Connect with us
no baners

Анализи

Златото во подем поради геополитичките тензии, аналитичарите очекуваат ограничен пад

Објавено

на

Цената на златото бележи раст на почетокот на неделата, откако пазарите реагираат на ескалацијата на тензиите меѓу САД, Израел и Иран. Според стратегијата за суровини на холандската банкарска групација ING, геополитичките ризици повторно ја зајакнуваат улогата на златото како безбедно засолниште за инвеститорите.

Аналитичарите Ева Манти и Ворен Патерсон оценуваат дека обновените тензии внесуваат дополнителна премија на ризик во цената на златото, во период кога позиционирањето на инвеститорите веќе било позитивно насочено кон овој благороден метал.

Според нив, краткорочните движења на цената најверојатно ќе зависат од насловите и развојот на настаните, при што може да се очекува зголемена волатилност.

Доколку повисоките цени на суровата нафта ги зголемат инфлаторните очекувања, а во исто време се зголемат и ризиците за економскиот раст, реалните приноси би можеле да останат ограничени, што е поддршка за златото. Сепак, посилен американски долар може да го забави темпото на раст.

Во случај на проширување на конфликтот во регионот или нарушување на снабдувањето со енергенси, тоа би имало значително позитивно влијание врз златото, преку раст на цените на нафтата, зголемени инфлаторни очекувања и задржување на ниски реални приноси. Од друга страна, доколку тензиите останат ограничени и нема прекин во енергетските текови, почетниот „risk-off“ импулс би можел постепено да ослабне со намалување на ризичната премија кај нафтата.

Од ING нагласуваат дека актуелните случувања ја зацврстуваат, но не ја менуваат пошироката приказна за златото. Силната побарувачка од централните банки и очекувањата за монетарно олеснување подоцна во годината остануваат клучни фактори што го поддржуваат пазарот. Дури и во случај на стабилизирање на тензиите, овие структурни двигатели укажуваат дека евентуалните корекции би биле ограничени и краткотрајни, наместо сигнал за подолгорочен пресврт на трендот.

Анализи

Намален извоз и увоз на храна во ЕУ на почетокот на годината, но зголемен трговски суфицит

Објавено

на

И покрај намалениот обем на трговија во агро-прехранбениот сектор на почетокот од годинава, Европската унија задржува стабилен трговски суфицит, што ја потврдува нејзината силна позиција на глобалните пазари.

Во јануари, суфицитот изнесувал 3,1 милијарда евра, што е зголемување од четири проценти во споредба со истиот месец лани, главно поради пониските цени на какаото.

Во истиот месец, ЕУ извезла агро-прехранбени производи во вредност од 17,5 милијарди евра, што претставува пад од девет проценти на месечно ниво и осум проценти на годишно ниво. Истовремено, увозот изнесувал 14,4 милијарди евра, со месечно намалување од седум проценти и годишен пад од 11 проценти.

Најголем пад кај увозот е забележан кај категоријата кафе, чај, какао и зачини, за 654 милиони евра или 19 проценти на годишно ниво.

Што се однесува до извозот, Обединетото Кралство останува најголем трговски партнер на ЕУ, иако извозот таму е намален за седум проценти и изнесува 4,13 милијарди евра. Во текот на целата 2025 година, извозот на агро-прехранбени производи во оваа земја достигнал 55,6 милијарди евра.

Втор најголем извозен пазар се Соединетите Американски Држави, каде извозот во јануари бележи значителен пад од 25 проценти, односно 623 милиони евра помалку, со вкупна вредност од 1,85 милијарди евра. Швајцарија е трет најголем партнер, со благ пад на извозот од два проценти.

Во повеќето прехранбени категории е забележан пад на извозот, а најголем е кај кафе, чај, какао и зачини, со намалување од 210 милиони евра. Пад е регистриран и кај маслинките и маслиновото масло (145 милиони евра), како и кај виното и винските производи (127 милиони евра). Единствен раст е забележан кај житарките, за 45 милиони евра или шест проценти.

Бразил останува најголем извор на увоз на агро-прехранбени производи во ЕУ, со вредност од 1,36 милијарди евра во јануари, што претставува годишен раст од 14 проценти, поттикнат од зголемениот увоз на кафе и говедско месо.

Покрај Бразил, над една милијарда евра вредност на увоз во ЕУ има и од Обединетото Кралство и САД, но во двата случаи е забележан пад на годишно ниво – за 13, односно 14 проценти.

Најголем пад на увозот е регистриран од Брегот на Слоновата Коска, од каде ЕУ увезла производи за 416 милиони евра помалку, односно 41 процент. Значително намален е и извозот на храна од Украина кон ЕУ, за 286 милиони евра.

По категории, најголем пад на увозот има кај кафе, чај, какао и зачини, но тоа главно се должи на падот на цените на какаото, додека кај кафето е забележан раст од 133 милиони евра.

Од друга страна, увозот на говедско и телешко месо е зголемен за 76 милиони евра или 28 проценти, при што најголем придонес имаат Бразил и Уругвај. Раст е забележан и кај маргаринот и другите масла и масти, за 37 милиони евра.

Продолжи со читање

Анализи

Кириите низ Европа растат, најтешко им е на подстанарите во Грција, Балканот со најсилен скок

Објавено

на

Подстанарите низ Европа се соочуваат со сè поголем притисок врз домашните буџети, во услови на недостиг од станови и постојан раст на кириите. Според најновите податоци на Евростат за 2025 и почетокот на 2026 година, трошоците за домување веќе зафаќаат околу една петтина од буџетот на домаќинствата во ЕУ, додека во Грција достигнуваат и до 35 проценти.

Главната причина за растот на цените е дисбалансот меѓу понудата и побарувачката. Поради високите каматни стапки за станбени кредити во изминатиот период, многу граѓани останале на пазарот на изнајмување, што дополнително ги зголеми цените. Воедно, сопствениците ги префрлаат зголемените трошоци за одржување и енергија врз станарите.

Просечниот раст на кириите во ЕУ изнесува 3,1 процент, но во одредени региони се бележат значително повисоки стапки. Особено се издвојува Балканот, каде што растот е најизразен. Хрватска бележи зголемување од 17,6 проценти, додека Црна Гора достигнува 18,5 проценти, делумно поради зголемениот интерес од странски работници и дигитални номади.

Во регионот, раст има и во Србија, како и во Унгарија и Бугарија, додека Северна Македонија се издвојува со поумерен пораст. Наспроти тоа, поголемите европски економии како Германија, Франција и Шпанија остануваат под европскиот просек, што се поврзува со построги регулативи и позаситени пазари.

Посебен случај е Турција, каде кириите пораснале за дури 78 проценти. Обидите на властите да го ограничат растот се покажале како недоволно ефикасни.

И покрај одредени мерки како ограничување на краткорочното изнајмување преку платформи како Airbnb, експертите предупредуваат дека без зголемена изградба на нови станови, притисокот врз цените ќе продолжи. Овој тренд веќе влијае и врз пазарот на труд, каде трошоците за домување стануваат клучен фактор при изборот на место за работа.

Продолжи со читање

Анализи

Димитриеска-Кочоска: Новиот регионален центар на ММФ ќе ги забрза реформите и ќе ја зајакне економската стабилност

Објавено

на

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на тркалезна маса во рамки на Пролетните средби во Вашингтон, организирани од Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, каде беше претставена нова петгодишна програма за развој на капацитетите на Регионалниот центар за техничка помош за Југоисточна Европа (SEETAC).

Центарот, кој треба да започне со работа најдоцна до јануари 2027 година, ќе биде дел од глобалната мрежа на ММФ и ќе обезбедува поддршка за шесте земји од Западен Балкан и Молдавија. Фокусот ќе биде ставен на јакнење на институциите, подобрување на креирањето политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.

Димитриеска-Кочоска истакна дека формирањето на SEETAC претставува значаен чекор за продлабочување на соработката со ММФ и за унапредување на економското управување во регионот. Таа нагласи дека преку овој центар ќе се обезбеди пристап до експертиза и техничка помош, што ќе придонесе за поефикасни политики, стабилни јавни финансии и поголема економска отпорност.

Во првата фаза од работењето, центарот ќе се фокусира на зголемување на фискалниот простор, подобрување на наплатата на приходите, зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка, како и зајакнување на монетарните и финансиските политики. Дополнително, ќе се работи на унапредување на статистиката и аналитичките капацитети.

Поддршката ќе се реализира преку резидентни советници, експерти, обуки, работилници и регионални иницијативи, со цел поефикасна имплементација на реформите и засилена соработка меѓу земјите.

На состанокот беше посочено дека буџетот за првите пет години изнесува 70,4 милиони долари, при што беше нагласена важноста од партнерството меѓу земјите, ММФ и донаторите.

Во рамки на Пролетните средби, министерката учествуваше и на состанок на Холандската конституенца, каде се разговараше за глобалните економски предизвици, геополитичките тензии и зголемената неизвесност. Особено беше истакнато влијанието на конфликтот во Украина и случувањата на Блискиот Исток врз цените на енергенсите и трговските текови.

За време на престојот во Вашингтон, Димитриеска-Кочоска оствари средби и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и корпорации.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange