Connect with us

Банки

Со почетокот на новата учебна година Народната банка продолжува со финансиската едукација преку нов циклус предавања

Објавено

на

Со почетокот на учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација. Финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка и преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, се цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава.

За закажување предавање во делот на финансиската едукација, наставниците од средните и основните училишта треба да го пополнат формуларот којшто може да го најдат на страницата за финансиска едукација на Народната банка https://www.nbrm.mk/finansiska-edukacija.nspx и да го достават на е-адресата [email protected], по што ќе бидат побарани за организација на предавањето.

Во изминатите години, Народната банка преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има едуцирано околу 22.500 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено голем број материјали за спроведување на финансиската едукација. Под водство на Народната банка, финансиските регулатори ја донесоа првата национална Стратегија за финансиска едукација за периодот 2021 − 2025 година. Во согласност со Стратегијата, донесен е и Кодексот на добри практики, преку кои се обезбедуваат квалитетни едукативни програми, посветен и коректен пристап од страна на сите вклучени субјекти во процесот на едукација, вклучително и од приватниот и граѓанскиот сектор.

Банки

Фатих Шахпаз е новиот генерален директор на Халкбанк АД Скопје?

Објавено

на

По речиси осум години на чело на Халкбанк АД Скопје, мандатот на досегашниот генерален директор Билал Суџубаши заврши, а на негово место како нов прв човек на банката е најавен Д-р Фатих Шахпаз.

Д-р Шахпаз, кој своето назначување го сподели и на професионалната мрежа LinkedIn, започнува со работа како генерален менаџер на Халкбанк АД Скопје, носејќи богато искуство и нова енергија во менаџментот на банката.

Д-р Фатих Шахпаз е долгогодишен финансиски професионалец со повеќе од две децении професионално искуство во рамки на Türkiye Halk Bankası A.Ş., каде што извршувал низа значајни функции – од специјалист, внатрешен инспектор, директор и раководител на филијала, па сè до началник на оддел и раководител на група. На 1 декември 2022 година бил назначен за заменик генерален директор задолжен за Управување со човечки ресурси и Секторот за поддршка, а од 17 јули 2025 година ја извршувал функцијата заменик генерален директор задолжен за Управување со поддршка и Дигитална трансформација. Богатото академско образование и долгогодишното искуство во менаџирање со клучни сегменти од банкарското работење го прават Шахбаз значаен адут во водењето на Халкбанк АД Скопје.

Сепак, за назначувањето да стане официјално, во иднина треба да бидат спроведени сите неопходни процедури и да се добијат одобренијата од Народната банка.

Од Халкбанк АД Скопје очекуваат дека со новото раководство ќе продолжи растот и развојот на банката на домашниот пазар, задржувајќи го стабилното позиционирање како еден од водечките финансиски институции.

Продолжи со читање

Банки

Стопанска банка а.д. Битола ги намалува трошоците за секојдневните банкарски услуги

Објавено

на

Стопанска банка а.д. Битола донесе одлука за измени во својата Тарифа на надоместоци за физички и правни услуги, кои од 1 октомври 2025 година значително ќе се намалат и делумно ќе се укинат надоместоците за користење на услугите.

Со оваа одлука Банката ја потврдува својата заложба за поголема транспарентност и финансиска достапност, олеснувајќи им на граѓаните и компаниите пристап до современи и поволни банкарски решенија.

Клучни измени и поволности за физички лица:

• Поголема достапност на електронските плаќања: сите трансфери што граѓаните ги вршат преку интернет или мобилно банкарство кон сметки во рамки на Стопанска банка а.д. Битола отсега ќе бидат целосно бесплатни.

• Електронски трансфери по пониски цени: кредитните трансфери преку интернет и мобилна апликација кон други банки преку МИПС се намалуваат за 50 %, од 110 денари на 55 денари.

• Намалени надоместоци на шалтер: трансферите кон сметки во други банки преку МИПС се намалуваат од 250 денари на 200 денари.

• Интернет банкарство без дополнителни трошоци: целосно се укинува еднократниот надоместок за издавање на БТ Токен апликација (која досега чинеше 200 денари).


Клучни измени и поволности за правни лица:

• Пониски надоместоци за онлајн трансакции: безготовинските кредитни трансфери преку интернет услуги кон други банки преку МИПС се намалуваат за 25 %, од 120 денари на 90 денари.

• Пониски надоместоци за кредитни трансфери преку МИПС: намалување од 320 денари на 280 денари по налог.

Со овие измени, Стопанска банка а.д. Битола значајно го олеснува користењето на платежни сметки, електронско и мобилно банкарство и трансфери на средства – со што се создаваат услови за побрзо, поедноставно и поекономично секојдневно банкарско работење.

Продолжи со читање

Банки

Славески од Глобалниот форум на АФИ: Финансиската вклученост е предуслов за одржлив раст и стабилност

Објавено

на

Секој човек има право на фер и квалитетни финансиски услуги, а финансиската едукација е клучот за стабилен систем и за заштита на граѓаните“ – порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), којшто се одржува во Намибија.

Во своето воведно обраќање пред регионалната иницијатива за Источна Европа и Централна Азија (ECAPI), гувернерот нагласи дека финансиската вклученост претставува темел на сеопфатниот економски раст и благосостојбата на општествата. „Само финансиски писмени граѓани можат да носат исправни одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање, а со тоа придонесуваат и за стабилноста на целиот финансиски систем“, рече Славески.

Тој нагласи дека дигитализацијата и финтек-иновациите отвораат огромни можности за поширок пристап до финансиски услуги, но носат и нови ризици – како што се нови типови измами, злоупотреби на лични податоци и ризик од презадолжување на домаќинствата. „Во дигиталната ера е неопходно развивање ефикасни иницијативи за финансиска едукација и алатки за различни целни групи – од младите до постарите генерации“, истакна гувернерот.

Во обраќањето тој се осврна и на активностите на Народната банка во областа на финансиската вклученост. Посочи дека нашата земја оваа година стана членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), што ќе овозможи побрзи, поевтини и посигурни трансакции за граѓаните и за компаниите. Покрај тоа, се работи на воведување основна сметка за плаќање со фиксeн и пристапeн надоместок, наменета особено за ранливите категории граѓани. „Намалувањето на банкарските надоместоци и воведувањето нови механизми за заштита на потрошувачите се важни чекори за повисока вклученост“, нагласи Славески, додавајќи дека во подготовка е и втората Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.

Да се биде дел од големото семејство на АФИ за нас претставува и чест и обврска за постојана размена на искуства и знаења. Народната банка и во иднина ќе биде целосно посветена на овој процес“, истакна гувернерот, изразувајќи благодарност за поддршката и соработката со АФИ и со институциите од регионот. На Глобалниот форум, заедно со гувернерот, учествуваат и главната економистка Анета Крстевска и советничката на гувернерот Весна Стојчевска.

Гувернерот Славески учествуваше и во панел-дискусијата на Глобалниот форум за политики на Алијансата за финансиска инклузија (АФИ), посветена на зголемувањето на вклученоста на жените на пазарот на труд. Во своето излагање, Славески нагласи дека сеопфатниот раст е незамислив без родова еднаквост и еднакви економски можности. „Според Глобалниот извештај за родовиот јаз за 2024 г., иако разликите во пристапот до образованието и здравството речиси исчезнаа, најголемиот јаз останува во економската и политичката застапеност на жените“, истакна тој, повикувајќи на проактивни светски политики. Воедно, тој ги претстави активностите на Народната банка во оваа област, меѓу кои и улогата на институцијата како национален координатор за спроведување наКодексот за финансирање на жените претприемачи (We Finance Code − WeFi Code) – светска рамка за затворање на родовиот јаз во финансирањето на женските бизниси, поддржана од Светската банка, ЕБОР и од други меѓународни партнери.

Членството на Народната банка во Алијансата за финансиска инклузија е со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange