Банки
Средба со експерти на ММФ: Народната банка ужива висок степен на независност
Според новиот индекс за независноста на централните банки на ММФ, Народната банка има висок степен на независност, што е во согласност со одредбите во Законот на Народната банка. Нивото на независност на Народната банка е високо и во споредба со другите европски централни банки и централните банки во регионот на ЦИЕ. Ова беше заклучено на виртуелната работна средба одржана меѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерките Ана Митреска и Емилија Нацевска и нивниот тим и експертот на ММФ, Ашраф Кан.
На состанокот, г. Кан се осврна на клучните предизвици за независноста на централните банки. Во последниот период во кој беа забележани неколку последователни кризи, централните банки во светот беа под силен притисок на јавноста. Високата инфлација, којашто услови зголемување на каматните стапки, но и низок економски раст, како и проширувањето на мандатите на централните банки доведоа до зголемени општествени очекувања во однос на отченоста на централните банки. Сепак, како што се заклучува во истражувањето на ММФ, поголемата независност на централните банки се поврзува со пониската инфлација како во напредните економии, така и во земјите во развој и во земјите со низок приход. Затоа, независноста е клучна за справување со инфлацијата, одржување на стабилноста на девизниот курс и за постигнување стабилен долгорочен економски раст. Господинот Кан го презентира новиот индекс со кој се мери независноста врз основа на сеопфатна база на податоци. Новиот глобален индекс на независноста на централните банки се надоврзува на постојните индекси, но вклучува и нови показатели како што се финансиската независност, составот на Советот на централната банка и улогата на државните ревизорски тела.
За да ја задржи довербата кај јавноста и за да ја оправда својата независност, Народната банка постојано се стреми кон високо ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење. Една од активностите беше доброволното учество на Народната банка во пилот-оценувањето на транспарентноста, со принципите предвидени во рамките на ревидираниот Кодекс на транспарентноста на ММФ. Оценувањето покажа дека Народната банка применува напредни практики на транспарентност. Долгогодишната заложба за транспарентност беше забележана и од повеќето претставници на јавноста (новинари, професори и др.) коишто беа вклучени во текот на пилот-оценувањето. Исто така, на работната средба ММФ ги презентира и алатките за оценување на оперативната ефикасност на централните банки, којашто е клучна за јакнење на процесот на донесување одлуки, финансиската независност и за кредибилитетот на политиките.
Банки
Славески: Иновациите во кредитирањето мора да одат рака под рака со одговорноста и заштитата на клиентите
Небанкарското кредитирање во Македонија во последните пет години бележи значително побрз раст од банкарското, но неговиот удел во финансискиот систем и натаму останува релативно мал. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на конференцијата „Микробалканс 2026 – Кредитирањето од нова перспектива“, одржана во Скопје.
Според податоците што ги презентираше Славески, во периодот од 2020 до 2025 година кредитирањето од финансиските друштва и лизинг-компаниите растело со просечна годишна стапка од 22,3 проценти. За споредба, кредитирањето на банките кон компаниите и домаќинствата во истиот период се зголемувало со просечна годишна стапка од 9,6 проценти.
И покрај повисоките стапки на раст, небанкарските финансиски институции учествуваат со околу 2,5 проценти во вкупната актива на финансискиот систем. Македонскиот финансиски сектор и натаму е доминантно банкарски, при што банките располагаат со околу три четвртини од вкупната актива.
Славески оцени дека технолошкиот развој, поголемата достапност на податоци и појавата на нови деловни модели сè повеќе ја менуваат границата меѓу традиционалното банкарство и небанкарските финансиски услуги.
Тој посочи дека слични промени се забележуваат и глобално. Според податоците на Одборот за финансиска стабилност, во 2024 година небанкарскиот финансиски сектор во светот растел двојно побрзо од банкарскиот. Во Европската Унија, пак, небанкарските извори обезбедуваат речиси една четвртина од кредитирањето на нефинансиските компании.
Гувернерот предупреди дека поголемата употреба на технологијата не значи и исчезнување на традиционалните ризици поврзани со кредитирањето.
„Кредитниот ризик останува кредитен ризик, без оглед на тоа дали кредитот се одобрува во филијала или преку дигитална платформа“, рече Славески, нагласувајќи дека иновациите треба да бидат придружени со поголема транспарентност, одговорно кредитирање и соодветна заштита на клиентите.
Како дополнителен предизвик тој ги посочи киберризиците, кои стануваат сè поважни со забрзаната дигитализација на финансиските услуги. Според него, тоа бара постојано унапредување на системите за управување со ризици, како и на регулаторните и супервизорските практики.

Од Народната банка порачуваат дека нивната цел е финансискиот систем да остане стабилен и отпорен, но истовремено да овозможува развој на иновациите, конкуренцијата и новите модели на финансирање.
„Иднината на кредитирањето треба да значи попаметен, поинклузивен и поодговорен пристап кон кредитите“, порача Славески, додавајќи дека технолошкиот развој треба да создава нови економски можности без притоа да се нарушат финансиската стабилност и довербата на граѓаните и компаниите.
Банки
Халкбанк воведе платежна картичка за деца со родителска контрола и дигитално плаќање
Халкбанк АД Скопје понуди платежна картичка наменета за деца, со која најмладите можат постепено да се запознаат со управувањето со сопствените финансии, додека родителите или старателите имаат увид и контрола врз користењето на средствата.
Од Банката посочуваат дека картичката е наменета да им помогне на децата да научат како да располагаат со својот џепарлак, да планираат трошоци и да создаваат одговорни финансиски навики уште од најрана возраст.
Сметката се отвора и одржува без надоместок, а бесплатно е и префрлањето средства од родителот на детето. Родителите или старателите можат да добиваат и бесплатни СМС известувања за трансакциите.
Картичката овозможува поставување лимити за трошење, како и можност за нејзино блокирање, што на родителите им дава дополнителна контрола врз користењето на средствата.
Дополнително, картичката може да се користи и за дигитални плаќања преку Apple Pay, Google Pay и Fidesmo Pay.

Со овој производ, Халкбанк го насочува фокусот кон финансиска едукација на најмладите и постепено воведување на децата во секојдневното управување со пари, со истовремена контрола и поддршка од родителите.
Банки
ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија: Раст од 3,3 отсто во 2026 година
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја подобри прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија и сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 година да порасне за 3,3 отсто.
Новата проценка е за 0,3 процентни поени повисока во однос на прогнозата на ЕБОР од јуни годинава, кога за македонската економија беше предвиден раст од 3 отсто.
Ревидираната прогноза за земјава доаѓа во период кога ЕБОР, на ниво на сите економии во кои работи, очекува забавување на растот. Според најновиот извештај „Running dry“, Банката прогнозира просечен раст од 2,5 отсто во 2026 година, по што во 2027 година се очекува забрзување на 4 отсто.
Меѓу главните ризици за економските перспективи ЕБОР ги посочува повисоките трошоци за енергија и храна, нарушувањата во трговијата и синџирите на снабдување, сушата, како и построгите услови за финансирање. Инфлацијата во економиите каде што работи Банката и натаму останува над нивоата од периодот пред пандемијата.
Во најновите регионални проценки, ЕБОР очекува економиите од Западен Балкан заедно да остварат раст од околу 3 отсто во 2026 година, а растот да забрза во 2027 година.
Подобрената прогноза за Северна Македонија следува по објавените податоци за растот на домашната економија во текот на годинава, при што очекувањата за 2026 година сега се поповолни од оние што ЕБОР ги имаше на почетокот на летото.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





