Банки
Започнува традиционалниот „НЛБ Месец на штедење“, годинава на тема „Штедиме и правиме добри дела“
Денеска НЛБ Банка официјално го започна „Месецот на штедење“ кој годинава се одбележува на тема „Штедиме и правиме добри дела“. Традиционално, почетокот беше одбележан со претстава со маскотите на детското штедење Тиби и Штуки, како и дружење со специјалните гости од Црвениот крст на Град Скопје. Основци од неколку училишта од Скопје уживаа во забавно-едукативна програма и со љубопитство ја следеа претставата посветена на штедењето и добрите дела.
Во „Месецот на штедење“ кој ќе трае до 25 октомври, НЛБ Банка предвидува низа забавни активности и едукативни содржини кои имаат за цел да ги едуцираат децата колку и зошто е важно да создадат навики за штедење уште од најрана возраст.
И оваа година, предвиден е традиционалниот ликовен конкурс на детски цртежи на тема „Штедиме и правиме добри дела“. На конкурсот може да учествуваат деца од 5 до 15-годишна возраст кои до 25.10.2024 ќе ги испратат своите ликовни творби, по електронски пат, преку веб-страницата: www.stedenje.nlb.mk. На крајот на октомври, најдобрите цртежи избрани со гласање преку истата веб страница, како и од страна на посебна жири комисија составена од реномирани македонски уметници ќе бидат наградени со парични награди и признанија.
„Финансиската писменост кај најмладата популација е од особено значење за нас. Не случајно НЛБ Банка, веќе 13-та година по ред, „Месецот на штедење“ го користи токму за едукација преку забавни и поучни активности. Покрај традиционалната тема „штедење“, оваа година се одлучивме да зборуваме и за хуманите вредности односно правењето добри дела. Силно веруваме дека ќе успееме да ги инспирираме децата да размислуваат, но и da делуваат во оваа насока. Сакаме да го поттикнеме и засилиме нивното чувство на хуманост и љубезност, најмоќните и најкорисните алатки од сите социјално-емоционални вештини. Правењето добри дела ја подобрува благосостојбата на децата и го отвора патот за сите други важни социјални вештини како основа за здрав развој“- истакнуваат од НЛБ Банка.
Оваа година, најавен е предизвик за училишта, во духот на темата „Правиме добри дела“. Имено, училиштата кои ќе земат учество во предизвикот и ќе направат добро дело (донација на облека или играчки, учество во подготовка на храна за дневни центри, посета на дом за стари лица, или слично) потребно е да испратат документирани информации и фотографии од нивните добрите дела на: [email protected], најдоцна до 25.10.2024. Сите училишта кои ќе учествуваат во овој предизвик ќе добијат сет подарок за училиштето.
„Месецот на штедење“ ќе заврши со голема изложба на ликовните творби кои ќе пристигнат на конкурсот за детски цртежи, што ќе биде поставена во просториите на НЛБ Галерија и отворена за љубителите на детската уметност.
Банки
Рајфајзен ја намали изложеноста кон акции поради растот на каматните стапки
Рајфајзен Капитал Менаџмент (Raiffeisen Capital Management) ја намали изложеноста кон акции на неутрално ниво, откако во поголемиот дел од годината им даваше предност на акциите во однос на обврзниците. Одлуката доаѓа во услови на зголемени каматни стапки, инфлациски притисоци и растечка неизвесност на глобалните финансиски пазари.
Како што соопшти главната директорка за инвестиции, Карин Кунрат, промената во инвестициската стратегија е резултат на повеќе фактори, меѓу кои рестриктивната монетарна политика, ограничениот фискален простор на државите, геополитичките ризици и високите пазарни вреднувања на акциите.
И покрај ваквите предизвици, светската економија засега покажува отпорност. Економскиот раст е поддржан од големите инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција, двоцифрениот раст на приходите и профитите на водечките технолошки компании, особено во САД, како и од стабилниот пазар на труд и високата лична потрошувачка.
Сепак, повисоките каматни стапки и приносите на обврзниците постепено создаваат притисок врз економската активност, бидејќи го зголемуваат трошокот за финансирање на компаниите и граѓаните.
Според проценките на Рајфајзен, овој притисок би можел да се пренесе и на берзите, кои досега останаа релативно отпорни на растот на каматите. Дополнителна причина за претпазливост е фактот што растот на берзанските индекси сè повеќе зависи од мал број големи компании.
Во краток рок се можни поголеми пазарни осцилации и привремена корекција на цените на акциите, особено во пресрет на изборите за американскиот Конгрес на почетокот на ноември. Сепак, во Рајфајзен не ја исклучуваат можноста годината да заврши позитивно, бидејќи економските показатели и корпоративните резултати и натаму обезбедуваат поддршка за поризичните инвестиции.
Францускиот јавен долг го зголемува притисокот врз пазарот на обврзници
Глобалниот раст на каматните стапки продолжува да влијае врз пазарот на државни обврзници. Повисоките приноси создаваат поповолни можности за новите инвеститори, но истовремено ја намалуваат пазарната вредност на претходно издадените обврзници со пониски камати.
Особено внимание привлекува Франција, каде што растот на приносите и зголемувањето на премијата за ризик ја одразуваат загриженоста на инвеститорите во однос на фискалната политика и способноста на властите да го намалат буџетскиот дефицит.
Рајфајзен Капитал Менаџмент ја задржува изложеноста кон француските државни обврзници, додека кон италијанските има повнимателен пристап. Компанијата очекува дека разликата во премиите за ризик меѓу двете земји би можела повторно да се намали на среден рок.
Според нивната анализа, фискалната консолидација во Франција повеќе зависи од политичката волја отколку од економските можности. Сепак, продолжената политичка блокада би можела дополнително да ги зголеми трошоците за задолжување и да создаде притисок врз еврото.
Неизвесноста на пазарот на државен долг постепено се пренесува и врз корпоративните обврзници. Поради тоа, Рајфајзен е претпазлив кон високоприносните обврзници во евра, кои имаат понизок кредитен рејтинг, и им дава предност на поквалитетните обврзници со инвестициски рејтинг.
Компанијата во моментов нема обврзници од земјите во развој во својата тактичка распределба на средствата, откако приносите во овој сегмент значително пораснаа, особено кај обврзниците деноминирани во американски долари.
Технолошкиот сектор останува главен двигател на берзите
И покрај зголемените ризици, меѓународните пазари на акции продолжуваат да бележат раст, поттикнат од солидните финансиски резултати на компаниите.
Сепак, сè поголемата концентрација на растот кај ограничен број големи компании ја зголемува ранливоста на пазарите. Евентуално забавување на нивното работење или послаби финансиски резултати би можеле да предизвикаат пошироки берзански корекции.
Од друга страна, акциите на пазарите во развој годинава остваруваат подобри резултати од оние на развиените пазари, пред сè благодарение на технолошкиот сектор.
Особено се издвојува Азија, која има значителна застапеност во индексите на пазарите во развој, со голем број компании од областа на технологијата, производството на полупроводници и интернет-услугите.
Иако цените на акциите на овие пазари пораснаа, нивните вреднувања во однос на остварените добивки станаа нешто поповолни, бидејќи профитите на компаниите растеа побрзо од берзанските цени.
Во вакви услови, Рајфајзен се определува за повнимателна инвестициска стратегија, со неутрална изложеност кон акции и поголем акцент на квалитетот на обврзниците, додека глобалните пазари се соочуваат со ризици од повисоки каматни стапки и геополитичка неизвесност.
Банки
Компаниите се задолжуваат побрзо од граѓаните: корпоративните кредити растат за 15,1%, а кредитите на населението за 12,3%
Кредитната активност на македонските банки продолжува да расте со двоцифрени стапки, но најновите расположливи податоци на Народната банка откриваат значајна разлика меѓу задолжувањето на компаниите и домаќинствата. Во август 2026 година корпоративните кредити забележале годишен раст од 15,1%, додека кредитите на населението се зголемиле за 12,3%.
Разликата од 2,8 процентни поени покажува дека корпоративниот сектор има посилна динамика на кредитирање. Особено значаен е податокот дека годишното зголемување на кредитите на претпријатијата во целост произлегува од кредитирањето во домашна валута, што ја нагласува улогата на денарските финансиски производи во финансирањето на деловните активности.
Кај населението, најизразен раст имаат станбените кредити, кои во август биле повисоки за 16,2% на годишна основа. Потрошувачките кредити, пак, пораснале за 12,2%, што покажува дека побарувачката за финансирање на недвижности расте побрзо од задолжувањето за тековна потрошувачка.
Вкупната кредитна активност на банкарскиот сектор во август забележала годишен раст од 13,6%, додека депозитите пораснале за 9%. Оваа разлика не претставува непосреден показател за нарушена ликвидност, бидејќи банките располагаат и со други извори на финансирање и ликвидни средства, но е важен сигнал за следење на односот меѓу кредитната експанзија и депозитната база.
За банките, продолжувањето на кредитниот раст отвора можности за зголемување на каматните приходи, но истовремено бара внимателно управување со кредитниот ризик, особено во услови на неизвесно меѓународно економско окружување.
Редакција Банкарство
Банки
Славески на средба со заменик-директорот на ММФ: Во фокусот инфлацијата, стабилноста на девизниот курс и глобалните ризици
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со заменикот на генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Бо Ли, на која се разговараше за актуелните макроекономски состојби, глобалните економски ризици и мерките за стабилизирање на инфлацијата и одржување на стабилноста на девизниот курс.
Средбата се одржа во рамките на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Бангкок, на кои се разгледуваат актуелните предизвици за глобалната економија и финансискиот систем.
Како што соопшти Народната банка, во разговорите посебно внимание било посветено на значењето на независноста, транспарентноста и кредибилитетот на централната банка како клучни предуслови за успешно спроведување на монетарната политика и одржување на макроекономската стабилност.
Гувернерот Славески и високиот претставник на ММФ разговарале и за мерките што ги презема Народната банка за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на стабилноста на девизниот курс, како и за натамошното унапредување на институционалните рамки.
Во фокусот биле и глобалните ризици и нивното значење за економските текови, во услови на зголемена неизвесност во меѓународното економско опкружување.
Продолжува соработката меѓу Народната банка и ММФ
На средбата била потврдена заемната определба за продолжување на успешната соработка меѓу Народната банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Соработката и во наредниот период ќе се одвива преку советодавна поддршка, техничка помош и активности насочени кон јакнење на институционалните капацитети.
Од Народната банка посочуваат дека натамошното унапредување на институционалните рамки и соработката со ММФ остануваат важни сегменти во напорите за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.
-
Банкипред 2 месециНОВО: Комерцијална банка воведе штедење на 25 и на 40 месеци со фиксни каматни стапки
-
Банкипред 2 месеци10% поврат на средства со Mastercard картичките на Стопанска банка секој први во месецот
-
Анализипред 2 месециМакедонија ќе има два система за инстант плаќања: КИБС Инстант и мобилна апликација „Стрела“ преку КИБС и TIPS Clone преку Народната банка
-
Колумнипред 2 месециКој ќе биде македонскиот Revolut?
-
Банкипред 2 месециКристина Трпезановска: NLB Smart POS им овозможува на малите бизниси полесен пристап до дигитални плаќања
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува ИТ професионалец – Специјалист за ИТ за независна валидација
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка: Исплатени пензиите за август, средствата се достапни веднаш
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка денеска ги исплаќа августовските пензии





