платформи за соработка и да одржат високо ниво на ангажираност кај вработените.
4. Стратешко размислување и донесување одлуки
Дигиталното опкружување бара балансирање помеѓу анализа на податоци и лидерска интуиција. Стратешкото размислување овозможува организацијата да се позиционира долгорочно на пазарот.
Примена:
-Анализа на пазарот и конкурентската средина
-Развој на дигитални деловни модели
-Планирање на ресурси и иновации
5. Емоционална интелигенција и мотивација
Технологијата е важна, но луѓето остануваат клучен фактор. Менаџерите со висока емоционална интелигенција создаваат доверба, поттикнуваат соработка и ја зголемуваат лојалноста на тимот.
Примери:
-Разбирање на индивидуалните предизвици
-Конструктивна повратна информација
-Мотивација преку признание и награди
6. Управување со проекти и продуктивност
Современите методологии како Agile, Scrum и Kanban овозможуваат подобра организација на задачите и почитување на роковите и буџетите. Дигиталните алатки дополнително ја зголемуваат транспарентноста и ефикасноста.
7. Иновативност и креативно решавање проблеми
Компаниите кои успеваат во дигиталната економија се оние што постојано иновираат. Менаџерите треба да создадат култура каде што новите идеи се охрабруваат, а грешките се гледаат како можност за учење.
Зошто овие вештини се клучни?
Менаџерите кои ги развиваат овие компетенции можат да:
-Ја зголемат конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар
-Привлечат стратешки партнери и инвестиции
-Развијат одржливи и профитабилни дигитални деловни модели
-Брзо се прилагодуваат на новите технологии и трендови
Заклучок
Дигиталните, лидерските и интерперсоналните вештини денес се основа за успешно управување. Континуираното инвестирање во знаење, адаптибилност и иновации не е само личен развој на менаџерот, туку и стратешка предност за целата организација.
Во време кога дигиталната трансформација го редефинира начинот на работа, вистинската комбинација на технологија, стратегија и човечки пристап претставува клуч за долгорочен раст и стабилност.
Извор: Bankar.me
Колумни
Bankarstvo.mk останува чист од политика – независен медиум за банкарство и финансии
Порталот Bankarstvo.mk никогаш не бил и нема да биде медиум кој рекламира или поддржува ниту една политичка партија. Нашиот фокус отсекогаш бил јасен – професионално известување и анализирање во сферата на банкарството, финансиите и економијата.
Со тоа го одржуваме нашиот кредибилитет и довербата кај читателите и клиентите, без да навлегуваме во области кои не се сродни со нашата мисија и визија. Како и досега, нашите партнери и клиенти ќе бидат компании и институции кои имаат директна корист од соработката, а не политички структури кои би можеле да нè обележат во иднина.
Особено сакаме да нагласиме дека за време на кампањата за локалните избори 2025 на нашиот портал нема да биде објавен ниту еден банер од ниту една политичка партија. Со тоа ја потврдуваме нашата определба да останеме независни и да не дозволиме политичкото финансирање да влијае врз нашиот кредибилитет.
Нашата цел е да создадеме платформа која ќе остане препознатлива по стручност, интегритет и фокус кон економските теми што се од интерес за граѓаните и деловната заедница.
На сите политички партии им посакуваме успех, со надеж конечно да почнат да работат за интересите на граѓаните, наместо за сопствените џебови.
(Банкарство)
-
Продуктипред 1 месецИднината на банкарството е во доброто корисничко искуство
-
Останатопред 2 месециОд јули почнува исплатата на К-15, минималниот износ е 19.116 денари
-
Банкипред 2 месециИсплатата на јунските пензии преку Стопанска банка почнува на 1 јули
-
Банкипред 2 месециКомерцијална банка почнува со исплата на јунските пензии од 1 јули
-
Банкипред 1 месецСтопанска банка со промотивна камата од 4,9 отсто за Mastercard Platinum картичката
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Банка вработува банкарски советник во Струмица
-
Кариерапред 2 месециАЛТА Банка објави оглас за вработување во секторот за организација и ИТ
-
Банкипред 2 месециЈунските пензии достапни за пензионерите корисници на Халкбанк





