Connect with us
no baners

Анализи

Германија со најниска стапка на инвестиции од обединувањето наваму

Објавено

на

Германија минатата година ја забележа најниската нето стапка на инвестиции од повторното обединување во 1990 година, при што вложувањата на компаниите, државата и граѓаните не биле доволни да ја покријат амортизацијата на постојните имоти.

Според податоците на германското Министерство за економија и Федералниот завод за статистика (Destatis), нето стапката на инвестиции во долготрајни средства во 2025 година изнесувала минус 0,23 проценти од бруто-домашниот производ, пренесува „Wirtschaftswoche“.

Станува збор за инвестиции во градежништво, машини, опрема и инфраструктура, пресметани така што од новите вложувања се одзема вредноста на отпишаниот постоен имот.

Податоците укажуваат на долгорочен тренд на намалување на инвестициите во однос на големината на германската економија.

Во периодот од 1991 до 1999 година, просечната нето стапка на инвестиции изнесувала 7,31 проценти од БДП, а од 2000 до 2009 година паднала на 2,88 проценти. Во периодот од 2010 до 2019 година таа изнесувала 2,29 проценти, додека во периодот од 2020 до 2025 година дополнително се намалила на просечни 1,02 проценти.

Пратеникот на Левицата, Чем Инџе, оцени дека Германија „се распаѓа“, посочувајќи на запуштени училишта, лоши патишта и пропаѓачка инфраструктура.

Тој изјави дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од недоволните инвестиции и повторно повика на воведување данок на богатство и нов инвестициски циклус.

На долгорочната слабост на инвестициите предупреди и Институтот за германска економија од Келн, близок до работодавачите.

Директорот на институтот, Хубертус Барт, изјави дека бруто инвестициите во долготрајни средства со години се под притисок, особено во градежниот сектор.

Анализи

Пад на азиските берзи поради новите тензии меѓу САД и Иран

Објавено

на

Азиско-пацифичките берзи во петокот забележаа пад, поради зголемената загриженост од обновените тензии меѓу САД и Иран во услови на кревко примирје.

Јужнокорејскиот индекс „Kospi“ ослабе за 0,67 отсто, додека индексот на малите компании „Kosdaq“ порасна за 0,62 проценти. Јапонскиот „Nikkei“ 225 падна за 0,36 отсто, по делумното повлекување на инвеститорите по рекордното ниво достигнато во четвртокот.

Австралискиот индекс „S&P/ASX 200“ ги продолжи загубите и се намали за 1,44 проценти.

Кинескиот индекс „CSI300“ се тргуваше со пад од 0,60 отсто, додека хонгконшкиот „Hang Seng“ индекс ослабе за 0,82 проценти.

Во меѓувреме, фјучерсите на нафтата ги намалија претходните добивки. Фјучерсите на американската нафта „West Texas Intermediate“ за јуни пораснаа за 1,07 проценти и достигнаа 95,82 долари за барел. Цената на „Brent“ суровата нафта за јули се зголеми за 1,38 проценти, на 101,44 долари за барел.

Според аналитичарите, пазарите внимателно ги следат геополитичките случувања на Блискиот Исток, што влијае врз расположението кај инвеститорите и движењата на енергетските пазари.

Продолжи со читање

Анализи

Акциите на Макстил со најголем раст во април, три банки меѓу најголемите губитници

Објавено

на

И покрај негативните движења на берзите, во април беше забележан раст на цените на дел од акциите на Македонската берза, а инвеститорскиот интерес ја прошири листата на добитници во споредба со март, кога единствено акцијата на Мермерен комбинат беше во позитива.

Најголем месечен раст оствари акцијата на Макстил, која зајакна за 24,3 проценти и достигна цена од 133 денари. За споредба, во март просечната вредност на оваа акција изнесуваше 107 денари, кога беше евидентирана како најголем губитник на месечно ниво.

На позитивната листа следува НЛБ банка. Акцијата на банката од 55.039 денари на крајот на март се искачи на 58.000 денари во април, што претставува раст од 5,38 проценти.

Раст бележи и акцијата на Хотели Метропол Охрид, која поскапе за 5,2 проценти. Просечната цена по акција се зголемила од 250 на 263 денари.

Акцијата на Гранит во април достигна 1.550 денари, што е зголемување од 5,08 проценти во однос на мартовските 1.475 денари.

Позитивен месец имаше и Макпетрол, чија акција порасна за 2,65 проценти – од 109.007 денари во март на 111.900 денари во април.

Од друга страна, најголем пад во април е регистриран кај Македонијатурист. Акцијата загуби 15,72 проценти од вредноста и се намали од 9.847 на 8.299 денари.

ТТК банка остана меѓу акциите со негативен тренд, со пад од 9,71 проценти. Просечната цена се намали од 1.449 на 1.308 денари, откако и во март беше меѓу најголемите губитници.

Трет месец по ред паѓа и вредноста на обичната акција на Стопанска банка Скопје. Во април падот изнесува 3,53 проценти, а акцијата месецот го заврши со просечна цена од 2.274 денари, наспроти 2.357 денари во март.

Намалување е забележано и кај Тетекс Тетово, каде цената по акција се спушти од 1.982 на 1.930 денари, односно за 2,62 проценти.

Со пад го заврши месецот и најтргуваната акција на Македонската берза – Комерцијална банка. Нејзината вредност се намали за 2,39 проценти, од мартовските 27.978 денари на 27.310 денари во април.

Продолжи со читање

Анализи

Цената на златото започна да закрепнува, аналитичарите очекуваат нов раст

Објавено

на

Цената на златото забележа раст во текот на последното тргување, откако успешно се задржа над актуелното ниво на поддршка од 4.700 долари, што обезбеди позитивен моментум за продолжување на добивките.

Според анализата на Economies.com, растот на цената доаѓа по намалувањето на состојбата на прекупеност кај индикаторите за релативна сила, што му остава дополнителен простор на благородниот метал за понатамошно зајакнување на краток рок.

Аналитичарите посочуваат дека дополнителна поддршка доаѓа од фактот што цената продолжува да се движи над експоненцијалниот подвижен просек EMA50, што ја зголемува можноста за тестирање на нови нивоа на отпор.

Воедно, цената на златото добила дополнителен поттик и по пробивањето на краткорочниот опаѓачки канал, кој претходно го ограничувал движењето на пазарот.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange