Connect with us

Останато

Димитриеска-Кочоска: Буџетските приходи растат, јавните финансии се стабилни

Објавено

на

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека јавните финансии во првата половина од 2026 година остануваат стабилни, а приходната страна на Буџетот се реализира според очекувањата. Во обраќањето на комисиската расправа за ребалансот на Буџетот во Собранието, таа посочи дека најголемиот дел од приходите се резултат на редовната економска активност.

Според податоците што ги презентираше Министерството за финансии, вкупните буџетски приходи во периодот јануари-јуни изнесуваат 169,9 милијарди денари, односно околу 170 милијарди денари. Тоа претставува раст од 8,6 проценти во споредба со истиот период лани, додека реализацијата на планот надминува 45 проценти.

Даночните приходи достигнале 96,7 милијарди денари. Најголем удел има данокот на додадена вредност, од кој се собрани 43,3 милијарди денари, што претставува околу 44,7 проценти од вкупните даночни приходи. Од данокот на личен доход се реализирани 17,5 милијарди денари, од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а од акцизи 13,9 милијарди денари.

Податоците покажуваат дека приходите од данокот на личен доход се зголемени за 11,7 проценти, од данокот на добивка за 14,5 проценти, од ДДВ за 16,4 проценти, додека увозните давачки бележат раст од 8,3 проценти.

Димитриеска-Кочоска оцени дека ваквите движења се потврда дека економската активност продолжува, компаниите работат, платите растат, а институциите ја спроведуваат политиката за подобра наплата и намалување на сивата економија.

Во првите шест месеци од годината, социјалните придонеси достигнале 58,8 милијарди денари, што е раст од 7,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Овие средства, како што беше посочено, се еден од најважните извори за финансирање на пензискиот и здравствениот систем.

На расходната страна, Буџетот е реализиран во износ од 205,9 милијарди денари, главно за исполнување на законските обврски кон граѓаните, стопанството, општините и кредиторите.

Во првата половина од 2026 година бил извршен поврат на средства по основ на солидарниот данок во износ од 1,2 милијарди денари. За исплата на пензии се издвоени 58,1 милијарди денари, а за здравствениот систем 25,5 милијарди денари. За социјална заштита на најранливите категории се исплатени 7,6 милијарди денари.

Кон општините се трансферирани 15,1 милијарди денари блок-дотации за образование, детска заштита, култура, противпожарна заштита и други пренесени надлежности. Дополнително, општините добиле и 2,4 милијарди денари средства од ДДВ.

Министерката нагласи дека државата редовно ги сервисирала обврските кон домашните и странските кредитори. За камати се исплатени 12 милијарди денари, додека за отплата на главнина по основ на домашен и надворешен долг се сервисирани 60,7 милијарди денари.

Според Димитриеска-Кочоска, финансиската дисциплина и навременото сервисирање на долгот се важни за зачувување на довербата кај инвеститорите, меѓународните финансиски институции и кредитните агенции.

Таа додаде дека политиката на расходната страна останува насочена кон навремена исплата на законските обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и финансирање на развојните приоритети.

Како еден од најзначајните показатели за развојната политика на Владата, министерката ја издвои реализацијата на капиталните расходи, кои во првата половина од годината достигнале 19,4 милијарди денари. Тоа е раст од 53,5 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Според неа, ова значи дека државата вложува повеќе во патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации, енергетски проекти и локален развој.

За изградба на Коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари, а за инфраструктурни проекти во општините се реализирани дополнителни 2,1 милијарди денари.

Анализи

Нова главоболка за Британците: Инфлацијата повторно расте!

Објавено

на

Инфлацијата во Велика Британија забрза во јули, главно поради повисоките трошоци за енергија во домаќинствата, откако регулаторот „Ofgem“ го зголеми ограничувањето на цените за 13%.

Годишната инфлација на потрошувачките цени достигна 2,9% во јули, во однос на 2,6% во јуни, покажаа податоците на Канцеларијата за национална статистика. Ова е највисока стапка од март и во согласност со очекувањата на економистите.

И базичната инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, беше нешто повисока од очекуваното и достигна 2,6%, наспроти прогнозата од 2,5%.

Растот на инфлацијата доаѓа во период кога Банката на Англија внимателно ја следи динамиката на цените и економската активност. Иако јулското забрзување беше очекувано, повисоката базична инфлација може да го намали темпото на понатамошно олеснување на монетарната политика.

Пазарите реагираа релативно умерено на објавените податоци, бидејќи главниот раст на инфлацијата во голема мера беше веќе вграден во очекувањата.

Продолжи со читање

Анализи

Инфлацијата падна од 5,7% на 2,3% во јули – но зошто граѓаните не чувствуваат олеснување?

Објавено

на

Инфлацијата во Македонија во јули се намали на 2,3%, што претставува значително забавување во однос на претходните месеци – во јуни изнесуваше 3,4%, а во април високи 5,7%.

Сепак, пониската инфлација не значи дека производите поевтинеле. Таа покажува дека цените сега растат со побавно темпо, додека поскапувањата од претходните години и натаму се вградени во цените на храната, домувањето и останатите основни трошоци.

Според Државниот завод за статистика, трошоците на животот во јули биле 2,3% повисоки во однос на истиот месец лани, додека на месечно ниво се зголемиле за 0,1%.

Иако денешните стапки се значително пониски од инфлацискиот удар во 2022 година, за граѓаните останува поинаква слика. Семејните буџети и натаму се под притисок, бидејќи платите и куповната моќ треба да растат доволно брзо за да го надоместат претходниот раст на цените.

Токму затоа, намалувањето на инфлацијата е позитивен сигнал за економијата, но не значи автоматско поевтинување на животот. Реалното олеснување за домаќинствата ќе се почувствува тогаш кога приходите ќе овозможат повторно да се купува повеќе со истиот месечен буџет.

Со други зборови: инфлацијата паѓа, но сметките и трошоците не се враќаат на старото ниво.

Продолжи со читање

Останато

НЛБ предупредува на лажни СМС пораки: Не отворајте сомнителни линкови

Објавено

на

НЛБ ги предупредува граѓаните на појава на лажни СМС пораки во кои се злоупотребуваат името и брендот на банката, со цел од корисниците да се приберат лични и банкарски податоци.

Во пораките, примателите се повикуваат да отворат линк и да внесат или потврдат лични податоци, информации од платежни картички или податоци поврзани со електронското и мобилното банкарство.

Од НЛБ апелираат корисниците да не кликаат на непознати и сомнителни линкови и да не внесуваат доверливи информации преку нив.

„НЛБ никогаш нема да побара од вас лозинка, ПИН или други доверливи податоци преку СМС линк“, посочуваат од банката.

Граѓаните се советуваат внимателно да ја проверат секоја порака и нејзиниот извор пред да споделат какви било податоци.

Ваквите пораки се форма на т.н. „smishing“ измама, односно обид преку СМС и лажен линк да се дојде до чувствителни податоци кои подоцна можат да бидат злоупотребени.

Од НЛБ порачуваат корисниците да бидат внимателни и навремено да ги заштитат своите лични податоци и финансиски средства.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange