Connect with us

Анализи

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, Северна Македонија на 30. место

Објавено

на

Албанија има најсилна сајбер-заштита во светот, покажуваат податоците од Националниот индекс за сајбер-безбедност (NCSI), кој ја оценува подготвеноста на државите да спречат и да одговорат на сајбер-напади.

На ранг-листата што ја изработува естонската Академија за е-управа се опфатени 155 држави и територии, а Албанија го освои првото место со 98,33 од максимални 100 поени.

Со овој резултат, балканската земја зад себе остави некои од технолошки најразвиените држави во светот, меѓу кои Германија и САД, како и второпласираната Чешка.

Особено впечатлив е напредокот на Албанија во последните неколку години. Минатата година земјата се наоѓала на 15. место, додека во 2023 година била дури на 54. позиција.

Индексот ја оценува способноста на земјите да спречуваат сајбер-закани, да ја заштитат критичната инфраструктура и најважните услуги, да реагираат на сајбер-инциденти, да развиваат национални стратегии, да ги подобруваат стручните капацитети и да ја зајакнуваат меѓународната соработка.

Некои од најголемите светски економии се пласираа значително пониско. Франција е на 16. место, Германија на 19., а Соединетите Американски Држави се на 31. позиција.

Северна Македонија се најде на високото 30. место, една позиција пред САД. Од земјите во регионот, Словенија е на 15. место, Хрватска на 35., додека Србија е на 40. позиција.

Анализи

ЕУ ја намалува зависноста од Visa и Mastercard, дигиталното евро би можело да стигне во 2029 година

Објавено

на

Европската унија сè поинтензивно работи на намалување на зависноста од странски платежни системи како Visa и Mastercard, а паралелно со развојот на дигиталното евро се поврзуваат и приватни европски системи за плаќање.

Според податоците на Европската централна банка, Visa и Mastercard учествуваат со околу 61 отсто во картичните плаќања во еврозоната и во речиси сите прекугранични трансакции. Загриженоста во Брисел е дека големата зависност од американски платежни компании може да претставува економски и геополитички ризик.

Како еден од примерите се посочува Русија, каде Visa и Mastercard пред санкциите учествувале во околу 60 отсто од платежните трансакции. По воведувањето на ограничувањата, дел од услугите биле прекинати, што директно ги погодило корисниците.

Дополнителен проблем за европските трговци се зголемените надоместоци за користење на картичните мрежи, чии комерцијални услови во голема мера се определуваат надвор од Европската унија.

Во моментов се води завршната фаза од разговорите меѓу Европскиот парламент и земјите членки за начинот на функционирање на дигиталното евро. Планот е новата форма на европската валута да ги надополнува готовината и постојните банкарски услуги, а не да ги замени.

Се очекува трошоците за трговците при плаќање со дигитално евро да бидат пониски од сегашните надоместоци за картични трансакции. Дигиталното евро би можело да стане достапно за плаќања на мало од 2029 година, додека пилот-проектот е најавен за 2027 година и во него треба да учествуваат 36 даватели на платежни услуги.

Паралелно со јавниот проект, и приватниот сектор работи на создавање поголема европска платежна мрежа. Европскиот платежен сојуз EuroPA и Европската платежна иницијатива EPI потпишаа договор за поврзување на нивните системи за инстант плаќање.

Со тоа се создава платформа која потенцијално би можела да опфати околу 380 милиони корисници во 15 земји членки на ЕУ.

EuroPA обединува повеќе национални платежни системи, меѓу кои шпанско-андорскиот Bizum, италијанскиот Bancomat, полскиот Blik и нордискиот Vipps MobilePay. EPI, пак, го развива платежниот бренд Wero, кој е присутен во земји како Германија, Белгија, Франција, Холандија и Луксембург.

Продолжи со читање

Анализи

Избегнувајте ги овие ПИН-кодови за вашата платежна картичка – Крадците секогаш прво нив ги внесуваат

Објавено

на

Секој што некогаш ја изгубил или му е украдена картичката го знае стравот од ненадејно губење на сите тешко заработени пари. Но, опасноста демне дури и ако вашиот ПИН е доволно едноставен за некој да може да го погоди.

ПИН-кодот е една од основните заштити на платежната картичка, но изборот на едноставна комбинација може значително да го зголеми ризикот од неовластен пристап.

Изборот на добар ПИН може да биде предизвик

ПИН кодот треба да биде лесен за паметење, но не треба да го запишувате. За разлика од лозинката, не можете да користите интерпункциски знаци или големи букви и сте ограничени на само 10 цифри.

Иако четирицифрениот ПИН овозможува 10.000 можни комбинации, голем број корисници и понатаму избираат лесни и предвидливи кодови. Меѓу најчестите се 1234, 0000, 1111 и 1212, но и комбинации како 4321, 2222, 7777 или други повторливи и симетрични шеми.

Токму ваквите комбинации најчесто се меѓу првите што би ги испробал хакер или крадец кој се обидува да добие неовластен пристап. Ризикот е уште поголем доколку ПИН-кодот е поврзан со лесно достапни лични информации, како датум на раѓање.

Што предупредуваат експертите?

Експертите предупредуваат дека промената на вашиот ПИН може да биде едноставен, но важен чекор во заштитата на вашите лични информации и финансиски средства.

Тие советуваат корисниците да избегнуваат очигледни комбинации и лични податоци при изборот на ПИН. Кодот треба да биде непредвидлив, но доволно лесен за паметење, без да се запишува на картичката или да се чува заедно со неа.

Продолжи со читање

Анализи

Зошто две македонски банки го јакнат капиталот?

Објавено

на

Иако во 2026 година официјално е објавена само една докапитализација и се реализираше една емисија на корпоративна обврзница од банка, аналитичарите оценуваат дека во следните години дел од македонските банки би можеле повторно да посегнат по свеж капитал.

Најголемиот потег годинава го направи Халкбанк АД Скопје, која во мај објави докапитализација во износ од 40 милиони евра, обезбедени од нејзиниот мнозински сопственик Halkbankası Türkiye. Со ова вкупната актива на банката достигна 2,15 милијарди евра, додека вкупниот капитал се искачи на 412 милиони евра, што ја позиционира меѓу најсилно капитализираните банки во земјата.

Од банката посочија дека новата инвестиција е продолжение на долгогодишната поддршка од матичната групација и има за цел да создаде простор за натамошен раст на кредитното портфолио, поддршка на стопанството и инвестиции во дигитализација.

Меѓу банките кои активно ја зајакнуваат финансиската структура се наоѓа и ТТК Банка. Наместо класична докапитализација, банката во 2026 година ја реализираше четвртата емисија корпоративни обврзници. Во 2025 година ТТК оствари добивка од 90 милиони денари, додека сопствените средства достигнаа 1,316 милијарди денари. Издавањето обврзници покажува дека банката користи алтернативни механизми за обезбедување дополнителен капитален потенцијал и ликвидност.

Сепак, доколку во иднина се одлучи за поагресивно зголемување на пазарниот удел, не е исклучена можноста за дополнително прибирање капитал или употреба на хибридни финансиски инструменти.

Што всушност значи докапитализација?

Докапитализацијата претставува внесување нов капитал од страна на сопствениците или инвеститорите во банката. Тоа не значи дека банката има проблеми, туку најчесто дека сака да создаде дополнителен капацитет за кредитирање, да ги задржи високите стапки на капитална адекватност или да поддржи планиран раст.

Во услови кога кредитната активност во банкарскиот сектор расте, а регулаторните барања стануваат построги, капиталот станува клучен ресурс. Колку е поголем капиталот, толку поголем обем на кредити може да пласира банката без да ги наруши пропишаните показатели за стабилност.

Сепак, експертите нагласуваат дека повисоките капитални барања не значат автоматски нови емисии на акции. Голем дел од македонските банки последниве години бележат висока профитабилност и значителен дел од капиталот го зголемуваат преку задржување и реинвестирање на добивката.

Иако нема официјално најавени докапитализации за 2027 година, анализата на капиталната адекватност, кредитниот раст и сопственичката структура укажува дека две банки се издвојуваат како најверојатни кандидати доколку продолжи сегашната динамика на раст. Една од нив веќе минува низ процес на трансформација и ребрендирање со амбиција да се позиционира како модерна и дигитална банка.

Токму ваквите трансформации обично се проследени со нови вложувања во технологија, проширување на понудата и забрзан кредитен раст. Бидејќи банката располага со помала капитална база во споредба со големите системски банки, секој позначаен раст на кредитното портфолио ќе бара и дополнителна капитална поддршка.

Втората банка е од рангот на поголемите банки и може да се одлучи за нова докапитализација за да ги забрза кредитирањето на корпоративниот сектор и инвестициите во зелени проекти. Новата капитална инјекција би била природен и веќе докажан механизам за поддршка на растот.

Што покажува искуството од минатото?

Последните неколку години се случија две поголеми докапитализации на македонски банки.

ПроКредит Банка имаше докапитализација во 2022 година, кога матичниот акционер ProCredit Holding инвестираше 13 милиони евра. Значајна докапитализација во 2022 година реализираше и Шпаркасе Банка, која доби дополнителни 20 милиони евра капитал од матичната групација. Оттогаш банката продолжува да го јакне капиталот и преку реинвестирање на добивката.

Доколку кредитната активност во земјата продолжи да расте со сегашното темпо, а банките сакаат дополнително да го зголемат пазарниот удел, капиталот ќе остане еден од клучните фактори за развој во наредните години.

Поради повисоките капитални барања и растот на кредитната активност, Народната банка веќе нагласува дека банкарскиот систем треба да одржува силна капитална основа, но тоа не значи автоматски дека ќе има докапитализација. Многу банки во Македонија имаат висока профитабилност и најчесто капиталот го зголемуваат преку задржување на добивката наместо преку нови емисии на акции.

Автор: Филип Чижбановски

Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е строго забрането без претходно писмено одобрение и е предмет на условите наведени на следниот линк.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange