Connect with us

Банки

Седница на Советот на Народната банка: Централната банка дава значаен придонес во евроинтегративните процеси на земјата

Објавено

на

Советот на Народната банка на својата редовна седница го разгледа Извештајот за учеството, препораките и активностите на Народната банка во процесите на интеграција во ЕУ, во периодот ноември 2023 – октомври 2024 година. Во Извештајот се дава осврт кон препораките од Програмата за економски реформи 2024 – 2026 година, наодите од поткомитетите во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во кои учествува Народната банка, проектите на Народната банка финансирани преку ИПА, како и на останати активности поврзани со ЕУ.

Во Извештајот се заклучува дека значаен исчекор во приближувањето кон ЕУ е поднесувањето на барањето од Народната банка за вклучување на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Пристапот во СЕПА ќе им овозможи на граѓаните и на компаниите да добијат поевтини и побрзи прекугранични плаќања во евра. Според Европската комисија, со помош на претпазливата монетарна политика инфлацијата се стави под контрола, сепак потребно е натамошно внимателно оценување, анализа и следење на ценовните движења. Во однос на монетарната политика, оценето е дека има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ во однос на забраната за монетарно финансирање на јавниот сектор и забраната за привилегиран пристап на јавниот сектор до финансиските институции, но и дека е потребно понатамошно усогласување заради задржување на независноста на Народната банка. Банкарскиот сектор е отпорен, додека сетот макропрудентни инструменти е зајакнат. Во однос на платните системи, транспарентноста на условите за користење на платежните услуги е подобрена, откако Народната банка ја воведе алатката за споредба на надоместоците за најчесто користените платежни услуги коишто ги обезбедуваат локалните банки. Треба да се спроведува Законот за платежни услуги и платни системи со цел да се воведат повеќе разновидни висококвалитетни и сигурни платежни услуги, за што ќе придонесе и воспоставувањето унифициран регистар на банкарски сметки.

Советот на Народната банка на седницата донесе и одлуки со кои се усогласува правната рамка за спроведување на монетарните операции со измените и дополнувањата на Законот на Народната банка. Притоа, за унапредување на оперативната рамка на Народната банка и заради примена на најдобрата меѓународна практика, се дефинираа и се воедначија критериумите за пристап на банките и штедилниците до монетарните инструменти за повлекување и обезбедување ликвидност.

Советот на Народната банка разгледа и усвои и други акти од областа на работењето на централната банка.

Банки

10% поврат со Mastercard картичките на Стопанска банка секој прв ден во месецот

Објавено

на

Стопанска банка АД – Скопје ги потсетува корисниците на Mastercard картичките дека преку програмата Mastercard Day, секој прв ден во месецот можат да добијат 10% поврат на средства при плаќање за храна и пијалаци.

Понудата важи за плаќања со Mastercard картичка издадена од Стопанска банка, и тоа во земјата и во странство.

За користење на поволноста, корисниците треба претходно да се регистрираат преку платформата Priceless.com.

Со оваа понуда, корисниците можат да остварат поврат при плаќање во ресторани, кафулиња и други продажни места од категоријата храна и пијалаци, согласно условите на програмата Mastercard Day.

Повеќе информации за регистрацијата и условите на понудата се достапни на страницата на Mastercard Priceless.

Продолжи со читање

Банки

Светска банка одобри 600 милиони долари за развој на гасниот сектор во Србија

Објавено

на

Светска банка одобри 600 милиони долари, односно околу 526 милиони евра, за Програмата за развој на гасниот сектор во Србија, соопшти меѓународната финансиска институција.

Програмата е наменета за зајакнување на енергетската безбедност и сигурноста во снабдувањето во Србија преку инвестиции во критичната гасна инфраструктура, спроведување секторски реформи и јакнење на институционалните капацитети.

Финансирањето треба да придонесе за подобрување на отпорноста и сигурноста на гасниот систем на Србија и за модернизација на секторот.

Според информацијата објавена од SeeNews, вредноста на одобрената програма изнесува 600 милиони долари.

Продолжи со читање

Анализи

Речиси 10 милиони луѓе учествувале во анкетата на ЕЦБ за новите евро банкноти

Објавено

на

Речиси 10 милиони луѓе од Европа и пошироко ги споделиле своите ставови за идниот изглед на евро банкнотите преку јавната анкета на Европската централна банка (ЕЦБ).

Вкупно 9,96 милиони лица учествувале во анкетата, што според претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, покажува голем интерес на Европејците за идниот изглед на банкнотите.

„Овој неверојатен број покажува колкав интерес имаат Европејците за нивните идни банкноти. Со нивното учество во процесот на редизајнирање е направен важен чекор во подготовката на следната серија банкноти“, изјави Лагард.

Во анкетата учествувале околу 2,6 отсто од населението во еврозоната, а интересот бил висок кај сите возрасни групи. Две третини од одговорите биле од лица помлади од 35 години.

ЕЦБ најави дека резултатите ќе бидат анализирани со стандардни статистички методи со цел тие што пореално да ја претстават структурата на населението во еврозоната.

Граѓаните избирале меѓу десет предлози

Анкетата се спроведувала од 23 јули до 21 септември 2026 година и опфаќала десет предлози за дизајн, базирани на две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“.

Паралелно била спроведена и посебна анкета од независна истражувачка компанија, со репрезентативен примерок од населението во еврозоната и со исти прашања. Обработката на тие резултати сè уште е во тек.

Резултатите од двете анкети, заедно со препораките на независното жири за избор на дизајн и техничката проценка, ќе бидат основа за одлуката на Управниот совет на ЕЦБ за конечниот концепт на идните евро банкноти.

Одлуката се очекува кон крајот на 2026 година.

ЕЦБ засега нема да ги објави резултатите за секој поединечен предлог за дизајн. По изборот на конечниот концепт ќе биде објавен детален извештај со мислењата за секој од предлозите, како и резултатите по земји.

Новите евро банкноти се очекуваат во раните 2030-ти

Откако Управниот совет ќе го избере концептот, избраниот дизајн дополнително ќе се приспособува и развива за да може да биде преточен во конечниот изглед на банкнотите.

Новата серија ќе содржи подобрени безбедносни карактеристики, како и унапредувања во поглед на пристапноста и одржливоста.

Според плановите на ЕЦБ, новите банкноти треба постепено да бидат пуштени во оптек од почетокот на 2030-тите години.

Сегашните евро банкноти ќе продолжат да важат и ќе останат во оптек паралелно со новата серија.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange