Банки
Гувернерот Славески на Конференеција во Женева: Монетарната политика e претпазлива согласно предизвиците
„Монетарната политика и во иднина ќе биде претпазлива согласно предизвиците од неизвесностa поврзана со домашното и надворешното окружување. Народната банка и натаму проактивно ќе ги следи состојбите и ќе биде подготвена да ги искористи сите расположливи инструменти и да преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност“. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој учествува на панел-дискусија на 13-тата годишна конференција во организација на Институтот за меѓународни и развојни студии во Женева, на којашто присуствуваат и вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка Анета Крстевска.
Гувернерот Славески посочи дека во изминатите години светот се соочи со неколку последователни кризи, а македонската економија како мала транзициска економија, се соочи со повеќе шокови со кои успешно се справи задржувајќи ја макроекономската стабилност како резултат на институционалниот капацитет на централната банка.
„И во претстојниот период, особено важни ќе бидат широкиот монетарен инструментариум и силната координација со другите макроекономски политики заради натамошно закотвување на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив економски раст“, нагласи гувернерот Славески.
Тој додаде дека, и покрај очекувањата за постепено намалување на инфлацијата, и натаму има бројни ризици поврзани со динамиката на цените на услугите, при што ја посочи координацијата помеѓу монетарната и фискалната политика како најважна во сегашниот економски контекст.
Потпирајќи се на стекнатото искуство од екстерните шокови во минатото, Народната банка е подготвена да се справи со евентуалните непредвидливи предизвици за монетарната и за финансиската стабилност и во иднина. При ова, најважно е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилноста на нејзините политики, како и одржувањето солидно ниво на девизните резерви заради заштита на стабилноста на девизниот курс на националната валута.
„Структурните предизвици, како што се процесите на деглобализација, непредвидливите трговски тензии, демографските промени, како и технолошкиот напредок со посебен акцент на вештачката интелигенција, и натаму ќе влијаат врз потенцијалниот економски раст и инфлацијата. За да се приспособиме кон овие околности, потребен е проактивен пристап и структурни реформи коишто ќе обезбедат отпорност на економијата и ќе придонесат за ублажување на инфлациските притисоци на подолг рок“, заклучи гувернерот Славески, нагласувајќи дека централните банки внимателно ги следат случувањата во светот и се подготвени навремено да реагираат.
Банки
Халкбанк воведе платежна картичка за деца со родителска контрола и дигитално плаќање
Халкбанк АД Скопје понуди платежна картичка наменета за деца, со која најмладите можат постепено да се запознаат со управувањето со сопствените финансии, додека родителите или старателите имаат увид и контрола врз користењето на средствата.
Од Банката посочуваат дека картичката е наменета да им помогне на децата да научат како да располагаат со својот џепарлак, да планираат трошоци и да создаваат одговорни финансиски навики уште од најрана возраст.
Сметката се отвора и одржува без надоместок, а бесплатно е и префрлањето средства од родителот на детето. Родителите или старателите можат да добиваат и бесплатни СМС известувања за трансакциите.
Картичката овозможува поставување лимити за трошење, како и можност за нејзино блокирање, што на родителите им дава дополнителна контрола врз користењето на средствата.
Дополнително, картичката може да се користи и за дигитални плаќања преку Apple Pay, Google Pay и Fidesmo Pay.

Со овој производ, Халкбанк го насочува фокусот кон финансиска едукација на најмладите и постепено воведување на децата во секојдневното управување со пари, со истовремена контрола и поддршка од родителите.
Банки
ЕБОР ја зголеми прогнозата за македонската економија: Раст од 3,3 отсто во 2026 година
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја подобри прогнозата за економскиот раст на Северна Македонија и сега очекува бруто-домашниот производ (БДП) во 2026 година да порасне за 3,3 отсто.
Новата проценка е за 0,3 процентни поени повисока во однос на прогнозата на ЕБОР од јуни годинава, кога за македонската економија беше предвиден раст од 3 отсто.
Ревидираната прогноза за земјава доаѓа во период кога ЕБОР, на ниво на сите економии во кои работи, очекува забавување на растот. Според најновиот извештај „Running dry“, Банката прогнозира просечен раст од 2,5 отсто во 2026 година, по што во 2027 година се очекува забрзување на 4 отсто.
Меѓу главните ризици за економските перспективи ЕБОР ги посочува повисоките трошоци за енергија и храна, нарушувањата во трговијата и синџирите на снабдување, сушата, како и построгите услови за финансирање. Инфлацијата во економиите каде што работи Банката и натаму останува над нивоата од периодот пред пандемијата.
Во најновите регионални проценки, ЕБОР очекува економиите од Западен Балкан заедно да остварат раст од околу 3 отсто во 2026 година, а растот да забрза во 2027 година.
Подобрената прогноза за Северна Македонија следува по објавените податоци за растот на домашната економија во текот на годинава, при што очекувањата за 2026 година сега се поповолни од оние што ЕБОР ги имаше на почетокот на летото.
Банки
НЛБ Банка со повик до спортските клубови: Поддршка за деца и млади до 15 години
НЛБ Банка Скопје го отвори повикот за поддршка на спортски клубови во рамки на проектот „НЛБ Спорт за млади“ за сезоната 2026/2027, со кој се поддржуваат клубови што работат со деца и млади до 15-годишна возраст.
Како што информираат од Банката, целта на проектот е преку спортот да се поттикнат здрави животни навики, самодоверба и развој на талентот кај најмладите.
„Во НЛБ веруваме дека секое дете треба да има можност да го развива својот талент, да стекнува самодоверба и да расте преку спортот“, наведуваат од НЛБ Банка.
На повикот можат да аплицираат спортски клубови што работат со деца и млади до 15 години во повеќе спортски дисциплини, меѓу кои фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и боречки вештини.
Од Банката посочуваат дека при аплицирањето клубовите задолжително треба да ја изберат опцијата „НЛБ Спорт за млади“.
Пријавувањето е отворено до 7 октомври 2026 година.
Проектот „НЛБ Спорт за млади“ е насочен кон поддршка на локалните спортски клубови и создавање повеќе можности децата уште од најрана возраст да се вклучат во спортски активности и да развиваат здрави навики.
-
Банкипред 2 месециПремиум дебитната картичка на Стопанска банка овозможува пристап до над 1.800 аеродромски деловни зони
-
Банкипред 2 месециСтопанска банка ја почнува исплатата на јулските пензии на 31 јули
-
Банкипред 2 месециТони Стојановски останува на чело на НЛБ Банка: Народната банка даде зелено светло за нов четиригодишен мандат
-
Кариерапред 1 месецНародната банка вработува седум лица: Плати до 91.385 денари
-
Кариерапред 2 месециНЛБ Групацијата вработува специјалист за Управување со ризици/финансии
-
Кариерапред 2 месециОглас за вработување во Централна кооперативна банка АД Скопје
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати јулската пензија
-
Банкипред 2 месециНЛБ Банка ја исплати паричната помош за корисниците на социјална, детска и цивилна заштита





