Connect with us

Анализи

Инфлацијата во ЕУ порасна на 3 отсто, највисока во Романија со 8,2 проценти

Објавено

на

Годишната стапка на инфлација во Европската Унија во јули 2026 година се зголемила на 3 отсто, од 2,9 проценти во јуни, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во истиот месец минатата година инфлацијата во ЕУ изнесувала 2,4 отсто.

Во еврозоната годишната инфлација во јули достигнала 2,9 отсто, по 2,8 проценти во јуни. Една година претходно стапката изнесувала 2 отсто.

Најниска годишна инфлација меѓу земјите членки на ЕУ е регистрирана во Шведска, од само 0,3 отсто. Во Чешка таа изнесувала 1,3 проценти, додека Данска и Унгарија имале инфлација од по 1,6 отсто.

На спротивниот крај е Романија, каде што годишната инфлација во јули достигнала 8,2 отсто. Следува Литванија со 5,4 проценти, а Кипар и Бугарија со по 4,4 отсто.

Меѓу поголемите европски економии, инфлацијата во Германија изнесувала 2,8 отсто, во Франција 2,4, во Италија 2,9, а во Шпанија 3,9 проценти. Во Хрватска била 3,6 отсто, во Словенија 3,0, а во Словачка 3,2 проценти.

Во однос на јуни, годишната инфлација се намалила во 15 земји членки, во три останала непроменета, а во девет се зголемила. На месечно ниво, цените во јули пораснале за 0,2 отсто и во ЕУ и во еврозоната.

Најголем придонес кон годишната инфлација во еврозоната имале услугите со 1,55 процентни поени, по што следувала енергијата со 0,94 процентни поени. Индустриските производи без енергија, како и храната, алкохолот и тутунот, придонеле со по 0,23 процентни поени.

Евростат инфлацијата ја мери преку хармонизираниот индекс на потрошувачките цени (HICP), кој овозможува споредба на движењето на цените меѓу земјите членки на ЕУ.

Од 1 јануари 2026 година еврозоната има 21 членка, откако ѝ се приклучи Бугарија.

Анализи

Цената на златото благо се повлече по силниот раст

Објавено

на

Цената на златото забележа благо намалување во последното тргување, откако претходно оствари серија силни добивки и успеа да го надмине клучното ниво на отпор од 4.500 долари.

Според техничката анализа на Economies.com, сегашното повлекување се оценува како обид на пазарот да коригира дел од претходниот раст и да ја намали состојбата на прекумерна купеност, која е забележлива кај индексите на релативна сила. Истовремено, на индикаторите почнува да се појавува и надолен пресек.

Сепак, техничката слика за златото и натаму останува позитивна. На краток рок продолжува да доминира нагорниот тренд, а дополнителна поддршка претставува фактот што цената се задржува над 50-периодниот експоненцијален подвижен просек (EMA50).

Ова, според анализата, ги зголемува шансите златото во блиска иднина повторно да го продолжи растот.

Продолжи со читање

Анализи

Глобалните цени на храната годинава може да пораснат за речиси 12 отсто

Објавено

на

Глобалните цени на храната во 2026 година би можеле да се зголемат за 11,8 отсто, додека во 2027 година се очекува раст од 4,8 отсто, покажува анализата на „Оксфорд економикс“.

Најмногу би можеле да поскапат житарките, овошјето, зеленчукот и млечните производи. Особено силен притисок се очекува врз цената на пченицата, што дополнително ќе ги зголеми цените на лебот и пекарските производи.

Високите температури во Европа им нанесуваат штета на земјоделските култури, додека производителите се соочуваат со повисоки трошоци за енергија и вештачки ѓубрива. Состојбата дополнително ја влошуваат војните во Украина и на Блискиот Исток, како и нарушениот транспорт преку Црното и Азовското Море.

Според процените на здружението „Коцерал“, годинава во Европската Унија и Обединетото Кралство се очекува производство од 286,6 милиони тони житарки, во споредба со 310 милиони тони минатата година.

Во јули глобалната цена на дизелот била за 36 отсто повисока во споредба со истиот период лани, додека вештачките ѓубрива годинава би можеле да поскапат за 22 отсто. Земјоделските култури што во голема мера зависат од ѓубрива би можеле да забележат раст на цените од 36 отсто во третиот квартал.

Податоците на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации покажуваат дека во јули глобалните цени на храната биле за еден отсто повисоки на годишно ниво. Житарките поскапеле за 6,9 отсто, а растителните масла за 17,3 отсто.

Економистот Томас Дворак од „Оксфорд економикс“ оценува дека повисоките цени на суровините постепено ќе се пренесат и врз преработените производи, меѓу кои лебот, сирењето, виното и маслото. Кај овошјето и зеленчукот поскапувањето би можело да се почувствува во следните два до три месеци, додека кај преработената храна ефектот се очекува во период од шест до девет месеци. Цената на месото, според анализата, не би требало да биде погодена во иста мера.

Продолжи со читање

Анализи

Банкротите во ЕУ пораснаа за 5,7 отсто, се регистрираат помалку нови компании

Објавено

на

Бројот на банкроти во Европската унија во вториот квартал од 2026 година се зголемил за 5,7 отсто во споредба со првите три месеци од годината, додека бројот на новорегистрирани компании се намалил за 0,5 отсто, покажуваат најновите податоци на Евростат.

Пад на регистрациите на нови компании е забележан во пет од осумте анализирани сектори. Најголемо намалување има во индустријата, од 3,6 отсто, по што следуваат сместувањето и угостителските услуги со пад од 3,4 отсто и образованието и социјалните услуги со 3,2 отсто.

Од друга страна, секторот за информации и комуникации бележи силен раст, со 8,8 отсто повеќе новорегистрирани компании во однос на претходниот квартал. Во градежништвото растот изнесува еден отсто, додека бројот на нови компании во финансиските услуги останал непроменет.

Истовремено, бројот на банкроти се зголемил во пет од осумте набљудувани сектори. Најголем скок е регистриран во образованието и социјалните дејности, каде што банкротите пораснале за 21,1 отсто. Во транспортот растот изнесува 11,4 отсто, а во финансиските услуги 6,8 отсто.

Подобра состојба е забележана во сместувањето и угостителството, каде бројот на банкроти се намалил за 2,6 отсто. Пад има и во градежништвото од 1,7 отсто и во трговијата од 1,2 отсто.

Податоците доаѓаат во период кога европската економија бележи раст. Според прелиминарните проценки на Евростат, бруто домашниот производ во вториот квартал пораснал за 0,5 отсто во ЕУ и за 0,4 отсто во еврозоната во однос на претходниот квартал.

На годишно ниво, економскиот раст изнесувал 1,2 отсто во ЕУ и еден отсто во еврозоната.

Најновите бројки покажуваат дека, и покрај растот на економијата, дел од компаниите продолжуваат да се соочуваат со сериозен притисок, додека новите деловни иницијативи сè повеќе се насочуваат кон информацискиот, комуникацискиот и дигиталниот сектор.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange