Connect with us

Анализи

Објавен извештајот за пазарот на недвижности, забележан раст на трансакциите и вредноста во 2025 година

Објавено

на

Објавен е Годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини за пазарот на недвижности за 2025 година, кој дава сеопфатен преглед на состојбите и трендовите во секторот, врз основа на официјални податоци за реализирани купопродажби и договори за закуп.

Според извештајот, пазарот на недвижности во 2025 година бележи значителна активност со вкупно 33.381 реализирани трансакции, што претставува раст од 7,6 проценти во однос на претходната година. Од нив, 23.470 се купопродажби, со раст од 4 проценти, додека бројот на закупи достигнал 9.911, што е зголемување од 17 проценти.

Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува околу 1,14 милијарди евра, што е раст од 12,9 проценти. Најголем дел од оваа вредност е остварен во четвртиот квартал, кога се реализирани трансакции во вредност од околу 314 милиони евра.

Станбениот сектор останува доминантен. Становите учествуваат со 33 проценти во вкупниот број купопродажби и дури 48 проценти од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови бележи пад од 3,9 проценти, нивната вредност е зголемена за 10,8 проценти, што укажува на стабилизација и раст на цените.

Земјоделското земјиште и шумите учествуваат со 31 процент во купопродажбите, додека градежното земјиште со 14 проценти бележи значителен раст на вредноста од 36 проценти. Куќите, пак, учествуваат со 13 проценти и бележат раст на вредноста од 37 проценти.

Најголема пазарна активност е забележана во урбаните општини, особено во Скопје. Најмногу трансакции се реализирани во Центар (2.414), Аеродром (1.963) и Карпош (1.791). Во овие општини се регистрирани и највисоките просечни цени на становите – 1.692 евра по квадратен метар во Центар, 1.558 евра во Карпош и 1.419 евра во Аеродром. Највисоката постигната цена достигнала 3.784 евра по квадратен метар во Аеродром.

Пазарот на новоградби покажува најголема динамика во скопските општини, при што најголем раст на цените е забележан во Центар (31 процент), додека во Охрид е евидентиран пад од 4 проценти.

Извештајот нотира и рекордни трансакции, меѓу кои најскап стан продаден во Аеродром за 166.500 евра, најскапа куќа во Центар за 1,5 милиони евра и најскап деловен простор, исто така во Центар, за 6,8 милиони евра.

Паралелно, расте и пазарот на закуп. Вкупната месечна закупнина достигнала околу 4 милиони евра. Најголемо учество имаат становите со 35 проценти, со раст на закупнината од 15 проценти, како и деловните простори со 34 проценти, каде растот изнесува 24 проценти. Овие показатели укажуваат на зголемена побарувачка за изнајмување.

Заклучоците од извештајот укажуваат на стабилен раст на пазарот, доминација на урбаните центри и засилен интерес за закуп. Се очекува умерен раст и во 2026 година, со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупите.

Пазарот на недвижности во 2025 година се оценува како стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со позитивни економски трендови и изразена урбана концентрација.

Анализи

Берзанските индекси на Волстрит без поголеми промени, Nasdaq повторно во плус

Објавено

на

Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот завршија со мали промени, додека инвеститорите останаа внимателни поради растот на цените на нафтата и приносите на американските државни обврзници.

Dow Jones ослабе за 0,3 проценти, на 51.349,98 поени, додека S&P 500 остана речиси непроменет на 7.704,13 поени. Nasdaq Composite, исто така, заврши речиси без промена, на 26.939,37 поени.

Притисок врз пазарите создадоа повисоките приноси на обврзниците и поскапувањето на нафтата, кои повторно ги засилија стравувањата од подолготрајни инфлаторни притисоци и построга монетарна политика на американската централна банка. Приносот на десетгодишните американски државни обврзници се искачи на околу 5,22 проценти.

Тргувањето во Азија во петокот исто така беше претпазливо, по мешаната сесија на Волстрит и продолжената неизвесност околу движењето на енергентите и каматните стапки.

Продолжи со читање

Анализи

Албанија подготвува станбен кредити со 0% камата и 100% финансирање

Објавено

на

Албанија подготвува нов модел за поддршка при купување стан, кој предвидува станбени кредити со субвенционирана камата, а за одредени категории и можност за целосно банкарско финансирање на вредноста на недвижноста.

Според најавите на албанската министерка за економија и иновации Делина Ибрахимај, една од предложените шеми предвидува купувачите на станови во вредност до 60.000 евра да можат да добијат кредит со каматна стапка од 0%. За станови поскапи од 60.000 евра, корисникот би плаќал камата до 3%, а државата би го субвенционирала делот над ова ниво.

За недвижностите над 60.000 евра се разгледува и можност банките да финансираат до 100% од вредноста на станот, односно купувачот да не мора да обезбеди сопствено учество. Максималната вредност на недвижностите што би биле опфатени со оваа мерка сè уште се разгледува, а како ориентир се споменува износ од околу 200.000 евра. Програмата треба да биде насочена кон млади лица на почетокот на кариерата, млади двојки и семејства.

Новите мерки сè уште се во подготовка. Албанските власти работат на законската рамка, а дел од новите шеми би можеле да започнат уште во ноември. Планирана е и поддршка за изнајмување станови, при што државата би покривала половина од киријата до одреден лимит.

Албанија веќе спроведува и конкретни програми со нулта камата. Во август беше отворен повик за 300 станбени кредити со 0% камата за вработени во јавната администрација кои ги исполнуваат условите за програмата.

Може ли ваков модел и во Македонија?

Албанскиот пример го отвора прашањето дали слична шема би можела да се примени и во Македонија, особено во услови на растечка побарувачка за станбени кредити.

Податоците на Народната банка покажуваат дека во август станбените кредити во Македонија биле за 16,2% повисоки во споредба со истиот месец минатата година, додека на месечно ниво пораснале за 0,6%.

Сепак, евентуалното субвенционирање на станбените кредити отвора и друго важно прашање – дали дополнителното поттикнување на побарувачката, доколку понудата на нови станови не расте со исто темпо, би можело дополнително да влијае врз цените на недвижностите.

Во поширок економски контекст, S&P Global Ratings во септември го потврди суверениот кредитен рејтинг на Албанија на „BB“ со стабилен изглед. Агенцијата очекува раст на албанската економија од 3,4% во 2026 година и просечно околу 3% годишно во периодот 2027–2029.

За споредба, Северна Македонија кај S&P има рејтинг „BB-“ со стабилен изглед, односно едно ниво под Албанија.

Продолжи со читање

Анализи

Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари

Објавено

на

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48.499 денари, што претставува раст од 7,1 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На годишно ниво, позначителен раст на платите е забележан во финансиските дејности и осигурувањето, каде зголемувањето изнесува 10,7 отсто. Кај снабдувањето со вода, управувањето со отпад и санацијата на околината растот е 10,4 отсто, додека кај дејностите со недвижен имот платите се зголемиле за 9,6 отсто.

Во споредба со јуни, просечната нето-плата во јули е повисока за 0,2 отсто. Најголемо месечно зголемување е забележано кај стручните, научните и техничките дејности од 4,3 отсто, потоа во трговијата и поправката на моторни возила од 3,2 отсто и во градежништвото од 2,3 отсто.

Највисока просечна нето-плата во јули е исплатена во секторот информации и комуникации и изнесувала 89.532 денари.

Следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 69.191 денар, додека во рударството и вадењето камен просечната нето-плата изнесувала 59.258 денари.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange