Connect with us

Банки

Донација на НЛБ Банка за Клиниката за гинекологија и акушерство

Објавено

на

Во месецот кога се одбележува Светскиот ден на предвремено родените бебиња, 17 ноември, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство официјално го пушти во употреба интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија на новородени, донација од НЛБ Банка, реализирана во рамките на проектот „Свет полн со добрина е свет полн со можности“.

Интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија на новородени е прв и единствен на државните клиники во земјава со чија употреба значително ќе се подобрат резултатите за време на „златниот час“ – првиот час по раѓањето на новороденчето, транспортната патека и престојот во Одделението за интензивна нега при неонатолошкото одделение. Овој медицински апарат е најнова иновација кој овозможува примена на вистинска заштитна стратегија за вентилација на белите дробови и мозокот, сè со цел да се спречат повреди на белите дробови, хемодинамски и невролошки оштетувања кај новороденчето.

„Искрена благодарност до НЛБ Банка за оваа значајна донација. Кога велам значајна, навистина мислам така бидејќи со овој апарат се обезбедува заштитна нега и средина која одговара на потребите на бебето и се зголемуваат шансите за намалување на бројот на респираторни компликации и смртни случаи кај предвремено родените бебиња.“ – истакнува Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Проф. Д-р. Ирена Алексиоска Папестиев и појаснува: „Недоносените доенчиња се особено изложени на зголемен ризик од морбидитет и морталитет поради незрелоста на нивните телесни системи. Неонаталната вентилација е важен дел од грижата што се обезбедува во единицата за неонатална интензивна нега. Но, вентилацијата на новороденчињата е значителен предизвик во периодот по реанимација до сместување во инкубатор. Интраклиничкиот транспортен систем за респираторна терапија овозможува пренос на новородените до одделението со респираторна поддршка, што е многу значајно, бидејќи иако се работи за само неколку минути, без респираторна поддршка доаѓа до респираторната инсуфициенција која е една од главните причини за неонатална смртност или можни компликации.“

Инаку, проектот „Свет полн со добрина е свет полн со можности“ во рамките на кој е и оваа донација беше реализиран како дел од голема регионална донаторска акција на НЛБ Групацијата кога беа донирани вкупно 1,35 милиони евра на сите пазари каде што е присутна Групацијата.

„Кога велиме „Свет полн со добрина е свет полн со можности“, веруваме во можности за сите! Оваа донација им дава можност на „малите херои“ да се изборат за воздух и да зачекорат низ животот, охрабрувајќи ги нивните семејства дека има надеж. Квалитетна медицинска нега и грижа е значаен столб за одржливо здравство. Како општествено одговорна компанија, ние сме силно посветени на одржливи проекти, со посебен фокус на организации и институции од јавен карактер кои имаат витална улога и придонесуваат за добробит на заедницата, на што остануваме посветени и во иднина“. – истакнува по повод донацијата Тони Стојановски, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка.

Светскиот ден на предвремено родените бебиња се одбележува секоја година на 17 ноември со цел да се подигне свеста за предвременото раѓање и загриженоста на нивните семејства ширум светот. Статистиките говорат дека приближно 15 милиони бебиња се раѓаат предвремено годишно, а предвременото породување е водечка причина за смрт кај децата на возраст под пет години во светот. Во Македонија е значително зголемен бројот на  прематури – предвремено родени бебиња. За илустрација, според последните информации од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на Одделението за интензивна нега при неонатолошкото одделение голем дел од предвреме родените бебиња се екстремни прематури, родени пред 27 гестациска недела со исклучително мала родилна тежина.

Банки

Славески: Иновациите во кредитирањето мора да одат рака под рака со одговорноста и заштитата на клиентите

Објавено

на

Небанкарското кредитирање во Македонија во последните пет години бележи значително побрз раст од банкарското, но неговиот удел во финансискиот систем и натаму останува релативно мал. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива“, одржана во Скопје.

Според податоците што ги презентираше Славески, во периодот од 2020 до 2025 година кредитирањето од финансиските друштва и лизинг-компаниите растело со просечна годишна стапка од 22,3 проценти. За споредба, кредитирањето на банките кон компаниите и домаќинствата во истиот период се зголемувало со просечна годишна стапка од 9,6 проценти.

И покрај повисоките стапки на раст, небанкарските финансиски институции учествуваат со околу 2,5 проценти во вкупната актива на финансискиот систем. Македонскиот финансиски сектор и натаму е доминантно банкарски, при што банките располагаат со околу три четвртини од вкупната актива.

Славески оцени дека технолошкиот развој, поголемата достапност на податоци и појавата на нови деловни модели сè повеќе ја менуваат границата меѓу традиционалното банкарство и небанкарските финансиски услуги.

Тој посочи дека слични промени се забележуваат и глобално. Според податоците на Одборот за финансиска стабилност, во 2024 година небанкарскиот финансиски сектор во светот растел двојно побрзо од банкарскиот. Во Европската Унија, пак, небанкарските извори обезбедуваат речиси една четвртина од кредитирањето на нефинансиските компании.

Гувернерот предупреди дека поголемата употреба на технологијата не значи и исчезнување на традиционалните ризици поврзани со кредитирањето.

„Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа“, рече Славески, нагласувајќи дека иновациите треба да бидат придружени со поголема транспарентност, одговорно кредитирање и соодветна заштита на клиентите.

Како дополнителен предизвик тој ги посочи киберризиците, кои стануваат сè поважни со забрзаната дигитализација на финансиските услуги. Според него, тоа бара постојано унапредување на системите за управување со ризици, како и на регулаторните и супервизорските практики.

Од Народната банка порачуваат дека нивната цел е финансискиот систем да остане стабилен и отпорен, но истовремено да овозможува развој на иновациите, конкуренцијата и новите модели на финансирање.

„Иднината на кредитирањето треба да значи попаметен, поинклузивен и поодговорен пристап кон кредитите“, порача Славески, додавајќи дека технолошкиот развој треба да создава нови економски можности без притоа да се нарушат финансиската стабилност и довербата на граѓаните и компаниите.

Продолжи со читање

Банки

Халкбанк воведе платежна картичка за деца со родителска контрола и дигитално плаќање

Објавено

на

Халкбанк АД Скопје понуди платежна картичка наменета за деца, со која најмладите можат постепено да се запознаат со управувањето со сопствените финансии, додека родителите или старателите имаат увид и контрола врз користењето на средствата.

Од Банката посочуваат дека картичката е наменета да им помогне на децата да научат како да располагаат со својот џепарлак, да планираат трошоци и да создаваат одговорни финансиски навики уште од најрана возраст.

Сметката се отвора и одржува без надоместок, а бесплатно е и префрлањето средства од родителот на детето. Родителите или старателите можат да добиваат и бесплатни СМС известувања за трансакциите.

Картичката овозможува поставување лимити за трошење, како и можност за нејзино блокирање, што на родителите им дава дополнителна контрола врз користењето на средствата.

Дополнително, картичката може да се користи и за дигитални плаќања преку Apple Pay, Google Pay и Fidesmo Pay.

Со овој производ, Халкбанк го насочува фокусот кон финансиска едукација на најмладите и постепено воведување на децата во секојдневното управување со пари, со истовремена контрола и поддршка од родителите.

Продолжи со читање

Банки

ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија: Раст од 3,3 отсто во 2026 година

Објавено

на

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја подобри прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија и сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 година да порасне за 3,3 отсто.

Новата проценка е за 0,3 процентни поени повисока во однос на прогнозата на ЕБОР од јуни годинава, кога за македонската економија беше предвиден раст од 3 отсто.

Ревидираната прогноза за земјава доаѓа во период кога ЕБОР, на ниво на сите економии во кои работи, очекува забавување на растот. Според најновиот извештај „Running dry“, Банката прогнозира просечен раст од 2,5 отсто во 2026 година, по што во 2027 година се очекува забрзување на 4 отсто.

Меѓу главните ризици за економските перспективи ЕБОР ги посочува повисоките трошоци за енергија и храна, нарушувањата во трговијата и синџирите на снабдување, сушата, како и построгите услови за финансирање. Инфлацијата во економиите каде што работи Банката и натаму останува над нивоата од периодот пред пандемијата.

Во најновите регионални проценки, ЕБОР очекува економиите од Западен Балкан заедно да остварат раст од околу 3 отсто во 2026 година, а растот да забрза во 2027 година.

Подобрената прогноза за Северна Македонија следува по објавените податоци за растот на домашната економија во текот на годинава, при што очекувањата за 2026 година сега се поповолни од оние што ЕБОР ги имаше на почетокот на летото.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange