Банки
Наредната недела ќе се одбележи Глобалната недела на парите 2025 година: „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, наредната недела, тринаесетта година по ред, ќе ја одбележат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања за различни возрасни групи, објавување едукативни материјали од областа на финансиите на интернет-страниците, одржување работилници со физичко присуство или онлајн, објавување едукативни содржини на социјалните мрежи.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Размисли пред да „заследиш“, за безбедност на твоите пари во иднина“ (Think before you follow, wise money tomorrow). Темата се осврнува на сложеноста на современите дигитални финансиски трендови, појавата на лица што даваат совети за финансиските инвестиции (т.н. „финфлуенсери“) и зголемената употреба на вештачката интелигенција при утврдувањето на веродостојноста на финансиските информации и совети, особено за младите. Понатаму, и емоционалната пристрасност и однесувањето, особено менталитетот на толпата можат да поттикнат лоши финансиски одлуки под притисок на врсниците или под влијание на социјалните медиуми.
Во овој контекст, од огромно значење е младите да развијат добри вештини за управување со парите, да препознаваат емоционални поттикнувачи и да стекнат критички пристап кон изворите на информации. Зајакнувањето на финансиската писменост може да им помогне на младите подобро да се снаоѓаат на финансиските пазари, да се спротивстават и да препознаат пристрасни совети што води до попаметни финансиски одлуки. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да бидат исклучително претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии во финансискиот сектор.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта, децата од предучилишна возраст и за студентите. Воедно, секој ден ќе се објавуваат прашања во рамките на едукативниот квиз на социјалните мрежи на Народната банка. Во соработка со Сојузот на средношколци ќе биде одржана работилница со учениците од средните училишта. Воедно, Народната банка ќе организира вебинар за наставниот кадар од основните и средните училишта, пред кои ќе се одржи презентација на темата на Глобалната недела на парите и дискусија. За таа цел, ги повикуваме наставниците и професорите да се пријават за учество на вебинарот, а потоа да одржат наменски презентации за своите ученици, со што ќе се зголеми опфатот на вклучените ученици. Народната банка зеде учество во активностите на здружението за вмрежување на успешни жени „Јас сум жена“, односно учествува во предавањето на едно средно економско училиште и во панел-дискусија за кибербезбедноста којашто ќе биде во рамките на Женскиот економски форум. Народната банка, организациски и со учество во Жири-комисијата, го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2025 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите (првиот круг на 1 април и вториот круг на 4 април 2025 година).
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Во однос на другите земји, Глобалната недела на парите кај нас се одржува две недели подоцна, поради трагедијата во Кочани.
Банки
„Без граници, без препреки“ – виртуелно музејско патување што ги обедини децата од светот во Музејот на Народната банка
Музејот на Народната банка оваа година го одбележува Меѓународниот ден на музеите ‒ 18 мај, организирајќи големa виртуелна едукативна дружба со деца на училишна возраст од различни делови на светот, обединети во желбата да ги откријат тајните на исклучителната македонска ризница на антички и средновековни пари коишто се чуваат во нашиот музеј, што e отворен за јавноста секој работен ден од 9 до 15 часот.
Музејското патување низ монетарното минато на нашата земја беше насловено „Без граници, без препреки“, во духот на овогодишната тема на Меѓународниот комитет на музеите „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.
Кустосите од Музејот на Народната банка одржаа настан за учење и паметење за 80 македонски деца што се ученици во Австрија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Австралија, Франција, Италија, Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Данска, Канада и во земјава, коишто можеа интерактивно да се дружат и да дознаат необични факти за нумизматичкото културно наследство на нашата земја.
Возбудливото враќање во минатото заврши со кратко откривање на некои од тајните на изгледот на денешните македонски пари, а потоа и со прогласување на победниците од интерактивниот квиз.
Банки
Славески од Регионалниот состанок на гувернери: Поврзувањето на системите за инстант плаќања е едно од најпрактичните решенија за побрзи и поевтини прекугранични плаќања
Гувернерот на Народна банка, Трајко Славески, учествуваше на Регионалниот состанок на гувернери што се одржа во Пула, Република Хрватска, во организација на Хрватската народна банка, каде што во фокусот на дискусиите беа дигиталната трансформација на финансискиот систем, дигиталните средства и иднината на прекуграничните плаќања.
На тркалезната маса на тема „Од експеримент до инфраструктура: дигиталните средства во традиционалниот финансиски свет“, гувернерот Славески посочи дека поврзувањето на системите за инстант плаќања во регионот, преку решенија засновани врз платформата клон на ТИПС, претставува едно од најпрактичните и најодржливите решенија за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања во евра. Притоа беше истакнато дека ваквиот пристап овозможува регионална интеграција и подобра поврзаност со европската платежна инфраструктура, без нарушување на монетарниот суверенитет на државите.
Во своето обраќање, гувернерот нагласи дека технолошките иновации треба да создаваат реална економска вредност, преку поефикасни платни системи, подобра достапност на финансиските услуги и намалување на трансакциските трошоци, а не да бидат водени исклучиво од шпекулативни цели. Тој посочи дека дигиталната трансформација на финансискиот сектор мора да се одвива паралелно со јасна регулаторна рамка, силна киберзаштита и зачувување на довербата во финансискиот систем.
Славески се осврна и на активностите што ги презема Народна банка во областа на финтек-иновациите и модернизацијата на финансискиот сектор, во рамките на Финтек-стратегијата за финансиските регулатори 2023 − 2027 година. Во таа насока, беше посочено дека Народната банка има проактивен пристап кон дигиталната трансформација и активно ги следи светските трендови поврзани со дигиталните валути на централните банки и развојот на дигиталното евро.
Притоа, беше нагласено дека како мала и отворена економија којашто е тесно поврзана со еврозоната, нашата земја внимателно ги анализира можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз домашниот финансиски систем. Во тој контекст, Народната банка веќе ги разгледува можностите и потенцијалните ефекти од евентуално воведување дигитален денар, особено во делот на модернизацијата на плаќањата, финансиската вклученост и ефикасноста на монетарната политика.
На состанокот беше истакнато и дека домашните банки и небанкарските финансиски институции сѐ повеќе инвестираат во нови технологии, дигитални платформи и автоматизација на процесите, при што дигиталната трансформација веќе се препознава како стратегиски приоритет за натамошен развој и зголемување на ефикасноста на финансискиот сектор.
Банки
Стопанска банка АД – Скопје ја промовира можноста за плаќање со Google Wallet и Google Pay
Стопанска банка АД – Скопје ја нуди можноста за користење на Google Wallet™, овозможувајќи им на клиентите побрз и посигурен пристап до нивните платежни картички преку мобилен телефон.
Корисниците можат да ги додадат картичките од банката во Google Wallet и да плаќаат на сите продажни места каде што се прифатени Google Pay™ и бесконтактните плаќања.
Од банката информираат дека услугата овозможува едноставно и безбедно дигитално плаќање, без потреба од физичка картичка, со што секојдневните трансакции стануваат побрзи и попрактични.
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
-
Кариерапред 2 месециАна Митреска и Игор Величковски предложени за нови вицегувернери на Народната банка
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка АД – Скопје од утре започнува со исплата на пензиите за месец март
-
Продуктипред 1 месецИуте Македонија носи европски здравствен стандард – за првпат во земјава се воведува второ медицинско мислење
-
Интервјуапред 2 месециИнтервју | Гоце Новачевски | Портфолио менаџер, КБ Инвест АД Скопје
-
Банкипред 2 месециАЛТА Банка го продолжи промотивниот период до 30 јуни 2026 година за најповолниот потрошувачки кредит на македонскиот пазар
-
Останатопред 1 месецУправата за јавни приходи донесе стратешки документ со цел подобрување на усогласеноста
-
Останатопред 2 месециСобраниската Комисија го одобри предлогот за зголемување на пензиите за 1.000 денари



