Connect with us
no baners

Банки

Ангеловска-Бежоска: Квалитетните и јавно достапни статистички податоци се предуслов за економски напредок и алатка во битката со дезинформациите

Објавено

на

„Народната банка обезбедува квалитетни, детални и навремени податоци коишто веродостојно и објективно ги преставуваат финансиските и макроекономските состојби и трендови во економијата. Добрата статистика е предуслов за донесување одлуки и политики засновани на докази, вклучително и за централната банка во водењето ефективна монетарна и финансиска политика, зголемувањето на транспарентноста и отчетноста, а со тоа и на довербата во Народната банка. Како што еволуираат економиите, мора да еволуираат и статистиките, оттука унапредувањето на статистиките е постојан процес“, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на Националната конвенција за Европската Унија во нашата земја (НКЕУ-МК), којашто ја одржа четвртата сесија од Работната група 6, за поглавјата 5 − Јавни набавки, 18 − Статистика и 32 − Финансиска контрола.

„Анкетата за корисниците спроведена од Народната банка покажа дека 86% од корисниците на статистичките податоци покажуваат висок степен на задоволство од квалитетот на податоците коишто ги произведува централната банка, додека 78% сметаат дека статистичките соопштенија им се секогаш, односно најчесто корисни и им помагаат во толкувањето на податоците и анализата на позначајните движења во статистиките“, истакна Ангеловска-Бежоска, при што додаде дека основната водилка на Народната банка е примената на најдобрите светски практики во областа на статистиката и високото ниво на усогласеност со најновите меѓународни и европски барања. Во 2019 година, Народната банка, со нашиот статистички систем го исполни највисокиот стандард на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) − СДДС плус, како втора централна банка од земјите во Југоисточна Европа и прва од земјите во регионот на Западен Балкан, што е потврда за почитувањето на најдобрите стандарди за квалитет, интегритет и транспарентност.

„Народната банка успешно го заокружи пристапувањето кон стандардот за дисеминација на податоци на ММФ − СДДС плус, што е едно од најголемите статистички достигнувања, што наметнува обврска за редовно и навремено доставување детални статистички податоци, со квалитет и во обем коишто може да ги следат само земјите со високоразвиени системи на производство на статистички податоци. Ова е особено значајно за согледувањата кај домашните и странските инвеститори, агенциите за кредитен рејтинг (цената на задолжувањата на меѓународните финансиски пазари), меѓународните и европските институции“, порача Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката посочи дека Народната банка веднаш им одговори и на новите меѓународни статистички барања, коишто произлегоа по корона-кризата и последователните шокови, со објавување прегледи за зелените показатели коишто опфаќаат податоци за животната средина и енергијата, климатските ризици и зелените финансии. Веќе две години се објавуваат податоци за плаќањата според родовата и возрасната структура на населението, придонесувајќи кон финансиската вклученост на жените, а постојано работи и на подобрувањето на транспарентноста, со што се зајакна довербата во централната банка и во најтешките кризни моменти.

На сесијата, покрај гувернерката се обратија и националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење, Милева Ѓуровска, понатаму Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка, в.д. директорот на Државниот завод за статистика Дејан Станков, како и Емилија Сичикова-Беблава, директорка на Институтот за јавни политики на Факултетот за социјални и економски науки при Универзитетот „Коменски“ во Братислава и Мојмир Мрак, професор и раководител на катедрата Жан Моне на Академската единица за пари и финансии при Економскиот факултет на Универзитетот во Љубљана.

Банки

Стопанска банка го отвори новото седиште

Објавено

на

Стопанска банка свечено го отвори своето ново седиште во Скопје, инвестиција вредна 50 милиони евра, со што банката означи почеток на ново поглавје во својата повеќе од осумдецениска историја.

На гала-церемонијата присуствувале околу 300 гости, а настанот се одржа под мотото „Обележје за иднината. Уметност во создавање на утрешнината“. Свеченоста вклучуваше музика, театар, танц, гастрономија и визуелна уметност, со што беше нагласена долгогодишната поврзаност на банката со уметноста и заедницата.

Стопанска банка е основана во 1944 година како прва банка во земјата. Новото седиште, според раководството, претставува дел од пошироката трансформација на банката и треба да создаде современа работна средина која ќе ги поддржи идниот развој, иновациите и одржливиот раст.

Генералната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на Стопанска банка, Хрисула Кутуди, истакна дека во реализацијата на проектот се вложени значителна визија, труд и посветеност.

Таа нагласи дека новата деловна зграда не е само современ архитектонски објект, туку простор кој треба да ја поттикнува креативноста, соработката и иновациите, како и да создава дополнителна вредност за клиентите, партнерите, вработените и заедницата.

На свеченоста присуствуваше и највисокото раководство на Националната банка на Грција, што, според банката, го потврдува стратешкото значење на Стопанска банка во рамки на NBG Групацијата.

Претседателот на NBG Групацијата, Гикас Хардувелис, оцени дека новото седиште претставува ново обележје на Скопје и симбол на вредностите што ги споделуваат Стопанска банка и НБГ Групацијата – доверба, банкарство насочено кон клиентите, приспособување кон технолошките промени и поддршка на одржливиот економски раст.

Генералниот извршен директор на NBG Групацијата, Павлос Милонас, пак, посочи дека новото седиште е значајна пресвртница во процесот на трансформација на банката и дека во следниот период се очекуваат нови иновации во банкарството и финансиските услуги.

На отворањето присуствуваше и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која порача дека стабилната и предвидлива регулаторна рамка е еден од клучните предуслови за развојот на финансискиот и банкарскиот сектор.

Според неа, силниот и модерен банкарски систем има важна улога во создавањето услови за економски раст и развој, а институциите треба да продолжат со креирање политики кои ќе обезбедуваат сигурност, доверба и предвидливост за финансиските институции, граѓаните и компаниите.

Седиште на 17.893 квадратни метри

Новото седиште на Стопанска банка се простира на површина од 17.893 квадратни метри и располага со 11 ката современ деловен простор.

Во објектот ќе работат повеќе од 500 вработени, а во неговите рамки се сместени и современ дата-центар, банкарска филијала со целосен опсег на услуги, ATM зона, брокерски услуги, трезорски капацитети, како и конференциски и едукативни простории.

Според податоците на банката, на крајот на 2025 година Стопанска банка управувала со вкупна актива од 157,2 милијарди денари, односно околу 2,6 милијарди евра.

Кредитите кон клиентите изнесувале 108,9 милијарди денари, а депозитите 119,8 милијарди денари. Во текот на 2025 година, кредитното портфолио и депозитите пораснале за 10%, додека вкупната актива забележала раст од 9,1%.

Банката располага со мрежа од 55 филијали и 173 банкомати, а бројот на физички и корпоративни клиенти се приближува до половина милион.

Со отворањето на новото седиште, Стопанска банка го продолжува развојот од нова деловна адреса која, според раководството, треба да стане центар на нејзината идна трансформација и модернизација.

Продолжи со читање

Банки

Претставници на АЛТА банка на одбележувањето на 25 години КИБС

Објавено

на

Претставници на АЛТА банка присуствуваа на свеченото одбележување на 25-годишниот јубилеј на КИБС.

Од банката посочуваат дека настанот бил можност да се истакне значењето на континуираната соработка и партнерските односи во финансискиот сектор.

Присуството на претставниците на АЛТА банка на јубилејното одбележување уште еднаш ја нагласува важноста на институционалната соработка и поврзаноста меѓу учесниците во финансискиот систем.

Продолжи со читање

Банки

Народната банка ги заострува условите за кредитирање на граѓаните

Објавено

на

Народната банка воведува построги макропрудентни мерки за кредитирањето на физичките лица, со кои се намалува дозволеното ниво на задолженост на граѓаните и се скратува максималниот рок за отплата на дел од кредитите. Новите правила ќе почнат да се применуваат од 1 декември 2026 година.

Според одлуката на Извршниот одбор на Народната банка, максималниот однос меѓу месечните кредитни обврски и приходите на кредитокорисникот, познат како ДСТИ, се намалува за пет процентни поени.

Кај кредитите во денари, максималниот ДСТИ ќе изнесува 45%, наместо досегашните 50%, додека кај кредитите со валутна компонента лимитот се намалува од 45% на 40%. Тоа значи дека банките при одобрувањето кредити ќе треба да водат сметка месечните отплати на клиентите да не го надминуваат утврдениот процент од нивните месечни приходи.

Исклучок остануваат граѓаните кои за првпат купуваат сопствено живеалиште. За нив и натаму ќе важат досегашните лимити од 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента.

Промени се предвидени и кај роковите за отплата. Максималниот рок за станбените кредити се скратува од 30 на 25 години, додека кај хипотекарните потрошувачки кредити ќе се намали од 20 на 15 години. За кредитите наменети за прво купување сопствено живеалиште максималниот рок останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека мерките се носат превентивно, во услови кога банкарскиот систем е здрав и стабилен и нема присутни системски ризици. Истовремено, кредитирањето на населението продолжува да расте.

Во првото полугодие од 2026 година, кредитите на физичките лица бележат годишен раст од 12,2%, во споредба со 11,2% во 2025 година. Најголема динамика има кај станбените кредити, чиј годишен раст достигнал 16,6%.

Народната банка оценува дека ваквата динамика бара навремено ограничување на можните ризици од прекумерно задолжување на домаќинствата, со цел да се зачува одржливоста на кредитирањето и финансиската стабилност.

Макропрудентните ограничувања за кредитирањето на физичките лица првпат беа воведени во јули 2023 година, а дополнително беа зајакнати во декември 2025 година. Според централната банка, досегашната примена на мерките придонела за подобрување на структурата на новото кредитирање и за намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар.

Со новите измени и натаму се задржува поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange