Connect with us
no baners

Банки

Народна банка ја задржува каматната стапка на 4% – внимателен пристап во монетарната политика за стабилен курс и инфлација

Објавено

на

На 10 февруари 2026 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа. Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици.

Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента. Остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка.

На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.

Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.

Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.

Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

Банки

НЛБ Банка го започна Лидерскиот состанок во Охрид со општествено одговорна акција

Објавено

на

На 27 и 28 март во Охрид се одржува традиционалната Лидерска конференција на НЛБ Банка, на која учествува раководството на Банката. Настанот претставува простор за размена на идеи, знаење и визија за иднината, како и за зајакнување на лидерските капацитети и насочување на стратегијата кон дигитална трансформација и современо банкарство. Паралелно со лидерскиот состанок, НЛБ Банка останува посветена на заедницата.

Под мотото „Создаваме подобар свет“, повеќе од 140 учесници на конференцијата, со општествено одговорна акција – садење лаванда во Холандскиот парк во Охрид, го означија почетокот на оваа значајна интерна средба. 

„Садењето лаванда во Холандскиот парк во Охрид е симболичен почеток на нашата лидерска конференција, но и јасна порака за вредностите што секојдневно ги негуваме. Веруваме дека вистинското лидерство започнува со конкретни дела, преку грижа за заедницата и животната средина. Како партнер на заедницата, активно придонесуваме за нејзиниот развој, поттикнуваме економски просперитет и инвестираме во луѓето и образованието, затоа што веруваме дека вистинскиот напредок се постигнува кога секој има можност да расте. Токму со таква посветеност ја отвораме и нашата дискусија за иднина на нашата Банка – одговорно, одржливо и со јасна визија“, изјави Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка.

Овие заложби на Банката се темелат на трите столба на одржливост на НЛБ Групацијата – одржливо работење, одржливо финансирање и придонес во општеството. Во рамките на својата работа, Банката е фокусирана на намалување на влијанието врз животната средина, оптимизирање на ресурсите и забрзана дигитализација на услугите.

Продолжи со читање

Банки

Комерцијална банка го одржа редовното Годишно собрание на акционери

Објавено

на

Комерцијална банка АД Скопје на 27.03.2026 година го одржа своето редовно Годишно собрание на акционери.

Акционерите потврдија дека Банката ја заврши 2025 година со бруто-добивка во износ од 5.632,5 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 555,2 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 5.077,3 милиони денари.

Акционерите на Банката донесоа Одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 5.077,3 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 135% од номиналната вредност на акцијата, односно по 1.350 денари на една акција. Исплатата на дивиденда ќе започне на 04.05.2026 година.

Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 1.600,5 милиони денари да се издвои во резерви. Дел од добивката во износ до 400 милиони денари се распределува во задржана добивка за инвестициски вложувања во 2026 година, која исто така го зголемува вкупниот капитал на Банката.

Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, Годишната сметка на Банката и Консолидираната годишна сметка на Банката за 2025 година и Годишниот извештај за работењето на Банката во 2025 година.

Продолжи со читање

Банки

Потписот на Доналд Трамп ќе се најде на идните американски банкноти

Објавено

на

Министерството за финансии на САД објави дека потписот на претседателот Доналд Трамп ќе се појавува на идните американски хартиени пари, заедно со потписот на секретарот за финансии. Ова ќе биде првпат во историјата потпис на актуелен претседател да се најде на американската валута.

Одлуката е донесена по повод 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави, која ќе биде одбележана во 2026 година.

Секретарот за финансии Скот Бесент изјави дека овој потег е симболично признание за, како што наведе, економските достигнувања под водство на Трамп, истакнувајќи дека земјата се движи кон „невиден економски раст, стабилност и доминација на доларот“.

И државниот благајник Брендон Бич оцени дека американската валута ќе продолжи да биде симбол на сила и просперитет, додавајќи дека вклучувањето на потписот на претседателот претставува соодветен начин за одбележување на овој значаен јубилеј.

Новите банкноти со потписот на претседателот се очекува да бидат пуштени во оптек во рамки на одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange