Connect with us
no baners

Кариера

Комерцијална банка вработува Помлад соработник за администрирање кредити и гаранции

Објавено

на

Доколку сакате да ги остварите Вашите желба и амбиција за професионален и кариерен развој во финансиска институција со долгогодишна традиција, која определбата за стабилност, ефикасност и иновативност ја гради со успешен и посветен тим професионалци, аплицирајте за вработување во Комерцијална банка АД Скопје. 

Работна позиција: Помлад соработник за администрирање кредити и гаранции (Back Office)

Тип на вработување: На определено време од 12 месеци

Работно време: 40 часа неделно.

Огласот важи до 02.04.2025 година.

Работни цели и задачи:

  • Отворање кредитни партии, доделување каматна група и задолжување на кредитите;
  • Изготвување амортизациони планови и испраќање до коминтентите;
  • Книжење на задолжувањата и раскнижување на извршените уплати од страна на клиентите согласно договорните одредби;
  • Пресметка и печатење каматни листи и доставување до коминтентите;
  • Подготвување пресметки и книговодствени картици за тужење и стечај;
  • Дефинирање партија за денарска гаранција, доделување каматна група и задолжување на гаранцијата;
  • Книжење на извршените уплати по основ на денарски гаранции;
  • Пресметка и печатење каматни листи и доставување до коминтентите;
  • Изготвување налог, негова проверка и спроведување во случај на протестирање на денарска гаранција.

Потребни квалификации и способности:                           

  • Завршено високо образование од областа на економските науки (предност ќе имаат кандидатите со насока сметководство и ревизија);
  • Познавање англиски јазик и MS Office алатки;
  • Без работно искуство;
  • Висок личен интегритет, доверливост и чесност;
  • Прецизност во извршување на работните задачи;
  • Ориентираност кон потребите на клиентите;
  • Адаптибилност во динамична работна средина;
  • Комуникациски вештини за работа во тим.

Придобивки за Вас:

  • Пријатна и тимска работна атмосфера во современи работни услови;
  • Обуки од ментори со висок степен на стручност и искуство;
  • Можност за личен и професионален развој, стекнување нови вештини и компетенции;
  • Доброволно приватно здравствено осигурување;
  • Програма за спорт и рекреација;
  • Учество во општествено одговорни и спортски активности, корпоративни настани, користење библиотека и сл.

Вие би биле одличен дел од тимот ако ги поседувате потребните вештини, се препознавате во овие вредности и имате силна мотивација за успех.

Аплицирајте на[email protected] или на адреса: Сектор за човечки ресурси и општи работи, Комерцијална банка АД Скопје, ул. Васил Иљоски бр. 3, 1000 Скопје, со назнака: „Oглас за вработување Помлад соработник за администрирање кредити и гаранции (Back Office)”.

Телефон за контакт: (02) 3168-412

На интервју ќе бидат повикани само кандидатите кои ќе влезат во потесен круг.

Изборот ќе се изврши во рок од 45, 90 или 120 дена по истекот на рокот за пријавување, во зависност од бројот на пријавени кандидати.

Напомена: Апликацијата за вработување ќе биде третирана како доверлива. Според Законот за заштита на личните податоци со самото доставување на Вашата апликација за работа согласни сте Вашите лични податоци да се обработуваат во процесот на селекција на кадри во период од 1 година. Освен за наведениот случај, Вашите лични податоци нема да бидат користени за ниту една друга цел ниту, пак, достапни на трети лица.

Кариера

Во Министерството за економија и труд потпишан нов колективен договор за постепено зголемување на платите во администрацијата до 21%

Објавено

на

Во Министерството за економија и труд е потпишан нов Колективен договор со кој се предвидува постепено зголемување на платите на административните службеници во наредните три години, информираше Независниот синдикат на државната администрација на Македонија.

Според договорот, растот на платите ќе се реализира во три фази: зголемување од 7 проценти од 1 март 2026 година, дополнителни 7 проценти од 1 март 2027 година и уште 7 проценти од 1 март 2028 година. Со ова, вкупното покачување ќе достигне 21 процент до крајот на периодот.

Од синдикатот нагласуваат дека ваквиот чекор е важен за воспоставување подобар баланс меѓу платите во јавниот и приватниот сектор. Притоа, посочуваат дека државата треба да обезбеди поволна деловна средина, која ќе овозможи и приватниот сектор да го следи трендот на раст на примањата.

„Силната економија се темели на задоволни работници во приватниот сектор и ефикасна јавна администрација“, наведуваат од синдикатот.

Воедно, се истакнува дека зголемувањето на платите носи и поголема одговорност за административните службеници. Во наредниот период, акцентот ќе биде ставен на доследна примена на законите, професионализација на институциите и унапредување на услугите кон граѓаните и бизнисите.

Од синдикатот најавуваат дека реформските процеси ќе продолжат, со цел подобрување на условите за работа и зголемување на ефикасноста во јавниот сектор.

Продолжи со читање

Кариера

Објавен повик за студентска пракса во Царинската управа

Објавено

на

Економскиот факултет при УКИМ во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија објави повик за пријавување на студенти за извршување на практична работа. Повикот се реализира врз основа на Меморандумот за деловно-техничка соработка меѓу двете институции.

Право на аплицирање имаат студентите од втора, трета и четврта година од сите департмани на факултетот. Практичната работа ќе се одвива во текот на месеците јуни, јули и август, во времетраење од 5 до 30 работни дена.

Работното време е предвидено од понеделник до петок, со ангажман од 2 до 6 часа дневно. Деталниот распоред, времетраењето на праксата и распределбата по организациски единици ќе ги утврди Секторот за управување со човечки ресурси при Царинската управа.

За пријавување, студентите треба да достават основни лични податоци, вклучувајќи име и презиме, број на индекс, место на живеење, година на студии, контакт телефон и e-mail адреса. Апликациите се испраќаат на електронската адреса [email protected] со назнака „За студентска пракса во Царина“.

Крајниот рок за пријавување е 10 април 2026 година. Од Центарот за кариера при Економскиот факултет информираат дека селекцијата ќе се врши по редослед на пријавување, при што ќе бидат разгледани само комплетни апликации што ги исполнуваат условите.

Од факултетот ги повикуваат заинтересираните студенти навреме да аплицираат и да ја искористат можноста за стекнување практично искуство во државната администрација.

Продолжи со читање

Кариера

Проф. д-р Дарко Данев влегува во трката за ректор на УКИМ со визија за модернизација и меѓународна конкурентност

Објавено

на

Професорот од Машинскиот факултет, проф. д-р Дарко Данев, официјално ја поднесе кандидатурата за ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје за мандатниот период 2026–2029 година.

Данев, кој важи за искусен академски и универзитетски менаџер, во трката влегува со концепт за развој на современ, ефикасен и меѓународно конкурентен универзитет. Во академската јавност е познат како долгогодишен професор и поранешен декан на Машинскиот факултет, функција што ја извршуваше во два мандата, од 2016 до 2023 година.

Во текот на неговото раководење со факултетот се реализирани повеќе институционални промени, меѓу кои се издвојуваат ангажирањето на 47 нови кадри и подмладувањето на наставниот и административниот состав, како и решавањето на долгогодишни имотно-правни прашања.

Роден во 1971 година во Скопје, Данев целата своја академска кариера ја градел на УКИМ, а зад себе има и бројни меѓународни студиски престои и специјализации, меѓу другото во Шведска, Германија, САД, Белгија и Јапонија.

Во својата кандидатура, Данев посочува дека универзитетот има потенцијал да биде клучен двигател на општествениот и економскиот развој, нагласувајќи дека приоритет ќе му биде унапредување на квалитетот на образованието, поттикнување на иновациите и задржување на младите кадри во земјата.

Со оваа кандидатура, проф. д-р Данев се приклучува на изборната трка за прв човек на најголемиот и најстар универзитет во државата, во период кога се очекуваат нови развојни насоки за високото образование.

Продолжи со читање

Популарно

Copyright © 2023 bankarstvo.mk. All Rights Reserved. Developed by Digital Orange