Connect with us

Банки

Средба на гувернерката Ангеловска-Бежоска со Марникс ван Рај, висок претставник на ММФ: политиките на централната банка имаат голем придонес за макроекономската стабилност

Објавено

на

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска оствари средба со Марникс ван Рај, заменик извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој е во посета на нашата земја во рамките на редовната мисија на ММФ за оцена на макроекономските политики на земјата.

На средбата се зборуваше за политиките на централната банка во изминатиот период на последователни кризи, како и за предизвиците за следниот период. Притоа беше оценето дека соодветно поставените политики и преземените мерки придонесоа за значително намалување на инфлациските притисоци, одржување на стабилноста на девизниот курс како номинално сидро, пораст на девизните резерви и за одржување на стабилноста на банкарскиот систем. Сите овие подрачја на редовна основа се разгледуваат со претставниците на ММФ во рамките на мисиите поврзани со членот 4 од договорот за членство во Фондот. Марникс ван Рај изрази позитивен став за начинот на спроведување на монетарната и макропрудентната политика од страна на Народната банка и нагласи дека е потребно натамошно претпазливо водење на политиките, со оглед на тековните ризици од надворешното окружување.

Гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, посочи дека централната банка е посветена на одржувањето на севкупната макроекономска стабилност и упати на потребата од внимателност, во услови на зголемени глобални неизвесности, но и домашни ризици. Воедно, таа се осврна и на банкарскиот систем, при што истакна дека Народната банка постојано презема повеќе макропрудентни мерки за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Како резултат на овие мерки, податоците покажуваат унапредување на отпорноста на банкарскиот сектор во однос на преткризниот период, со највисока адекватност на капиталот во изминатите две децении.

На средбата со високиот претставник на ММФ беше зборувано и за значењето на независноста на централната банка за успешното остварување на нејзините законски цели.

Банки

Кредитите во август пораснале за 13,6 отсто, депозитите за 9 отсто

Објавено

на

Кредитната активност на банките во август годинава забележала раст од 0,7 отсто на месечно и 13,6 отсто на годишно ниво, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Раст е забележан и кај кредитите на домаќинствата и кај корпоративниот сектор.

Вкупните депозити, пак, во август се зголемиле за 1,6 отсто во однос на претходниот месец, додека на годишна основа растот изнесува 9 отсто. Зголемување е регистрирано и кај депозитите на домаќинствата и кај компаниите.

Кај корпоративниот сектор, депозитите пораснале за 6,2 отсто на месечно и 6,1 отсто на годишно ниво. Кредитите на компаниите, пак, во август се зголемиле за 0,6 отсто на месечно ниво, додека годишниот раст забрзал на 15,1 отсто. Зголемувањето целосно произлегува од кредитирањето во домашна валута.

Депозитите на населението во август се намалиле за 0,4 отсто во однос на јули, но на годишна основа се повисоки за 10,2 отсто. Орочените депозити на домаќинствата пораснале за 0,6 отсто месечно и за 5,8 отсто годишно.

Кредитите на населението продолжиле да растат, и тоа за 0,7 отсто на месечно и 12,3 отсто на годишно ниво. Потрошувачките кредити бележат годишен раст од 12,2 отсто, а станбените кредити од 16,2 отсто.

Истовремено, паричната маса во август се зголемила за 1,3 отсто на месечно и за 8,2 отсто на годишно ниво.

Продолжи со читање

Банки

ЕЦБ и европските централни банки бараат промена на правилата за резервите на стејблкоините

Објавено

на

Европската централна банка и националните централни банки во Европската Унија предлагаат да се укине обврската издавачите на стејблкоини да чуваат минимален дел од своите резерви како депозити во банки, објави Reuters.

Во моментов, според правилата на MiCA, издавачите на стејблкоини треба да чуваат 30 отсто од резервите како банкарски депозити, а кај поголемите издавачи тој удел изнесува 60 отсто. Централните банки предлагаат ова правило да се замени со барање одреден минимален дел од резервите да биде вложен во средства што доспеваат во рок од еден до пет работни дена.

Според Европскиот систем на централни банки, чувањето на резервите како банкарски депозити може да ја промени структурата на финансирање на банките, бидејќи постабилните депозити на граѓаните би можеле да бидат заменети со депозити од издавачи на стејблкоини, кои се почувствителни на пазарни движења.

Европските монетарни власти предупредуваат и на ризиците поврзани со таканаречените модели на повеќекратно издавање на стејблкоини, кај кои токените издадени во ЕУ се третираат како заменливи со оние издадени надвор од Унијата. Според нив, ваквите модели можат да создадат ризици за финансиската стабилност.

Централните банки дополнително укажале дека европските регулатори се соочуваат со значителни предизвици во спроведувањето на правилата за крипто-секторот, бидејќи дел од компаниите што не се усогласени со прописите и натаму имаат пристап до клиенти во ЕУ.

Продолжи со читање

Банки

Околу 80 вработени во Стопанска банка даруваа крв во крводарителска акција

Објавено

на

Околу 80 вработени во Стопанска банка АД – Скопје вчера учествуваа во крводарителска акција, покажувајќи хуманост и солидарност преку доброволно дарување крв.

Од Банката истакнаа дека со оваа акција вработените уште еднаш покажале дека и еден мал гест може да има големо значење за оние на кои им е потребна помош.

Стопанска банка упати благодарност до сите вработени кои учествуваа во акцијата, нагласувајќи дека со својата несебичност придонесуваат за поддршка, надеж и шанса за живот.

Крводарителската акција е дел од активностите преку кои Банката и нејзините вработени ја поддржуваат хуманоста и општествената одговорност.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange