Connect with us

Берза

Заеднички настан на Македонска берза и EBRD „Финансирајте се пазарно!“

Објавено

на

Македонската берза и Европската банка за обнова и развој (EBRD) согласно неодамна потпишаниот Меморандум за соработка, а заради промовирање на можностите за финансирање на компаниите преку пазарот на капитал и за зајакнување на врската помеѓу домашниот корпоративен сектор, финансиските посредници и инвеститорите организираа настан под мотото „Финансирајте се пазарно!“.

Во воведното излагање, Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, истакна: „Недостатокот на иницијални јавни понуди е прашање на сите прашања од аспект на понатамошниот развој на помалите пазари на капитал. Нашите активности на овој план, вклучително и овој настан, се насочени кон поттикнување на домашните компании посеопфатно да размислат за ова и да се одлучат на ваков чекор. Берзата, преку потпишаниот Меморандум со ЕБРД, обезбеди сериозен партнер во овие стратешки заложби. Двете институции во наредниот период заеднички и посветено ќе работат на конкретна поддршка на домашните компании што би одлучиле да се финансираат пазарно“.

Директорот за развој на пазарите на капитал во EBRD, Атила Тот, преку презентација на тема „Финансирање преку пазарот на капитал“, ги објасни клучните придобивки и потребните предуслови и чекори што компаниите треба да ги направат за успешно пазарно финансирање преку издавање акции или обврзници. Г-дин Тот нагласи дека пазарот на капитал нуди одржливи можности за раст, намалување на ризиците во работењето, поголема транспарентност и зголемување на довербата во компаниите, а успешно извршеното ИПО претставува почеток на дисциплиниран и одговорен развој на компанијата и потврда на нејзината долгорочна деловна стратегија.

На панел дискусијата на тема „Во какви компании сакаме да инвестираме?“, модерирана од г-дин Штериев учествуваа Васко Митев, Извршен директор на Илирика Инвестментс АД Скопје, Горан Марковски, Главен извршен директор на КБ Инвест АД Скопје, Маријан Николовски, Член на управен одбор во Триглав пензиско друштво АД Скопје и Владо Бојаџиевски, од локалната канцеларија на EBRD во Скопје. На панелот се отвори суштинска дебата за потенцијалот на македонскиот пазар да поддржи и апсорбира емисии на акции и обврзници, критериумите за инвестирање во истите, како и моменталната зрелост на домашните компании за оваа комплексна постапка. Од дискусијата произлегоа битни согледувања околу тајмингот на издавање на хартии од вредност, значењето и сеопфатноста на добрите интерни компаниски подготовки и соодветна надворешна експертиза, како и за важноста на транспарентноста и доброто корпоративно управување во функција на градење доверба кај инвеститорите.

Настанот кој се одржа на 29.04.2025 година заврши со презентација од страна на претставниците на EBRD кои ја прикажаа нивната понуда за македонските компании, со акцент на програмите за анализа на процесите, реструктуирање и поддршка во функција на поефикасно функционирање и полесен пристап до финансирање.

Берза

41 милион евра нов државен долг: Три државни обврзници од денес се тргуваат на Македонска берза, каматите достигнуваат до 5,20 проценти

Објавено

на

Министерството за финансии издаде три нови државни обврзници во вкупна вредност од 2,523 милијарди денари, односно околу 41 милион евра, кои од денес официјално котираат на пазарот на Македонската берза. Новите хартии од вредност се дел од редовните активности за обезбедување финансиски средства преку домашниот пазар на капитал, а на инвеститорите им нудат фиксни каматни стапки од над четири до над пет проценти.

Најголем дел од емисијата се 202.370 долгорочни државни обврзници без девизна клаузула, со вкупна вредност од 2,024 милијарди денари (околу 32,9 милиони евра). Обврзниците имаат рок на достасување до 30 јули 2041 година и носат фиксна годишна каматна стапка од 5,20 проценти.

Покрај нив, на официјалниот пазар започнува тргување и со 37.676 државни обврзници со девизна клаузула, во вкупна вредност од 376,8 милиони денари (околу 6,1 милион евра). И овие обврзници достасуваат во 2041 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 5 проценти.

Во котацијата е вклучена и трета емисија на 12.321 државни обврзници без девизна клаузула во вредност од 123,2 милиони денари (околу 2 милиони евра). Овие обврзници достасуваат на 30 јули 2029 година, а на инвеститорите им обезбедуваат фиксна каматна стапка од 4,35 проценти.

Со издавањето на новите емисии, државата продолжува да го користи домашниот пазар на капитал како извор за финансирање, додека инвеститорите добиваат нови можности за вложување во државни хартии од вредност со долг рок на доспевање и однапред утврден принос.

Продолжи со читање

Берза

Нафтениот пазар добива нов импулс: ОПЕК+ го зголемува производството од септември

Објавено

на

Членките на ОПЕК+ постигнаа договор за ново зголемување на производството на нафта, со што од септември на светскиот пазар ќе бидат пласирани дополнителни количини сурова нафта.

Одлуката е донесена на онлајн состанок на министрите за енергетика од земјите членки на алијансата, меѓу кои се Саудиска Арабија, Русија и останатите производители. Според официјалното соопштение, седум држави ќе го зголемат производството за вкупно 188.000 барели дневно, што претставува нешто поголемо зголемување во однос на претходните месеци.

ОПЕК+, кој од 2016 година ги координира производствените политики на членките на ОПЕК и партнерските земји предводени од Русија, има клучна улога во балансирањето на глобалната понуда и стабилизирањето на цените на нафтата.

Новата одлука доаѓа во период на зголемена неизвесност на енергетските пазари, кога геополитичките тензии и движењата на цените на енергенсите остануваат во фокусот на инвеститорите. Аналитичарите оценуваат дека секоја промена во производствените квоти на ОПЕК+ може директно да влијае врз глобалната понуда, цената на суровата нафта и инфлаторните притисоци во светската економија.

Продолжи со читање

Берза

Apple постави нов рекорд: Пазарната вредност на компанијата надмина 5 трилиони долари!

Објавено

на

„Apple“ накратко ја надмина пазарната вредност од 5 трилиони долари, станувајќи втората компанија во светот што ја достигнала оваа историска пресвртница, по „Nvidia“.

Во текот на тргувањето во вторник, акциите на технолошкиот гигант достигнаа цена од 342,89 долари, со што пазарната капитализација на компанијата накратко изнесуваше 5,036 трилиони долари. До крајот на денот, акцијата се стабилизираше на 339,33 долари, а вредноста на „Apple“ изнесуваше 4,98 трилиони долари.

„Apple“ неодамна повторно ја презеде титулата највредна компанија во светот, престигнувајќи ја „Nvidia“, чија пазарна капитализација моментално изнесува околу 4,78 трилиони долари.

Растот на „Apple“ се должи на силната побарувачка за нејзините производи, но и на стратегијата да избегне масовни инвестиции во инфраструктура за вештачка интелигенција. Наместо тоа, компанијата се потпира на партнерства, како користењето на AI технологијата на „Google“ за новите функции на Siri, што ѝ овозможува да ги задржи високите профитни маржи и стабилниот паричен тек.

Дополнителен поттик за акциите дадоа стабилните цени на iPhone, новата програма за лизинг на уреди во САД во соработка со „Klarna“, како и очекувањата за силни финансиски резултати. Аналитичарите прогнозираат дека „Apple“ ќе прикаже раст на приходите од повеќе од 15% во третиот квартал, чии резултати компанијата треба да ги објави по затворањето на берзите во четврток.

Од почетокот на годината, акциите на „Apple“ пораснаа за околу 25%, надминувајќи ги повеќето компании од групата „Magnificent Seven“ и дополнително зацврстувајќи ја позицијата на компанијата како еден од највредните глобални технолошки гиганти.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange